Младите прашуваат . . .
Зошто не можам да задржам пријатели?
„Мојата пријателка и јас имавме многу заеднички интереси и активности; се радувавме да го поминеме времето заедно. Но, одеднаш нашето пријателство почна да станува сѐ поладно и поладно. Тоа ме направи навистина да се чувствувам депримирано“ (Марија).
КОНЕЧНО си нашол пријател, некој кој те разбира и не те осудува. Тогаш, одненадеж, твоето пријателство почнува да си заминува. Се обидуваш да го спасиш, но безуспешно.
Лојалниот пријател е од непроценлива вредност (Изреки 18:25). А губењето таков пријател може да биде болно искуство. Библијата ни кажува дека кога Јов бил напуштен од неговите пријатели, тој се жалел: „Ме напуштија блиските мои, ме заборавија познатите мои“ (Јов 19:14). Можеби ти чувствуваш слична болка ако неодамна ти се расипало некое пријателство. Како што се изразил младиот Патрик, „имаш чувство како да умрел некој што го сакаш“. Но, што ако пропаднало, практично, секое пријателство што некогаш си го имал?
Кршливи пријателства
Книгата Adolescence од Иствуд Атвотер, забележува дека тинејџерските пријателства „се склони да дуваат и топло и ладно, со ненадејни, драматични промени и горки чувства кога ќе се разделат пријателите“. Што ги прави толку кршливи тинејџерските пријателства? Една причина е тоа што додека стануваш поголем, твоите чувства, гледишта, цели и интереси почнуваат да се менуваат. (Спореди 1. Коринтјаните 13:11.) Можеш да се најдеш себеси како напредуваш пред — или заостануваш зад — твоите врсници во некој поглед.
Затоа, кога пријателите растат, понекогаш тие се оддалечуваат — не затоа што се лути еден на друг, туку поради тоа што развиваат различни цели, интереси и вредности. Дури може да е најдобро да заврши таа врска. Додека стануваш поголем и почнуваш да ги сфаќаш посериозно духовните работи, може да увидиш дека некои од твоите поранешни пријатели не вршеле здраво влијание (1. Коринтјаните 15:33). Ти се грижиш за нив, но не се радуваш на нивното друштво како некогаш.
Работи кои ги трујат пријателствата
Но, што ако постојано ги губиш пријателите — врските кои би сакал да ги задржиш? Треба да се признае, тоа би можело да значи дека ти имаш некои лични недостатоци кои треба да ги совладаш. Љубомората, на пример, ги труе пријателствата. Замисли дека имаш пријател кој е побогат, понадарен, попривлечен или попопуларен од тебе. Дали се огорчуваш на додатното внимание кое го добива тој или таа? „Зависта е гнилеж за коските“ (Изреки 14:30). „Навистина завидував на популарноста на мојот пријател и на сите работи што тој ги имаше а јас ги немав“ — признава младиот Кенон — „а тоа влијаеше врз нашето пријателство.“
Посесивноста може да биде друга погубна особина. Што ако дознаеш дека некој пријател минува сѐ повеќе време со другите, а сѐ помалку време со тебе? Една млада девојка признала: „Бев љубоморна дури и ако другите зборуваа со некои од моите пријатели“. Дружењето на пријателот со другите можеби ќе го сфатиш како акт на неверство.
Перфекционизмот може, исто така, да значи смрт за едно пријателство. На пример, дознаваш дека пријателот зборувал за тебе зад грб, можеби дури и открил доверливи работи (Изреки 20:19). „Никогаш повторно не можам да му/ѝ верувам!“ извикуваш налутено.
Пријателството — добивање или давање?
Ако љубомората, посесивноста или перфекционизмот ги оптовариле твоите пријателства, запрашај се: ‚Што сакам од пријателството?‘ Дали си замислуваш дека пријателството вклучува да имаш нечија слепа послушност, еден вид слуга за да ги извршува твоите заповеди? Дали бараш пријатели заради престиж, популарност или добивка? Дали очекуваш исклучителна оддаденост од пријател, со малку простор за другите во таа врска? Тогаш, треба да го промениш своето гледиште за пријателството.
Од библиските учења дознаваме дека добрите врски со другите не произлегуваат од добивањето, туку од давањето! Во Матеј 7:12, самиот Исус Христос рекол: „Сѐ она што сакате да ви прават луѓето, правете им го и вие“. Сосема е природно да се очекуваат извесни работи од пријателите. Книгата Understanding Relationships (Врски полни со разбирање) признава: „Редовно очекуваме пријател да ни биде некој кој е чесен и отворен, кој покажува наклоност, кој ни ги кажува своите тајни и проблеми, кој ни дава помош кога ќе ни затреба, кој ни верува и кој исто така е . . . подготвен да ги реши несогласувањата“. Но, тоа не е крај. Книгата додава: „Ова се работи што луѓето очекуваат пријателот да ги направи за нив и што очекуваат и тие да ги направат за пријателот за возврат“. (Курзивот е од нас.)
