СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 16
Вистината за состојбата на мртвите
Препознаваме дали некоја изјава е вдахновена со вистината или со заблуда (1. ЈОВ. 4:6)
ПЕСНА 73 Дај ни храброст!
КРАТОК ПРЕГЛЕДa
1-2. а) Како Сатана измамил многу луѓе? б) Што ќе разгледаме во оваа статија?
САТАНА, кој е „татко на лагата“, ги мами луѓето уште од времето на Адам и Ева (Јован 8:44). Во некои од неговите лаги спаѓаат и лажните учења за смртта и за животот по смртта. Тие учења се темел на многу обичаи и суеверија раширени низ целиот свет. Како резултат на тоа, некои браќа и сестри морале силно да се борат за својата вера кога им починал некој во семејството или во околината (Јуда 3).
2 Ако и ти се соочиш со таков испит на верата, што може да ти помогне цврсто да се држиш за она што го кажува Библијата во врска со смртта? (Еф. 6:11). Како можеш да утешиш и да зајакнеш некој соверник кој е под притисок да учествува во обичаи кои Бог не ги сака? Во оваа статија ќе видиме каква помош ни пружа Јехова во овој поглед. Најпрво да видиме што вели Библијата за смртта.
ВИСТИНАТА ЗА СОСТОЈБАТА НА МРТВИТЕ
3. Кои биле последиците од првата лага?
3 Бог немал намера луѓето да умираат. Но, за да можат да живеат вечно, луѓето мора да му бидат послушни на Јехова. Тој на Адам и Ева им дал една едноставна заповед: „Од дрвото на спознанието на доброто и злото не смееш да јадеш, зашто во оној ден кога ќе каснеш од него, сигурно ќе умреш“ (1. Мој. 2:16, 17). Но, тогаш се вмешал Сатана. Преку една змија, тој ѝ рекол на Ева: „Вие нема да умрете“. За жал, таа поверувала во лагата и јадела од плодот. Подоцна и Адам јадел од плодот (1. Мој. 3:4, 6). На овој начин, луѓето станале грешни и почнале да умираат (Рим. 5:12).
4-5. Како Сатана продолжил да ги мами луѓето?
4 Адам и Ева умреле, токму како што кажал Бог. Но, Сатана продолжил да измислува и да шири други лаги за смртта. Една од тие лаги е учењето дека телото умира, а душата продолжува да живее некаде како, на пример, во некој духовен свет. До ден-денес, безброј луѓе веруваат во различни облици на оваа лага (1. Тим. 4:1).
5 Зошто Сатана успеал да излаже толку многу луѓе? Тој добро знае како луѓето гледаат на смртта и го користи тоа за да ги измами. Ние не сакаме да умираме бидејќи сме создадени да живееме вечно (Проп. 3:11). За нас смртта е голем непријател (1. Кор. 15:26).
6-7. а) Дали Сатана успеал да ја скрие вистината за состојбата на мртвите? Објасни. б) Како вистината од Библијата ни помага да не се плашиме од мртвите?
6 И покрај своите обиди, Сатана не успеал да ја скрие вистината за смртта. Всушност, денес, повеќе луѓе од кога и да било порано ја знаат и ја објавуваат библиската вистина за состојбата на мртвите и за надежта за воскресение (Проп. 9:5, 10; Дела 24:15). Овие вистини ни даваат голема утеха и ни помагаат да немаме непотребни стравови и сомнежи. На пример, не се плашиме од мртвите и не се плашиме дека ќе им се случи нешто лошо на нашите најблиски што умреле. Знаеме дека тие не продолжуваат да живеат некаде и дека не можат да наштетат никому. Библијата ја споредува нивната состојба со длабок сон (Јован 11:11-14). Исто така, знаеме дека мртвите не се свесни дека времето минува. Затоа, кога ќе воскреснат, дури и оние што биле мртви со векови, тоа за нив ќе биде како да поминал само еден миг.
7 Сигурно се согласуваш дека вистината за состојбата на мртвите е јасна, едноставна и логична. Таа е сосема спротивна на збунувачките лаги на Сатана! Со тие лаги тој не само што ги заведува луѓето туку и го клевети нашиот Творец. За да разбереме колку голема штета направил Сатана, ќе ги разгледаме овие прашања: Како Сатана го клевети Јехова со своите лаги? Како таквите лаги ги наведуваат луѓето да мислат дека не им е потребна откупната жртва на Христос? Како тие лаги ги зголемиле болката и тагата на луѓето?
