СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 52
Како можеш да се бориш со обесхрабрувањето
Фрли го своето бреме на Јехова, и тој ќе те поткрепи (ПС. 55:22)
ПЕСНА 33 Фрли му ги грижите на Јехова!
КРАТОК ПРЕГЛЕДa
1. Како може обесхрабрувањето да влијае врз нас?
СЕКОЈ ден се соочуваме со проблеми и се справуваме со нив како знаеме и умееме. Но, сигурно ќе се согласиш дека можеме многу подобро да ги решиме ако не сме обесхрабрени. Затоа, треба да гледаме на обесхрабрувањето како на крадец кој може да ни ги одземе самодовербата, храброста и радоста. Во Изреки 24:10 пишува: „Ако се обесхрабриш во денот на неволја, ќе ослаби твојата сила“. Значи, обесхрабрувањето може да ни ја исцрпи силата што ни е потребна за да можеме успешно да ги решаваме проблемите.
2. Од кои причини би можеле да се обесхрабриме, и што ќе разгледаме во оваа статија?
2 Би можеле да се обесхрабриме поради различни причини — на пример, поради нашите грешки, слабости или нарушено здравје. Освен тоа, би можеле да се разочараме ако не добиеме некоја задача во Јеховината служба или ако мора да сведочиме на подрачје каде што луѓето не сакаат да ја слушаат добрата вест. Во оваа статија ќе разгледаме некои работи што ќе ни помогнат да се справиме со обесхрабрувањето.
АКО СЕ БОРИМЕ СО НЕКОИ СЛАБОСТИ
3. Што ќе ни помогне да не се разочаруваме поради нашите слабости и грешки?
3 Многу лесно може да се разочараме поради нашите грешки и слабости. Како резултат на тоа, може да си мислиме дека Јехова нема да дозволи да живееме во неговиот нов свет. Таквиот став може да биде опасен. Како треба да гледаме на нашите слабости? Библијата открива дека, со исклучок на Исус Христос, сите луѓе се грешни (Рим. 3:23). Но, Јехова не се фокусира на нашите грешки и не очекува совршенство од нас. Напротив, тој е Татко полн со љубов кој сака да ни помогне. Освен тоа, тој е стрплив. Јехова сака да ни помогне бидејќи гледа колку тешка борба водиме за да постапуваме исправно и да не се разочаруваме од своите слабости (Рим. 7:18, 19).
4-5. Во склад со 1. Јованово 3:19, 20, што им помогнало на две наши сестри да се изборат со обесхрабрувањето?
4 Да го разгледаме примерот на Дебора и на Марија.b Дебора се чувствувала понижено поради начинот на кој другите честопати постапувале со неа додека била мала. Таа речиси никогаш не добила пофалба. Поради сето тоа, имала многу лошо мислење за себеси. Кога ќе направела мала грешка, си мислела дека е промашен случај и дека за неа нема надеж. Марија имала сличен проблем. Некои од нејзиното семејство ја понижувале. Како резултат на тоа, се измачувала со чувства на безвредност. А откако станала Јеховин сведок, дури сметала дека не е достојна да го носи Божјето име!
5 Но, овие две наши сестри не престанале да му служат на Јехова. Што им помогнало во тоа? Тие ги фрлиле своите грижи на Бог така што сесрдно му се молеле (Пс. 55:22). Со текот на времето сфатиле дека нашиот грижлив небесен Татко знае како лошите работи што ни се случувале во минатото и нашето негативно размислување влијаеле врз нас. Но, Јехова го гледа и доброто во нашето срце — убавите особини за кои можеби и самите не сме свесни. (Прочитај 1. Јованово 3:19, 20.)
6. Како можеби ќе реагира некој ако повторно ја направи истата грешка?
6 Некој што се бори со длабоко вкоренета лоша навика може повторно да ја направи истата грешка и да се разочара од себеси. Се разбира, нормално е да чувствуваме вина кога ќе згрешиме (2. Кор. 7:10). Сепак, не треба да одиме во крајности и да се осудуваме така што ќе си мислиме: „Јас сум изгубен случај. Јехова никогаш нема да ми прости“. Тоа не е вистина. Таквото негативно размислување би можело да нѐ наведе да престанеме да му служиме на Бог. Сети се што прочитавме во Изреки 24:10 — ако се обесхрабриме, ќе ја изгубиме силата. Наместо тоа, треба да зборуваме за таа работа со Јехова во молитва и да го молиме за простување (Иса. 1:18). Кога ќе види дека искрено се каеме, тој спремно ќе ни прости. Освен тоа, треба да разговараме со старешините. Тие стрпливо ќе ни помогнат повторно духовно да закрепнеме (Јак. 5:14, 15).
