Трајни пријателства во свет без љубов
„Ова ви го заповедам: сакајте се еден со друг!“ (ЈОВАН 15:17)
1. Зошто христијаните во првиот век требало да останат блиски пријатели?
ВО ТЕКОТ НА својата последна ноќ на Земјата, Исус ги поттикнал своите верни ученици да останат пријатели еден со друг. Кратко пред тоа истата вечер, тој рекол дека по љубовта што ја покажуваат еден кон друг ќе се познае дека се негови следбеници (Јован 13:35). Апостолите требало да останат блиски пријатели ако сакале да ги издржат неволјите што ги чекале и да го извршат делото што Исус наскоро ќе им го доверел. И навистина, христијаните во првиот век биле познати по својата непоколеблива оддаденост кон Бог и еден кон друг.
2. а) Што сме решени да правиме, и зошто? б) Кои прашања ќе ги разгледаме?
2 Денес е вистинско задоволство да се биде дел од една меѓународна организација чии членови го следат примерот на христијаните од првиот век! Ние сме решени да ја послушаме Исусовата заповед да покажуваме искрена љубов еден кон друг. Сепак, во овие последни денови, општо земено, луѓето се нелојални и бесчувствителни кон другите (2. Тим. 3:1-3). Пријателствата што ги имаат честопати се површни или, пак, се склопени од корист. За да можеме и понатаму да се препознаваме како вистински христијани, вакво нешто не смее да ни се случи и нам. Затоа, да ги разгледаме следниве прашања: На што се темелат цврстите пријателства? Како можеме да стекнеме добри пријатели? Кога можеби ќе треба да му ставиме крај на некое пријателство? И како можеме да ги зачуваме добрите пријатели?
На што се темелат цврстите пријателства?
3, 4. На што се темелат најцврстите пријателства, и зошто?
3 Најцврстите пријателства се темелат на љубовта кон Јехова. Цар Соломон напишал: „Ако некој го совлада едниот, ако се двајца, ќе можат да му се спротивстават. А трикратно јаже не се кине лесно“ (Проп. 4:12). Кога Јехова е третиот струк од симболичното јаже во едно пријателство, тоа пријателство ќе биде трајно.
4 Точно е дека и луѓето што не го сакаат Јехова можат да бидат добри пријатели. Но, кога две лица се привлечени еден кон друг затоа што и двајцата го сакаат Бог, нивното пријателство ќе биде нераскинливо. Ако дојде до недоразбирање, вистинските пријатели ќе постапуваат еден со друг на начин што му се допаѓа на Јехова. Ако некои противници на Бог се обидат да ги разделат, тие непријатели ќе сфатат дека пријателствата меѓу вистинските христијани се нераскинливи. Низ вековите, слугите на Јехова докажале дека се поспремни да умрат отколку да се предадат еден со друг. (Прочитај 1. Јованово 3:16.)
5. Зошто меѓу Рут и Ноемина постоело нераскинливо пријателство?
5 Нема сомнение, најдобрите пријатели што може да ги имаме се оние што го сакаат Јехова. Размисли, на пример, за Рут и Ноемина. Меѓу овие жени постоело едно од најубавите пријателства што се запишани во Библијата. Зошто нивното пријателство било толку цврсто? Рут ја открила причината кога ѝ го рекла следново на Ноемина: „Твојот народ ќе биде мој народ, и твојот Бог мој Бог... Јехова нека ми направи така, и уште нека ми додаде, ако ме оддели од тебе нешто друго освен смртта“ (Рут 1:16, 17). Очигледно, и Рут и Ноемина многу го сакале Бог и дозволиле таа љубов да влијае врз начинот на кој постапувале една со друга. Како резултат на тоа, и двете жени биле благословени од Јехова.
Како можеме да имаме добри пријатели
6-8. а) На што се резултат цврстите пријателства? б) Какви чекори можеш да преземеш за да стекнеш пријатели?
