Дали ја одразуваш Јеховината слава?
„Како огледала ја одразуваме Јеховината слава“ (2. КОР. 3:18)
КАКО БИ ОДГОВОРИЛ?
Како можеме да го славиме Јехова и покрај тоа што сме грешни?
Како молитвата и христијанските состаноци ни помагаат да ја одразуваме Божјата слава?
Што ќе ни помогне и понатаму да го славиме Јехова?
1, 2. Зошто е возможно луѓето да ги покажуваат Јеховините особини?
СИТЕ ние во нешто личиме на нашите родители. Сигурно сме чуле како некој му вели на некое момче: ‚Цел си на татко ти!‘, или на некое девојче: ‚Иста си како мајка ти!‘ Освен тоа, децата често ги имитираат своите родители. Како е со нас? Можеме ли да се угледаме на нашиот небесен Татко, Јехова? Иако не сме го виделе, може да научиме многу за неговите скапоцени особини ако ја проучуваме неговата Реч, ако го набљудуваме она што го создал, и ако длабоко размислуваме за Библијата, особено за она што го кажал и направил Божјиот Син, Исус Христос (Јован 1:18; Рим. 1:20). Значи, можно е да ја одразуваме Јеховината слава.
2 Уште пред да ги создаде Адам и Ева, Бог знаел дека луѓето ќе можат да ја вршат неговата волја, да ги одразуваат неговите особини и да му оддаваат слава. (Прочитај 1. Мојсеева 1:26, 27.) Ние, како христијани, сакаме да ги покажуваме особините на Оној што нѐ создал. Кога го правиме тоа, имаме огромна чест да ја одразуваме Божјата слава. Оваа чест може да ја има секој, без оглед на неговото потекло, култура или образование. Зошто? Затоа што „Бог не е пристрасен, туку во секој народ го прифаќа оној што се бои од него и го прави она што е праведно“ (Дела 10:34, 35).
3. Како се чувствуваат христијаните додека му служат на Јехова?
3 Помазаните христијани ја одразуваат Јеховината слава. Апостол Павле, кој исто така бил помазаник, го напишал следново: „Додека со откриени лица како огледала ја одразуваме Јеховината слава, сите ние се преобразуваме во истиот лик, одразувајќи сѐ поголема слава“ (2. Кор. 3:18). Кога пророкот Мојсеј слегол од планината Синај носејќи ги плочите со Десетте заповеди, од неговото лице зрачела светлина затоа што зборувал со Јехова (2. Мој. 34:29, 30). Иако христијаните не доживеале такво нешто и од нивното лице не зрачи светлина, сепак тие зрачат од радост кога им зборуваат на другите за Јехова, за неговите особини и за неговата прекрасна намера за човештвото. Слично на полирани метални огледала што се користеле во минатото, помазаниците и нивните земни придружници ја одразуваат Јеховината слава во својот живот и во својата служба (2. Кор. 4:1). Дали и ти ја одразуваш Јеховината слава така што живееш во склад со неговата волја и редовно учествуваш во проповедањето?
НИЕ САКАМЕ ДА ЈА ОДРАЗУВАМЕ ЈЕХОВИНАТА СЛАВА
4, 5. а) Исто како Павле, каква внатрешна борба води секој од нас? б) Како гревот влијае врз луѓето?
4 Како Јеховини слуги, сигурно сакаме да му носиме чест и слава на нашиот Творец во сѐ што правиме. За жал, многу често не постапуваме како што би сакале. И Павле морал да се бори со овој проблем. (Прочитај Римјаните 7:21-25.) Тој јасно кажал зошто мора да водиме ваква борба: „Сите згрешија и не ја одразуваат Божјата слава“ (Рим. 3:23). Бидејќи Адам згрешил, целиот човечки род се нашол под ропството на гревот, кој немилосрдно царува над нас (Рим. 5:12; 6:12).
