Христијански семејства — „бидете подготвени“!
„Бидете подготвени, бидејќи Синот човечки доаѓа во час кога не се надевате!“ (ЛУКА 12:40)
1, 2. Зошто треба да го земеме присрце советот на Исус ‚да бидеме подготвени‘?
ШТО ќе биде со тебе и со твоето семејство „кога Синот човечки ќе пристигне во својата слава“ и ќе ги одвои „луѓето едни од други“? (Мат. 25:31, 32). Бидејќи ова ќе се случи во час кога не се надеваме, колку е важно да го земеме присрце советот на Исус да ‚бидеме подготвени‘! (Лука 12:40).
2 Во претходната статија видовме како би можел секој член на семејството сериозно да ги сфати своите библиски одговорности и така да придонесе целото семејство да остане будно во духовен поглед. Да видиме на кои други начини можеме духовно да го изградуваме нашето семејство.
Задржете едноставно око
3, 4. а) Што не смеат да дозволат христијанските семејства? б) Што значи да се задржи едноставно око?
3 За да бидат подготвени за Христовото доаѓање, семејствата не смеат да дозволат ништо да им го одврати вниманието од служењето на вистинскиот Бог. Бидејќи многу семејства паднале во замката на материјализмот, да видиме каков совет дал Исус за тоа како да задржиме „бистро“, односно „едноставно“ око. (Прочитај Матеј 6:22, 23, фуснота.) Исто како што една светилка може да ни го осветли патот за да не паднеме, така и она што го внесуваме преку симболичните ‚очи на нашето срце‘ може да нѐ просветли и да ни помогне да не паднеме во замката на гревот (Еф. 1:18).
4 За да може едно око да гледа јасно, мора добро да ја врши својата функција и да биде во состојба да се фокусира на она што го гледа. Истото важи и за очите на срцето. Нашето симболично око е едноставно кога го насочуваме своето внимание на само една цел. Наместо да ни бидат најважни материјалните работи и да се грижиме само за физичките потреби на семејството, ние треба да се фокусираме на духовните работи (Мат. 6:33). Ова значи дека ќе бидеме задоволни со она што го имаме и дека ќе ја ставиме службата за Јехова на прво место во животот (Евр. 13:5).
5. Како покажала една млада девојка дека служењето на Бог ѝ било најважно од сѐ?
5 Многу е корисно родителите да ги поучуваат и децата да задржат едноставно око. Размисли за следниов пример. Една млада девојка од Етиопија била толку добра ученичка што, откако завршила со задолжителното образование, ѝ била понудена стипендија за да продолжи со школувањето. Но, бидејќи ѝ било најважно да му служи на Јехова, таа ја одбила стипендијата. Кратко потоа ѝ била понудена работа за која би ѝ плаќале 3.000 евра месечно — прилично многу пари во споредба со просечната плата во нејзината земја. Но, ‚окото‘ на оваа наша сестра било фокусирано на пионерската служба. Таа не морала да се советува со родителите во врска со оваа понуда. Како реагирале тие кога дознале дека нивната ќерка ја одбила работата? Биле пресреќни и ѝ рекле дека се гордеат со неа!
6, 7. Од која опасност треба да се чуваме?
6 Зборовите на Исус кои се запишани во Матеј 6:22, 23, содржат и предупредување во врска со лакомоста. Дали Исус рекол дека оној што нема „едноставно“ око има „сложено“ око? Не, туку рекол дека има „злобно око“. ‚Злобното око‘ е „расипано, завидливо“, односно лакомо или алчно (Мат. 6:23, фус.). Што мисли Јехова за лакомоста? Библијата вели: „Блуд и секаква нечистотија или лакомост дури да не се спомнуваат меѓу вас“ (Еф. 5:3).
7 За жал, лакомоста може лесно да ја забележиме кај другите, но потешко ќе ја видиме кај себеси. Затоа, мудро е да го послушаме следниов совет на Исус: „Бидете претпазливи, чувајте се од секаква лакомост“ (Лука 12:15). Ова значи дека треба да се преиспитаме за да се увериме што навистина ни е најважно. Христијанските семејства треба сериозно да размислат за времето и парите што ги трошат на забава, рекреација и на стекнување материјални работи.
8. Како да ‚бидеме претпазливи‘ кога сакаме да купиме нешто?
8 Пред да купиме нешто, не е доволно само да се прашаме дали имаме пари за тоа или не. Би било добро да размислиме за следниве работи: ‚Ќе имам ли време редовно да го користам и да го одржувам она што сакам да го купам? Колку време ќе ми биде потребно за да научам како исправно да го користам?‘ Вие, млади, не им верувајте на сите реклами, и не дозволувајте тие да ве наведат да бидете неразумни и да барате од родителите да ви купуваат само скапи марки на облека или други работи. Покажувајте самосовладување. Исто така, важно е да размислиме дали купувањето на одредена работа ќе му помогне на семејството да биде подготвено за доаѓањето на Синот човечки. Можеме да имаме доверба во следново Јеховино ветување: „Никогаш нема да те оставам и никогаш нема да те напуштам“ (Евр. 13:5).
