Зошто Јеховините сведоци ја одбележуваат Господаровата вечера поинаку од другите религии?
Кога ја одбележуваме Господаровата вечера, позната и како „вечера Господова“, „Тајна вечера“ и „Спомен-свеченост по повод Христовата смрт“, ние тесно се придржуваме за Библијата (1. Коринќаните 11:20, Превод на МПЦ). Од друга страна, во другите религии многу од верувањата и обичаите поврзани со овој настан не се темелат на Библијата.
Зошто ја одбележуваме?
Господаровата вечера ја одбележуваме за да се потсетиме на Исус, за да покажеме благодарност за жртвата што ја дал за нас (Матеј 20:28; 1. Коринќаните 11:24). Овој настан не е света тајна причесна, т.е. верски обред со кој некој може да добие милост или простување за своите гревови. Библијата кажува дека гревовите може да ни бидат простени, но не преку некој верски обред, туку само ако покажуваме вера во Исус (Римјаните 3:25; 1. Јованово 2:1, 2).
Колку често?
Исус им заповедал на своите ученици да ја одбележуваат Господаровата вечера, но не кажал колку често треба да го прават тоа (Лука 22:19). Некои сметаат дека треба да се одбележува секој месец, додека други ја одбележуваат секоја седмица, секој ден, неколкупати во текот на секој ден или онолку пати колку што некој смета дека треба.a Меѓутоа, еве неколку фактори што треба да се земат предвид.
Исус ја воспоставил Господаровата вечера на истиот датум кога се одбележувала еврејската Пасха, а умрел и истиот тој ден подоцна (Матеј 26:1, 2). Тоа не било случајно. Во Библијата, Исусовата жртва е споредена со јагнето што било жртвувано на Пасхата (1. Коринќаните 5:7, 8). Пасхата се одбележувала еднаш годишно (2. Мојсеева 12:1-6; 3. Мојсеева 23:5). Слично на тоа, првите христијани ја одбележувале Христовата смрт еднаш годишно, а Јеховините сведоци го следат тој библиски пример.
Датум и време
Кога ја воспоставил Господаровата вечера, Исус ни дал пример на темел на кој може да одредиме не само колку често треба да ја одбележуваме туку и во кој ден и во кое време. Ја воспоставил по зајдисонце на 14 нисан 33 год. од н.е., според библискиот лунарен календар (Матеј 26:18-20, 26). Следејќи го примерот на првите христијани, и ние ја одбележуваме Спомен-свеченоста секоја година на овој датум.
Во 33 год. од н.е., 14 нисан се паѓал во петок, но тој датум секоја година може да паѓа во различен ден. Датумот кога се паѓа 14 нисан секоја година го одредуваме според начинот на кој се одредувал во времето на Исус, а не според начинот на кој се одредува според современиот еврејски календар.b
Лебот и виното
Кога ја вовел Господаровата вечера, Исус користел бесквасен леб и црвено вино кои останале од пасхалната вечера (Матеј 26:26-28). Следејќи го неговиот пример, и ние користиме леб без квасец и без какви и да било други додатоци, како и чисто црвено вино, а не гроздов сок или вино кое е засладено, зачинето или со засилен вкус.
Некои религии користат леб со квасец, но во Библијата, квасецот честопати се користи како симбол за грев и расипаност (Лука 12:1; 1. Коринќаните 5:6-8; Галатите 5:7-9). Според тоа, само леб без квасец и други додатоци може да биде соодветен симбол за Христовото безгрешно тело (1. Петрово 2:22). Друг обичај за кој нема поткрепа во Библијата е, наместо вино да се користи неферментиран гроздов сок. Некои цркви го прават тоа затоа што кај нив е забрането да се пие алкохол, нешто за што нема библиска основа (1. Тимотеј 5:23).
Симболи, а не дословно тело и крв
Бесквасниот леб и црвеното вино што се користат на Спомен-свеченоста ги симболизираат телото и крвта на Христос. Тие не се претвораат преку некое чудо во неговото дословно тело и крв ниту, пак, се соединуваат со него, како што некои веруваат. Да разгледаме што вели Библијата во врска со ова.
