Младите прашуваат . . .
Што има толку лошо во сексот по телефон?
„СЕКСОТ ПО ТЕЛЕФОН го заменил љубовното писмо како омилен начин на романтична комуникација помеѓу двојките што живеат далеку еден од друг“, наведува едно познато американско списание.
Што е секс по телефон? Тоа е телефонски разговор во кој отворено се зборува за еротски теми.a Оние што го прават тоа честопати мастурбираат кога ќе се возбудат. Сеедно дали срамотните зборови си ги кажуваат двајца што се во врска или лица што воопшто не се познаваат, сексот по телефон е алармантно популарен. Всушност, некои отворено и јавно го застапуваат.
„Тоа е најбезбедниот можен секс“, тврди една жена. Изгледа дека не е баш мал бројот на оние што се согласуваат со неа. На пример, во октомври 2000, како реакција на сѐ почестите инфекции со ХИВ, група руски медицински лица решиле да го пропагираат сексот по телефон користејќи реклами во весниците.
Меѓутоа, други луѓе го пропагираат сексот по телефон само заради профит. „Жешките секс линии“ — кога луѓето плаќаат за да слушаат бесрамни работи — станале бизнис што само на Соединетите Држави им носи профит од милијарди долари.
Но, зошто ова станало толку популарно? Книгата The Fantasy Factory го вели следново: „Интимните физички и емоционални контакти се опасни. Постои здравствен ризик од полови болести, ризик да се изгуби угледот во приватниот и професионалниот живот кога ќе се расчуе за тоа во јавноста, страв дека ќе се биде осуден од другите, како и страв од последиците од ‚ненормалната‘ желба. Сексот по телефон ги намалува тие ризици“.
Точно, сексот по телефон не вклучува физички контакт со друго лице. Но, дали тоа значи дека нема ништо лошо во него и дека е потполно безопасен?
Дали сексот по телефон е безопасен?
Сексуалните желби се особено силни во младоста. Периодот кога тие се најсилни Библијата го нарекува „цветот на младоста“ (1. Коринќаните 7:36). Во текот на тој многу важен период од животот, младиот христијанин треба да научи „да завладее со својот сопствен сад во осветување и чест“ (1. Солуњаните 4:4). Тоа значи дека мораш да научиш да се справуваш со твоите сексуални чувства и да ги контролираш. Без тоа е невозможно да развиеш здраво и урамнотежено гледиште за сексот.
Меѓутоа, сексот по телефон поттикнува да се задоволуваат, а не да се контролираат сексуалните нагони. Освен тоа, создава понижувачко, искривено гледиште за спротивниот пол. Библијата поучува дека сексуалната интимност треба да постои само во рамките на бракот (Евреите 13:4). Но, сексот по телефон ги охрабрува младите да ги задоволуваат своите сексуални желби надвор од бракот. Библијата поучува дека вистинската среќа доаѓа од давањето — а не од примањето (Дела 20:35). Но, сексот по телефон поттикнува да се искористуваат другите како средство за задоволување на сопствените себични желби. Библијата ги поучува брачните двојки да стекнат вистинска интимност на тој начин што ќе негуваат заемна љубов и доверба (Ефешаните 5:22, 33). Меѓутоа, со сексот по телефон другиот ти останува далечен и анонимен.
Штетна зависност
Древниот Коринт бил познат како град што вриел од неморални пороци. Затоа, апостол Павле со добра причина им напишал на тамошните христијани: „Но се плашам, како што змијата ја заведе Ева со своето лукавство, на некој начин и вашите умови да не се расипат и одвратат од искреноста и чесноста кои му припаѓаат на Христос“ (2. Коринќаните 11:3). Сексот по телефон е едно од средствата што ги користи Сатана Ѓаволот за да ги расипе младите денес.
За некои млади, разговорите на „жешките линии“ станале зависност што не можат да ја контролираат. Еден млад човек, што ќе го наречеме Џим, е пример за тоа колкав само „зависник“ може да се стане. Џим го видел бројот на некоја „жешка секс-линија“ на некое рекламно пано. Го запамтил и подоцна се јавил од чиста љубопитност. Потоа почнал сѐ почесто да се јавува на тој број. За кратко време направил телефонска сметка од 600$!
