ЖИВОТНА ПРИКАЗНА
Ја почувствувавме Божјата незаслужена доброта на многу начини
ТАТКО МИ, Артур, го сакал Бог уште од својата младост и сакал да стане методистички свештеник. Но, кога прочитал нешто од литературата на Истражувачите на Библијата, си го сменил мислењето и се поврзал со нив. Во 1914 год., кога имал 17 години, татко ми се крстил. Во текот на Првата светска војна добил покана за војска, но ја одбил. Затоа, бил осуден на десет месеци казна затвор во Кингстон (Онтарио, Канада). Откако бил ослободен, станал колпортер, како што се нарекувале пионерите во тоа време.
Во 1926 год., татко ми се оженил со Хејзел Вилкинсон. Нејзината мајка ја дознала вистината во 1908 год. На 24 април 1931 год., сум се родил јас, како второ од четирите деца. Татко ми многу сакаше да ја чита Библијата, и нѐ научи истото да го правиме и ние. Најважно во животот ни беше да му служиме на Јехова. Редовно проповедавме од куќа до куќа како семејство (Дела 20:20).
НЕУТРАЛЕН И ПИОНЕР ПО ПРИМЕРОТ НА ТАТКО МИ
Во 1939 год., започна Втората светска војна. Наредната година, делото на Јеховините сведоци во Канада беше забрането. Во училиштата, од учениците се бараше да го поздравуваат знамето и да ја пеат химната. Обично, учителите ни дозволуваа јас и сестра ми, Дороти, да излеземе од просторијата кога другите го правеа тоа. Но еден ден, за да ме посрами пред сите, учителката ми рече дека сум кукавица. Откако завршија часовите, неколку ученици ме нападнаа и ме турнаа на земја. Но, тоа само ме направи уште поодлучен да му се покорувам на Бог како на владетел, а не на луѓето (Дела 5:29).
Во јули 1942 год., кога имав 11 години, се крстив во резервоар за вода на една фарма. Секој распуст го користев за да служам како помошен пионер. Една година, имав прилика заедно со тројца браќа да појдам во северниот дел на Онтарио за да им проповедаме на тамошните дрвосечачи.
На 1 мај 1949 год., започнав со општа пионерска служба. По некое време, бев поканет да помагам во изградбата на подружницата во Канада, каде подоцна станав и член на бетелското семејство. Служев во печатницата, каде што научив да ракувам со печатарска преса. Се сеќавам дека неколку седмици работевме по цела ноќ за да може да се испечати еден трактат кој зборуваше за прогонството на Јеховиниот народ во Канада.
Подоцна, работев во Одделението за служба. Ми беше дадена задача да поразговарам со пионерите што требаше да служат во Квебек, каде што имаше сурово прогонство. Меѓу нив беше и Мери Зазула од Едмонтон (Алберта, Канада). Нејзините родители беа од православна вероисповед. Кога Мери и нејзиниот постар брат одбиле да прекинат да ја проучуваат Библијата, нивните родители ги истерале од дома. Таа и нејзиниот брат се крстиле во јуни 1951 год., а шест месеци подоцна почнале со пионерска служба. За време на разговорот, можев да видам дека Мери многу го сака Јехова. Се сеќавам дека си помислив: „Ако сѐ оди добро, со оваа девојка би сакал да се оженам“. Девет месеци подоцна, се венчавме — на 30 јануари 1954 год. Една седмица по нашата венчавка, бевме поканети да добиеме обука за покраинска служба. Следните две години, ја извршувавме таа служба во северниот дел на Онтарио.
Бидејќи проповедничкото дело забрзано се ширеше низ целиот свет, беа потребни сѐ поголем број мисионери. Со Мери сметавме дека, штом успевавме да ги преживееме студените канадски зими и досадните комарци во лето, ќе можеме да преживееме секаде. Затоа, отидовме на библиската школа Гилеад, и во јули 1956 год. дипломиравме како дел од 27. клас. Во ноември, веќе се наоѓавме во нашиот нов дом, Бразил.