ЛАГИТЕ НА САТАНА ПРАВАТ ГОЛЕМА ШТЕТА
8. Според Еремија 19:5, како Сатана го клевети Јехова со своите лаги за мртвите?
8 Сатана со своите лаги за мртвите го клевети Јехова. Во тие лаги спаѓа лажното учење дека мртвите се мачат во пекол. Таквите учења се клевета за Бог! Во која смисла? Тие ги наведуваат луѓето да веруваат дека Јехова, Богот на љубовта, има исти особини како Ѓаволот (1. Јов. 4:8). Како се чувствуваш поради тоа? Што е уште поважно, како се чувствува Јехова? Од Библијата дознаваме дека тој ја мрази суровоста! (Прочитај Еремија 19:5.)
9. Како лагите на Сатана влијаат врз ставот на луѓето кон откупната жртва на Христос, за која се зборува во Јован 3:16 и 15:13?
9 Лагите што Сатана ги шири за смртта ги наведуваат луѓето да мислат дека не им е потребна откупната жртва на Христос (Мат. 20:28). Уште една лага на Сатана е дека луѓето имаат бесмртна душа. Ако тоа е така, сите би живееле вечно и не би имало потреба Исус да си го даде животот како откупнина за нас. Не заборавај дека жртвата на Исус е најголемиот израз на љубов што некогаш бил покажан кон човештвото. (Прочитај Јован 3:16; 15:13.) Замисли како се чувствуваат Јехова и неговиот Син поради учењата кои го прикажуваат тој скапоцен дар како безвреден!
10. Како лагите на Сатана ги зголемиле болката и тагата на луѓето?
10 Лагите на Сатана ги зголемиле болката и тагата на луѓето. На пример, Црквата го користела учењето за пекол за да го оправда мачењето на оние што се противеле на нејзините учења. Еден начин на кој црквата ги мачела таквите луѓе било така што ги спалувала на клада. Во една книга за шпанската инквизицијаb пишува дека некои од оние што биле одговорни за суровото мачење изгледа верувале дека, ако им овозможат на еретиците да „вкусат каков ќе биде вечниот оган“, можеби тие ќе се покаат пред да умрат и нема да одат во пеколот. Или размисли за следново: кога на некои родители ќе им почине дете, другите понекогаш им кажуваат дека Бог си го зел кај себе, можеби за да биде ангел на небото. Дали оваа лага на Сатана ја намалува или ја зголемува болката што ја чувствуваат родителите? Во некои земји, луѓето се чувствуваат принудени да раздаваат храна во чест на починатите, да ги обожаваат мртвите предци, да им искажуваат посебна чест или да бараат од нив да ги штитат од зло. Други сакаат да ги смират предците за да не бидат казнети од нив. Но, верувањата кои се темелат на сатанските лаги не даваат вистинска утеха. Напротив, предизвикуваат непотребни грижи, па дури и стравови.
КАКО МОЖЕМЕ ЦВРСТО ДА СЕ ДРЖИМЕ ЗА БИБЛИСКАТА ВИСТИНА
11. Како некои добронамерни роднини или пријатели можеби ќе се обидуваат да нѐ натераат да постапуваме спротивно на Божјата Реч?
11 Љубовта кон Бог и кон неговата Реч може да ни помогне да му бидеме послушни на Јехова дури и кога некои добронамерни роднини или пријатели нѐ тераат да учествуваме во небиблиски обичаи поврзани со мртвите. Тие можеби ќе се обидуваат да нѐ засрамат, велејќи дека не сме го сакале и не сме го почитувале починатиот. Можеби ќе ни кажат и дека, поради нашето однесување, починатото лице на некој начин ќе им наштети на живите. Како можеме цврсто да се држиме за библиската вистина во такви ситуации? Да разгледаме како можеме да ги примениме следниве библиски начела.
12. Наведи некои обичаи поврзани со мртвите за кои е очигледно дека се небиблиски.
