ЖИВОТНА ПРИКАЗНА
Јехова ме благослови во службата
Му кажав на офицерот дека веќе бев в затвор затоа што не сакав да војувам. Го прашав: „Зарем пак ќе ме терате да минувам низ истото?“ Ова се случи кога по вторпат добив покана да служам во војската на САД.
РОДЕН СУМ во 1926 год. во Круксвил (Охајо, САД), во семејство со осум деца. Мајка ми и татко ми не беа побожни, но сепак сакаа ние децата да одиме в црква. Јас одев во Методистичката црква. Кога имав 14 години, пасторот ме награди бидејќи цела година секоја недела одев на богослужба.
Отприлика во тоа време, една сосетка по име Маргарет Вокер, која беше Јеховин сведок, почна да доаѓа кај мајка ми и да разговара со неа за Библијата. Еден ден решив да седам со нив и да ги слушам. Бидејќи мислеше дека ќе им пречам во проучувањето, мајка ми ми рече да излезам надвор. Но, јас и понатаму се обидував да ги слушам нивните разговори. На една следна посета, Маргарет ме праша: „А знаеш ли како се вика Бог?“ „Секој го знае тоа“, реков, „се вика Бог.“ Таа ми рече: „Ајде земи ја Библијата и прочитај во Псалм 83:18“. Го отворив тој стих и видов дека Божјето име е Јехова. Брзо отрчав кај моите пријатели, и им реков: „Кога вечер ќе се вратите дома, најдете го Псалм 83:18 во Библијата, и ќе видите кое е Божјето име“. Може да се каже дека веднаш почнав да проповедам!
Решив да ја проучувам Библијата, и се крстив во 1941 год. Кратко потоа добив задача да го водам состанокот Собраниско проучување на книга. Ги поттикнав мајка ми и моите браќа и сестри да дојдат, и сите почнаа да присуствуваат на состанокот што го водев. Но, татко ми не покажуваше никаков интерес.
ПРОТИВЕЊЕ ОД ДОМА
Добив повеќе одговорности во собранието, и си направив библиотека со теократски публикации. Еден ден, татко ми покажа на книгите, и рече: „Ги гледаш овие? Да ги нема од тука, а и тебе да те нема со нив!“ По оваа случка, се иселив од дома и најдов соба во блиското гратче Занесвил (Охајо). Сепак, редовно одев во Круксвил за да го храбрам семејството.
Татко ми се обидуваше да ја спречи мајка ми да оди на состаноци. Понекогаш, кога таа ќе излезеше, тој трчаше по неа и ја враќаше назад во куќата. Но, мајка ми ќе истрчаше низ другата врата и ќе појдеше на состанок. Ѝ реков: „Не се секирај. Еден ден ќе се измори и повеќе нема да трча по тебе“. Со текот на времето, татко ми навистина престана да ѝ брани да оди на состаноци, и таа можеше слободно да ги посетува.
Во 1943 год., во нашето собрание почна да се одржува Теократска школа за служба. Советите што ги добивав откако ќе одржев говор во школата ми помогнаа да станам подобар говорник.
ОСТАНУВАМ НЕУТРАЛЕН ВО ТЕКОТ НА ВОЈНАТА
Во 1944 год., за време на Втората светска војна, бев повикан на регрутација. Се пријавив во Форт Хајес во Колумбус (Охајо), каде што направив систематски преглед и пополнив некои формулари. Но, им кажав на воените службеници дека нема да станам војник. Тие ме пуштија да си одам. Неколку дена потоа, еден полицаец ми дојде на врата, и ми рече: „Корвин Робисон, имам налог да Ве уапсам“.
Две седмици подоцна, бев изведен на суд. Судијата ми рече: „Да е до мене, јас би те осудил на доживотен затвор. Имаш ли да кажеш нешто во своја одбрана?“ Одговорив: „Господине судија, јас би требало да бидам евидентиран како верски проповедник. Секоја врата е моја проповедалница, и досега сум им ја проповедал добрата вест за Царството на многу луѓе“.a Тогаш судијата им се обрати на поротниците: „Не е ваше да одлучувате дали овој човек е проповедник. Вие треба да одредите дали тој одбива воена служба или не“. За помалку од половина час, поротата се врати со конечна пресуда — бев прогласен за виновен. Судијата ми изрече затворска казна од пет години, која требаше да ја издржувам во државниот затвор во Ешленд (Кентаки).
