СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 2
Ти можеш да ги зајакнуваш другите
Тие се моите соработници во службата за Божјето царство, тие ми помагаа и ме зајакнуваа (КОЛ. 4:11)
ПЕСНА 90 Да се храбриме едни со други!
КРАТОК ПРЕГЛЕДa
1. Со кои стресни ситуации се соочуваат многу верни слуги на Јехова?
МНОГУ Јеховини слуги низ целиот свет се соочуваат со стресни и тешки ситуации. Дали ова е случај и со браќата и сестрите во твоето собрание? Некои христијани се борат со тешка болест или пак им починал некој од најмилите. Други чувствуваат силна болка кога некој од семејството или некој близок пријател ќе престане да му служи на Јехова. А има и такви што страдаат затоа што се погодени од природни катастрофи. На сите тие браќа и сестри им е потребна помош и утеха. Како може да им помогнеме?
2. Зошто и апостол Павле понекогаш имал потреба од охрабрување?
2 Апостол Павле многупати се наоѓал во ситуации во кои животот му бил во опасност (2. Кор. 11:23-28). Освен тоа, се борел со „трн во телото“, веројатно некој здравствен проблем (2. Кор. 12:7). А претрпел и разочарување кога Димас, кој едно време служел заедно со него, го оставил бидејќи го засакал светот (2. Тим. 4:10). Иако Павле бил смел помазан христијанин кој несебично им помагал на другите, понекогаш и самиот бил обесхрабрен (Рим. 9:1, 2).
3. Кој му ја дал потребната помош и утеха на Павле?
3 Павле ја добил утехата и помошта што му биле потребни. Како? Јехова го употребил својот свет дух за да го зајакне (2. Кор. 4:7; Фил. 4:13). Освен тоа, Бог го охрабрувал преку соверниците. Павле напишал дека некои од нив многу му помагале и го зајакнувале (Кол. 4:11). Меѓу тие соработници кои ги спомнал по име биле Аристарх, Тихик и Марко. Тие биле покрај Павле и му влеале сила да истрае. Кои особини им помогнале на овие тројца христијани да му го дадат потребното охрабрување? Како може да го следиме нивниот пример додека и самите ги тешиме и храбриме другите?
БИДИ ВЕРЕН КАКО АРИСТАРХ
4. Како Аристарх покажал дека му е верен пријател на Павле?
4 Аристарх, христијанин од Солун, му бил верен пријател на Павле. Тој првпат се спомнува во Библијата во извештајот за третото мисионерско патување на Павле. Додека биле заедно во Ефес, Аристарх паднал во рацете на една насилна толпа луѓе (Дела 19:29). Кога конечно го пуштиле, тој не побегнал за да се спаси, туку останал со Павле. Неколку месеци подоцна, во Грција, повторно биле заедно. Иако противниците се обидувале да го убијат Павле, Аристарх сѐ уште бил покрај него (Дела 20:2-4). Во 58 год. од н.е., кога Павле бил испратен како затвореник во Рим, Аристарх го придружувал во текот на долгото патување, и заедно претрпеле бродолом додека биле на пат (Дела 27:1, 2, 41). А кога стигнале во Рим, очигледно останал некое време во затвор заедно со овој апостол (Кол. 4:10). Не е ни чудо што Павле бил толку охрабрен и зајакнат од еден таков верен пријател!
5. Според Изреки 17:17, како може да покажеме дека сме верни пријатели?
5 Исто како Аристарх, и ние можеме да им бидеме верни пријатели на нашите браќа и сестри ако сме покрај нив не само кога сѐ им е добро туку и кога ќе се најдат „во неволја“. (Прочитај Изреки 17:17.) Дури и откако некоја тешкотија ќе помине, на некој наш соверник можеби уште долго време ќе му биде потребна утеха. Френсис,b на која за само три месеци двајцата родители ѝ починале од рак, вели: „Некои тешки ситуации не можеме да ги пребродиме така лесно. Многу сум благодарна што имам верни пријатели кои не забораваат дека сѐ уште чувствувам болка, иако помина некое време откако ми умреа родителите“.
6. На што ќе нѐ поттикне верноста?
6 Верните пријатели прават жртви за да им помагаат на своите браќа и сестри. На пример, на еден брат по име Питер му била откриена смртоносна болест која многу брзо напредувала. Неговата сопруга Кетрин вели: „Еден брачен пар од нашето собрание нѐ имаше однесено на лекар кога ја дознавме дијагнозата. Тие веднаш решија да не нѐ остават да се справуваме сами со таа тешка ситуација, и од тогаш се покрај нас секогаш кога имаме потреба“. Колку е утешно да имаме вистински пријатели, кои можат да ни помогнат да истраеме во неволјите!
БИДИ ДОСТОЕН ЗА ДОВЕРБА КАКО ТИХИК
7-8. Според Колошаните 4:7-9, како Тихик докажал дека е достоен за доверба?