5 Што е гревот? Сето она што е спротивно на Јеховината личност, постапки, мерила и волја. Гревот ни отежнува да имаме добар однос со Бог. Како стрелец што не ја погодува својата мета, така и ние, поради гревот, ја промашуваме целта — во потполност да ја вршиме Божјата волја. Може да згрешиме намерно или ненамерно (4. Мој. 15:27-31). Гревот е длабоко вкоренет во луѓето и создава јаз помеѓу нив и нивниот Творец (Пс. 51:5; Иса. 59:2; Кол. 1:21). Затоа, човештвото, општо земено, живее спротивно на Јеховината волја и ја пропушта скапоцената можност да ја одразува Божјата слава. Ништо друго нема пострашно влијание врз човечкиот род од гревот.
6. Како можеме да ја одразуваме Божјата слава иако сме грешни?
6 Иако сме грешни, Јехова е „Бог, кој [ни] дава надеж“ (Рим. 15:13). Тој ни овозможил да бидеме ослободени од гревот преку откупната жртва на Исус Христос. Со тоа што покажуваме вера во таа жртва, ние „не му робуваме повеќе на гревот“, туку можеме да ја одразуваме славата на Јехова и да бидеме Негови пријатели (Рим. 5:19; 6:6; Јован 3:16). Ако задржиме близок однос со Бог, може да бидеме сигурни дека тој ќе нѐ благослови уште денес, а во иднина ќе ни помогне да станеме совршени и да добиеме вечен живот. За нас е огромна чест што Јехова смета дека можеме да ја одразуваме неговата слава иако сѐ уште сме грешни луѓе!
ЈА ОДРАЗУВАМЕ БОЖЈАТА СЛАВА
7. Што мора да признаеме во врска со себеси ако сакаме да ја одразуваме Божјата слава?
7 Бидејќи сме несовршени и грешни, сите имаме слабости. Ако сакаме да ја одразуваме Божјата слава, секој од нас треба да биде свесен за своите лични слабости (2. Лет. 6:36). Мора да си ги признаеме своите грешни склоности и да се бориме против нив за да можеме вистински да го славиме Бог. На пример, ако сме стекнале грешна навика да гледаме порнографија, мора да си признаеме дека ни е потребна духовна помош и да ја побараме од старешините (Јак. 5:14, 15). Ова е првиот чекор што треба да го направиме ако навистина сакаме да го славиме Бог. Како слуги на Јехова, мора постојано да се преиспитуваме дали живееме во склад со неговите праведни мерила (Изр. 28:18; 1. Кор. 10:12). Без оглед какви слабости имаме, мора постојано да се бориме со нив ако сакаме да ја одразуваме Божјата слава.
8. Иако не сме совршени, што можеме да правиме?
8 Исус бил единствениот човек кој секогаш го правел она што му се допаѓа на Бог и совршено ја одразувал Неговата слава. Иако не сме совршени како што бил Исус, ние можеме и треба да даваме сѐ од себе за да го следиме неговиот пример (1. Пет. 2:21). Јехова го гледа нашиот напредок, но гледа и колку голем труд вложуваме за да го славиме и нѐ благословува поради тоа.
9. Каква улога има Библијата во животот на христијаните кои сакаат да живеат според Божјите барања?
9 Библијата може да ни помогне да разбереме како во уште поголема мера да ја одразуваме Божјата слава. Неопходно е длабоко да ја проучуваме и да размислуваме за она што го читаме (Пс. 1:1-3). Ако секојдневно ја читаме Божјата Реч, тоа ќе ни помогне да се подобруваме. (Прочитај Јаков 1:22-25.) Она што го учиме од неа ја зајакнува нашата вера и нашата решеност да не направиме тежок грев, туку да го радуваме Јехова (Пс. 119:11, 47, 48).
10. Како молитвата може да ни помогне уште подобро да му служиме на Јехова?
