Борба за добрата вест во Солун
Солун е еден од развиените пристанишни градови во североисточниот дел на Грција. Како град, тој одиграл важна улога во историјата на христијаните од првиот век, особено во службата на Павле, апостолот кој бил испратен кај другите народи (ДЕЛА 9:15; РИМЈАНИТЕ 11:13)
НЕКАДЕ околу 50 год. од н.е., Павле, заедно со Сила, пристигнал во Солун. На своето второ мисионерско патување, Павле имал можност да ја пренесе добрата вест за Христос на територијата на денешна Европа.
Кога дошле во Солун, без сомнение сѐ уште живо се сеќавале на тепањето и на затворските решетки во Филипи, главниот град на областа Македонија. Всушност, Павле подоцна им кажал на Солуњаните дека, кога бил таму, ја проповедал „Божјата добра вест со голема борба“ (1. Солуњаните 2:1, 2). Што се случило во Солун? Како се одвивало проповедничкото дело во тој град? Имало ли успех? Најпрво да видиме каков бил Солун во тоа време.
Град со бурно минато
На грчки јазик, градот Солун се вика Тесалоники. Ова име доаѓа од два грчки збора што значат „Тесалонци“ и „победа“, и ја носат мислата за борба и војување. Општо познато е дека во 352 год. пр.н.е., Филип II, кој бил цар на Македонија и татко на Александар Велики, во Тесалија поразил едно племе од централна Грција. Се вели дека, како спомен за победата, името Тесалоника ѝ го дал на една од своите ќерки, која подоцна се омажила за Касандер, еден од наследниците на нејзиниот брат Александар. Околу 315 год. пр.н.е., Касандер изградил град на западниот дел од полуостровот Халкидики и го нарекол според името на својата жена — Тесалоники, односно Солун. Во текот на својата бурна историја, овој град често бил зафаќан од виорот на војната.
Освен тоа, Солун бил и напреден град. Во него се наоѓало едно од најубавите природни пристаништа на бреговите на Егејското Море. Во римско време, низ него минувал и познатиот пат Виа Игнација. Поради својата важна местоположба на тогашните поморски и копнени патишта, Солун бил еден од најголемите центри на трговијата. Низ вековите, поради своето богатство, овој град им бил омилена цел на Готите, Словените, Франките, Венецијанците и Турците. Некои од нив успеале да го освојат со примена на сила и со крвопролевање. Но, да видиме што се случило додека таму бил Павле, кога започнала и борбата за добрата вест.
Павле пристигнува во Солун
Кога за првпат доаѓал во некој град, Павле обично најнапред разговарал со Евреите, бидејќи тоа што биле запознаени со Светите списи било добар темел за разговор и можело да им помогне да ја разберат добрата вест. Еден изучувач смета дека овој обичај на Павле веројатно бил израз на грижа за неговите сонародници или, пак, обид преку Евреите и оние што се плашеле од Бог да дојде до не-Евреите (Дела 17:2-4).
Затоа, кога ја почнал својата служба во Солун, Павле прво влегол во синагогата, каде што ‚расправал со Евреите на темел на Писмата, објаснувајќи и докажувајќи со она што е напишано дека Христос требало да страда и да стане од мртвите. И велел: „Овој Исус, кого јас ви го објавувам — тој е Христос“‘ (Дела 17:2, 3, 10).
Она за што зборувал Павле во врска со тоа кој бил Месијата и каква улога имал, било тема на постојани препирки. Замислата за Месија кој страдал била спротивна на претставата што ја имале Евреите — дека Месијата ќе ги ослободи од канџите на Рим. За да ги увери Евреите, Павле ‚расправал‘, ‚објаснувал‘ и ‚докажувал со она што било напишано‘ во Светите списи. Тоа се обележја на еден добар учител.a Но, како реагирале оние што го слушале богатството од информации што им ги изнел?
