Мотивиран од лојалноста на моето семејство кон Бог
РАСКАЖАЛ ХОРСТ ХЕНШЕЛ
„Бидете радосни кога ќе го добиете ова писмо, бидејќи јас истрајав до крајот. За два часа ќе бидам погубен.“ Тоа беа уводните зборови на последното писмо што го добив од татко ми. На 10 мај 1944, тој беше погубен бидејќи одби да служи во Хитлеровата војска. Неговата лојалност кон Бог, како и лојалноста на мајка ми и сестра ми Елфриде, длабоко влијаеа на мојот живот.
ВО 1932, отприлика во времето кога сум роден, татко ми почнал да ги чита публикациите на Јеховините сведоци. Меѓу другото, тој го видел лицемерството на свештенството. Како резултат на тоа, повеќе немал интерес за црквите.
Кратко по започнувањето на II светска војна во 1939, татко ми беше регрутиран во германската војска. „Според Библијата, не би требало да одам“, ѝ рече на мајка ми. „Ова убивање не е праведно.“
„Ќе те убијат ако не одиш“, одговори мајка ми. „Тогаш, што ќе се случи со твоето семејство?“ Така, татко ми стана војник.
Подоцна мајка ми, која дотогаш не ја проучуваше Библијата, се обиде да стапи во контакт со Јеховините сведоци, што беше многу опасен потфат во тоа време. Ја пронајде Дора, чиј сопруг беше во концентрационен логор поради својата вера. Дора ѝ даде примерок на Стражарска кула, но отворено ѝ рече на мајка ми: „Имајте на ум дека можат да ме убијат ако Гестапо (тајна полиција) открие дека сум Ви го дала ова“.
Подоцна мајка ми доби уште публикации од Јеховините сведоци, и таа почна да ги цени библиските вистини што ги содржеа. Со текот на времето, Макс Рупсам, од соседниот Дрезден, почна да нѐ посетува во нашиот дом во Мајсен. Тој ја проучуваше Библијата со нас на голем ризик по неговата сопствена безбедност. Всушност, недолго после тоа беше уапсен.
Како резултат на библиската студија на мајка ми, таа почна да верува во Јехова, и му го предаде својот живот симболизирајќи го тоа со крштавање во вода во мај 1943. Татко ми и јас се крстивме после неколку месеци. Мојата 20-годишна сестра, Елфриде, која работеше во Дрезден, исто така се крсти отприлика во истото време. Така, токму во средината на II светска војна, сите четворица му ги предадовме своите животи на Јехова. Во 1943, мајка ми ни роди сестричка, Ренате.
Прогонувани поради нашата вера
Пред да се крстам, се повлеков од движењето на Хитлеровата младина. Кога ќе одбиев да го направам Хитлеровиот поздрав, што секојдневно се бараше на училиште, учителите ќе ме удреа. Меѓутоа, ме радуваше сознанието дека, зајакнат од моите родители, останав верен.
Но, имаше и времиња кога, поради физичката казна или од страв ќе речев „Хајл Хитлер!“ Тогаш ќе си заминев дома со очите полни солзи и моите родители ќе се молеа со мене за да соберам храброст за следниот пат да им одолеам на нападите на непријателот. Повеќе пати од страв не се осмелував да го правам она што е исправно, но Јехова никогаш не ме напушти.
Еден ден дојде Гестапо и направи претрес во нашата куќа. „Дали сте Јеховин сведок?“ — ја запраша мајка ми еден агент на Гестапо. Сѐ уште ја гледам како се наслонува на прагот на вратата, цврсто велејќи „Да“, иако знаеше дека тоа значи дека ќе биде уапсена.
После две недели, мајка ми беше зафатена околу грижата за Ренате, која сѐ уште немаше ни една година кога дојде Гестапо да ја уапси. Мајка ми протестираше: „Јас само си го хранам детето!“ Меѓутоа, жената што дојде со полицаецот ѝ го зеде бебето од рацете и нареди: „Спремај се! Мора да заминеш“. Сигурно дека на мајка ми не ѝ беше лесно.
Бидејќи татко ми сѐ уште не беше уапсен, мојата сестричка и јас останавме под неговата грижа. Едно утро, околу две недели откако ја одведоа мајка ми, јас цврсто го прегрнав татко ми пред да заминам на училиште. Тој ден татко ми бил уапсен поради тоа што одбил да се врати да служи во војската. Затоа, кога попладнето си дојдов дома, него го немаше и никогаш повторно не го видов.