Посветете се на духовни цели
9. Како можат духовните цели да му помогнат на семејството?
9 Друг начин на кој членовите на семејството можат да си ја зајакнат верата и да придонесат за духовното добро на целото семејство е да си поставуваат духовни цели и да се трудат да ги остварат. Ова ќе им помогне да увидат колку се посветени на својата служба за Јехова и да проценат што треба да им е најважно во животот. (Прочитај Филипјаните 1:10.)
10, 11. На кои духовни цели работи вашето семејство, и какви цели би сакале да си поставите во иднина?
10 Дури и ако семејствата си поставуваат само мали цели кои би можел да ги оствари речиси секој член, сите ќе можат да извлечат корист. На пример, би можеле да си постават цел секој ден да го разгледуваат дневниот стих. Она што ќе го кажат другите може да му помогне на семејниот поглавар да види каков однос имаат со Бог и колку го сакаат. Ако семејството си постави цел сите заедно да ја читаат Библијата и ако го прават тоа редовно, децата ќе научат подобро да читаат, но и подобро ќе ја разберат нејзината порака (Пс. 1:1, 2). А зарем не би требало и да си поставиме цел да ги подобриме нашите молитви? Друга многу убава цел е да се трудиме во поголема мера да ги покажуваме плодовите на духот (Гал. 5:22, 23). А би можеле да изнаоѓаме и различни начини за да покажеме сочувство кон луѓето на кои им проповедаме. Оваа цел може да им помогне и на децата да научат да бидат сочувствителни, па дури и да им роди желба да служат како општи пионери или како мисионери.
11 Дали сте размислувале кои цели би можеле да си ги поставите како семејство? Дали би можеле да си поставите цел да поминувате повеќе време во службата? Дали би можеле да се трудите да го надминете стравот од сведочење по телефон, на улица или на деловно подрачје? Дали сте размислувале да служите онаму каде што има поголема потреба од објавители? Дали би можел некој од вас да научи друг јазик за да им ја објавува добрата вест на луѓето што го зборуваат?
12. Како можат семејните поглавари да им помогнат на своите семејства да напредуваат во духовен поглед?
12 Како семеен поглавар, добро е да размислиш на кои полиња твоето семејство би можело духовно да напредува. Потоа, поставете си конкретни цели кои ќе ви помогнат да се подобрите. Во склад со вашите околности и способности, тие цели треба да бидат разумни и достижни (Изр. 13:12). Се разбира, потребно е време за да се постигне некоја добра цел. Можеби ќе треба помалку да гледате телевизија за да имате повеќе време за духовните активности (Еф. 5:15, 16). Давајте сѐ од себе за да ги остварите целите што сте си ги поставиле како семејство (Гал. 6:9). Ако го правите тоа, ‚вашиот напредок ќе им биде видлив на сите‘ (1. Тим. 4:15).
Добро користете ја Семејната вечер
13. Каква промена беше направена во седмичниот распоред на собраниските состаноци, и за кои прашања треба да размислиме?
13 Што друго може да им помогне на семејствата да бидат подготвени за доаѓањето на Синот човечки? Од 1 јануари 2009 год., беше направена една многу значајна промена во седмичниот распоред на собраниските состаноци. Состанокот кој порано се викаше Собраниско проучување на книга повеќе не се одржува во посебен ден туку заедно со Теократската школа за служба и Состанокот за нашата служба. Оваа промена беше направена со цел семејствата да ја зајакнат својата духовност со тоа што секоја седмица ќе посветат една вечер на семејно проучување. Сега, кога помина извесно време по оваа промена, добро е да се прашаме: ‚Дали јас и моето семејство редовно ја одржуваме Семејната вечер посветена на Јехова? (Или, ако си самец, прашај се: ‚Дали ја користам оваа вечер за лично проучување?‘) Дали навистина ни ја зајакнува духовноста?‘
14. а) Која е главната цел на Семејната вечер или на личното проучување? б) Зошто е неопходно да одвоиме една вечер за проучување?
14 Главната цел на Семејната вечер или на личното проучување е да станеме уште поблиски пријатели со Бог (Јак. 4:8). Нашиот однос со него се зацврстува кога редовно ја проучуваме Библијата и уште подобро го запознаваме како наш Творец. Колку поблиски стануваме со Јехова, толку повеќе сме поттикнати да го сакаме ‚со сето свое срце, душа, ум и сила‘ (Мар. 12:30). Уште поспремни сме да го слушаме и да се угледаме на него (Еф. 5:1). Според тоа, мораме редовно да ја одржуваме Семејната вечер ако сакаме сите членови на нашето семејство ‚да бидат подготвени‘ во духовен поглед додека очекуваме да почне проречената „голема неволја“ (Мат. 24:21). Семејната вечер посветена на Јехова е неопходна за да го преживееме крајот.