7. Зошто не треба да се обесхрабриме ако ни е тешко да го правиме она што е исправно?
7 Забележи што рекол еден старешина од Франција, по име Жан-Лук, во врска со оние што се борат со некоја слабост: „Во Јеховини очи не е праведен оној што никогаш не греши, туку оној што жали за своите грешки и секогаш одново се кае“ (Рим. 7:21-25). Затоа, ако и ти се бориш со некоја слабост, немој да се осудуваш. Бидејќи сите грешиме, секому од нас му е потребна Јеховината незаслужена доброта која тој ни ја покажува преку откупната жртва на својот Син (Еф. 1:7; 1. Јов. 4:10).
8. Од кого може да побараме помош кога сме потиштени?
8 Може да побараме охрабрување од нашите браќа и сестри — нашето духовно семејство. Можеби тие ќе бидат спремни да нѐ слушаат кога ќе имаме потреба да зборуваме со некого и да ни кажат утешни зборови со кои ќе нѐ разведрат (Изр. 12:25; 1. Сол. 5:14). Џој, една сестра од Нигерија која се борела со обесхрабрување, вели: „Каде ќе бев јас без браќата и сестрите? Тие се доказ дека Јехова одговара на моите молитви. Од нив научив како и самата да ги охрабрувам оние што се потиштени“. Но, треба да имаме на ум дека нашите браќа и сестри нема секогаш да знаат дека ни е потребно охрабрување. Можеби самите ќе треба да му пристапиме на некој зрел сохристијанин и отворено да му кажеме дека ни треба помош.
АКО ИМАМЕ НАРУШЕНО ЗДРАВЈЕ
9. Како нѐ охрабруваат зборовите од Псалм 41:3 и 94:19?
9 Побарај помош од Јехова. Кога не се чувствуваме добро, особено ако се бориме со некоја хронична болест, можеби ни е тешко да размислуваме позитивно. Иако денес Јехова нема да нѐ излечи со чудо, тој нѐ теши и може да ни ја даде потребната сила да истраеме. (Прочитај Псалм 41:3; 94:19.) На пример, може да ги поттикне нашите соверници да ни помогнат така што ќе ни завршат некои работи низ дома или ќе ни го купат она што ни е потребно. Тој може да ги поттикне нашите браќа да се молат заедно со нас. Или може да нѐ потсети на некои утешни мисли од својата Реч, како што е прекрасната надеж за совршен живот без болести и страдања во претстојниот нов свет (Рим. 15:4).
10. Што му помогнало на Исанг да се избори со обесхрабрувањето откако доживеал несреќа?
10 Исанг, кој живее во Нигерија, останал парализиран откако му се случила една несреќа. Неговиот доктор му рекол дека никогаш повеќе нема да може да оди. „Бев скршен од болка“, вели тој. Но, дали дозволил обесхрабрувањето да го сруши? Не! Што му помогнало? Исанг објаснува: „Јас и жена ми никогаш не престанавме да го молиме Јехова и да ја проучуваме неговата Реч. Освен тоа, бевме решени да мислиме на благословите, вклучувајќи ја и нашата надеж за вечен живот во Божјиот нов свет“.
11. Како Синди успеала да си ја зачува радоста кога се соочила со тешка болест?
11 Синди, која живее во Мексико, се разболела од смртоносна болест. Што ѝ помогнало да се справи со таа тешка ситуација? Додека примала терапија, таа си поставила цел секој ден да посведочи некому. Синди пишува: „На тој начин можев да мислам на другите наместо на операцијата, на болката и на тоа колку лошо се чувствував. Обично, кога разговарав со лекарите или со сестрите, им поставував прашања во врска со нивното семејство, а потоа ги прашував зошто избрале толку тешка професија. Така ми беше полесно да видам што ги интересира. Неколкумина од нив ми рекоа дека многу ретко некој пациент ги прашува како се, и мнозина ми се заблагодарија што покажав интерес за нив. Некои дури ми дадоа и контакт-информации. Знаев дека Јехова ќе ми помогне во тој тежок период од мојот живот. Но, не можев ни да замислам дека ќе ми помогне да чувствувам толку голема радост!“ (Изр. 15:15).