Баба ми и дедо ми, како и другите наши роднини — кои сите беа противници на Јеховините сведоци, а некои од нив беа и членови на нацистичката партија — добија старателство над мојата сестричка и мене. Тие не ми допуштаа да ја читам Библијата. Но, откако тајно набавив примерок од една сосетка, јас ја читав. Исто така, клекнував крај креветот на мојата малечка сестричка и се молев.
За тоа време, сестра ми Елфриде поднесе испити на верата. Таа одби да работи и понатаму во една фабрика во Дрезден во која се произведуваше муниција, но успеа да се вработи во грижата за парковите и градините на Мајсен. Кога одеше во канцеларијата за да си ја земе платата, таа одбиваше да го употреби поздравот „Хајл Хитлер!“ На крајот беше уапсена и ставена в затвор.
За жал, Елфриде се разболе од дифтерија и шарлах, и умре неколку недели откако беше ставена в затвор. Имаше само 21 година. Во едно од своите последни писма, таа го цитираше Лука 17:10: „Кога исполните сѐ, што ви е заповедано, речете: ‚Ние сме слуги негодни, оти го извршивме она, што бевме должни да го извршиме‘“. Нејзината лојалност кон Бог и понатаму ми беше помош која ме зајакнуваше (Колосјаните 4:11).
Испитот на татко ми
Додека татко ми беше в затвор, дедо ми — таткото на мајка ми — го посети за да се обиде да го натера да се премисли. Со рацете и нозете во окови, татко ми беше доведен пред него. Татко ми цврсто го одби предлогот да ја прифати воената служба заради своите деца. Еден од затворските чувари му рече на дедо ми: „Да имаше и десет деца, овој човек немаше да постапи поинаку“.
Дедо ми се врати дома страшно налутен. „Тој криминалец!“ се дереше. „Тој никаквец! Како може да ги напушти сопствените деца?“ Иако дедо ми беше вознемирен, јас бев среќен кога дознав дека татко ми останува цврст.
На крајот, татко ми беше осуден на смрт и му беше отсечена главата. После некое време, го добив последното писмо од него. Бидејќи не знаел во кој затвор е мајка ми, ми напишал мене. Се качив во мојата соба на таванот и ги прочитав уводните зборови наведени на почетокот на оваа статија. Бев тажен и плачев, но бев радосен од сознанието дека му останал верен на Јехова.
Жалоста на мајка ми
Мајка ми беше испратена во затвор во јужна Германија за да го чека своето судење. Еден ден, чуварот дошол до нејзината ќелија, љубезно велејќи ѝ да остане да седи. Но мајка ми се исправила и рекла: „Знам дека мојот сопруг е убиен“. Подоцна ѝ ја испратиле неговата крвава облека — немо сведоштво за мачењето што го претрпел пред својата смрт.
Во една друга прилика, ја викнале мајка ми во затворската канцеларија и отсечно ѝ рекле: „Ќерка Ви умре во затвор. Како сакате да ја закопаат?“ Известувањето било толку ненадејно и неочекувано што на почетокот мајка ми не знаела што да рече. Но, нејзината јака вера во Јехова ја поддржала.
Моите роднини, општо земено, добро се грижеа за сестра ми и за мене. Со нас постапуваа многу љубезно. Всушност, еден од нив им се обрати на моите наставници и ги замоли да бидат стрпливи со мене. Затоа и наставниците станаа многу љубезни и не ме казнуваа кога немаше да ги поздравам со „Хајл Хитлер!“ Но, целата таа љубезност беше покажана со намера да ме одвратат од моите библиски убедувања. И, за жал, тоа имаше некаков успех.
Само неколку месеци пред завршувањето на војната во мај 1945, доброволно присуствував на некои служби на организацијата на Нацистичката младина. Ѝ напишав на мајка ми за ова, и од моите писма таа доби впечаток дека сум се одрекол од мојата цел да му служам на Јехова. Подоцна таа рече дека тие писма ја погодиле повеќе отколку кога слушнала за смртта на татко ми и на Елфриде.
Кратко потоа, војната заврши и мајка ми се врати од затвор. Со нејзина помош, повторно ја стекнав мојата духовна рамнотежа.