7 Тихик, христијанин од римската провинција Азија, исто така му бил верен пријател на Павле (Дела 20:4). Околу 55 год. од н.е., Павле организирал да се собираат прилози за христијаните во Јудеја, и можеби го зел Тихик да му помага во таа одговорна задача (2. Кор. 8:18-20). Подоцна, кога Павле за првпат бил затворен во Рим, Тихик им ги пренесувал неговите писма и охрабрувачки пораки на собранијата во Азија (Кол. 4:7-9).
8 Тихик му останал верен пријател на Павле (Тит 3:12). Во тоа време не биле сите христијани достојни за доверба како што бил Тихик. Околу 65 год. од н.е., кога бил затворен по вторпат во Рим, Павле напишал дека многу христијани во провинцијата Азија не сакале да бидат во негова близина бидејќи веројатно се плашеле од противниците (2. Тим. 1:15). За разлика од нив, Павле можел да се потпре на Тихик, и му доверил уште една задача (2. Тим. 4:12). Сигурно многу му значело што имал еден таков добар пријател како што бил Тихик.
9. Како може да го следиме примерот на Тихик?
9 Можеме да го следиме примерот на Тихик така што ќе бидеме пријатели кои се достојни за доверба. На пример, не е доволно само да им ветиме на браќата и сестрите дека ќе им помогнеме туку треба навистина да им пружиме практична помош (Мат. 5:37; Лука 16:10). Всушност, и самото тоа што знаат дека можат да се потпрат на нас веќе е олеснување за нив. Една сестра вели: „Не се секираш дополнително бидејќи знаеш дека оној што ти понудил помош навистина ќе дојде на време за да го направи она што го ветил“.
10. Според Изреки 18:24, кој може да ги зајакне оние што се соочуваат со некој проблем или разочарување?
10 На оние што се соочуваат со проблеми или со разочарување честопати им олеснува кога ќе му се доверат на некој добар пријател. (Прочитај Изреки 18:24.) На пример, Бадрак бил многу разочаран откако син му бил исклучен. Тој вели: „Имав потреба да разговарам со некого во кого можев да имам доверба“. Карлос, кој направил сериозна грешка, повеќе не можел да ја извршува одговорноста која порано ја имал во собранието и која многу му значела. Тој вели: „Ми требаше некој со кого ќе можев отворено да разговарам без да се плашам дека ќе наидам на осуда“. Карлос им се доверил на старешините, кои му помогнале постепено да се избори со своите чувства. За него било утешно и тоа што знаел дека се доверливи, и дека нема да зборуваат со другите за она што им го кажал.
11. Како може да покажеме дека сме верни и доверливи пријатели?
11 За да бидеме верни и доверливи пријатели, мора да бидеме стрпливи. Кога сопругот ја напуштил, Жана можела да зборува за своите чувства со некои блиски пријатели, и тоа ѝ донело големо олеснување. Таа вели: „Тие стрпливо ме слушаа, иако секогаш одново им зборував за истите работи“. И ти можеш да бидеш добар пријател ако спремно ги слушаш другите.
БИДИ СПРЕМЕН ДА СЛУЖИШ КАКО МАРКО
12. Кој бил Марко, и како покажал спремност да им служи на другите?
12 Марко, наречен и Јован, бил христијанин од Ерусалим. Неговиот братучед Варнава бил познат проповедник (Кол. 4:10). По сѐ изгледа, Марко потекнувал од богато семејство. Сепак, материјалните работи не му биле најважни. Во текот на целиот свој живот, тој покажал спремност и желба да им служи на другите. На пример, освен што соработувал со апостол Павле, некое време бил заедно и со апостол Петар. Веројатно им помагал на практични начини додека тие ги извршувале своите одговорности (Дела 13:2-5; 1. Пет. 5:13). Павле рекол за Марко дека е негов соработник „во службата за Божјето царство“, кој му помагал и го зајакнувал (Кол. 4:10, 11).
13. Како 2. Тимотеј 4:11 покажува дека Павле ја ценел верната служба на Марко?
13 Марко му станал близок пријател на Павле. Во 65 год. од н.е., кога бил затворен за последен пат во Рим, Павле го напишал своето второ послание до Тимотеј, во кое го замолил да дојде кај него и да го доведе Марко со себе (2. Тим. 4:11). Павле сигурно многу ја ценел верната служба на Марко, и затоа сакал тој да биде со него во најважниот период од неговиот живот. Марко му помагал на практични начини, можеби така што му носел храна или го снабдувал со свитоци и мастило. Таквата поддршка и охрабрување сигурно му влеале голема сила на Павле во тие последни денови пред да биде погубен.
14-15. Во склад со Матеј 7:12, како може да им пружаме практична помош на другите?
14 Прочитај Матеј 7:12. Кога минуваме низ тежок период, многу сме благодарни што другите ни помагаат на практични начини. Рајан, чиј татко загинал во трагична несреќа, вели: „Кога доживуваш страдање, дури и најобичните, секојдневни работи ти претставуваат огромен товар. Тогаш многу значи некој да ти направи некоја услуга, сеедно колку е мала“.