ЈЕХОВА МЕ ЗАШТИТУВА ВО ЗАТВОРОТ
Првите две седмици ги поминав во затвор во Колумбус (Охајо). Првиот ден воопшто не ме пуштија да излезам од затворската ќелија. Се молев: „Јехова, не можам да издржам во ќелија цели пет години! Што да правам?“
Следниот ден, стражарите ми дозволија да излезам малку. Му пријдов на еден висок, крупен затвореник, кој стоеше крај прозорецот и гледаше надвор. „Зошто си овде, Кускуле?“, ме праша. „Јас сум Јеховин сведок“, одговорив. А тој праша: „Навистина? Па што бараш тука?“ Му реков: „Јеховините сведоци не одат во војна и не убиваат“. Тогаш тој рече: „Ти си во затвор бидејќи не сакаш да убиваш. А други лежат затвор затоа што убиле некого. Тоа нема никаква логика!“ „Во право си, нема“, му потврдив.
Потоа ми рече: „Петнаесет години лежев во друг затвор, и таму читав нешто од вашата литература“. Тогаш се помолив: „Јехова, помогни ми да го придобијам овој човек“. Во тој момент овој затвореник, кој се викаше Пол, рече: „Ако некој од овие типови те допре, само викни. Јас ќе го средам“. Додека бев таму, навистина немав проблем со ниеден од 50-те затвореници во тој оддел.
Кога затворските власти ме преместија во Ешленд, таму веќе имаше голем број зрели браќа. Дружењето со нив ми помогна и мене и на некои други соверници да останеме духовно јаки. Овие браќа ни кажуваа кој библиски извештај треба да си го прочитаме во текот на седмицата, а потоа секој од нас подготвуваше прашања и одговори за состаноците кои ги организираа. Имаше и слуга за подрачјето. А што беше нашето подрачје за сведочење? Големата просторија со многу кревети во која спиевме. Слугата за подрачјето ќе ми кажеше: „Робисон, ти си задолжен за тој и тој кревет. Секој што ќе спие таму е твое подрачје. Потруди се да му сведочиш пред да замине“. Така успевавме да сведочиме на организиран начин.
ПОВТОРНО НА СЛОБОДА
Иако Втората светска војна заврши во 1945 год., јас останав уште некое време в затвор. Бев загрижен за моето семејство бидејќи татко ми еднаш ми рече: „Ако се ослободам од тебе, лесно ќе им го најдам крајот на другите“. Но, кога бев пуштен на слобода, ме чекаше пријатно изненадување. И покрај противењето од татко ми, седум души од семејството одеа на состаноци, а една од моите сестри беше крстена.
Во 1950 год., кога избувна Корејската војна, повторно добив повик да се јавам на регрутација, и отидов во Форт Хајес. Откако проверија дали сум способен за воена служба, еден офицер ми рече: „Ти си еден од најдобрите во твојата група“. А јас му одговорив: „Добро, но сепак нема да служам војска“. Потоа го цитирав 2. Тимотеј 2:3, и реков: „Јас веќе сум Христов војник“. По долго молчење, тој рече: „Слободен си“.
Наскоро потоа, присуствував на состанокот за Бетел на еден конгрес во Синсинати (Охајо). Брат Милтон Хеншел рече дека, ако некој брат сака многу да се троши во службата за Царството, организацијата може да го користи во Бетел. Откако мојата молба за бетелска служба беше одобрена, дојдов во Бетелот во Бруклин во 1954 год., каде што служам до ден-денес.
Во Бетел секогаш имав полни раце работа. Неколку години работев на одржување на парните котли во печатницата и во канцелариските згради. Освен тоа, работев како механичар и поправав брави. А учествував и во изградбата на некои Конгресни сали во Њујорк.
