Гледиште на Библијата
Избегнувај говор што повредува
„Од истата уста излегува благослов и проклетство. Не чини, браќа мои, тоа и понатаму да се случува така“ (ЈАКОВ 3:10).
СПОСОБНОСТА да зборуваме е една посебна одлика што нѐ разликува од животните. За жал, некои луѓе го злоупотребуваат овој дар. Навредите, пцовките, безобразните зборови, богохулењето, вулгарните и срамотните зборови можат да болат — понекогаш дури и повеќе од физичките повреди. „Невнимателниот зборува како да прободува со меч“, вели Библијата (Пословици 12:18).
На сѐ повеќе луѓе пцуењето им станува навика. Училиштата известуваат дека децата сѐ почесто користат непристоен говор. Но, некои луѓе тврдат дека навредливиот говор може да биде корисен кога некој го употребува за да им даде оддишка на своите чувства. Еден студент по политички науки напишал: „Непристојниот говор треба да биде силен чин, кога секојдневниот речник едноставно не го пренесува богатството на нашите чувства“. Дали христијаните треба да имаат таков немарен став кон навредливиот говор? Како гледа Бог на тоа?
Гади се од срамотни шеги
Срамотниот говор не е нешто ново. Дали ќе се изненадите кога ќе дознаете дека луѓето користеле срамотни зборови уште во времето на апостолите, пред речиси 2.000 години? На пример, изгледа дека некои во собранието во Колоси користеле срамотни зборови кога ќе се разгневеле. Можеби тоа го правеле за намерно да ги нападнат или повредат другите, можеби и со цел да им вратат мило за драго. И денес многу луѓе користат срамотни зборови во излив на гнев. Затоа, писмото што им го напишал Павле на колошаните важи и за нашево време. Павле напишал: „Отфрлете ги сите нив од себе: гнев, лутина, злоба, погрден говор и срамотно зборување од својата уста“ (Колошаните 3:8). Јасно, христијаните се опоменати да избегнуваат изливи на гнев и срамотни зборови што толку често одат рака под рака со гневот.
Точно, многу луѓе користат срамотни зборови без да имаат намера да нападнат или да повредат некого. Веројатно срамотните зборови најчесто се користат лекомислено. На тој начин грдите изрази длабоко се вкоренуваат во секојдневниот говор. На некои им е тешко дури и да комуницираат без да опцујат. Честопати, срамотните зборови се користат дури и за да се насмеат другите. Но, дали таквите срамотни шеги треба да се сметаат за полесен, поприфатлив престап? Размислете за следново.
Срамотните шеги претставуваат шокантнен говор што има намера да ги разоноди другите. Денес, главна тема на срамотните шеги е сексот. Многу луѓе што себеси се сметаат за пристојни мислат дека таквиот говор е забавен (Римјаните 1:28—32). Затоа, не изненадува тоа што и природното и неприродното сексуално однесување е главна тема на многу професионални комичари. Срамотните шеги се појавуваат во многу филмови, како и на телевизија и на радио.
Библијата има што да каже во врска со срамотните шеги. Апостол Павле им напишал на христијаните во Ефес: „Блуд и секаков вид нечистота или алчност да не се ни спомнуваат меѓу вас, како што им прилега на свети луѓе; ниту срамотно однесување, ниту глупави зборови, ниту срамотни шеги, кои не прилегаат, туку наместо тоа, благодарења“ (Ефешаните 5:3, 4). Јасно, срамотните зборови, без оглед дали се користат да повредат некого или не, му се одвратни на Бог. Тие се лоши. Таквиот говор повредува.
Груби зборови што не му се допаѓаат на Бог
Секако дека навредливиот говор вклучува нешто многу повеќе од срамотни зборови. Навредите, сарказмот, подбивањето и острите критики можат длабоко да повредат. Мора да признаеме, сите ние грешиме со јазикот, особено во средина во која сарказмот и оцрнувањето изобилуваат (Јаков 3:2). Сепак, вистинските христијани никогаш не треба да прифатат немарен став кон навредливиот говор. Библијата јасно покажува дека Јехова Бог не го одобрува говорот што повредува.