Почеток на полновремена служба
Кон крајот на 1949, четири години по завршувањето на II светска војна, еден патувачки надгледник дискутираше за библискиот текст во Малахија 3:10: „Донесете ги сите десетоци пред вратите, па да има храна во Мојот дом, и барем во тоа испитајте Ме, вели Господ Саваот“. Бев поттикнат да пополнам молба за полновремено проповедничко дело. Така, на 1 јануари 1950 станав пионер, како што се наречени полновремените министри. Подоцна се преселив во Спремберг, каде што имаше поголема потреба од пионери.
Во август истата година, добив покана да служам во канцеларијата на подружницата на Јеховините сведоци во Магдебург, во Источна Германија. Меѓутоа, само два дена после моето пристигнување, на 31 август, на нашиот посед упаднаа полицајци, тврдејќи дека таму се кријат криминалци. Повеќето Сведоци беа уапсени и одведени в затвор, но јас успеав да избегам и да отпатувам во Западен Берлин, каде што Watch Tower Society имаше канцеларија. Таму раскажав што се случи во Магдебург. Ми рекоа дека во исто време многу Сведоци се апсени низ Источна Германија. Всушност, дознав дека полицијата ме бара и мене во Спремберг!
Апсење и затворање
Добив задача за пионерско дело во Источен Берлин. После неколку месеци, додека служев како курир за да пренесувам библиска литература од Западен Берлин во Источна Германија, бев уапсен и одведен во градот Котбус, каде што бев сослушуван и осуден на 12 години затвор.
Меѓу другото, бев обвинет за подбуцнување војна. На сослушувањето, во мојата завршна изјава реков: „Како можам јас, Јеховин сведок, да бидам осуден како подбуцнувач на војни кога татко ми одби да учествува во војната бидејќи беше Јеховин сведок и поради тоа му ја отсекоа главата?“ Но, се разбира, тие луѓе не беа заинтересирани за вистината.
На 19-годишна возраст не ми беше лесна помислата дека ќе бидам ставен в затвор 12 години. Сепак, знаев дека и многу други добија слични казни. Понекогаш, властите ги одвојуваа Сведоците еден од друг, но тогаш ние дискутиравме за библиските вистини со другите затвореници, па така некои станаа Сведоци.
Во други прилики, ние Сведоците бевме ставани во истиот блок ќелии. Тогаш се сосредоточувавме на тоа подобро да ги научиме нашите Библии. Учевме на памет по цели поглавја од Библијата и се обидувавме да запамтиме дури и цели библиски книги. Си поставивме извесни цели за тоа што да правиме и што да учиме секој ден. Понекогаш бевме толку зафатени што си велевме еден на друг: „Немаме време“, иако цел ден го минувавме во нашите ќелии без никаква работна задача!
Сослушувањата од тајната полиција знаеја да бидат исцрпувачки. Можеа да траат ден и ноќ, придружени со секакви закани. Во една прилика толку се уморив и се обесхрабрив што ми беше тешко дури и да се молам. После два-три дена, без некоја особена причина, од ѕидот на мојата ќелија го тргнав картонот на кој беа запишани затворските правила. Кога го свртев, видов ракопис. Држејќи го високо на онаа мала светлина што ја имаше, ги здогледав зборовите: „Не се плаши од оние кои го убиваат телото“ и „Сите кои се верни ќе ги чувам како зеницата на моето око“. Сега тие се дел од песната број 27 во песнарката на Јеховините сведоци!
Очигледно, некој друг брат во слична ситуација бил во оваа ќелија и Јехова Бог го зајакнал. Веднаш ми се поврати духовната сила и му се заблагодарив на Јехова за ова охрабрување. Не сакам никогаш да ја заборавам оваа лекција бидејќи ме научи дека, иако не можам да успеам со сопствени сили, со помошта од Јехова Бог ништо не е невозможно.
Оттогаш мајка ми се пресели во Западна Германија, па затоа во тоа време немаше никаков контакт со мене. Меѓутоа, тука беше Хана, со која израснавме во исто собрание и која беше многу блиска со нашето семејство. Таа ме посетуваше во текот на сите тие години додека бев в затвор, ми пишуваше охрабрувачки писма и ми испраќаше скапоцени пратки со храна. Се оженив со неа кога бев ослободен од затвор во 1957, откако отслужив 6 години од мојата 12-годишна казна.