15 Ако внимателно набљудуваме, веројатно ќе се сетиме како да им пружиме практична помош на другите. Да се вратиме на Питер и Кетрин, кои беа спомнати погоре. Бидејќи и двајцата не биле во состојба да возат, една сестра направила распоред секогаш да има некој објавител да ги носи на лекар за да не испуштат ниту еден термин. Дали ова им помогнало на Питер и на Кетрин? Кетрин вели: „Како голем товар да ни падна од плеќите“. Немој никогаш да заборавиш дека можеш да им бидеш од голема помош на другите, дури и ако правиш мали работи за нив.
16. Која важна работа ја учиме од Марко за тоа со каков став треба да им помагаме на другите?
16 Што друго учиме од примерот на Марко? Тој имал разни одговорности и задачи, и бил многу зафатен во службата за Бог. Меѓу другото, го напишал и евангелието кое го носи неговото име. И покрај сѐ, нашол време да го охрабри Павле, кој се чувствувал слободен да му се обрати за помош. А како е денес? Анџела, чија баба била убиена, многу ги ценела помошта и утехата што ги добила од другите. Таа вели: „Многу е лесно да побараш помош од некој што навистина сака да помогне. Таквиот пријател е спремен да ти излезе во пресрет, и воопшто не се двоуми да направи сѐ што е потребно“. Добро е да се прашаме: „Како гледаат браќата и сестрите на мене? Дали знаат дека сум спремен да им помагам на практични начини?“
БИДИ РЕШЕН ДА ГИ ЗАЈАКНУВАШ ДРУГИТЕ
17. Како зборовите од 2. Коринќаните 1:3, 4 можат да нѐ поттикнат да ги тешиме другите?
17 Не е тешко да најдеме браќа и сестри на кои им се потребни охрабрување и помош. Би можеле да ги споделиме со нив истите охрабрувачки мисли што други ги користеле за да нѐ утешат нас. Нина, една сестра на која ѝ починала баба ѝ вели: „Ако дозволиме, Јехова може да ги теши другите преку нас“. (Прочитај 2. Коринќаните 1:3, 4.) Френсис, која беше цитирана погоре, вели: „Навистина е точно она што го пишува во 2. Коринќаните 1:4. Можеме да им ја пружиме на другите истата утеха што и самите сме ја добиле“.
18. а) Зошто на некои не им е лесно да ги тешат другите? б) Како можеме да пружиме вистинска утеха и охрабрување? Наведи пример.
18 Треба да преземеме чекори да им помагаме на другите дури и кога не сме сигурни како да постапиме. На пример, можеби не знаеме што да кажеме или што да направиме за некој што се наоѓа во тешка ситуација. Еден старешина кој се вика Пол се сеќава на трудот што го вложиле браќата за да го утешат кога починал татко му. „Се гледаше дека не им е лесно да ми пристапат и да разговараат со мене“, вели тој. „Не знаеја што да ми кажат. Сепак, многу ценев што беа спремни да ми дадат утеха и поддршка“. Откако доживеал силен земјотрес, еден брат по име Таџон рекол: „Да бидам искрен, не се сеќавам на секоја порака што ја добив во деновите по земјотресот. Но, се сеќавам дека на другите им беше важно да знаат како сум“. Можеме вистински да ги зајакнеме браќата кога им покажуваме колку многу ни значат.
19. Зошто си решен да ги зајакнуваш другите?
19 Додека се приближува крајот на овој свет, условите сѐ повеќе ќе се влошуваат и животот ќе станува сѐ потежок (2. Тим. 3:13). Освен тоа, и понатаму ќе имаме потреба од охрабрување затоа што сме несовршени и постојано грешиме. Една работа што му помогнала на апостол Павле да му остане верен на Бог до крај, било охрабрувањето што го добивал од соверниците. Да бидеме и ние верни како Аристарх, достојни за доверба како Тихик и спремни да служиме како Марко. Така ќе можеме да им помогнеме на нашите браќа и сестри да продолжат верно да му служат на Јехова (1. Сол. 3:2, 3).
a Апостол Павле претрпел многу неволји во својот живот. Кога му било тешко, некои од неговите соработници многу му помагале и го зајакнувале. Ќе разгледаме кои три особини им помогнале на овие христијани да го прават тоа. Исто така, ќе разгледаме на кои конкретни начини би можеле да го следиме нивниот пример.
b Некои имиња во оваа статија се сменети.
ПЕСНА 111 Имаме многу причини за радост
c ОПИС НА СЛИКАТА: Аристарх и Павле претрпеле бродолом.
d ОПИС НА СЛИКАТА: Тихик имал задача да ги носи писмата на Павле до собранијата.
e ОПИС НА СЛИКАТА: Марко му помагал на Павле на практични начини.