6 Примерот на Рут и Ноемина покажува дека цврстите пријателства не се случајни, туку се темелат на заемна љубов кон Јехова. Но, тие се резултат и на голем труд и самопожртвуваност од двете страни. Дури и телесните браќа и сестри во христијанските семејства мора да вложат напори за да бидат блиски меѓу себе. Тогаш, како можеш да имаш добри пријатели?
7 Прв преземи конкретни чекори. Апостол Павле ги охрабрил своите пријатели во собранието во Рим ‚да бидат гостољубиви‘ (Рим. 12:13). Значи, за да стекнеме пријатели, треба да ја користиме секоја можност за да покажеме гостољубивост. Никој друг не може да биде гостољубив наместо нас. (Прочитај Изреки 3:27.) Меѓу другото, можеш да покажеш гостољубивост така што ќе поканиш на гости различни браќа и сестри од собранието на едноставен ручек или вечера. Можеш ли да си направиш план за редовно да им укажуваш гостопримство на членовите на твоето собрание?
8 Друг чекор што можеш да го преземеш за да стекнеш пријатели е да закажуваш служба со различни објавители. Додека стоите на врата кај непознат човек и го слушаш твојот партнер како од срце ја изразува својата љубов кон Јехова, сигурно уште повеќе ќе се зближиш со него.
9, 10. Каков пример ни дал Павле, и како можеме да го следиме?
9 Широко отвори го срцето. (Прочитај 2. Коринќаните 6:12, 13.) Дали некогаш си помислил дека едноставно нема со кого да бидеш пријател во твоето собрание? Ако да, дали можеби самиот го ограничуваш кругот на луѓе со кои би можел да се спријателиш? Апостол Павле дал добар пример со тоа што широко го отворил срцето кон многу луѓе. Имало време кога не му паѓало на памет да биде близок пријател со не-Евреи. Сепак, станал „апостол испратен кај другите народи“ (Рим. 11:13).
10 Освен тоа, Павле не се дружел само со оние што му биле врсници. На пример, тој и Тимотеј биле блиски пријатели, и покрај тоа што биле на различна возраст и потекнувале од различни средини. Денес, на голем број млади многу им значат пријателствата со постарите членови на собранието. „Имам една навистина драга пријателка која е во своите 50-ти години“, вели Ванеса, која има дваесетина години. „Слободно можам да ѝ кажам сѐ што би можела да им кажам и на пријателките кои се на моја возраст. И таа многу ме сака.“ Како може да имаме вакви пријателства? Ванеса вели: „За оваа сестра да ми стане пријателка, морав да направам нешто, не можев да седам со скрстени раце“. Дали си спремен да се спријателиш и со оние што не се твои врсници? Јехова сигурно ќе го награди твојот труд.
11. Што учиме од примерот на Јонатан и Давид?
11 Биди лојален. „Вистинскиот пријател сака во секое време, и брат станува во неволја“, рекол Соломон (Изр. 17:17). Кога ги напишал овие зборови, Соломон можеби мислел на пријателството меѓу неговиот татко Давид и Јонатан (1. Сам. 18:1). Цар Саул сакал неговиот син Јонатан да го наследи престолот во Израел. Но, Јонатан го прифатил фактот дека Јехова го избрал Давид за таа положба. За разлика од Саул, Јонатан не му завидувал на Давид. Не му биле одбивни фалбите што народот му ги упатувал на Давид, и не наседнал на клеветите што Саул ги ширел за неговиот пријател (1. Сам. 20:24-34). Дали сме како Јонатан? Кога нашите пријатели добиваат додатни одговорности во собранието, дали се радуваме со нив? Кога имаат проблеми, дали ги тешиме и им помагаме? Ако слушнеме како некој го оговара нашиот пријател, дали веднаш веруваме во тоа или, пак, исто како Јонатан, лојално го браниме?
