Јехова нека те води до вистинска слобода
„Задлабочи [се] во совршениот закон на слободата“ (ЈАК. 1:25)
МОЖЕШ ЛИ ДА ОБЈАСНИШ?
Кој закон води до вистинска слобода, и кој може да има корист од него?
Што мораме да правиме за да добиеме вистинска слобода?
Каква слобода ги чека сите што ќе останат на патот што води во живот?
1, 2. а) Што се случува со личната слобода денес, и зошто? б) Каква слобода ги чека Јеховините слуги?
ЖИВЕЕМЕ во време кога алчноста, беззаконието и насилството стануваат сѐ поизразени (2. Тим. 3:1-5). За да се справат со тоа, властите донесуваат нови закони, ги зајакнуваат полициските служби и поставуваат системи за видеонадзор. Во некои земји, луѓето се обидуваат да се заштитат поставувајќи аларми во своите домови, сигурносни брави, па дури и електрични огради. Мнозина не сакаат да излегуваат навечер и не ги пуштаат децата да си играат надвор сами — било преку ден било кога ќе се стемни. Очигледно, слободата полека ја снемува, а се чини дека тоа нема да се смени.
2 Во градината Еден, Сатана рекол дека некој може да биде вистински слободен ако е независен од Јехова. Но, се покажало дека тоа е една злобна и ужасна лага! Колку повеќе луѓето ги прекршуваат моралните и духовните мерила поставени од Бог толку повеќе страда целиот човечки род. Ова нѐ погодува и нас како Јеховини слуги. Сепак, ние имаме надеж дека ќе го дочекаме времето кога човештвото повеќе нема да им робува на гревот и распадливоста и дека ќе ја добиеме „славната слобода на Божјите деца“, како што вели Библијата (Рим. 8:21). Всушност, Јехова веќе почнал да ги подготвува своите слуги за таа слобода. Како?
3. Каков закон им дал Јехова на Христовите следбеници, и кои прашања ќе ги разгледаме?
3 Одговорот го дава библискиот писател Јаков кој зборувал за „совршениот закон на слободата“. (Прочитај Јаков 1:25.) Овој израз е преведен и како „совршениот Закон, Законот што ослободува“ (Радосна Вест). Но, луѓето обично го поврзуваат законот со ограничувања, а не со слобода. Тогаш, што е „совршениот закон на слободата“? И како овој закон нѐ ослободува?
ЗАКОНОТ ШТО ОСЛОБОДУВА
4. Што е „совршениот закон на слободата“, и кому му користи?
4 „Совршениот закон на слободата“ не е Мојсеевиот закон. Целта на Мојсеевиот закон била да се направат очигледни престапите на Израелците, а Христос го исполнил тој закон (Мат. 5:17; Гал. 3:19). Тогаш, за кој закон зборувал Јаков? Тој зборувал за „законот Христов“, наречен уште „законот на верата“ (Гал. 6:2; Рим. 3:27). Според тоа, во „совршениот закон“ спаѓа сето она што Јехова го бара од нас. Овој закон им користи и на помазаните христијани и на ‚другите овци‘ (Јован 10:16).
5. Зошто законот на слободата не е тежок?
5 За разлика од законите на многу земји, „совршениот закон“ не е ниту комплициран ниту тежок, туку се состои од едноставни заповеди и основни начела (1. Јов. 5:3). „Мојот јарем е пријатен и мојот товар е лесен“, рекол Исус (Мат. 11:29, 30). Освен тоа, во „совршениот закон“ нема потреба од голем број санкции, или казни, затоа што се темели на љубовта и е запишан во срцето и умот, а не на камени плочи. (Прочитај Евреите 8:6, 10.)
КАКО НЀ ОСЛОБОДУВА „СОВРШЕНИОТ ЗАКОН“
6, 7. Што може да се каже за Јеховините мерила, и што ни овозможува законот на слободата?
6 Законите што Јехова им ги дал на своите созданија обдарени со разум се за нивно добро и за нивна заштита. Пример за тоа се физичките закони што управуваат со енергијата и материјата, како што е законот за гравитација. Луѓето не се жалат дека тие закони ги ограничуваат. Напротив, ги почитуваат зашто се свесни дека природните закони се неопходни за нивно добро. Слично на тоа, Јеховините морални и духовни мерила опфатени со „совршениот закон“ на Христос се за доброто на луѓето.
7 Освен што нѐ штити, законот на слободата ни овозможува и да ги задоволиме сите свои исправни желби без да си нанесеме штета себеси и без да ги повредиме правата и слободите на другите. Значи, ќе бидеме вистински слободни — ќе можеме да правиме сѐ што сакаме — само ако имаме исправни желби, желби кои се во склад со Јеховината личност и со неговите мерила. Со други зборови, мораме да научиме да го сакаме она што Јехова го сака и да го мразиме она што тој го мрази, а во тоа ни помага законот на слободата (Амос 5:15).
8, 9. Каква корист имаат оние што се држат за законот на слободата? Наведи пример.