Успешна, но ни малку лесна служба
Некои Евреи, многу Грци кои биле преобратени во еврејската вера, како и „голем број угледни жени“, ја прифатиле пораката на Павле. Изразот „угледни жени“ е соодветен затоа што во Македонија жените имале висок општествен статус. Тие извршувале државни функции, поседувале имот, имале одредени граѓански права и можеле да водат сопствен бизнис. Во нивна чест биле подигани дури и споменици. Исто како што во Филипи добрата вест ја прифатила Лидија, која се занимавала со трговија, и во Солун добрата вест ја прифатиле голем број жени кои биле на висока положба, најверојатно затоа што потекнувале од угледни семејства или, пак, биле сопруги на видни личности (Дела 16:14, 15; 17:4).
Но, сето ова ги исполнило Евреите со завист. Тие викнале ‚опаки безделници и собрале толпа, па го подбуцнале градот‘ (Дела 17:5). Какви биле оние што се собрале? Еден библиски изучувач ги опишал како „расипани луѓе што заслужувале презир“. Тој додал: „Ним воопшто не им било важно за што станувало збор, туку, како и секоја толпа, лесно можеле да бидат подбуцнати и малку им требало за да извршат секакво насилство“.
Овие луѓе ‚се нафрлиле на Јасоновата куќа, барајќи Павле и Сила да бидат изведени пред толпата‘. Бидејќи не успеале да го најдат Павле, отишле пред највисоките градски власти. Така ‚ги одвлечкале Јасон и некои браќа пред градските поглавари, викајќи: „Овие луѓе, кои го побунија целиот свет, дојдоа и овде“‘ (Дела 17:5, 6).
Како главен град на областа Македонија, Солун имал одредена мера независност. Во склоп на неговата самоуправа било и градското, односно народно собрание, кое разгледувало прашања од јавен интерес. „Градските поглавари“, или политарситеb биле високи службеници што имале обврска да го чуваат редот и мирот за да не дојде до ситуации во кои би се вмешале Римјаните, со што градот би ги изгубил своите привилегии. Затоа, на градските поглавари не би им било сеедно да чујат дека овие „проблематични луѓе“ претставувале закана за јавниот ред и мир.
Потоа било изнесено најтешкото обвинение: „Тие постапуваат спротивно на цезаровите одредби, велејќи дека имало друг цар — Исус“ (Дела 17:7). Теологот Алберт Барнс вели дека со ова биле обвинети за „бунт и отпор“ кон императорите, кои „не би дозволиле името на [друг] цар да биде спомнато во која и да било од освоените провинции без нивна дозвола“. Во прилог на нивното тврдење одело тоа што и Исус, за кого Павле објавувал дека е Цар, бил погубен од римските власти на темел на истото обвинение за бунт (Лука 23:2).
Градските поглавари биле вознемирени. Меѓутоа, бидејќи немале цврсти докази и не можеле да ги најдат обвинетите, откако ‚зеле од Јасон и од останатите пари во залог, ги пуштиле‘ (Дела 17:8, 9). Ова можеби се однесува на некој вид кауција која Јасон и другите христијани ја дале како гаранција дека Павле ќе си замине од градот и дека нема да се врати за повторно да создава немири. Веројатно Павле се осврнал на овој настан кога спомнал дека ‚Сатана го спречил‘ да се врати во градот (1. Солуњаните 2:18).
Поради ваквата ситуација, Павле и Сила сред ноќ заминале за Верија. Павле и таму имал голем успех во службата. Но, тоа многу ги разгневило Евреите кои му се противеле во Солун. Тие поминале 80 километри до Верија за да го подбуцнат народот и да разгорат противење и во тој град. Кратко потоа, Павле повторно бил на пат, овојпат за Атина, но борбата за добрата вест продолжила и таму (Дела 17:10-14).
Борбата на новото собрание
И покрај сѐ, во Солун било основано собрание. Но, противењето не било единствената пречка што требало да ја премостат христијаните во тој град. Тие живееле меѓу пагани, кои биле многу неморални, а тоа го загрижувало Павле. Дали неговите браќа ќе останат цврсти во таква средина? (1. Солуњаните 2:17; 3:1, 2, 5).
