ЖИВОТНА ПРИКАЗНА
„Сега ја сакам службата“
ПОРАСНАВ во гратчето Балклута кое се наоѓа на Јужниот Остров на Нов Зеланд. Како дете, се чувствував блиска со Јехова и бев среќна што сум Јеховин сведок. Ми беше убаво да одам на состаноците, и таму се чувствував сигурно и радосно. Иако бев срамежлива, многу сакав да одам во служба секоја седмица. Не се плашев да им сведочам на моите соученици и на другите. Бев горда на тоа што сум Јеховин сведок, и на 11 години му го заветував својот живот на Бог.
ЈА ИЗГУБИВ РАДОСТА
За жал, кога влегов во тинејџерските години, почнав да се оддалечувам од Јехова. Се чинеше дека моите соученици имаат слобода да прават сѐ што сакаат, и си мислев дека јас пропуштам многу во животот. Имав чувство дека правилата на родителите и христијанските мерила ме ограничуваат, и духовните активности ми изгледаа како голем товар. Иако никогаш не се сомневав дека Јехова постои, повеќе не се чувствував блиска со него.
Во служба одев многу малку, само колку да не бидам неактивна. Освен тоа, никогаш не се подготвував и затоа ми беше тешко да започнам или да продолжам разговор. Поради тоа, немав повторни посети и библиски курсеви, и службата не ми носеше радост. Така стекнав уште понегативен став кон неа. Се прашував: „Како може некој да го прави ова од недела во недела, од месец во месец?“
Со текот на времето имав сѐ поголема желба да бидам независна. Затоа, кога имав 17 години, си заминав од дома и се преселив во Австралија. Тоа им падна многу тешко на моите родители. Тие беа загрижени, но се надеваа дека ќе продолжам да му служам на Јехова.
Во Австралија почнав сѐ подлабоко да тонам во духовен поглед. Сѐ почесто ги пропуштав состаноците. Повеќе ме влечеше да се дружам со младите кои, исто како мене, водеа двоен живот. Една вечер одевме на состанок, а следната вечер се забавувавме и пиевме во ноќни клубови. Со едната нога бев во вистината, а со другата во светот. Но, имав чувство дека не припаѓам никаде.
НЕОЧЕКУВАНА, НО ВАЖНА ПОУКА
По две години откако дојдов во Австралија, запознав една сестра која без да биде свесна ме поттикна да размислувам што правам со мојот живот. Во тоа време, живеев во една куќа заедно со уште четири други сестри. Во една прилика, ги поканивме покраинскиот надгледник и неговата жена, Тамара, да останат кај нас една седмица. Додека нејзиниот сопруг беше зафатен со собраниски работи, Тамара се дружеше и се смееше со нас. Тоа многу ми се допадна. Таа воопшто не се правеше важна, и беше лесно да се разговара со неа. Бев воодушевена од тоа како една толку духовна личност може да биде и толку забавна.
Тамара со голем жар зборуваше за вистината и за службата. Нејзината љубов кон нив изврши силно влијание врз мене. Таа беше среќна затоа што му го даваше на Јехова најдоброто, а јас бев несреќна затоа што правев толку малку во службата за него. Тоа што имаше позитивен став и што беше вистински радосна ме поттикна да направам промени во мојот живот. Нејзиниот пример ме потсети на една важна библиска вистина — Јехова сака секој од нас да му служи со „радосен восклик“ (Пс. 100:2).
МОЈАТА ЉУБОВ КОН СЛУЖБАТА ПОВТОРНО СЕ РАЗГОРЕ
Сакав да бидам радосна како што беше Тамара. Но, за да успеам во тоа, требаше да направам некои големи промени. Промените не дојдоа преку ноќ, но беше важно да се почне од некаде. Почнав да се подготвувам за службата и одвреме-навреме служев како помошен пионер. Тоа ми помогна да немам толку трема и да имам поголема самодоверба. Службата почна да ми причинува поголемо задоволство затоа што се трудев почесто да ја користам Библијата. За кратко време, се пријавив да служам како помошен пионер секој месец.
Почнав да се дружам со браќа и сестри од разни возрасти кои беа духовни личности и кои многу ја сакаа службата. Нивниот пример ме поттикна да размислам што ми е најважно во животот и ми помогна да стекнам добри духовни навики. Почнав уште повеќе да уживам во службата, и по некое време станав општ пионер. За првпат после толку години бев радосна и во собранието се чувствував како дома.