15. Како влијае Семејната вечер врз меѓусебната блискост на членовите на семејството?
15 Друга цел на Семејната вечер е да им помогне на членовите на семејството да се зближат еден со друг. Времето што го поминуваат заедно секоја седмица дискутирајќи за духовни работи силно влијае врз нивната меѓусебна блискост. Брачните партнери стануваат уште поблиски кога заедно се радуваат на духовните бисери што ги откриваат додека ја проучуваат Библијата. (Прочитај Проповедник 4:12.) Врската помеѓу родителите и децата кои заедно учат за Бог обично станува уште поцврста бидејќи љубовта ‚совршено ги поврзува‘ (Кол. 3:14).
16. Раскажи каква корист извлекуваат три христијанки од вечерта што ја одвоиле за проучување на Библијата.
16 Да видиме како три христијанки извлекле корист од тоа што одвоиле една вечер за проучување. Иако не се во роднинска врска, овие три постари вдовици живеат во ист град и со години се добри пријателки. Бидејќи сакале да поминуваат повеќе време една со друга, но не само за да се дружат туку и духовно да се изградуваат, тие одлучиле да одвојат една вечер за трите заедно да ја проучуваат Библијата. Решиле најпрво да ја проучуваат книгата ‚Сведочи темелно за Божјето Царство‘. „Толку уживаме во проучувањето што обично остануваме подолго од еден час“, вели една од нив. „Се трудиме да си ги замислиме ситуациите во кои се наоѓале нашите браќа во првиот век и разговараме за тоа што би направиле ние ако се најдеме во слични околности. Потоа настојуваме да го примениме во службата она што сме го научиле. Сега уште повеќе се радуваме кога проповедаме и ги поучуваме другите, а имаме и поголем успех во службата.“ Благодарение на ваквото седмично проучување, овие три добри пријателки не само што се зајакнале во духовен поглед туку уште повеќе се зближиле. „Многу ни значи оваа вечер“, велат тие.
17. Кои работи придонесуваат Семејната вечер да им користи на сите?
17 А како е со тебе? Кои користи ги имаш од тоа што одвојуваш една вечер за семејно или лично проучување? Ако не се одржува редовно, Семејната вечер нема многу да ни помогне. Секој член на семејството треба да биде спремен да проучува кога ќе дојде времето одредено за Семејна вечер. Не треба да дозволиме ситни работи да нѐ спречат да ја одржиме. Освен тоа, треба да проучуваме материјал кој ќе му користи на целото семејство. Што може да стори семејниот поглавар за таквото проучување да биде пријатно? Треба да поучува на делотворен начин и да се погрижи проучувањето да тече во достоинствена и мирна атмосфера (Јак. 3:18).a
‚Бдејте‘ и „бидете подготвени“
18, 19. Како фактот дека Синот човечки наскоро ќе дојде треба да влијае врз она што го правите ти и твоето семејство?
18 Сѐ полошите услови во светот денес се јасен показател дека од 1914 год. злобниот свет на Сатана навлегол во своите последни денови. Мрачните облаци на Армагедон веќе се собираат на хоризонтот. Наскоро Синот човечки ќе дојде за да го изврши Јеховиниот суд над безбожниците (Пс. 37:10; Изр. 2:21, 22). Зарем тој факт не треба да влијае врз она што го правите ти и твоето семејство?
19 Дали се трудиш да задржиш „едноставно“ око во склад со советот што го дал Исус? Додека луѓето во овој свет трчаат по богатство, слава или моќ, дали твоето семејство е посветено на духовни цели? Дали имаш одвоено една вечер за редовно семејно или лично проучување? Дали Семејната вечер ви помага да станете уште поблиски со Јехова, а и еден со друг? Дали му помагаш на целото семејство да остане будно, односно ‚да бдее‘, со тоа што ги исполнуваш своите библиски одговорности како сопруг, сопруга или дете, кои ги разгледавме во претходната статија? (1. Сол. 5:6). Ако да, тогаш ќе „бидете подготвени“ за доаѓањето на Синот човечки.
[Фуснота]
a Во Стражарска кула од 15 октомври 2009, страници 29-31, може да најдете повеќе предлози за тоа што да проучувате и што да направите за Семејната вечер да биде корисна и пријатна.
Што научи?
• Како можат христијанските семејства да ‚бидат подготвени‘ со тоа што . . .
ќе задржат „едноставно“ око?
ќе си поставуваат духовни цели и ќе се трудат да ги остварат?
редовно ќе ја одржуваат Семејната вечер?
[Слика на страница 13]
Ако имаме „едноставно“ око, нема да дозволиме ништо во светот да ни го одврати вниманието од служењето на Бог