10 За да ја одразуваме Божјата слава, треба и ‚да истраеме во молитвата‘ (Рим. 12:12). Можеме и треба да го молиме Јехова да ни помага да му служиме на прифатлив начин. За таа цел, треба да бараме да ни даде свет дух, поголема вера и сила да им се спротивставиме на искушенијата. Освен тоа, може да го молиме и да нѐ оспособи ‚исправно да се служиме со речта на вистината‘ (2. Тим. 2:15; Мат. 6:13; Лука 11:13; 17:5). Исто како што едно дете има доверба во својот татко, така и ние треба да имаме доверба во нашиот небесен Татко, Јехова. Ако го молиме да ни помогне да му служиме уште подобро, треба да бидеме уверени дека тој ќе го стори тоа. Никогаш да не мислиме дека му досадуваме со нашите молитви! Напротив, да го фалиме, да му благодариме, да бараме водство од него особено кога сме во неволја и да го молиме да ни помогне да му служиме на начин што ќе го прослави неговото свето име (Пс. 86:12; Јак. 1:5-7).
11. Како собраниските состаноци ни помагаат да ја одразуваме Божјата слава?
11 Бог му дал одговорност на „верниот и разборит роб“ да се грижи за Неговите скапоцени „овци“ (Мат. 24:45-47; Пс. 100:3). Верниот роб сака да ни помогне на сите нас да ја одразуваме Јеховината слава. На пример, состаноците ни помагаат да правиме промени во нашата христијанска личност, исто како што еден кројач може да направи поправки на нашата облека за да изгледаме поубаво (Евр. 10:24, 25). Затоа, треба да пристигнуваме навреме на состаноците за да не пропуштиме ни мал дел од тоа духовно „кроење“ кое ни е потребно за да бидеме уште подобри слуги на Јехова.
ДА СЕ УГЛЕДАМЕ НА БОГ
12. Како може да се угледаме на Бог?
12 За да ја одразуваме Јеховината слава, мора ‚да се угледаме на Бог‘ (Еф. 5:1). Еден начин како може да го правиме тоа е да научиме да размислуваме како него. Кога не постапуваме како што сака тој, го срамиме и си нанесуваме штета. Бидејќи светот во кој живееме е под влијание на злобниот, Сатана Ѓаволот, мора многу да се напрегаме да го мразиме она што го мрази Јехова и искрено да го сакаме она што Тој го сака (Пс. 97:10; 1. Јов. 5:19). Треба да бидеме цврсто уверени дека на Јехова може да му служиме исправно само ако правиме сѐ за негова слава. (Прочитај 1. Коринќаните 10:31.)
13. Зошто мора да го мразиме гревот, и на што ќе нѐ поттикне тоа?
13 Треба да го мразиме гревот затоа што Јехова го мрази. Ако го мразиме гревот, тогаш ќе бегаме што подалеку од сѐ што би можело да нѐ наведе да згрешиме. На пример, треба да се чуваме од отпадништво, бидејќи отпадниците не му оддаваат слава на Бог (5. Мој. 13:6-9). Затоа, да немаме ништо со нив ниту, пак, со кој и да било што тврди дека е брат, но го срами Бог. Овој совет треба да го слушаме дури и ако станува збор за член на нашето семејство (1. Кор. 5:11). Бескорисно е да се обидуваме да ги побиеме тврдењата на отпадниците или на оние што ја критикуваат Јеховината организација. Всушност, не е во ред и би било многу опасно да читаме информации од нив, сеедно дали на интернет или во нивните публикации. (Прочитај Исаија 5:20; Матеј 7:6.)
14. Кој е еден од најважните начини на кој можеме да се угледаме на Јехова, и зошто?
14 Еден од најважните начини на кој може да се угледаме на нашиот небесен Татко е да покажуваме љубов (1. Јов. 4:16-19). Всушност, љубовта што постои меѓу нас е доказ дека сме ученици на Исус и слуги на Јехова (Јован 13:34, 35). Бидејќи сме несовршени, понекогаш не ни е лесно да ги сакаме другите. И покрај тоа, мора секогаш да се трудиме да покажуваме љубов. Ако имаме љубов и ако покажуваме други христијански особини нема да правиме грев и нема да постапуваме нељубезно кон другите (2. Пет. 1:5-7).
15. Како љубовта влијае врз нашите односи со другите?