Кога Исус би им заповедал на своите ученици да ја пијат неговата крв, со тоа би им рекол да го прекршат Божјиот закон кој забранувал да се јаде крв (1. Мојсеева 9:4; Дела 15:28, 29). Но, тоа не е возможно затоа што Исус никогаш не би им рекол на другите да го прекршат Божјиот закон во врска со светоста на крвта (Јован 8:28, 29).
Ако во таа прилика апостолите требало дословно да ја пијат Исусовата крв, тој немало да им каже дека неговата крв „ќе се пролее за мнозина“, што значи дека неговата крв сѐ уште не била пролеана како жртва (Матеј 26:28).
Исус дал жртва „еднаш засекогаш“ (Евреите 9:25, 26). Но, ако лебот и виното требало да се претвораат во неговото тело и крв за време на Господаровата вечера, тогаш неговата жртва би се принесувала секогаш одново.
Исус рекол: „Правете го ова за мој спомен“, а не како „жртва за мене“ (1. Коринќаните 11:24).
Оние што веруваат во трансупстанцијација, односно дека лебот и виното се претвораат во дословното тело и крв на Исус, го темелат ова учење на некои конкретни библиски стихови. На пример, во многу преводи на Библијата пишува дека, во врска со виното, Исус рекол: „Ова е мојата крв“ (Матеј 26:28). Но, во други преводи, овие зборови на Исус се преведени со: „Ова ја претставува мојата крв“.c Како што имал обичај, и овојпат Исус користел метафора (Матеј 13:34, 35).
Кој зема од лебот и виното?
Кога Јеховините сведоци ја одбележуваат Господаровата вечера, само малкумина земаат од лебот и виното. Зошто?
Со крвта што ја пролеал Исус бил склучен еден „нов сојуз“ кој го заменил сојузот што Јехова Бог го склучил со древниот Израел (Евреите 8:10-13). Оние што се дел од тој нов сојуз земаат од лебот и виното на Спомен-свеченоста. Тоа не ги опфаќа сите христијани, туку само „оние што се повикани“ од Бог на еден посебен начин (Евреите 9:15; Лука 22:20). Тие ќе владеат од небото заедно со Христос, а Библијата кажува дека само 144.000 луѓе ќе ја имаат таа чест (Лука 22:28-30; Откровение 5:9, 10; 14:1, 3).
За разлика од тоа „мало стадо“ кое го сочинуваат оние што се повикани да владеат заедно со Исус, еден огромен број луѓе имаат надеж дека ќе бидат дел од едно „големо мноштво“ кои ќе добијат вечен живот на Земјата (Лука 12:32; Откровение 7:9, 10). Иако оние што имаат надеж да живеат на Земјата не земаат од симболите на Спомен-свеченоста, во таа прилика и тие ја изразуваат својата голема благодарност за жртвата што Исус ја дал за нас (1. Јованово 2:2).
a Во некои преводи на Библијата изразот „онолку пати колку што“ се користи во поврзаност со Господаровата вечера и некои го користат за да укажат на тоа колку често треба да се одбележува тој настан. Меѓутоа, точното значење на овој израз на изворниот јазик во овој контекст е „секојпат“ или „секогаш“ (1. Коринќаните 11:25, 26, Радосна Вест).
b Современиот еврејски календар го одредува почетокот на месецот нисан според младата месечина од астрономска гледна точка, но овој метод не се користел во првиот век. Во тоа време, месецот почнувал кога младата месечина за првпат можела да се види од Ерусалим, што би можело да се падне еден или повеќе денови по младата месечина од астрономска гледна точка. Оваа разлика е една причина зошто датумот на кој Јеховините сведоци ја одбележуваат Спомен-свеченоста не се поклопува секогаш со датумот на кој денешните Евреи ја прославуваат Пасхата.
c Види и A New Translation of the Bible од Џејмс Мофат; The New Testament — A Translation in the Language of the People од Чарлс Вилијамс и The Original New Testament од Хју Шонфилд.