12-13. Како некои стари и болни браќа и сестри им сведочеле на другите, и со каков резултат?
12 Старите и болните браќа и сестри можат да се обесхрабрат затоа што не можат да прават многу во службата. Сепак, мнозина од нив изнаоѓаат начини да проповедаат. Во САД, една сестра по име Лорел, цели 37 години морала да лежи во специјална челична комора со чија помош можела да дише. Освен тоа, се разболела од рак, морала да се подложи на неколку сложени операции и имала хронични кожни болести. Но, дури ни овие крајно тешки околности не ја спречиле да проповеда. Таа им сведочела на медицинските сестри и на оние што доаѓале кај неа дома. Кој бил резултатот? Лорел им помогнала на најмалку 17 луѓе да ја дознаат вистината од Библијата!c
13 Ришар, кој служи како старешина во Франција, го дава следниот предлог за оние што не можат да излегуваат од дома или живеат во старечки дом: „Тие би можеле да изложат неколку наши публикации на видно место. Така можат да предизвикаат љубопитност кај другите и да започнат разговори. Ова може многу да ги охрабри нашите драги браќа и сестри кои повеќе не можат да проповедаат од куќа до куќа“. Оние кои не можат да излегуваат од дома, исто така можат да учествуваат во службата така што ќе пишуваат писма или ќе сведочат по телефон.
АКО НЕ ДОБИЕМЕ НЕКОЈА ОДГОВОРНА ЗАДАЧА
14. Каков пример ни дал цар Давид?
14 Поради староста, нарушеното здравје или други фактори, можеби нема да добиеме некоја задача или одговорност во Јеховината служба. Ако ова е случај и со нас, може да научиме многу од примерот на цар Давид. Тој многу сакал да му изгради храм на Бог, но Јехова избрал тоа да го направи некој друг. Давид му дал потполна поддршка на оној што бил избран од Јехова. Дури и великодушно приложил огромни количини сребро и злато за изградбата на храмот. Тој навистина е извонреден пример за нас! (2. Сам. 7:12, 13; 1. Лет. 29:1, 3-5).
15. Што му помогнало на Ален да се справи со обесхрабрувањето?
15 Поради здравствени проблеми, Ален, еден брат од Франција, престанал да служи како старешина. Дури не можел да се грижи ни за едноставни работи низ дома. Тој напишал: „Во почетокот се чувствував безвредно и бев многу обесхрабрен. Но, со текот на времето, сфатив дека е многу важно да ги прифатам моите ограничувања. Научив да се радувам на она што можам да го правам за Јехова во склоп на тие ограничувања. Решен сум да не се предавам. Како Гедеон и неговите триста војници кои биле уморни, ќе продолжам да се борам!“ (Суд. 8:4).
16. Што може да научиме од ангелите?
16 Верните ангели се убав пример за нас. За време на владеењето на Ахав, Јехова побарал од ангелите да дадат предлози за тоа како да биде измамен овој злобен цар. Неколку ангели дале различни предлози, но Бог го избрал предлогот на еден ангел и му дал задача да го спроведе тоа што го кажал (1. Цар. 22:19-22). Дали другите верни ангели се разочарале, и дали можеби си помислиле дека залудно се труделе да даваат предлози? Ништо не покажува дека размислувале така. Ангелите се навистина понизни, и сакаат сета слава да му се оддаде на Јехова (Суд. 13:16-18; Отк. 19:10).
17. Што треба да правиме ако сме разочарани затоа што не можеме да извршуваме одредени одговорности во службата за Јехова?