На пример, во библиската книга Втора цареви дознаваме за една група машки деца што со зборови го малтретирале пророкот Елисеј. Извештајот вели дека тие почнале ‚да му се потсмеваат‘ „говорејќи: ‚Дојди, бескосник! Дојди, бескосник!‘ “ Јехова, кој можел да ги прочита срцата на тие деца и да ја види нивната злобна намера, го сметал нивното вербално малтретирање за многу сериозно. Извештајот вели дека Бог ја предизвикал смртта на 42 деца поради нивниот навредлив говор (2. Цареви 2:23, 24).
Луѓето во Израел „им се потсмеваа на Божјите гласници, презирајќи ги Неговите зборови и подигрувајќи се со Неговите пророци, додека не се подигна Господовата јарост против Неговиот народ, та веќе немаше лек“ (2. Летописи 36:16). Иако Божјиот гнев главно бил предизвикан од идолопоклонството и непослушноста на неговиот народ, вредно е да се забележи дека Библијата посебно го спомнува вербалното малтретирање насочено против Божјите пророци. Ова јасно покажува дека Бог воопшто не го одобрува таквото однесување.
Во склад со тоа, Библијата ги опоменува христијаните: „Немој остро да критикуваш постар човек“ (1. Тимотеј 5:1). Ова начело би можело да се примени и на нашите постапки со сите. Библијата нѐ охрабрува ‚да не зборуваме лошо за никого, да не бидеме воинствени, да бидеме разумни, покажувајќи секаква благост спрема сите луѓе‘ (Тит 3:2).
Да го воздржуваме својот јазик
Понекогаш може да биде тешко да одолееме на силната желба вербално да нападнеме некого. Кога ќе му се згреши на некого, тој би можел да мисли дека е оправдано да го казни престапникот со груби, остри зборови — кажани или в лице или зад грб. Сепак, христијаните се спротивставуваат на таквата желба. Во Пословици 10:19 стои: „Изобилството зборови не бидува без грев, а кој го воздржува својот јазик, разумен е“.
Божјите ангели ни се добар пример. Тие знаат за сето зло што го прават луѓето. Иако ангелите се посилни и помоќни од човекот, тие не ги обвинуваат луѓето со навредливи изрази, „и тоа од почитување кон Јехова“ (2. Петрово 2:11). Бидејќи знаат дека Бог е сосема свесен за грешките на секој човек и дека е потполно способен да ги поправи работите, ангелите го воздржуваат својот јазик. Михаел, кој е главен над сите ангели, се воздржал да користи навредливи зборови, дури и против Ѓаволот (Јуда 9).
Христијаните се трудат да ги имитираат ангелите. Тие ја следат библиската опомена: „Никому не враќајте зло за зло. Грижете се за она што е извонредно во очите на сите луѓе. Ако е можно, колку што зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе. Не одмаздувајте се самите, љубени, туку дајте му место на гневот; зашто е напишано: ‚Одмаздата е моја; јас ќе отплатам, вели Јехова‘ “ (Римјаните 12:17—19).
Интересно, дури и тонот и јачината на гласот можат да додадат навредлива нота на она што го велиме. Не е ништо невообичаено сопрузите и сопругите да си дофрлаат навреди во гласни расправии. Многу родители честопати им викаат на своите деца. Меѓутоа, нема потреба да викаме кога ги изразуваме своите чувства. Библијата поттикнува: „Нека се отстрани од вас сета злобна горчина и лутина и гнев и викање и навредлив говор“ (Ефешаните 4:31). Исто така, Библијата вели дека „робот Господов не треба да се кара, туку треба да биде благ кон сите“ (2. Тимотеј 2:24).
Зборови што лекуваат
Заради тоа што навредливите и срамотни зборови се толку раширени денес, христијаните треба да најдат тактика да му одолеат на ова штетно влијание. Библијата изнесува една добра тактика, имено, да го љубиме својот ближен (Матеј 7:12; Лука 10:27). Вистинската грижа и љубов кон ближниот ќе нѐ мотивираат секогаш да користиме зборови што лекуваат. Библијата вели: „Никаков гнил збор да не излегува од вашата уста, туку само оној кој е добар за изградување, според потребата, за на оние кои слушаат да им го даде она што е корисно“ (Ефешаните 4:29).
Исто така, ако ја всадуваме Божјата реч во нашиот ум, ќе можеме да избегнуваме говор што повредува. Тоа што ќе го читаме и ќе медитираме за Светото писмо може да ни помогне ‚да отфрлиме секаква извалканост‘ (Јаков 1:21). Да, Божјата реч може да го излекува нашиот ум.