СЛУЖИМЕ КАКО МИСИОНЕРИ ВО БРАЗИЛ
Кога пристигнавме во Бразил, почнавме да учиме португалски јазик. Најпрво, научивме неколку зборови со кои може да се започне разговор, а потоа научивме кратка презентација за понуда на списание. Кога прв пат отидовме во служба, сретнавме една жена што се заинтересира за нашата порака. Веќе се имавме договорено дека, во случај некој да покаже интерес, ќе му прочитаме некој стих што зборува за животот под власта на Божјето Царство. Затоа, прочитав Откровение 21:3, 4 — и потоа се онесвестив! Многу тешко го поднесував топлото и влажно време. Никогаш не успеав да се навикнам на таа клима.
Нашата мисионерска служба започна во градот Кампос. Сега во тој град има 15 собранија! Но, кога за прв пат дојдовме таму, имаше само една група и мисионерски дом во кој живееја четири сестри: Естер Трејси, Рамона Бауер, Луиза Шварц и Лорејн Брукс (сега Вален). Мојата задача во мисионерскиот дом беше да помагам во перењето на алиштата и да носам дрва за готвење. Еден понеделник навечер, откако завршивме со Проучувањето на Стражарска кула, Мери се одмораше на каучот со главата потпрена на една перница. Си разговаравме како ни поминал денот. Кога стана од каучот, од под перницата на која лежеше излезе змија! Овој неочекуван посетител предизвика прилично голема збрка пред да се ослободиме од него.
Откако една година учевме португалски, почнавме со покраинска служба. Служевме во места каде што се живееше многу едноставно — немаше струја, спиевме на земја и патувавме со коњска кола. Еднаш, за да проповедаме на необработено подрачје, отидовме со воз до еден град во планините каде што изнајмивме соба во интернат. Подружницата ни испрати 800 списанија за да ги користиме во служба. Моравме многу пати да одиме до поштата и назад за да ги пренесеме сите кутии.
Во 1962 год., на различни места низ целиот Бразил се одржуваше теократска школа за браќата и сестрите кои беа мисионери. Во текот на шест месеци, требаше сам да патувам од една школа до друга. Бев инструктор во Манаус, Белем, Форталеза, Ресифе и Салвадор. Кога бев во Манаус, организирав областен конгрес во една позната сала за опера. Поради обилните дождови, немаше доволно чиста вода за пиење, а немавме ни соодветно место на кое браќата и сестрите ќе можат да јадат (во тоа време, на конгресите се служеше храна). Зборував со еден воен офицер и му кажав за нашиот проблем. Тој беше љубезен и се погрижи да имаме доволно вода за пиење за време на целиот конгрес. Исто така, испрати војници да постават два големи шатори, кои ги користевме како кујна и трпезарија.
Додека бев отсутен од дома, Мери сведочела на деловно подрачје, но никој не сакал да разговара за Библијата. Тие луѓе биле од Португалија и дошле во Бразил за да спечалат пари. Мери се обесхрабрила и им рекла на некои свои пријатели: „Португалија е последното место на светот каде што би сакала да живеам“. Кратко потоа, добивме едно писмо. Тоа беше покана да служиме токму во Португалија, каде што нашето дело беше под забрана. Мери не можеше да си поверува. Сепак, ја прифативме доделбата и се преселивме во Португалија.
НАШАТА ДОДЕЛБА ВО ПОРТУГАЛИЈА
Пристигнавме во Лисабон (Португалија), во август 1964 год. Тајната полиција им правеше многу проблеми на нашите браќа. Затоа, не беше мудро веднаш да стапиме во контакт со Јеховините сведоци таму. Најпрво живеевме во една изнајмена соба, а откако добивме виза изнајмивме стан. По пет месеци, можевме безбедно да стапиме во контакт со браќата од подружницата. Бевме многу среќни што конечно можевме да отидеме на состанок!
Бидејќи нашето дело беше забрането, салите беа затворени, а собраниските состаноци се одржуваа во домовите на браќата. Полицијата редовно вршеше претрес на нивните домови. Стотици браќа и сестри беа испрашувани во полициските станици. Полицијата постапуваше грубо со нив и сакаше да ги присили да ги откријат имињата на одговорните браќа. За да се заштитат, браќата повеќе не се обраќаа еден на друг по презиме, туку само по име.