8 Бидејќи сме несовршени, мораме да се бориме да ги зауздаме погрешните желби. Сепак, кога верно го држиме законот на слободата, чувствуваме дека тој уште сега нѐ ослободува. Еве еден пример: Кога почнал да ја проучува Библијата, Џеј бил зависник од цигари. Кога дознал дека Бог не ја одобрува неговата навика, морал да реши што ќе прави. Ќе продолжи ли да му робува на своето тело или ќе му се подложи на Јехова? Донел мудра одлука — избрал да му служи на Бог, иако неговото тело го влечело кон никотинот. Како се чувствувал откако ја победил навиката? „Се чувствував вистински слободен и пресреќен“, рекол подоцна тој.
9 Џеј од лично искуство сфатил дека слободата што ја нуди светот, која им дозволува на луѓето да „размислуваат за она што му е својствено на телото“, всушност ги прави робови, а слободата што ја дава Јехова, која значи ‚да размислуваме за она што му е својствено на духот‘, ослободува и донесува „живот и мир“ (Рим. 8:5, 6). Од каде нашол Џеј сила да ја совлада навиката чиј роб бил? Не од самиот себе, туку од Бог. „Редовно ја проучував Библијата, се молев за свет дух и побарав помош од браќата и сестрите во собранието, а тие несебично ми ја пружија“, вели тој. Истите овие работи можат да ни помогнат и нам да најдеме вистинска слобода. Да видиме како.
ЗАДЛАБОЧИ СЕ ВО БОЖЈАТА РЕЧ
10. Што значи „да се задлабочиш“ во Божјиот закон?
10 Во Јаков 1:25, меѓу другото, читаме: „Оној што ќе се задлабочи во совршениот закон на слободата и ќе се прилепи до него... ќе биде среќен што [го] врши“. Изворниот грчки збор „се задлабочи“ значи „да се наведнеш за да се загледаш во нешто“, што укажува на концентрација. Да, ако сакаме законот на слободата да влијае врз нашето срце и ум, мораме да се трудиме темелно и редовно да ја проучуваме Библијата и под молитва да размислуваме за она што го читаме (1. Тим. 4:15).
11, 12. а) Како Исус нагласил дека треба да живееме во склад со вистината? б) Како што се гледа од сликата на 5. страница, која опасност мораат младите особено да ја избегнуваат?
11 Освен тоа, мораме и ‚да се прилепиме‘ за Божјата Реч, односно истрајно да ја применуваме, со што вистината ќе ни стане начин на живеење. Исус изнел слична мисла кога на некои што верувале во него, им рекол: „Ако останете во моите зборови, навистина сте мои ученици, и ќе ја запознаете вистината, и вистината ќе ве ослободи“ (Јован 8:31, 32). Глаголот „запознава“, вели една книга, во овој случај значи и да се покаже ценење затоа што „она што некој ‚го запознал‘ има вредност или важност за него“. Според тоа, вистината сме ја запознале во потполна смисла ако живееме според неа. Тогаш можеме со право да речеме дека ‚речта Божја дејствува во нас‘, обликувајќи нѐ како личности за да можеме да бидеме уште послични на нашиот небесен Татко (1. Сол. 2:13).
12 Запрашај се: ‚Дали навистина сум ја запознал вистината? Дали живеам според неа? Или сѐ уште копнеам по „слободата“ што ја нуди светот?‘ Во врска со својата младост, една сестра која растела со родители што биле Јеховини сведоци, напишала: „Кога растеш во вистината, свесен си дека Јехова постои. Но, јас лично никогаш не го запознав добро. Никогаш не научив да го мразам она што тој го мрази. Никогаш не верував дека му е важно што правам. И никогаш не научив да барам помош од него кога бев во неволја. Се потпирав на своето знаење. Сега сум свесна дека тоа беше голема глупост, зашто, всушност, не знаев ништо“. За среќа, оваа сестра подоцна сфатила дека нејзиното размислување е многу погрешно и направила големи промени. Дури почнала да служи како општ пионер.
СВЕТИОТ ДУХ МОЖЕ ДА ТИ ПОМОГНЕ ДА БИДЕШ СЛОБОДЕН
13. Како Божјиот свет дух ни помага да добиеме слобода?
13 Во 2. Коринќаните 3:17 читаме: „Каде што е Јеховиниот дух, таму е слободата“. Како светиот дух ни помага да бидеме вистински слободни? Меѓу другото, така што во нас создава особини кои се неопходни за слобода — „љубов, радост, мир, долготрпеливост, љубезност, доброта, вера, благост, самосовладување“ (Гал. 5:22, 23). Без овие особини, посебно без љубовта, ниедно општество не може да биде вистински слободно — факт што е очигледен во светот денес. Интересно, откако ги набројал плодовите на духот, апостол Павле додал: „Против тоа нема закон“. Што сакал да каже Павле? Плодовите на Божјиот дух не се ограничени со ниеден закон. Нема закон што може да го спречи нивниот раст (Гал. 5:18). А и која би била смислата на еден таков закон? Јехова сака да продолжиме да ги покажуваме овие особини, и тоа засекогаш.
14. Како духот на светот ги држи во ропство оние што му се подложуваат?
