Можеме ли да ја разбереме библиската книга Откровение?
Што вели Библијата:
Грчкиот назив за библиската книга Откровение, Апокалипсис (апокалипса), значи „откривање“ или „објава“. Самиот назив покажува која е целта на оваа книга — да го открие она што е скриено и да ги објави настаните што требало да се случат многу години откако била напишана. Многу пророштва кои се запишани во книгата Откровение допрва треба да се исполнат.
Краток преглед на книгата Откровение
Вовед (Откровение 1:1-9).
Исус им пренесува пораки на седум собранија (Откровение 1:10—3:22).
Виденија за Бог и неговиот небесен престол (Откровение 4:1-11).
Низа виденија кои се надоврзуваат едно на друго:
Седум печати (Откровение 5:1—8:6).
Седум труби; последните три најавуваат три маки (Откровение 8:7—14:20).
Седум садови; секој од нив содржи по една неволја со која е претставена Божја осуда (Откровение 15:1—16:21).
Виденија за уништувањето на Божјите непријатели (Откровение 17:1—20:10).
Виденија за благословите од Бог кои се однесуваат на небото и на Земјата (Откровение 20:11—22:5).
Заклучок (Откровение 22:6-21).
Што ќе ти помогне да ја разбереш книгата Откровение?
Имај на ум дека, на оние што му служат на Бог, оваа книга им пренесува позитивна, а не застрашувачка порака. Многу луѓе го поврзуваат зборот „апокалипса“ со некоја голема катастрофа. Но, и на почетокот и на крајот од библиската книга Откровение пишува дека оние што ја читаат, се трудат да ја разберат и го применуваат она што го дознале од неа се среќни (Откровение 1:3; 22:7).
Во книгата Откровение се користат многу знаци и симболи кои немаат дословно значење (Откровение 1:1).
Повеќето личности, изрази и симболи се спомнати и во некоја друга книга од Библијата:
Јехова — „вистинскиот Бог горе на небото“ и Творецот на сѐ што постои (5. Мојсеева 4:39; Псалм 103:19; Откровение 4:11; 15:3).
Исус Христос — „Божјето Јагне“ (Јован 1:29; Откровение 5:6; 14:1).
Сатана Ѓаволот — непријател на Бог (1. Мојсеева 3:14, 15; Јован 8:44; Откровение 12:9).
Големиот Вавилон — непријател на Јехова Бог и на Божјиот народ, како и извор на верски лаги — слично на древниот град Вавилон (Вавел) (1. Мојсеева 11:2-9; Исаија 13:1, 11; Откровение 17:4-6; 18:4, 20).
Морето — луѓето кои му се противат на Бог (Исаија 57:20; Откровение 13:1; 21:1).
Предмети од светиот шатор кои се користеле во службата за Бог — ковчегот на сојузот, стакленото море (мијалник), приноси од темјан, светилници и жртвеник (2. Мојсеева 25:10, 17, 18; 40:24-32; Откровение 4:5, 6; 5:8; 8:3; 11:19).
Диви ѕверови — ги претставуваат човечките влади (Даниел 7:1-8, 17-26; Откровение 13:2, 11; 17:3).
Броеви со симболично значење (Откровение 1:20; 8:13; 13:18; 21:16).
Виденијата се однесуваат на „денот на Господарот“, кој започнал во 1914 год., кога Божјето Царство било воспоставено на небото и Исус почнал да владее како Цар (Откровение 1:10). Тоа покажува дека најголемиот дел од пророштвата од книгата Откровение ќе се исполнат во денешно време.
За да ја разбереме оваа библиска книга, потребна ни е мудрост од Бог и помош од оние што веќе ја разбрале. Всушност, овие работи ни се потребни за да го разбереме кој и да е друг дел од Библијата (Дела 8:26-39; Јаков 1:5).