Нашата главна цел беше да се погрижиме браќата и понатаму да добиваат литература за да го издржат прогонството. Со машина за чукање, Мери на посебен вид хартија ги пишување статиите за проучување од Стражарска кула, како и друга литература. Таа хартија потоа се користеше како матрица за умножување за да се направат повеќе примероци за браќата.
ОДБРАНА НА ДОБРАТА ВЕСТ НА СУД
Во јуни 1966 год., во Лисабон се одржа еден важен судски случај поврзан со собранието Фејжу. Сите 49 членови на ова собрание беа обвинети затоа што присуствувале на незаконски состанок одржан во нечиј дом. За да се подготвиме за судењето, вежбавме така што јас бев адвокатот кој требаше да докаже дека браќата се виновни. Но, како што и очекувавме, го изгубивме случајот. Сите 49 браќа и сестри добија казна затвор — од 45 дена до пет и пол месеци. Но, тоа судење беше огромно сведоштво. Всушност, во текот на судењето нашиот адвокат дури и ги цитираше зборовите на Гамалиел запишани во Библијата (Дела 5:33-39). Потоа, за судењето известија и медиумите. Бевме многу радосни што нашиот адвокат почна да ја проучува Библијата и да оди на нашите состаноци.
Во декември 1966 год., бев именуван за надгледник на подружницата, и поголемиот дел од времето работев на правни прашања. Направивме сѐ што можевме за да обезбедиме правна основа за Јеховините сведоци во Португалија да можат слободно да му служат на Бог (Фил. 1:7). На 18 декември 1974 год., нашето дело конечно беше законски признато. Брат Натан Нор и брат Фредерик Франц дојдоа од светското седиште за да ја споделат радоста со нас. Имавме незаборавен собир во Порто и во Лисабон со вкупно 46.870 присутни.
Јехова се погрижи проповедничкото дело да се прошири и на островите на кои луѓето зборуваат португалски како, на пример, Азорските Острови, Зелен ’Рт, Мадеира и Сао Томе и Принсипе. Бидејќи бројот на објавители во тие места се зголемуваше, се јави потреба од поголема подружница. Откако таа беше изградена, брат Милтон Хеншел одржа говор за свечено отворање на 23 април 1988 год. Беа присутни 45.522 браќа и сестри, вклучувајќи и 20-мина кои во минатото биле мисионери во Португалија и беа дојдени за свеченото отворање.
УЧЕВМЕ ОД ПРИМЕРИТЕ НА ВЕРНИТЕ БРАЌА
Низ годините, јас и Мери научивме многу од верните браќа. На пример, кога го придружував брат Теодор Џерес на една зонска посета, извлеков важна поука. Подружницата што ја посетивме имаше голем проблем, и браќата од Одборот направиле сѐ што можеле за да се дојде до решение, но без успех. Им беше жал што не знаеја што уште да направат. Затоа, брат Џерес ги утеши со зборовите: „Сега е време да оставиме светиот дух да си го направи своето“. Исто така, никогаш нема да заборавам што кажа брат Франц пред многу години, кога заедно со Мери бевме во посета на Бруклин. Кога го прашавме што би ни препорачал после толку години верна служба, тој ни рече: „Мојата препорака е: Останете во Јеховината организација и во добро и во зло. Ниту една друга организација не го извршува делото кое Исус им го доверил на своите ученици — да се проповеда добрата вест за Божјето Царство!“
Јас и Мери го послушавме неговиот совет и тоа ни донесе голема радост. Исто така, имаме многу убави спомени од зонските посети на некои од подружниците низ светот. Ни беше многу убаво што можевме да запознаеме и помлади и постари браќа и сестри што му служат на Јехова, и да ги увериме дека тој многу ја цени нивната служба. Секогаш ги храбревме да продолжат да му служат.
Времето си помина, и сега и двајцата имаме повеќе од 80 години. Мери има доста здравствени проблеми (2. Кор. 12:9). Во животот поминавме низ многу испити на верата. Но, сите тие само уште повеќе ни ја зајакнаа верата и нѐ направија порешени да му останеме верни на Јехова. Кога размислуваме за годините поминати во служба за Јехова, сфаќаме дека со својата незаслужена доброта тој нѐ благослови на многу, многу начини.a
a Додека се подготвуваше оваа животна приказна, брат Даглас Гест почина на 25 октомври 2015 год., останувајќи му верен на Јехова.