Ги засакав редовните духовни активности во Бетел, во кои спаѓаат библиската утринска програма и проучувањето на Стражарска кула со бетелското семејство, како и службата со објавителите од моето собрание. Всушност, овие работи треба да ги прави секое семејство на Јеховините сведоци. Кога родителите и децата го разгледуваат заедно дневниот стих, кога редовно ја одржуваат Семејната вечер, и кога имаат целосен удел во собраниските состаноци и во проповедањето на добрата вест, најверојатно сите во семејството ќе останат блиски со Јехова.
Во Бетел и во собранието стекнав многу пријатели. Некои од нив беа помазаници, и подоцна ја добија својата небесна награда. Други не беа помазани браќа и сестри. Но, сите Јеховини слуги — вклучувајќи ги и бетелците — се несовршени. Ако имам несогласување со некој брат, секогаш се трудам да се помирам со него. Размислувам за Матеј 5:23, 24, каде што е објаснето како треба да ги решаваме недоразбирањата. Иако не е секогаш лесно да се извиниш, повеќето несогласувања се средуваат на ваков начин.
ДОБРИ РЕЗУЛТАТИ ОД СЛУЖБАТА
Бидејќи веќе сум во години, не ми е лесно да одам од врата до врата, но не се откажувам. Научив малку кинески и со задоволство им сведочам на Кинезите кои ги среќавам на улица. Некои денови успевам да им дадам по 30 или 40 списанија на заинтересираните лица.
Дури успеав да направам и повторна посета во Кина! Еден ден, една мила, насмеана девојка ми подаде рекламен леток за тезга со овошје. И јас ѝ се насмевнав, и ѝ понудив Стражарска кула и Разбудете се! на кинески. Ги зеде и ми рече дека се вика Кејти. Потоа, секогаш кога ќе ме видеше, доаѓаше да поразговараме. Ја учев како се викаат разни овошја и зеленчуци на англиски, а Кејти повторуваше по мене. Исто така, ѝ објаснував библиски стихови, и таа ја зеде книгата Што учи Библијата. Но, после неколку седмици, веќе не ја видов.
Неколку месеци подоцна, ѝ дадов списанија на една друга девојка што даваше рекламни летоци. Следната седмица, таа ми го подаде својот мобилен и ми рече: „Ти зборувај со Кина“. Ѝ реков: „Но, јас не познавам никого во Кина“. Сепак, бидејќи беше упорна, го зедов телефонот и реков: „Ало, овде Робисон“. А од другата страна се слушна: „Роби, овде Кејти. Се вратив во Кина“. Зачудено прашав: „Во Кина?“ А таа рече: „Да, Роби. Девојката што ти го подаде телефонот ми е сестра. Ти ме поучи за многу убави работи. Те молам, поучи ја и неа исто како што ме учеше мене“. Ѝ реков: „Кејти, ќе направам сѐ што можам. Фала што ми кажа каде си“. По некое време, зборував за последен пат со сестра ѝ на Кејти. Каде и да се тие две девојки, се надевам дека продолжуваат да учат за Јехова.
Му служам на Јехова веќе 73 години, и среќен сум што ми помогна да бидам неутрален и да останам близок со него додека бев в затвор. Освен тоа, моите браќа и сестри ми кажуваат дека многу се охрабриле кога гледале како се соочувам со противењето од татко ми без да попуштам. На крајот, мајка ми и шест од моите браќа и сестри се крстија. Дури и татко ми омекна, и дојде на неколку состаноци пред да почине.
Ако е Божја волја, моите пријатели и членовите на моето семејство кои починаа ќе бидат вратени во живот во новиот свет. Колку ќе се радуваме што ќе можеме да му служиме на Јехова во сета вечност заедно со нашите најмили!b
a Верските проповедници во САД биле ослободени од воена служба.
b Додека оваа животна приказна се подготвуваше за печатење, брат Корвин Робисон почина останувајќи му верен на Јехова.