17 Имај на ум дека за нас е најголема чест да го носиме Божјето име и да го објавуваме Божјето Царство. Задачите и одговорностите се минлива работа. Денес може да ги имаме, а утре веќе не. Но, тие не нѐ прават скапоцени во Божји очи. Само ако сме скромни и понизни, ќе им бидеме мили на Јехова, и на нашите браќа и сестри. Затоа, моли го Бог да ти помогне да останеш скромен и понизен. Размислувај за многуте убави примери на скромност и понизност кои се запишани во неговата Реч. Во склоп на своите околности, прави сѐ што можеш за спремно да им служиш на своите браќа (Пс. 138:6; 1. Пет. 5:5).
АКО ТИ СЕ ЧИНИ ДЕКА НЕМА ИНТЕРЕС НА ТВОЕТО ПОДРАЧЈЕ
18-19. Како можеш радосно да ја извршуваш службата, дури и ако ти се чини дека нема голем интерес на твоето подрачје?
18 Дали понекогаш си обесхрабрен затоа што ти се чини дека никој на твоето подрачје не сака да ја слуша добрата вест или затоа што повеќето не можеш да ги најдеш дома? Ако да, што може да ти помогне да ја зачуваш радоста, па дури и да бидеш уште порадосен? Во рамката „Како да најдеш уште поголема радост во службата“ се наведени неколку практични предлози. Исто така, важно е да имаш исправен став кон службата. Што значи ова?
19 Не заборавај дека главната причина зошто проповедаме е да го објавуваме Божјето име и неговото Царство. Исус јасно кажал дека само малкумина ќе сакаат да одат по патот што води до вечен живот (Мат. 7:13, 14). Кога сме во служба, ние имаме чест да соработуваме со Јехова, со Исус и со ангелите (Мат. 28:19, 20; 1. Кор. 3:9; Отк. 14:6, 7). Бог ги привлекува кон себе искрените лица кои сакаат да му служат (Јован 6:44). Ако некој не сака да ја слуша добрата вест кога му проповедаме, можеби ќе биде поспремен да слуша во некоја друга прилика.
20. Според Еремија 20:8, 9, што може да ни помогне да се бориме со обесхрабрувањето?
20 Можеме да научиме многу од пророкот Еремија. Тој бил испратен да им проповеда на луѓе што воопшто не сакале да го слушаат. Тие го навредувале и му се потсмевале по цел ден. (Прочитај Еремија 20:8, 9.) Еремија толку се обесхрабрил што во еден момент сакал да крене раце од сѐ. Но, не го сторил тоа. Зошто? „Јеховината реч“ била како распламтен оган во неговото срце и тој не можел да молчи! И ние се чувствуваме како него кога ги полниме нашите мисли и нашето срце со Божјата Реч. Тоа е уште една причина зошто треба секојдневно да ја проучуваме Библијата и да размислуваме за неа. Така ќе бидеме уште порадосни и ќе можеме подобро да ја извршуваме службата (Ерем. 15:16).
21. Како може да се избориме со обесхрабрувањето?
21 „Обесхрабрувањето е едно од најстрашните оружја на Сатана“, вели Дебора, која беше цитирана погоре. Но, Јехова Бог е далеку помоќен од Сатана и од кое и да било негово оружје. Затоа, ако се чувствуваш обесхрабрено од која и да било причина, сесрдно моли му се на Јехова. Тој ќе ти помогне да се справиш со своите слабости и грешки. Ќе ти ја даде потребната поддршка ако си болен. Ќе ти помогне да имаш исправно гледиште за теократските задачи и одговорности. И, ќе ти помогне да гледаш позитивно на својата служба. Слободно зборувај со својот небесен Татко за сѐ што те загрижува. Со негова помош, ќе можеш да се избориш со обесхрабрувањето!
ПЕСНА 41 Чуј ме, Јехова!
a Сите ние понекогаш сме обесхрабрени. Во оваа статија ќе разгледаме што може да правиме кога се чувствуваме така. Ќе видиме дека со Јеховина помош можеме успешно да се справиме со обесхрабрувањето.
b Некои имиња се сменети.
c Животната приказна на Лорел Низбет излезе во англиското издание на Разбудете се! од 22 јануари 1993 год.
d ОПИС НА СЛИКАТА: Една сестра, која се чувствува обесхрабрено, размислува за службата што ја вршела во минатото и му се моли на Јехова. Таа е уверена дека тој нема да го заборави она што го правела и сѐ уште го прави за него.