ЗАПОЗНАВ ПИОНЕР КОЈ МИ СТАНА РЕДОВЕН СОРАБОТНИК
По една година го запознав Алекс, еден добар и искрен брат кој го сакаше Јехова и службата. Тој беше слуга-помошник и веќе шест години служеше како општ пионер. Исто така, Алекс неколку месеци служел во Малави затоа што имало поголема потреба од објавители. Таму тој се дружел со мисионери кои биле добар пример за него и кои го поттикнале и понатаму да го става Царството на прво место во својот живот.
Јас и Алекс се зедовме во 2003 год., и сѐ уште сме во полновремена служба. Научивме многу важни поуки, и Јехова нѐ благослови на безброј начини.
НИ СЕ ОТВОРИ ВРАТА КОЈА ВОДЕШЕ ДО УШТЕ ПОГОЛЕМИ БЛАГОСЛОВИ
Во 2009 год. бевме поканети да служиме како мисионери во Источен Тимор — мала земја која се наоѓа во индонезискиот архипелаг. Имавме помешани чувства. Во исто време бевме изненадени, возбудени, но и малку исплашени. По пет месеци стигнавме во главниот град Дили.
Животот таму беше многу поинаков од тоа што бевме навикнати. Сѐ беше ново за нас — културата, јазикот, храната и условите за живот. Во службата честопати среќававме луѓе кои беа многу сиромашни, со скудно образование и кои беа угнетувани. И видовме многумина кои страдаа во физички и емоционален поглед како последица на војната и насилството.a
Службата беше нешто посебно. На пример, еднаш сретнав едно 13-годишно девојче по име Маријаb кое беше многу тажно. Дознав дека нејзината мајка починала пред неколку години, а дека татко ѝ живее на друго место и ретко се гледаат. Исто како и многу други деца на нејзина возраст, таа не знаеше што сака од животот. Се сеќавам дека во една прилика плачеше додека ми кажуваше како се чувствува. Сепак, не можев да ја разберам што ми кажува, бидејќи сѐ уште не го знаев добро јазикот. Му се молев на Јехова за да знам како да ја охрабрам и потоа ѝ прочитав некои утешни стихови од Библијата. Следните неколку години гледав како вистината влијаеше врз нејзиното однесување, изглед и врз целиот нејзин живот. Таа се крсти, и сега и самата води библиски курсеви со други лица. Денес Марија е дел од едно големо духовно семејство во кое се чувствува сакано.
Јехова го благословува проповедничкото дело во Источен Тимор. Иако поголемиот дел од објавителите се крстија во последните 10 години, многумина од нив служат како пионери, слуга-помошници или старешини. Други помагаат во преведувачката канцеларија и имаат удел во преведувањето на духовната храна на локалните јазици. Срцето ми се полни со радост кога слушам како пеат на состаноците, кога ги гледам нивните насмевки и кога гледам како напредуваат во духовен поглед.
НЕ МОЖЕВ ДА СИ ЗАМИСЛАМ ДЕКА ЌЕ ИМАМ ТОЛКУ ИСПОЛНЕТ ЖИВОТ
Нашиот живот во Источен Тимор многу се разликуваше од животот што го имавме во Австралија. Но не можев ни да си замислам дека ќе ни биде толку исполнет. Понекогаш се возевме во мали автобуси преполни со луѓе, кои носеа со себе сушена риба и разни зеленчуци купени од пазар. Некои денови проучувавме со луѓе во нивните мали куќички во кои беше топло и влажно и по чии валкани подови трчаа кокошки. Сепак, и покрај предизвиците, честопати си велев: „Ова е супер!“
Кога ќе се присетам на минатото, многу сум благодарна што моите родители дадоа сѐ од себе за да ме поучат за вистината и што ми помагаа дури и во тинејџерските години кога не правев многу за Јехова. И мојот случај е доказ за тоа колку се вистинити зборовите од Изреки 22:6. Моите родители се гордеат со мене и со Алекс. Тие се среќни што Јехова нѐ користи во службата за него. Од 2016 год., служиме во патувачкото дело на подрачјето на подружницата Австралазија.
Кој би можел да помисли дека проповедањето некогаш ми беше товар. Сега многу ја сакам службата. Сфатив дека, без разлика дали минуваш низ убави или низ тешки периоди од животот, вистинската радост зависи од тоа дали му служиш на Бог со цело срце. Всушност, последниве 18 години, во кои му служам на Јехова заедно со Алекс, се најубавите години од мојот живот. На своја кожа почувствував колку е вистинито она што псалмистот Давид му го рекол на Јехова: „Ќе се радуваат сите на кои ти си им засолниште, ќе викаат радосно за навек... Оние што го сакаат твоето име ќе ликуваат поради тебе“ (Пс. 5:11).
a Од 1975 год. во Источен Тимор се водеше војна за независност која траеше повеќе од 20 години.
b Името е сменето.