12 Биди решен да ги отфрлиш небиблиските верувања и обичаи (2. Кор. 6:17). Кога ќе умре едно лице, некои луѓе ставаат негови лични предмети во ковчегот. Ова го прават бидејќи мислат дека тие работи ќе му требаат во задгробниот живот. Некои истураат малку алкохол на гробот за спомен на починатиот и прават големи погреби за да му угодат. Исто така, некои имаат обичај да ги покриваат огледалата во домот на починатиот. Зошто го прават тоа? Бидејќи тврдат дека мртвите не смеат да се видат себеси. Како Јеховини сведоци, ние никогаш не учествуваме во обичаи што ги поддржуваат лагите на Сатана! (1. Кор. 10:21, 22).
13. Во склад со Јаков 1:5, што можеш да направиш ако не си сигурен дали некој обичај се коси со Библијата?
13 Доколку не си сигурен дали некој обичај се коси со Библијата, моли го Јехова да ти даде мудрост. (Прочитај Јаков 1:5.) Потоа истражувај во нашите публикации. Ако е потребно, разговарај со старешините во твоето собрание. Тие нема да ти кажат што да правиш, но ќе ти посочат некои соодветни библиски начела како, на пример, оние што се наведени во оваа статија. Со тоа што ги правиш овие работи, ја развиваш својата „моќ на согледување“, која ќе ти помогне да разликуваш што е добро, а што зло (Евр. 5:14).
14. Што ќе ни помогне да не ги спрепнуваме другите?
14 Прави сѐ за Божја слава и немој да бидеш причина за спрепнување (1. Кор. 10:31, 32). Кога треба да одлучиме дали да учествуваме во некој обичај, треба да размислиме и за тоа како нашата одлука ќе се одрази врз совеста на другите, особено врз соверниците. Се разбира, никогаш не би сакале да спрепнеме некого! (Мар. 9:42). Исто така, не би сакале со начинот на кој зборуваме да навредиме некој од оние што не се Сведоци. Љубовта ќе нѐ поттикне со почит да разговараме со нив, а тоа ќе му донесе слава на Јехова. Воопшто не сакаме да се расправаме со луѓето, ниту да ги исмеваме нивните обичаи. Не заборавај дека љубовта има голема моќ! Кога сме обѕирни и покажуваме почит кон другите, можеби дури и ќе ги омекнеме срцата на оние што ни се противат.
15-16. а) Зошто е мудро да им кажеш на другите во што веруваш? Наведи пример. б) Како можеме да ги примениме зборовите на Павле, кои се запишани во Римјаните 1:16?
15 Користи ја секоја прилика да им кажеш на другите дека си Јеховин сведок (Иса. 43:10). Веројатно ќе ти биде полесно да се справиш со напнати ситуации ако твоите роднини и соседи знаат дека му служиш на Јехова Бог. Франциско, кој живее во Мозамбик, напишал: „Кога заедно со жена ми Каролина ја дознавме вистината, им кажавме на роднините дека повеќе нема да учествуваме во обичаи со кои се обожаваат мртвите. Нашата вера беше ставена на испит кога почина сестра ѝ на Каролина. Во нашето место има обичај обредно да се избања телото на починатиот. Потоа, најблискиот роднина мора да спие три ноќи по ред на местото каде што била истурена водата која се користела во тој обред. Се верува дека со таквите обичаи ќе се успокои духот на починатиот. Роднините на Каролина очекуваа таа да спие на местото каде што ја истурија водата“.
16 Што направиле Франциско и жена му? Тој вели: „Затоа што го сакаме Јехова, одбивме да учествуваме во тој обичај. Роднините на Каролина многу се налутија. Нѐ обвинија дека не ги почитуваме мртвите и ни кажаа дека повеќе нема да нѐ посетуваат, ниту да ни помагаат. Бидејќи порано им ги имавме објаснето нашите верувања, не разговаравме со нив на таа тема додека беа лути. Но некои роднини нѐ бранеа велејќи дека веќе сме им го кажале нашиот став. По некое време, роднините на Каролина се смирија, и нашите односи со нив се подобрија. Всушност, некои дури и дојдоа кај нас за да побараат библиски публикации“. Ова искуство јасно покажува дека никогаш не треба да се срамиме цврсто да се држиме за вистината за состојбата на мртвите. (Прочитај Римјаните 1:16.)