Кога на едно пријателство треба да му се стави крај
12-14. Со кој предизвик се соочуваат некои интересенти, и како можеме да им помогнеме?
12 Кога некој што ја проучува Библијата почнува да прави промени во својот живот, би можел да се соочи со вистински предизвик во поглед на своите пријатели. Можеби има пријатели во чие друштво ужива, но кои не живеат според библиските морални мерила. Во минатото, веројатно поминувале доста време заедно. Но, сега сфаќа дека работите што ги прават тие можат лошо да влијаат врз него, и чувствува потреба да ги ограничи контактите со нив (1. Кор. 15:33). Од друга страна, можеби си мисли дека ќе им биде неверен ако престане да се дружи со нив.
13 Ако си почнал да ја проучуваш Библијата и се соочуваш со ваква ситуација, сети се дека оној што ти е вистински пријател ќе се радува што се трудиш да живееш подобро. Тој можеби ќе сака и самиот да учи за Јехова. Од друга страна, лажните пријатели ќе „зборуваат срамно“ за тебе затоа што повеќе не трчаш со нив „во истата таа тиња на распуштеноста“ (1. Пет. 4:3, 4). Всушност, тие ти се неверни тебе, а не ти ним.
14 Кога поранешните пријатели кои не го сакаат Бог го оставаат оној што ја проучува Библијата, членовите на собранието можат да му ја пополнат таа празнина (Гал. 6:10). Дали лично ги познаваш интересентите што доаѓаат на состаноците? Дали понекогаш би можел да одвоиш малку време за да поразговараш со нив?
15, 16. а) Што треба да правиме ако некој пријател престане да му служи на Јехова? б) Како ќе докажеме дека го сакаме Бог?
15 Меѓутоа, што ако некој пријател од собранието реши да му сврти грб на Јехова, и можеби треба да биде исклучен? Вакво нешто може многу да те потресе. Во врска со тоа како влијаело врз неа тоа што една нејзина блиска пријателка престанала да му служи на Јехова, една сестра вели: „Чувствував како да изгубив дел од себе. Мислев дека мојата пријателка стои цврсто во вистината, но не беше така. Се прашував дали му служеше на Јехова само за да му угоди на своето семејство. Почнав да ги преиспитувам и своите мотиви. Дали му служев на Јехова од исправни побуди?“ Како оваа сестра се справила со ситуацијата? „Му ги доверив своите грижи на Јехова“, вели таа. „Решена сум да му докажам на Јехова дека не го сакам само затоа што можам да најдам пријатели во неговата организација.“
16 Не можеме да очекуваме да останеме Божји пријатели ако се здружиме со оние што решиле да бидат пријатели со светот. Ученикот Јаков напишал: „Зарем не знаете дека пријателството со светот е непријателство со Бог? Затоа, кој сака да биде пријател со светот, му станува непријател на Бог“ (Јак. 4:4). Можеме да докажеме дека го сакаме Бог така што ќе имаме доверба дека ќе ни помогне да се соочиме со загубата на некој пријател доколку му останеме верни Нему. (Прочитај Псалм 18:25.) Сестрата што беше цитирана погоре дошла до следниов заклучок: „Сфатив дека не можеме да натераме некого да го сака Јехова или да нѐ сака нас. На крајот, тоа си е негова лична одлука“. Но, што можеме да сториме за да ги задржиме добрите пријатели кои и понатаму се дел од собранието?
Да ги задржиме добрите пријатели
17. Како зборуваат меѓу себе добрите пријатели?
17 Добрата комуникација му дава живот на едно пријателство. Ако ги прочиташ библиските извештаи за Рут и Ноемина, за Давид и Јонатан, и за Павле и Тимотеј, ќе видиш дека добрите пријатели зборуваат меѓу себе слободно, но со почит. Во врска со начинот на кој треба да комуницираме со другите, Павле напишал: „Вашиот збор секогаш нека биде пријатен, зачинет со сол“. Овде Павле конкретно зборувал за начинот на кој треба да разговараме со луѓето „надвор од собранието“, односно со оние што не ни се христијански браќа (Кол. 4:5, 6). Ако треба да зборуваме со почит со оние што не ни се соверници, колку повеќе треба да го правиме тоа со нашите пријатели во собранието!