Христијаните во Солун биле свесни дека, со тоа што повеќе не биле вклучени во општествените и верските активности на градот, ќе се соочат со негодувањата и гневот на своите дотогашни пријатели (Јован 17:14). Освен тоа, Солун бил преполн со храмови на грчки божества, како што биле Зевс, Артемида и Аполо, како и на некои египетски богови. Застапено било и обожавањето на цезарот, а за сите граѓани било задолжително да учествуваат во таквите церемонии. Ако некој одбиел да земе учество во нив, се сметало дека се бунтува против Рим.
Обожавањето на идоли водело до голема разузданост. На Кабири, богот-заштитник на Солун, на Дионис и Афродита како и на Изида од Египет, една работа им била заедничка: крајно неморално обожавање полно со обреди кои вклучувале оргии и лумпувања. Дивите бракови и проституцијата биле нешто најнормално. Неморалот не се сметал за грев. Според еден изучувач, ова општество било под влијание на римската култура и „граѓаните можеле да ги користат услугите на многу мажи и жени, кои им биле на располагање за да ги задоволат сите нивни телесни желби. А докторите препорачувале таквите желби никако да не се потиснуваат“. Јасно ни е зошто Павле ги предупредил христијаните ‚да се воздржуваат од блуд‘, да немаат „незауздана сексуална страст“ и да не ‚живеат нечисто‘ (1. Солуњаните 4:3-8).
Победиле во борбата
Христијаните во Солун требало да водат тешка борба за верата. Меѓутоа, и покрај противењето, неволјите и тоа што живееле меѓу пагани кои биле многу неморални, Павле ги пофалил за нивниот ‚труд поттикнат од љубов и за нивната истрајност‘, како и за нивниот удел во ширењето на добрата вест (1. Солуњаните 1:3, 8).
Во 303 год. од н.е., против христијаните во Римското Царство избило жестоко прогонство. Главен иницијатор бил цезарот Галериј, кој живеел во Солун и го разубавил градот со раскошни зданија. Туристите сѐ уште можат да видат остатоци од нив.
Денес, Јеховините сведоци во Солун им проповедаат на сите луѓе, честопати токму пред градбите што ги подигнал тој суров непријател на христијанството. Иако во 20 век имаше периоди кога наидуваа на сурово противење, во моментов во Солун и неговата околина има околу 60 собранија на ревносни Сведоци. Она што го прават е доказ дека борбата за ширење на добрата вест, која започнала пред многу векови, сѐ уште трае и има успех.
[Фусноти]
a Можно е Павле да се осврнал на зборовите од Псалм 22:7; 69:21; Исаија 50:6; 53:2-7 и Даниел 9:26.
b Овој израз не се појавува во грчката литература. Сепак, во околината на Солун се пронајдени натписи кои го содржат. Некои од нив датираат од првиот век пр.н.е. и потврдуваат дека извештајот од книгата Дела е точен.
[Карта на страница 18]
(Види во публикацијата)
Виа Игнација
МАКЕДОНИЈА
Филипи
Амфипол
Солун
Верија
ТЕСАЛИЈА
Егејско Море
АТИНА
[Слики на страници 20 и 21]
Најгоре: Солун денес
Горе: аркада и римска бања на плоштадот
[Извор на слика]
Двете фотографии долу лево: 16th Ephorate of Prehistoric and Classical Antiquities, copyright Hellenic Ministry of Culture and Tourism
[Слики на страница 21]
Ротондата близу сводот на Галериј; биста на Цезарот Галериј; проповедање близу сводот на Галериј
[Извор на слика]
Фотографијата во средина: Thessalonica Archaeological Museum, copyright Hellenic Ministry of Culture and Tourism
[Извори на слики на страница 18]
Медалјон со човечки лик: © Bibliothèque nationale de France; натпис на камен: Thessalonica Archaeological Museum, copyright Hellenic Ministry of Culture and Tourism