Зошто Исус имал смисла во животот?
ДАЛИ животот на Исус имал смисла? Тој пораснал во сиромашно семејство и немал многу материјални удобности. Всушност, немал „каде глава да потпре“ (Лука 9:57, 58). Освен тоа, неговите непријатели го мразеле, го клеветеле и на крајот го убиле.
Можеби ќе речеш дека таквиот живот нема баш некоја голема смисла. Но, има други работи од животот на Исус за кои вреди да се размисли. Да разгледаме четири од нив.
1. ИСУС ИМАЛ ЦЕЛ ВО ЖИВОТОТ — ДА ЈА ВРШИ БОЖЈАТА ВОЛЈА
„Мојата храна е да ја вршам волјата на оној што ме испрати“ (Јован 4:34)
И со зборови и со дела, Исус правел сѐ за да ја изврши волјата на својот небесен Татко, Јехова.a Тоа му причинувало голема радост. Вршењето на Божјата волја го споредил со храна, како што се гледа од стихот што беше цитиран претходно. Да видиме во кои околности Исус ја кажал оваа споредба.
Тој ги кажал тие зборови откако цело утро одел пеш низ планинските предели на Самарија. Било пладне и сигурно бил многу гладен (Јован 4:6). Затоа, неговите ученици му рекле: „Учителе, јади“ (Јован 4:31). Од одговорот што им го дал се гледа дека Исус се чувствувал исполнет и зајакнат од вршењето на Божјата волја. Зар тоа не се зборови на човек кој имал смисла во животот?
2. ИСУС МНОГУ ГО САКАЛ СВОЈОТ ТАТКО
„Го сакам Таткото“ (Јован 14:31)
Исус бил многу близок со својот небесен Татко. Тоа што многу го сакал го поттикнало да зборува за својот Татко — за неговото име, намера и особини. Со своите зборови, постапки и особини, Исус совршено покажал каков е неговиот Татко дури до таа мера што кога читаме за Исус, имаме чувство како да читаме за неговиот Татко. Затоа, кога Филип го прашал Исус: „Покажи ни го Таткото“, Исус му рекол: „Кој ме видел мене, го видел и Таткото“ (Јован 14:8, 9).
Исус толку многу го сакал својот Татко, што бил решен да му биде послушен дури и по цена на својот живот (Филипјаните 2:7, 8; 1. Јованово 5:3). Таквата силна љубов кон Бог му дала смисла на неговиот живот.
3. ИСУС ГИ САКАЛ ЛУЃЕТО
„Никој нема поголема љубов од оваа: да го даде својот живот за своите пријатели“ (Јован 15:13)
Јасно е дека, како несовршени луѓе, нашата иднина е мрачна. Во Библијата пишува: „Преку еден човек [Адам] гревот влезе во светот и преку гревот смртта, и така смртта се прошири на сите луѓе, зашто сите згрешија“ (Римјаните 5:12). Не можеме сами да избегаме од канџите на смртта, која е последица од гревот (Римјаните 6:23).
Сепак, можеме да бидеме радосни што Јехова со многу љубов дал решение за ситуацијата во која западнало човештвото. Тој дозволил неговиот совршен и безгрешен Син, Исус, да страда и да умре за да ги откупи луѓето од ропството на гревот и смртта. Бидејќи Исус многу ги сакал својот Татко и луѓето, спремно го дал својот совршен човечки живот за нас (Римјаните 5:6-8). Ваквата несебична љубов му дала смисла во животот.b
4. ИСУС ЗНАЕЛ ДЕКА НЕГОВИОТ ТАТКО ГО САКА И ИМА ДОВЕРБА ВО НЕГО
„Ова е мојот сакан Син, кој ми е по волја!“ (Матеј 3:17)
Јехова ги кажал овие зборови од небото кога Исус се крстил. Така, отворено покажал дека го сака својот Син, Исус, и дека му е по волја. Затоа, Исус можел слободно да каже: „Таткото ме сака“ (Јован 10:17). Бидејќи знаел дека неговиот Татко многу го сака, Исус собрал храброст да ги издржи противењето и подбивањата. Дури и кога дошло време да биде убиен, останал урамнотежен и емоционално стабилен (Јован 10:18). Тоа што Исус бил свесен дека неговиот Татко го сака и има доверба во него, сигурно му дало уште поголема смисла во животот.
Исус навистина имал смисла во животот. Јасно е дека од него можеме да научиме многу за тоа како и ние да водиме смисловен живот. Во следната статија ќе видиме како некои совети што ги кажал Исус можат да ни помогнат и нам да најдеме смисла во животот.
a Јехова е името на Бог, кое го дознаваме од Библијата.
b За да дознаеш нешто повеќе за откупната вредност на Исусовата смрт, види го поглавје 5 од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.