18, 19. Како треба да гледаме на кој и да било совет што ќе ни го даде некој наш пријател кој е христијанин, и каков пример ни дале старешините од Ефес?
18 Добрите пријатели го ценат мислењето на другиот, и затоа комуникацијата меѓу нив треба да биде љубезна и отворена. Мудриот цар Соломон напишал: „Маслото и темјанот го веселат срцето, а исто и пријателот кој е мил, зашто дава совет од душа“ (Изр. 27:9). Дали и ти гледаш така на кој и да било совет што ќе ти го даде некој пријател? (Прочитај Псалм 141:5.) Ако пријателот изрази загриженост поради нешто што правиш, како реагираш? Дали гледаш на неговите зборови како на израз на верна љубов или се навредуваш?
19 Апостол Павле бил близок пријател со старешините во собранието во Ефес. Веројатно некои од тие луѓе ги познавал уште откако станале христијани. Но, во текот на последната средба што ја имал со нив, тој им дал отворени совети. Како реагирале тие? Пријателите на Павле не се навредиле. Напротив, ја ценеле грижата што ја покажал за нив, па дури и заплакале кога им кажал дека нема повторно да го видат (Дела 20:17, 29, 30, 36-38).
20. Што ќе направи еден добар пријател?
20 Добрите пријатели ги прифаќаат мудрите совети, но исто така и самите му даваат совет на пријателот. Се разбира, треба да одредиме во која ситуација едноставно треба ‚да си ја гледаме својата работа‘ (1. Сол. 4:11). Освен тоа, не смееме да заборавиме дека секој од нас „ќе положи сметка за себе пред Бог“ (Рим. 14:12). Сепак, кога е неопходно, еден пријател што го сака својот другар ќе го потсети на Јеховините мерила (1. Кор. 7:39). На пример, што ќе сториш ако забележиш дека некој твој пријател кој не е во брак емотивно се врзува за некој што не е Сведок? Дали, од страв дека ќе ги нарушиш пријателските односи, нема да му кажеш дека тоа те загрижува? А што ќе сториш ако твојот пријател не го послуша твојот совет? Еден добар пријател ќе побара помош од љубезните старешини за да му помогне на пријателот кој направил погрешен чекор. За ова е потребна храброст. Но, да имаме на ум дека, ако се темели на љубовта кон Јехова, нашето пријателство во никој случај нема да претрпи трајна штета.
21. Што понекогаш прави секој од нас, но зошто е многу важно да останеме блиски со нашите пријатели во собранието?
21 Прочитај Колошаните 3:13, 14. Понекогаш, нашите пријатели со право ќе ‚имаат жалба против нас‘, а и самите ќе направат или ќе кажат нешто што ќе нѐ изнервира. „Сите ние честопати грешиме“, напишал Јаков (Јак. 3:2). Според тоа, добри пријатели не се оние што малку си грешат еден на друг, туку оние што се спремни целосно да си ги простат грешките. Навистина е многу важно да изградиме цврсти пријателства со тоа што отворено ќе комуницираме и спремно ќе си простуваме! Ако покажуваме таква љубов, таа навистина ‚совршено ќе нѐ поврзува‘.
Како би одговорил?
• Како можеме да стекнеме добри пријатели?
• Кога треба да му ставиме крај на едно пријателство?
• Што мора да правиме за да останеме блиски со нашите пријатели?
[Слика на страница 18]
На што се темелело цврстото пријателство помеѓу Рут и Ноемина?
[Слика на страница 19]
Дали редовно покажуваш гостољубивост?