Како моја драга сопруга, Хана верно служи покрај мене на нашите различни доделби и секогаш ми е огромна поддршка. Она што таа го прави за мене во текот на нашата заедничка полновремена служба е нешто за што само Јехова Бог може да ѝ отплати.
Служба после затворот
Хана и јас ја започнавме нашата заедничка полновремена служба во канцеларијата со која тогаш управуваше Watch Tower Society во Западен Берлин. Таму добив задача во градежната работа како дрводелец. Подоцна почнавме да пионериме заедно во Западен Берлин.
Вили Пол, кој тогаш го надгледуваше нашето дело во Западен Берлин, ме охрабри да продолжам да учам англиски. „Немам време“, одговорив. Сепак, колку само сум среќен што послушно продолжив да го учам англискиот! Како резултат на тоа, во 1962 бев повикан на десетмесечниот курс на 37-миот клас на школата Гилеад, во Бруклин (Њујорк). Откако се вратив во Германија на 2 декември 1962, Хана и јас поминавме 16 години во патувачкото дело, посетувајќи собранија низ цела Германија. Потоа, во 1978 бевме повикани да служиме во канцеларијата на подружницата во Визбаден. Кога работењето на подружницата беше преселено во големите нови објекти во Селтерс во средината на 1980-тите, неколку години служевме во тие прекрасни објекти.
Ценета предност на службата
Во 1989 се случи нешто сосема неочекувано — падна берлинскиот ѕид и Сведоците во земјите од Источна Европа почнаа да се радуваат на слобода на обожавање. Во 1992, Хана и јас бевме повикани во Лавов, во Украина, за да им дадеме поддршка на објавителите на Царството во тоа подрачје чиј број рапидно растеше.
Следната година бевме замолени да одиме во Русија за да помогнеме во организирањето на делото на Царството таму. Во Солнежноје, село на околу 40 километри надвор од Ст. Петерсбург, тогаш беше отворена канцеларија за да се грижи за проповедничкото дело во Русија и во повеќето од другите републики на бившиот Советски Сојуз. Кога пристигнавме, веќе беше почната изградбата на зградите за живеење, како и на еден голем комплекс од канцеларии и складиште.
Нашата радост беше безгранична на свеченото отворање на нашите нови објекти на подружницата на 21 јуни 1997. Вкупно 1.492 лица од 42 земји беа собрани во Солнежноје за специјалната програма. Следниот ден, едно мноштво од преку 8.400 лица се собра на стадионот Петровски во Ст. Петерсбург за да ја гледаат програмата за свечено отворање, како и охрабрувачките извештаи од посетителите од другите земји.
Какви само чудесни порасти доживеавме во 15-те републики на поранешниот Советски Сојуз! Во 1946, околу 4.800 објавители на Царството проповедаа на ова подрачје. Речиси 40 години подоцна, во 1985, бројот се зголеми на 26.905. Денес има повеќе од 125.000 објавители на Царството во десетте републики на поранешниот Советски Сојуз за кои се грижи нашата канцеларија на подружницата овде во Солнежноје, како и преку 100.000 кои проповедаат во петте други поранешни советски републики! Колку само бевме восхитени кога дознавме дека во 15-те поранешни советски републики присуствуваа повеќе од 600.000 на Меморијалот на Христовата смрт минатиот март!
Се восхитувам кога ќе видам колку величествено Јехова Бог го води собирањето и организирањето на неговиот народ во овие ‚последни денови‘ (2. Тимотеј 3:1). Како што вели библискиот псалмист, Јехова им дава увид на своите слуги, ги поучува на патот по кој треба да одат и им дава совет со очите вперени во нив (Псалм 32:8, NW). Сметам дека е предност што ѝ припаѓаме на Јеховината меѓународна организација од луѓе!
[Слика на страница 17]
Со моите две сестри, во 1943
[Слика на страница 18]
На татко ми му беше отсечена главата
[Слика на страница 18]
Мајка ми ми помогна повторно да стекнам духовна рамнотежа
[Слика на страница 19]
Со мојата сопруга Хана
[Слика на страница 20]
За време на говорот при свеченото отворање во Салата на Царството во руската подружница
[Слики на страница 21]
Дворот и прозорците на трпезаријата во нашата нова подружница во Русија