Остани радосен, и покрај твојата болест
ЗАМИСЛИ како секое утро се будиш и, наместо да му се радуваш на денот, посакуваш тој воопшто и да не започнал! Знаеш дека те очекува уште еден ден исполнет со физичка или душевна болка. Можеби дури се чувствуваш како Јов, кој рекол: „Смртта ми е помила од моите маки“ (Јов 7:15, Превод на МПЦ). А како би ти било таа состојба да трае долго, дури и со години?
Во таква ситуација бил Мефивостеј, синот на Јонатан, кој бил пријател на цар Давид. Кога имал пет години, Мефивостеј ‚паднал и останал сакат‘ (2. Сам. 4:4). Освен што морал да живее со својот хендикеп, замисли како се чувствувал кога подоцна бил лажно обвинет дека го издал царот и кога поради тоа претрпел и материјална загуба! Сепак, и покрај својот хендикеп, клеветите и разочарувањата, тој не ја изгубил радоста. Со тоа оставил извонреден пример за нас (2. Сам. 9:6-10; 16:1-4; 19:24-30).
Размисли и за апостол Павле. Тој еднаш напишал дека му бил даден „трн во телото“ со кој морал да се бори (2. Кор. 12:7). Кога го спомнал овој трн, Павле можеби мислел на некој долгогодишен здравствен проблем или, пак, на некои луѓе кои го оспорувале неговото апостолство. Сеедно за што станувало збор, проблемот останал, а Павле морал да ја трпи и физичката и душевната болка што му ја причинувал (2. Кор. 12:9, 10).
И денес некои Божји слуги се погодени од тешки хронични болести или страдаат во емоционален поглед. На пример, кога Магдалена имала 18 години, лекарите откриле дека боледува од системски еритемски лупус, болест во која имунолошкиот систем на телото ги напаѓа сопствените органи. „Бев преплашена“, вели таа. „Со текот на времето, мојата состојба се влоши — имав тешкотии со варењето на храната, ми се појавија чиреви во устата и проблеми со тироидната жлезда.“ Изабела, пак, мора да се бори со болест која не се забележува толку лесно. Таа објаснува: „Уште од дете страдам од депресија. Поради тоа имам напади на паника, проблеми со дишењето и грчеви во стомакот. Честопати се чувствувам истоштено“.
Да се прифати реалноста
Некоја болест или хендикеп може од корен да го смени твојот живот. Кога ќе се случи такво нешто, добро е да седнеш и објективно да размислиш за својата ситуација. Можеби нема да ти биде лесно да ги прифатиш ограничувањата. Магдалена вели: „Мојата болест постепено се влошува. Честопати сум толку исцрпена што не можам да станам од кревет. Бидејќи никогаш не знам како ќе се чувствувам следниот ден, многу ми е тешко однапред да планирам што ќе правам. А најтешко ми паѓа тоа што не можам да се трошам во службата за Јехова како порано“.
Збигњев објаснува: „Како што минуваат годините, ревматичниот артритис ми ги оштетува зглобовите еден по еден и сѐ повеќе ми ја црпи силата. Понекогаш, кога воспалението е силно, не можам да правам ни наједноставни работи. Тоа многу ме обесхрабрува“.
Пред неколку години, кај Барбара бил откриен тумор во мозокот кој постепено се шири. Таа вели: „Во моето тело се случија нагли промени. Се чувствувам малаксано и безволно, имам чести главоболки и тешко ми е да се концентрирам. Поради таквите ограничувања, морав да го преиспитам мојот начин на живот за да видам дали можеби ќе треба да сменам нешто“.
Магдалена, Збигњев и Барбара се верни слуги на Јехова и најважно им е да ја вршат неговата волја. Тие имаат целосна доверба во Бог и чувствуваат дека тој им помага (Изр. 3:5, 6).
Како помага Јехова?
Не треба да мислиме дека тоа што се соочуваме со некоја неволја е знак дека Бог нѐ отфрлил (Плач 3:33). Размисли што сѐ морал да претрпи Јов иако бил „беспрекорен и праведен“ (Јов 1:8). Бог никого не искушува со зло (Јак. 1:13). Сите болести — во кои спаѓаат и хроничните болести и емоционалното страдање — се жално наследство од нашите први родители, Адам и Ева (Рим. 5:12).
Но, Јехова и Исус нема да ги остават праведните без помош (Пс. 34:15). Особено кога ни е многу тешко во животот, сфаќаме дека Бог е ‚нашето засолниште и нашата тврдина‘ (Пс. 91:2). Според тоа, ако се соочуваш со тешкотии за кои нема брзо решение, што ќе ти помогне да останеш радосен?
Молитвата: Слично на Божјите верни слуги од минатото, и ти можеш во молитва да го фрлиш своето бреме на нашиот небесен Татко (Пс. 55:22). Така ќе го почувствуваш „мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла“. Овој душевен мир ‚ќе ги чува твоето срце и твојот ум‘ (Фил. 4:6, 7). Магдалена се справува со својата тешка болест барајќи помош од Бог во молитва. Таа вели: „Кога ќе му го излеам своето срце на Јехова, чувствувам олеснување и ми се враќа радоста. Дури сега сфаќам што значи да се потпираш на Бог од ден во ден“ (2. Кор. 1:3, 4).
Јехова ќе одговори на твоите молитви така што ќе те зајакне преку својот свет дух, својата Реч и христијанското братство. Сигурно не очекуваш да го отстрани со чудо твојот здравствен проблем. Сепак, можеш да имаш доверба дека ќе ти ја даде потребната мудрост и сила за да се справиш со секоја неволја (Изр. 2:7). Тој може да те зајакне така што ќе ти даде „сила, која ја надминува нормалната“ (2. Кор. 4:7).
