Младите прашуваат . . .
Како можам да бидам подруштвен?
„Никогаш не сум бил многу зборлив. Мислев дека ако кажам нешто, ќе ме избегнуваат. Мајка ми е многу срамежлива и мислам дека затоа и јас станав таков“ (Арти).
ДАЛИ некогаш посакуваш да не си толку срамежлив — и да си малку попријателски настроен и подруштвен? Како што истакна претходната статија од оваа серија, срамежливоста е вообичаена особина.a Затоа, не е ништо страшно ако си склон да бидеш тивок, сериозен или резервиран. Но, претераната срамежливост може да претставува вистински проблем. Во најмала рака, таа може да ти пречи во склопувањето пријателства. Исто така, заради неа може да ти биде тешко да се чувствуваш удобно или, пак, добро да се снаоѓаш кога си во друштво.
Дури и возрасните честопати се борат со срамежливоста. Бариb е старешина во едно христијанско собрание. Но, кога се наоѓа во група, обично молчи. Тој признава: „Мислам дека не знам да кажам нешто што има смисла“. Неговата сопруга, Дајен, има сличен проблем. Кое е нејзиното решение? Таа вели: „Сакам да бидам во присуство на луѓе кои се друштвени затоа што чувствувам дека тие можат да го водат разговорот“. Како можеш да станеш подруштвен и ти лично?
Немој да се потценуваш
Како прво, можеби ќе треба да го преиспиташ твоето гледиште за себеси. Дали постојано се потценуваш, велејќи си дека другите нема да те сакаат или дека не знаеш да кажеш ништо паметно? Негативните чувства кон себеси можат само да те спречат да бидеш друштвен. Сепак, Исус рекол: „Сакај ги ближните свои како себеси“ — а не наместо себеси! (Матеј 19:19). Затоа, добро и исправно е да се сакаш себеси во разумна мера. Тоа може да ти ја даде довербата што ти е потребна за да им пристапиш на другите.
Ако те измачуваат чувства на ниска самопочит, ќе ти биде од помош да го прочиташ 12-то поглавје од книгата Младите прашуваат — делотворни одговори со наслов „Зошто не се бендисувам самиот себе?“c Тие информации можат да ти помогнат да сфатиш дека и ти имаш многу да понудиш како личност. Па, самиот факт што си христијанин покажува дека Бог гледа нешто вредно во тебе! Исус рекол: „Никој не може да дојде при Мене, ако не го привлече Отецот, Кој Ме прати“ (Јован 6:44).
Покажи интерес за другите
Изреки 18:1, (NW) опоменува: „Оној кој се изолира себеси, ќе ги бара своите сопствени себични желби“. Да, ако живееш повлечено, веројатно ќе посветиш премногу внимание на себеси. Филипјаните 2:4 нѐ охрабрува ‚да не се грижиме само за себе, туку и за другите‘. Кога ќе го сосредоточиш вниманието на интересите и потребите на другите, тогаш нема да бидеш толку концентриран на себеси. И колку повеќе се интересираш за другите, толку поверојатно ќе бидеш поттикнат да преземеш иницијатива да ги запознаеш.
Земи ја за пример Лидија, една жена која станала симбол на пријателство и гостољубивост. Библијата ни кажува дека, откако ги чула зборовите на апостол Павле и се крстила, таа го молела Павле и неговите другари: „Ако сте ме признале за верна на Господа, тогаш влезете и живејте во мојата куќа“ (Дела 16:11—15). Иако била нов верник, Лидија презела иницијатива да ги запознае овие браќа — и несомнено добила многу благослови како резултат на тоа. Каде отишле Павле и Сила откако биле ослободени од затвор? Интересно е тоа што се вратиле во домот на Лидија (Дела 16:35—40).
Исто така, ќе откриеш дека повеќето луѓе ќе реагираат на интересот што го покажуваш за нив. Како можеш да почнеш да го правиш тоа? Еве неколку корисни предлози.
● Почни од малку. Да бидеш друштвен не значи да се претвориш во нападен екстроверт или некој што е преокупиран со одење по забави. Работи на тоа да разговараш со луѓето, еден по еден. Можеш да си поставиш за цел да започнеш разговор барем со едно лице на секој христијански состанок. Обиди се да се насмевнуваш. Вежбај да одржуваш визуелен контакт.
● Скрши го ледот. ‚Како?‘, можеби ќе прашаш. Па, ако си вистински заинтересиран за другите, обично не е тешко да најдеш за што да разговарате. Еден младинец од Шпанија по име Хорхе вели: „Сум забележал дека дури и само ако ги прашаш другите како се или, пак, нешто за нивната работа, тоа ти помага подобро да ги запознаеш“. Младиот Фред предлага: „Ако не знаеш што да речеш, едноставно почни да им поставуваш прашања на луѓето“. Се разбира, ти не би сакал луѓето да имаат чувство дека ги испрашуваш. Ако некој не одговара спремно на прашањата, обиди се да му кажеш нешто за себе.