15 Љубовта нѐ поттикнува да им правиме добро на другите (Рим. 13:8-10). На пример, ако мажот и жената се сакаат, секогаш ќе си бидат верни еден на друг. Ако ги сакаме старешините и ако го цениме сето она што го прават, ќе им бидеме послушни и ќе се подложиме на нивното водство. Децата што ги сакаат своите родители ги слушаат и покажуваат дека ги почитуваат со тоа што не зборуваат лошо за нив. Ако ги сакаме нашите ближни, нема да ги гледаме од високо и нема да зборуваме без почит за нив (Јак. 3:9). А старешините кои го сакаат Божјето стадо ќе постапуваат обѕирно со него (Дела 20:28, 29).
16. Како љубовта ни помага да ја вршиме службата?
16 Љубовта треба јасно да се гледа и во нашата служба. Бидејќи многу го сакаме Јехова, нема брзо да се разочараме и да се обесхрабриме кога некои станари ќе реагираат рамнодушно или ќе ни се противат. Наместо тоа, ќе продолжиме да ја проповедаме добрата вест. Љубовта ќе нѐ поттикне добро да се подготвуваме за службата и да се трудиме делотворно да ја вршиме. Ако навистина го сакаме Бог и ближниот, нема да проповедаме за Царството само затоа што мораме. Напротив, ќе ја сметаме службата за огромна чест и ќе ја вршиме со радост (Мат. 10:7).
ПРОДОЛЖИ ДА ГО СЛАВИШ ЈЕХОВА
17. Што треба да правиме затоа што сме свесни дека поради гревот не можеме секогаш да ја одразуваме Божјата слава?
17 Повеќето луѓе во светот не сфаќаат колку е сериозен гревот. Но, ние сфаќаме, и свесни сме дека треба да се бориме со него. Бидејќи ја признаваме својата грешна природа, јасно ни е дека треба да ја обликуваме нашата совест, која ќе ни помогне да постапиме исправно веднаш штом во нашето срце или ум ќе се роди желба за нешто погрешно (Рим. 7:22, 23). Иако поради несовршенството сме слаби, Бог може да нѐ зајакне да го правиме она што е исправно во секоја ситуација (2. Кор. 12:10).
18, 19. а) Зошто можеме успешно да се бориме против Сатана и неговите демони? б) На што треба да бидеме решени?
18 Ако сакаме да го славиме Јехова, мора да се бориме и против Сатана и неговите демони. Благодарение на духовната воена опрема од Бог, можеме успешно да го правиме тоа (Еф. 6:11-13). Сатана непрестајно се обидува да го лиши Јехова од славата која со право му припаѓа само Нему. Освен тоа, тој и понатаму прави сѐ за да ни го уништи пријателството со Јехова. Но, колку тежок удар е за Ѓаволот кога ние и милиони други несовршени мажи, жени и деца го славиме Бог и му остануваме верни! Затоа, да продолжиме да го фалиме Јехова, исто како небесните суштества кои на сет глас му пеат: „Достоен си, Јехова, Боже наш, да ја примиш славата и честа и моќта, бидејќи ти создаде сѐ, и поради твојата волја сѐ постои и е создадено“ (Отк. 4:11).
19 Што и да се случи, да бидеме цврсто решени и понатаму да го славиме Јехова. Тој сигурно се радува кога гледа како неговите верни слуги прават сѐ што можат за да се угледаат на него и да ја одразуваат неговата слава (Изр. 27:11). Треба да имаме исти чувства како Давид, кој пеел: „Ќе те фалам, о Јехова, Боже мој, со сето свое срце, ќе го славам твоето име довека“ (Пс. 86:12). Навистина, со нетрпение го очекуваме денот кога совршено ќе ја одразуваме Јеховината слава и ќе го фалиме засекогаш! Послушните луѓе ќе го доживеат тоа. Дали ти лично ја одразуваш славата на Јехова Бог уште денес, со надеж дека ќе го правиш тоа во сета вечност?
[Слики на страница 27]
Дали ја одразуваш Јеховината слава на овие начини?