ПРУЖИ ИМ УТЕХА И ПОДДРШКА НА УЖАЛЕНИТЕ
17. Што може да ти помогне да бидеш вистински пријател за некој ужален соверник?
17 Кога на некој соверник ќе му почине некој од најблиските, труди се да бидеш вистински пријател кој во неволја станува како роден брат (Изр. 17:17). Како можеш да бидеш вистински пријател особено ако ужалениот брат или сестра е под притисок да учествува во небиблиски обичаи? Во тоа можат да ти помогнат две библиски начела, кои ќе ги разгледаме во следниве пасуси.
18. Зошто Исус заплакал, и што учиме од неговиот пример?
18 „Плачете со оние што плачат“ (Рим. 12:15). Можеби не ни е лесно да најдеме зборови за да утешиме некој што е скршен од болка поради смртта на некој близок. Но, понекогаш нашите солзи кажуваат многу повеќе од нашите зборови. На пример, кога починал Лазар, неговите сестри Марија и Марта, како и неговите пријатели, биле многу тажни и плачеле. По четири дена, Исус пристигнал кај нив. Иако знаел дека наскоро ќе го воскресне Лазар, и тој почнал да рони солзи (Јован 11:17, 33-35). Тоа што Исус заплакал покажува како се чувствувал Јехова поради смртта на Лазар. Исто така, кога Марта и Марија го виделе Исус како плаче, тоа без сомнение ги утешило бидејќи било доказ колку многу ги сака. Слично на тоа, кога покажуваме љубов и грижа кон нашите браќа, тие знаат дека не се сами и дека имаат пријатели кои ги сакаат и ги поддржуваат.
19. Како можеме да го примениме советот од Проповедник 3:7 кога тешиме некој соверник?
19 „Време за молчење и време за зборување“ (Проп. 3:7). Друг начин на кој можеме да утешиме некој ужален соверник е така што внимателно ќе го слушаме. Дозволи му да си каже како се чувствува, и немој да си ставаш на срце ако каже нешто непромислено (Јов 6:2, 3). Можеби ситуацијата му ја влошуваат роднините кои не се Сведоци бидејќи му вршат притисок да учествува во некој небиблиски обичај. Затоа моли се со него. Сесрдно моли го Јехова да му даде сила и да му помогне да остане присебен (Пс. 65:2). Ако дозволуваат околностите, заедно читајте нешто утешно од Библијата. Или би можеле да прочитате некоја соодветна статија од нашите публикации како, на пример, некоја охрабрувачка животна приказна.
20. Што ќе разгледаме во следната статија?
20 Многу сме благодарни што ја знаеме вистината за состојбата на мртвите и за прекрасната иднина која ги очекува оние што починале! (Јован 5:28, 29). Затоа, и со збор и на дело, храбро да се држиме за библиската вистина и да им ја кажуваме на другите во секоја соодветна прилика. Во следната статија ќе видиме уште еден начин на кој Сатана се обидува да ги држи луѓето во духовна темнина — спиритизмот. Ќе видиме зошто треба да се чуваме од активности кои се поврзани со таа демонска замка.
ПЕСНА 24 Дојдете на Јеховината гора!
a Сатана и неговите демони рашириле многу лаги во врска со состојбата на мртвите. Од овие лаги произлегле голем број небиблиски обичаи. Оваа статија ќе ти помогне да му останеш верен на Јехова кога другите ти вршат притисок да учествуваш во такви обичаи.
b „Шпанската инквизиција“ била еден вид суд кој пред многу години сурово ги прогонувал и мачел „еретиците“, односно луѓето кои не се согласувале со учењата на Католичката црква.
c ОПИС НА СЛИКАТА: Додека една жена плаче поради смртта на сопругот, роднините кои се Сведоци ја тешат.
d ОПИС НА СЛИКАТА: Откако истражувал во врска со некои погребни обичаи, еден Сведок љубезно им ги објаснува своите верувања на роднините.
e ОПИС НА СЛИКАТА: Старешини во едно собрание му даваат утеха и поддршка на еден соверник кој жали поради смртта на некој од најблиските.