Забележи го начинот на кој Исус постапувал со оние кои му биле блиски. На своите ученици им рекол: „Не ве наречувам веќе слуги, зашто слугата не знае што работи господарот; туку ве нареков пријатели“. Но, дали Исусовото пријателство со неговите ученици се темелело на она што тие можеле да го направат за него? Напротив. Тој рекол: „Никој нема поголема љубов од оваа: да ја положи душата своја за своите пријатели“ (Јован 15:13, 15). Да, вистинската основа за пријателството е самопожртвуваната љубов! Кога темел е љубовта, врската може да ги преживее расправиите и проблемите.
Кога ќе се појават проблеми
На пример, замисли дека твојот пријател е надарен со повеќе пари, разум или талент, отколку што си ти. Несебичната љубов ти помага да се радуваш со твојот пријател. На крајот на краиштата, „љубовта не завидува“, вели Библијата (1. Коринтјаните 13:4).
Или, претпостави си дека твојот пријател вели или прави нешто што ги повредува твоите чувства. Дали тоа значи дека твоето пријателство е осудено? Не задолжително. Апостол Павле бил многу разочаран кога неговиот пријател Марко го напуштил на едно мисионерско патување. Толку бил разочаран што одбил да му дозволи на Марко да го придружува на следното патување! Павле дури, во врска со таа работа, разменил некои остри зборови со братучедот на Марко, Варнава. Но, со години подоцна, Павле зборувал љубезно за Марко, дури и го повикал во Рим за да му служи. Очигледно ги решиле нивните несогласувања (Дела 15:37—39; 2. Тимотеј 4:11).
Зошто не се обидеш да го направиш истото кога ќе се појават проблеми во твоите пријателства? Не дозволувај работите да загнојат (Ефесјаните 4:26). Пред да избрзуваш со заклучоци или да донесуваш лути обвиненија, дознај ја приказната на пријателот во врска со тоа (Изреки 18:14; 25:8, 9). Можеби имало некое недоразбирање. Но, што ако твојот пријател навистина е виновен што покажувал слабо просудување? Запомни дека твојот пријател е само човек (Псалм 50:5; 1. Јованово 1:10). А сите ние сме виновни за тоа што кажуваме или правиме работи за кои подоцна жалиме. (Спореди Проповедник 7:21, 22.)
И покрај тоа, можеш отворено да се искажеш колку многу те повредиле постапките на твојот пријател. Тоа може да го наведе пријателот искрено да ти се извини. Со оглед на тоа што љубовта „не мисли зло [не води евиденција за навредата, НС], можеби ќе можеш да ја оставиш случката зад себе (1. Коринтјаните 13:5). Гледајќи назад на едно изгубено пријателство, младиот Кенон раскажува: „Кога би морал сето тоа повторно да го правам, не би очекувал совршенство од нашето пријателство. Повеќе би го сослушувал и би го поддржувал и не би ги преувеличувал неговите недостатоци. Сега разбирам дека она што прави некое пријателство да биде успешно е да се пробиваш низ тестовите и предизвиците“.
Но, што ако твојот пријател не поминува толку време со тебе како порано или колку што би сакал ти? Можно ли е да си станал претерано посесивен за времето и вниманието на твојот пријател? Тоа може да ја задуши врската. Луѓето кои имаат здрави врски си даваат еден со друг одредена мерка на слобода. (Спореди Изреки 25:17.) Тие им дозволуваат пространа можност за уживање со другите луѓе! Најпосле, Библијата ги охрабрува христијаните да ‚бидат широки‘ во нивните пријателства (2. Коринтјаните 6:13). Затоа, кога еден пријател го прави тоа, нема потреба да гледаш на него или на неа како на нелојални.
Всушност не е во ред, на кој било начин да се стане претерано зависен од некое лице (Псалм 145:3). Мудро е да негуваш пријателства со некои кои се надвор од групата на твоите врсници, како што се твоите родители, старешините и други грижливи, одговорни возрасни. Ана љубезно раскажува: „Најдобар пријател ми е мајка ми. Со неа би можела да зборувам за сѐ и сешто“.
Можеш да се радуваш на трајни пријателства!
Во 1. Петрово 3:8, Библијата вели: „А најпосле, бидете сите еднодушни, жалостиви, братољубиви, милосрдни, дружељубиви, понизни“. Да, покажувај љубезност, сочувство, морален интегритет и вистинска грижа за другите, и секогаш ќе ги привлекуваш пријателите! Се разбира, трајните пријателства бараат труд и одлучност. Но, наградите ги прават навистина вредни за труд.
Интересно е тоа што го кажува Библијата за Давид и Јонатан. Тие се радувале на едно извонредно пријателство (1. Царства 18:1). Биле во состојба да ги надминат безначајната љубомора и личните недостатоци. Ова било можно затоа што и Давид и Јонатан ги ставиле пријателството и лојалноста кон Јехова над сѐ друго. Направи го истото, и нема да имаш многу неволји за да задржиш пријатели кои се плашат од Бог!
[Слики на страница 16]
Пријателствата често се прекинуваат кога некој мисли дека е нелојално да се има други пријатели