Библијата менува животи
КАКО една девојка што имала многу тешко детство нашла вистинска смисла во животот? Што мотивирало еден насилен политички бунтовник да стане мирољубив верски проповедник? На овие страници ќе го најдеш одговорот.
„Копнеев по љубов и топлина“ — ИНА ЛЕЖНИНА
РОДЕНА: 1981
ЗЕМЈА: РУСИЈА
НЕКОГАШ: ИМАЛА ТЕШКО ДЕТСТВО
МОЕТО МИНАТО: Моите родители беа глуви, па и јас сум глува од раѓање. Првите шест години од животот ми беа многу убави. Но, потоа татко ми и мајка ми се разведоа. Иако бев мала, ми беше јасно што значи разводот, и тоа ми зададе многу длабока болка. Татко ми и мојот постар брат останаа во Троицк, а мајка ми се пресели во Чељабинск, каде што ме зеде и мене. По некое време се премажи. Мојот очув беше алкохоличар и често нѐ тепаше.
Во 1993 год., мојот постар брат, кого многу го сакав, се удави. Несреќата беше голем шок за семејството. Мајка ми почна да пие и оттогаш и таа почна да ме тепа. Очајно трагав по подобар живот. Копнеев по љубов и топлина. Почнав да одам во различни цркви за да најдам утеха, но безуспешно.
КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ: Кога имав 13 години, едно девојче што учеше со мене ми раскажа некои библиски приказни. Девојчето беше Јеховин сведок. Ми беше интересно да ги запознаам библиските личности како Ное и Јов, кои му служеле на Бог и покрај тешките услови во кои живееле. Набргу почнав да ја проучувам Библијата со Сведоците и да одам на нивните состаноци.
Библијата ми ги отвори очите за убавите вистини што ги кажал Бог. Ме допре до срце тоа што дознав дека Бог има име (Псалм 83:18). Се изненадив колку точно во Библијата беа проречени околностите што ќе владеат во „последните денови“ (2. Тимотеј 3:1-5). Освен тоа, бев пресреќна кога дознав дека ќе има воскресение. Замислете си — пак ќе го видам брат ми! (Јован 5:28, 29).
Меѓутоа, овие работи не ги радуваа сите. Мајка ми и очувот не ги сакаа Јеховините сведоци. Се обидоа да ме натераат да престанам да ја проучувам Библијата. Но, мене многу ми се допаѓаше она што го учев и немав намера да дозволам некој или нешто да ме спречи да продолжам да проучувам.
Не ми беше лесно да го издржам противењето од семејството. Уште еден шок доживеав кога се удави и мојот помлад брат, кој доаѓаше со мене на состаноците на Јеховините сведоци. Сепак, Сведоците секогаш беа спремни да ми помогнат. Меѓу нив ги почувствував љубовта и топлината по кои копнеев цел живот. Бев сигурна дека ја најдов вистинската религија. Во 1996 год. се крстив како Јеховин сведок.
МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА: Веќе шест години сум во брак со Дмитри, кој е прекрасен човек. Заедно служиме во подружницата на Јеховините сведоци во Санкт Петербург. Со текот на времето, ставот што го имаа моите родители кон моите верувања се смени.
Многу сум благодарна што го запознав Јехова! Откако му служам, мојот живот има вистинска смисла.
„Ме мачеа многу прашања“ — РАУДЕЛ РОДРИГЕЗ РОДРИГЕЗ
РОДЕН: 1959
ЗЕМЈА: КУБА
НЕКОГАШ: ПОЛИТИЧКИ БУНТОВНИК
МОЕТО МИНАТО: Роден сум во Хавана (Куба) и израснав во сиромашна населба каде што уличните тепачки беа секојдневие. Како што растев, почнав да се интересирам за џудо и за други боречки вештини.
Бев добар ученик и родителите ме пратија на факултет. Таму стекнав став дека политичкиот систем на мојата земја треба да се промени. Решив да се бунтувам. Заедно со уште еден ученик нападнавме еден полицаец за да му го земеме оружјето. Во тепачката, полицаецот доби сериозни повреди на главата, а нас двајцата нѐ ставија в затвор и нѐ осудија на смрт со стрелање. Имав само 20 години, а требаше да умрам!
Додека чмаев сам во затворската ќелија, размислував како да се однесувам пред стрелачкиот вод. Не сакав да покажам дека се плашам. Во исто време, ме мачеа многу прашања. Си мислев: ‚Зошто има толку неправди во светот? Дали со овој живот поминува сѐ?‘
КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ: Нашата смртна казна беше променета во затворска казна од 30 години. Во затворот за првпат сретнав Јеховини сведоци, кои беа осудени поради своите верски убедувања. Ме одушеви нивната храброст и смиреност. Иако неправедно лежеа в затвор, не беа гневни ниту огорчени.
Сведоците ми кажаа дека Бог ветил нешто многу убаво за луѓето. Од Библијата ми прочитаа дека Земјата ќе стане рај во кој нема да постојат криминал ниту неправди. На неа ќе има само добри луѓе, кои ќе можат да живеат вечно во совршенство (Псалм 37:29).
Многу ми се допаѓаше она што ми го кажуваа Сведоците, но по карактер многу се разликував од нив. Мислев дека никогаш нема да успеам да бидам политички неутрален или да го свртам другиот образ кога ќе бидам испровоциран. Затоа, решив сам да си ја читам Библијата. Откако ја прочитав, сфатив дека Јеховините сведоци се единствените што го следат примерот на првите христијани.
Додека ја проучував Библијата, ми стана јасно дека ќе треба да направам драстични промени во животот. На пример, требаше да пазам што зборувам, бидејќи имав навика многу да пцујам. Исто така, требаше да престанам да пушам и да заземам страни во политичките спорови. Не ми беше лесно да ги направам тие промени, но Јехова ми помогна и, на крајот, успеав.
Една од најтешките работи ми беше да научам да се контролирам. Сѐ уште се молам да успеам да се совладувам. Многу ми помогнаа библиските стихови како Изреки 16:32, каде што пишува: „Кој е бавен на гнев, подобар е од силниот човек, и кој владее со себеси, подобар е од оној што освоил град“.
Во 1991 год., станав Јеховин сведок. Се крстив во затворот, во буре со вода. Следната година некои од нас, затворениците, бевме ослободени и испратени во Шпанија затоа што таму имавме роднини. Кога пристигнав во Шпанија, веднаш почнав да одам на состаноците на Јеховините сведоци. Тие ме прифатија како да се знаеме со години и ми помогнаа да почнам сосема нов живот.
МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА: Денес сум среќен човек и му служам на Бог заедно со жена ми и ќерките. Радосен сум што голем дел од времето им помагам на другите да дознаат нешто повеќе за Библијата. Понекогаш помислувам на оној млад човек што требаше да умре, и многу го ценам она што го имам стекнато оттогаш. Не само што сум жив туку имам и надеж. Едвај чекам да живеам во ветениот Рај — кога насекаде ќе владее правда и „смрт нема да има веќе“ (Откровение 21:3, 4).
[Истакната мисла на страница 19]
„Ме допре до срце тоа што дознав дека Бог има име“
[Слика на страница 20]
Со мојот сопруг нудиме публикации на знаковен јазик