Мери, која е мајка на тинејџер, вели: „Сфатив дека најдобар начин да направиш луѓето да се чувствуваат удобно е да ги наведеш да зборуваат за себе“. Младата Кејт додава: „Корисно е кога ќе им дадете комплимент на луѓето за нивната облека или за нешто друго. Правите да се чувствуваат прифатени“. Се разбира, биди искрен и избегнувај празно ласкање (1. Солунјаните 2:5). Обично луѓето реагираат на искрените зборови кои се љубезни и пријатни (Изреки 16:24).
● Биди добар слушател. ‚Биди брз во слушањето, а спор во зборувањето‘, вели Библијата (Јаков 1:19). Сепак, разговорот е размена — а не соло изведба. Затоа, ако се срамиш да зборуваш, тоа би можело да биде во твоја корист! Луѓето ги ценат добрите слушатели.
● Придружи се. Откако си ја совладал уметноста на разговарање само со едно лице, премини на разговор во група. Повторно, христијанските состаноци се идеално место за да се стекне оваа вештина. Понекогаш, најлесно е да стапиш во разговор ако се вклучиш во некој разговор кој веќе е во тек. Се разбира, овде се неопходни проникливост и добри манири. Не упаѓај кога е очигледно дека се води приватна дискусија. Но, кога е јасно дека една група води површен разговор, обиди се да се придружиш. Биди тактичен; не прекинувај и не се обидувај да ја преземеш контролата. Слушај некое време. Кога ќе се опуштиш, ќе можеш да дадеш неколку коментари.
● Не очекувај совршенство од себеси. Понекогаш младите премногу се плашат да не речат нешто погрешно. Една девојка од Италија по име Елиза се сеќава: „Секогаш се плашев дека, ако речам нешто, ќе испадне погрешно“. Меѓутоа, Библијата нѐ потсетува дека сите сме несовршени и затоа едноставно не е можно да зборуваме совршено (Римјаните 3:23; спореди Јаков 3:2). Елиза вели: „Сфатив дека се работи за мои пријатели. Тие ќе имаат разбирање ако речам нешто погрешно“.
● Задржи ја смислата за хумор. Точно е дека е незгодно кога ќе направиш лапсус. Но, како што забележува Фред, „ако се опуштиш и се насмееш на своја сметка, тоа брзо ќе помине. Ако се збуниш, се исфрустрираш или се загрижиш, ти од игла правиш слон“.
● Биди стрплив. Сфати дека нема сите веднаш да реагираат. Непријатниот молк во разговорот не мора да значи дека тоа лице не те сака или дека треба да престанеш да се обидуваш да разговараш. Понекогаш луѓето се само преокупирани — или срамежливи како тебе. Во таквите ситуации ќе биде корисно да му оставиш на лицето малку време за да се опушти пред тебе.
● Обиди се да разговараш со возрасни. Понекогаш возрасните, особено зрелите христијани, се многу сочувствителни кон младите кои се борат со срамежливоста. Затоа, не плаши се да започнеш разговор со некој постар. Кејт вели: „Можам да се опуштам пред возрасните затоа што знам дека тие нема да ме осудуваат, да ми се потсмеваат или да ме задеваат како што би можеле моите врсници“.
Мотивирани од љубов
Иако овие предлози можат да бидат корисни, не постои лесна формула за да се победи срамежливоста. Всушност, не станува збор за примена на некоја паметна техника или процедура. Се работи за тоа да се ‚возљуби ближниот како самиот себе‘ (Јаков 2:8). Да, научи да се интересираш за другите луѓе — особено за твоите христијански браќа и сестри (Галатјаните 6:10). Ако имаш искрена љубов во срцето, ќе го победиш стравот и несигурноста и ќе се отвориш кон другите луѓе. Како што рекол Исус, „устата зборува од изобилието на срцето“ (Матеј 12:34, NW ).
Бари, спомнат на почетокот, забележува: „Колку повеќе ги запознавам другите луѓе, толку полесно ми е да разговарам со нив“. Со други зборови, колку повеќе вежбаш да бидеш друштвен, толку полесно ќе ти биде. И додека склопуваш нови пријателства и се чувствуваш поприфатен од другите, несомнено ќе почувствуваш дека сиот вложен труд се исплател!
[Фусноти]
a Види ја статијата „Младите прашуваат . . . Зошто не можам да бидам подруштвен?“ во нашето издание од 8 февруари 2000.
b Некои имиња се променети.
c Издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
[Слика на страница 15]
Преземи иницијатива и вклучи се во разговорите!