Семејството: Кога твоите најблиски ти покажуваат љубов и сочувство, ќе ти биде полесно да ја поднесеш болеста. Но, не заборавај дека и ним не им е лесно. Можеби и тие се чувствуваат беспомошно. Сепак, секогаш се тука за тебе, дури и кога е најтешко. Ако се молите заедно, и понатаму ќе чувствувате мир во срцето (Изр. 14:30).
Во врска со својата ќерка и некои други млади сестри од собранието, Барбара вели: „Тие ми помагаат да учествувам во службата. Со својата ревност ме храбрат и ми причинуваат радост“. На Збигњев многу му значи поддршката што ја добива од сопругата. „Таа се грижи за повеќето работи низ дома. Освен тоа, ми помага да се облекувам и честопати ми ја носи чантата кога одиме на состанок или во служба.“
Соверниците: Друштвото на сохристијаните ни влева храброст и утеха. Но, што ако поради болеста не можеш да одиш на состаноци? Магдалена вели: „Собранието ми помага да извлечам корист од состаноците така што некој редовно ми носи аудиоснимки од програмата. Браќата и сестрите честопати ми се јавуваат за да прашаат со што друго можат да ми помогнат. Исто така, ми праќаат и охрабрувачки писма. Тоа што знам дека мислат на мене и дека се грижат за моето здравје ми помага да истраам“.
Изабела, која се бори со депресија, раскажува: „Во собранието имам многу ‚татковци‘ и ‚мајки‘, кои се спремни да ме слушаат и да покажат разбирање. Собранието е моето семејство — кога сум со браќата и сестрите чувствувам радост и мир“.
Оние што се соочуваат со разни неволји не треба ‚да се изолираат‘. Напротив, тие го ценат друштвото на своите соверници (Изр. 18:1). На тој начин, и самите се голем извор на охрабрување за другите. Можеби не ти е пријатно да им кажеш на браќата и сестрите што ти е потребно. Сепак, тие многу ќе ценат ако си отворен со нив. Тоа ќе им даде можност да покажат „нелицемерна братска љубов“ (1. Пет. 1:22). Можеш слободно да им кажеш дека имаш потреба некој да те префрли на состанок, дека сакаш да одиш со нив во служба или дека ти треба доверлив пријател со кого би можел да поразговараш. Се разбира, не треба да бараме премногу од другите, и добро е со благодарност да ја прифатиме помошта што ќе ни ја дадат.
Биди позитивен: Најчесто зависи од нас лично дали ќе успееме да останеме радосни и покрај тоа што имаме хронична болест. Мрачното расположение и обесхрабреноста одат рака под рака со негативното размислување. Библијата вели: „Духот го крепи човекот кога е болен, а скршен дух кој ќе поднесе?“ (Изр. 18:14).
Магдалена вели: „Многу се трудам да не мислам на проблемите. Се обидувам да уживам тогаш кога се чувствувам добро. Се охрабрувам кога ги читам животните приказни на луѓе кои му останале верни на Јехова и покрај тоа што имале хронична болест“. Изабела црпи сила од тоа што знае дека Јехова ја сака и ја цени. Таа вели: „Знам дека на Јехова му значи сето она што го правам во службата, и мојот живот има вистинска смисла. Освен тоа, знам дека ме очекува прекрасна иднина“.
Збигњев вели: „Мојата болест ме учи на понизност и послушност. Ме учи да покажувам разбирање и добро просудување, а и да простувам од срце. Научив со радост да му служам на Јехова без да се самосожалувам. Всушност, болеста ме поттикна и понатаму духовно да напредувам“.
Немој да заборавиш дека Јехова е длабоко свесен за твојата истрајност. Тој сочувствува кога гледа како страдаш и се грижи за тебе. Бог нема ‚да го заборави твоето дело и љубовта што ја покажуваш кон неговото име‘ (Евр. 6:10). Земи го присрце ветувањето што тој им го дал на сите што се бојат од него: „Никогаш нема да те оставам и никогаш нема да те напуштам“ (Евр. 13:5).
Ако одвреме-навреме сепак се обесхрабриш, мисли на прекрасната надеж дека ќе живееш во новиот свет. Сѐ поблиску е времето кога со свои очи ќе ги видиш на Земјата благословите што ќе ги донесе Божјето Царство!
[Рамка/слики на страници 28 и 29]
Истрајно проповедаат иако имаат хроничен здравствен проблем
„Веќе не можам да излегувам сам, затоа одам во служба со жена ми или со некои други браќа и сестри. Презентациите и библиските стихови ги учам напамет“ (Јежи, кој е речиси слеп)
„Освен преку телефон, сведочам и преку писма и редовно се допишувам со неколку заинтересирани лица. Кога сум во болница, секогаш ги ставам до креветот Библијата и публикациите. Тоа ми помага да започнувам многу добри разговори“ (Магдалена, која има системски еритемски лупус)
„Многу сакам да сведочам од врата до врата, но кога не се чувствувам добро, сведочам преку телефон“ (Изабела, која има клиничка депресија)
„Со радост одам на повторни посети и на библиски студии. Кога се чувствувам подобро, сакам да сведочам од куќа до куќа“ (Барбара, која има тумор на мозокот)
„Со себе носам само папка со неколку списанија. Останувам во служба сѐ додека зглобовите не почнат многу да ме болат“ (Збигњев, кој има ревматичен артритис)
[Слика на страница 30]
И младите и старите можат да бидат извор на охрабрување