Гледиште на Библијата
Дали Бог ќе премине преку нашите слабости?
‚Не сум злобен! Многу се трудев да ги оставам моите лоши патишта, но едноставно сум премногу слаб!‘
ДАЛИ ова гледиште е одраз на она што го чувствувате Вие или некој друг? Мнозина заклучуваат дека е речиси невозможно да се победат некои вкоренети морални слабости. Некои луѓе се зависници од алкохол, тутун или дрога. Алчноста господари со животот на многу други. А има и такви што му се препуштаат на сексуалниот неморал, тврдејќи дека се безнадежно зависни од секс.
Како што е покажано во Матеј 26:41, Исус љубезно го изразил своето разбирање за човечките слабости.a Всушност, целиот библиски извештај јасно докажува дека и Јехова Бог и Исус се навистина милостиви кон луѓето (Псалм 103:8, 9). Но, можеме ли да очекуваме Бог да ги игнорира сите наши недостатоци?
Мојсеј и Давид
Да го разгледаме извештајот за Мојсеј. Тој бил познат како „најскромен човек на земјата“ и настојувал да ја зачува таа добра особина (Броеви 12:3). Додека Израелците патувале низ пустелијата, тие честопати постапувале неразумно и покажувале непочитување кон Бог и кон неговите претставници. Низ сето тоа, Мојсеј понизно барал божествено водство (Броеви 16:12—14, 28—30).
Меѓутоа, при крајот на тоа долго, заморно патување, тој избувнал пред целата нација и не ги послушал Божјите упатства. Бог му простил, но дали преминал преку она што се случило? Не. Тој му рекол на Мојсеј: „Бидејќи немавте вера во Мене . . . вие нема да го воведете народов во земјата, што му ја давам“. Мојсеј немало да влезе во Ветената земја. Откако 40 години вложувал напор да ја добие таа величествена предност, еден сериозен човечки пропуст бил причина да ја изгуби (Броеви 20:7—12).
Цар Давид бил уште еден побожен човек што имал слабост. Во една прилика ѝ попуштил на страста и имал сексуални односи со жената на друг човек. Потоа се обидел да ја прикрие работата со тоа што дал да се убие нејзиниот сопруг (2. Самоил 11:2—27). Подоцна длабоко се покајал за своите злодела и Бог му простил. Но, Давид уништил едно семејство и Јехова не го заштитил од разорните неволји што уследиле. Машкото бебе на Давид многу се разболело и Јехова не интервенирал, и покрај Давидовите молитви за своето дете. Бебето умрело и оттогаш следела низа трагедии во Давидовото домаќинство (2. Самоил 12:13—18; 18:33). Давид платил многу висока цена за тоа што ѝ попуштил на моралната слабост.
Овие примери покажуваат дека Бог ги смета луѓето одговорни за нивното однесување. Оние што сакаат да му служат, мораат да ги зајакнат слабите места во нивната духовност и да станат подобри христијани. Во првиот век мнозина го сториле тоа.
Борба да се отфрли гревот
Апостол Павле со право го сметаме за пример на христијанско живеење. Но, дали сте знаеле дека тој постојано се борел против своите слабости? Во Римјаните 7:18—25 живописно е опишан овој конфликт или, според 23. стих, ова ‚војување‘. Павле се борел без престан бидејќи знаел дека гревот е непопустлив (1. Коринќаните 9:26, 27).
Некои членови на христијанското собрание во древниот Коринт претходно биле закоравени престапници. Библијата вели дека тие биле ‚блудници, прељубници, мажи кои лежеле со мажи, крадци, алчни, пијаници‘. Но, таа исто така вели дека тие биле ‚испрани‘ (1. Коринќаните 6:9—11). Како? Точното спознание, дружењето со христијаните и Божјиот дух ги зајакнале да престанат со своите злобни практики. На крајот Бог ги прогласил за праведни во Христово име. Да, Бог им простил и со тоа им дал чиста совест (Дела 2:38; 3:19).
Павле и христијаните во Коринт не ги потценувале своите грешни склоности. Наместо тоа, се бореле со нив и со Божја помош победиле. Тие обожаватели од првиот век станале морално убави, и покрај нивната околина и нивните несовршени склоности. Како стојат работите со нас?
Бог очекува да се бориме со нашите слабости
Борбата со некоја слабост можеби нема да води до нејзино потполно отстранување. Иако не треба да ѝ се предадеме на нашата несовршеност, ние не можеме да ја уништиме. Таа раѓа слабости што можат да бидат многу упорни. Сепак, не треба да им се препуштаме на нашите слабости (Псалм 119:11). Зошто тоа е толку важно?
Затоа што Бог не дозволува несовршеноста да биде постојан изговор за лошото однесување (Јуда 4). Јехова сака луѓето да се очистат, да водат уреден живот во морален поглед. Библијата вели: „Гадете се од злото“ (Римјаните 12:9). Зошто Бог зазема таков цврст став?
Една причина е тоа што е штетно да ѝ се попушти на слабоста. „Што човек сее, тоа и ќе пожнее“, вели Библијата во Галатите 6:7. Оние што се предаваат на зависности, алчност и промискуитет честопати жнеат страшна жетва во својот живот. Но, има уште една поважна причина.
Гревот го навредува Бог. Тој предизвикува „разделба“ помеѓу нас и Јехова (Исаија 59:2). Бидејќи оние што практикуваат грев не можат да ја стекнат неговата наклоност, тој ги опоменува таквите: „Измијте се, очистете се . . . престанете да правите зло“ (Исаија 1:16).
Нашиот Творец е полн со љубов и милостив. Тој „не сака никој да биде уништен, туку сака сите да дојдат до покајание“ (2. Петрово 3:9). Постојаното попуштање на слабоста нѐ спречува да стекнеме Божја наклоност. Бидејќи Бог не ги игнорира нашите слабости, тоа не треба да го правиме ниту ние.
[Фуснота]
a Исус рекол: „Духот . . . е горлив, но телото е слабо“.