14 Оние што се во стисокот на духот на светот и кои без пречки си ги задоволуваат телесните желби може да си мислат дека се слободни. (Прочитај 2. Петрово 2:18, 19.) Но, реалноста е сосема поинаква. Потребни се куп правила и закони што ќе ги држат под контрола нивните штетни желби и нивното однесување. „Законот не е донесен за праведниците, туку за беззакониците и непокорните“ (1. Тим. 1:9, 10). Освен тоа, тие се робови на гревот, водени од „желбите на телото“, кое е суров господар (Еф. 2:1-3). Во извесна смисла, тие се како инсекти кои, водени од својот глад, ќе се пикнат во тегла со мед, но набрзо сфаќаат дека се заглавени таму (Јак. 1:14, 15).
СЛОБОДНИ ВО ХРИСТИЈАНСКОТО СОБРАНИЕ
15, 16. Зошто е важно да бидеме во собранието, и каква слобода чувствуваме таму?
15 Кога стана дел од христијанското собрание, ти не се зачлени во некој клуб. Не, ти дојде во собранието затоа што Јехова те привлекол (Јован 6:44). Што го поттикнало на тоа? Дали во тебе видел праведен, богобојазлив човек? „Нема шанси“, можеби ќе речеш. Тогаш, што видел? Видел срце кое е спремно да го почитува неговиот закон и кое ќе се подложи на неговото водство. Во собранието, Јехова се грижи за твоето срце така што те храни духовно, те ослободува од верските лаги и суеверија и те учи да бидеш посличен на Христос. (Прочитај Ефешаните 4:22-24.) Како резултат на тоа, имаш чест да бидеш меѓу единствените луѓе во светот кои со право може да кажат дека се вистински слободни (Јак. 2:12).
16 Размисли за ова: Кога си заедно со оние што го сакаат Јехова со сето срце, чувствуваш ли страв? Дали си постојано на штрек некој да не ти напакости? Додека правиш муабет со некој брат или сестра во Салата на Царството, дали цврсто ги држиш в рака своите работи за да не ти снема нешто? Не! Се чувствуваш опуштено и слободно. Дали се чувствуваш така кога си со други луѓе, на друго место? Веројатно не! Но, слободата што сега ја чувствуваш меѓу Божјиот народ е само претслика за слободата што нѐ чека во иднина.
„СЛАВНАТА СЛОБОДА НА БОЖЈИТЕ ДЕЦА“
17. Како слободата на луѓето е поврзана со „објавувањето на Божјите синови“?
17 Во врска со слободата што Јехова ќе им ја даде на своите слуги на Земјата, Павле напишал: „Созданието желно го исчекува објавувањето на Божјите синови“. Потоа додал: „Самото создание ќе биде ослободено од робувањето на распадливоста и... ќе ја добие славната слобода на Божјите деца“ (Рим. 8:19-21). „Созданието“ се однесува на луѓето што имаат надеж да живеат на Земјата, на оние што ќе бидат благословени со „објавувањето“ на Божјите синови помазани со дух. Тоа објавување ќе почне кога овие „синови“, воскреснати во духовниот свет, заедно со Христос ќе ја исчистат Земјата од злото и ќе воведат едно „големо мноштво луѓе“ во новиот свет (Отк. 7:9, 14).
18. Како луѓето ќе добиваат сѐ поголема слобода, и каква слобода ќе имаат на крајот?
18 Откупеното човештво тогаш ќе доживее сосема нов вид слобода — ќе биде ослободено од влијанието на Сатана и демоните (Отк. 20:1-3). Какво само олеснување ќе биде тоа! Потоа, 144-те илјади цареви и свештеници ќе ја употребат откупната жртва во корист на луѓето и со текот на времето сосема ќе ги ослободат од гревот и несовршеноста наследени од Адам (Отк. 5:9, 10). Откако ќе им биде испитана верата, луѓето ќе ја добијат совршената слобода што Јехова уште од самиот почеток сакал да ја имаат — „славната слобода на Божјите деца“. Замисли! Никогаш повеќе нема да се бориш да го правиш она што е исправно во Божји очи, зашто целото твое битие ќе биде совршено и ќе можеш потполно да ја одразуваш Божјата личност.
19. Што мораме и понатаму да правиме за да останеме на патот што води до вистинска слобода?
19 Копнееш ли по „славната слобода на Божјите деца“? Ако да, тогаш дозволи врз твојот ум и срце и понатаму да влијае „совршениот закон на слободата“. Темелно и редовно проучувај ја Библијата. Живеј ја вистината. Моли се за свет дух. Потполно користи го она што го добиваме преку христијанското собрание и цени ја духовната храна што ни ја обезбедува Јехова. Не дозволувај, како Ева, Сатана да те измами да мислиш дека она што Бог го бара од нас премногу нѐ ограничува. Факт е дека Ѓаволот е многу итар. Но, како што ќе видиме во следната статија, можеме да му се спротивставиме „бидејќи неговите намери не ни се непознати“ (2. Кор. 2:11).
[Слики на страница 9]
Дали сѐ уште копнеам по „слободата“ што ја нуди светот?
[Слики на страница 9]
Живеам ли според вистината?