Спротивно на советот од Божјата реч е да ги подбудуваш сексуалните желби додека сѐ уште не си стапил во брак. Во неа стои поттикот: „Умртвете ги своите телесни членови што се на земјата во поглед на блуд, нечистота, сексуална страст“ (Колошаните 3:5).
Опасности при запознавањето
Што е со младите што имаат сериозна врска? Се разбира, нормално е вљубените да си кажуваат што чувствуваат еден за друг. Уште во библиски времиња, една богобојазлива млада жена го рекла следново во врска со својот свршеник: „Јас му припаѓам на мојот возљубен, и тој има желба по мене“ (Песна над песни 7:10). Додека наближува денот на свадбата, сосема е на место оние што се свршени да разговараат за извесни теми што се однесуваат на интимниот живот. Меѓутоа, дали сексот по телефон е безбеден начин да се искажат романтичните чувства?
Не. Дури и свршените двојки имаат обврска да го следат советот на апостол Павле: „Блуд и секаков вид нечистота или алчност да не се ни спомнуваат меѓу вас, како што им прилега на свети луѓе; ниту срамотно однесување, ниту глупави зборови, ниту срамотни шеги, кои не прилегаат, туку наместо тоа, благодарења. Зашто вие го знаете ова, а и самите тоа го сфаќате, дека ниеден блудник или нечист или алчен — што значи дека е идолопоклоник — нема никакво наследство во царството на Христос и Бог“ (Ефешаните 5:3—5; Колошаните 3:8).
Јасно е дека интимните разговори што намерно побудуваат неморални мисли или желба за мастурбација се нечисти во Јеховини очи. Исто така, тие можат да водат до уште потешко кршење на Божјите начела. На пример, едно момче и една девојка кои живееле на голема оддалеченост ја одржувале својата врска преку телефон. Во почетокот често разговарале за подобро да се запознаат. Меѓутоа, по кратко време почнале да разговараат за неморални работи. Нивните разговори станувале сѐ послободни. Не е ни чудо што брзо се впуштиле во нечисто однесување кога околностите конечно им дозволиле да бидат заедно.
Сигурно, ние што сакаме да му угодиме на Бог даваме сѐ од себе за да не паднеме во замката на сексот по телефон. Како можеме да успееме во тоа?
‚Биј го своето тело‘
Сексот по телефон може да се претвори во зависност. Треба да го ‚биеме своето тело и да го водиме како роб‘ за да бидеме одобрени од Јехова (1. Коринќаните 9:27). Ако во моментов веќе си се впуштил во секс по телефон, зошто не побараш помош? За почеток ќе биде добро да им кажеш на твоите родители ако се христијани. Точно, тоа сигурно ќе ги вознемири. Но, веројатно тие најмногу ќе можат да ти помогнат така што ќе те набљудуваат како се однесуваш за да не ѝ се вратиш на старата навика. Исто така, и старешините во собранието на Јеховините сведоци каде што припаѓаш ќе бидат спремни да ти помогнат.
Ако се запознаваш со некого, биди решен да останеш чист, дури и кога зборуваш по телефон. Младата христијанка Летиција, која е свршена, вели: „Мојот свршеник и јас заедно ги читаме библиските статии во врска со тоа како да останеме чисти. Го цениме начинот на кој ни помагаат да задржиме чиста совест“. Имај храброст да ја промениш темата ако разговорот стане премногу сугестивен. Заедно дискутирајте за тоа дека е потребно вашите разговори да бидат чисти.
Во некои земји, сексот по телефон се рекламира на телевизија доцна во ноќта. Можеби ќе биде најдобро едноставно да не гледаш телевизија во тоа време. Бидејќи и мастурбацијата побудува неморални мисли наместо да ги умртви, многу е важно да ја отстраниш таа нечиста навика.b Ќе можеш успешно да ги исфрлиш нечистите мисли од главата ако размислуваш за праведни работи (Филипјаните 4:8). Дружи се со пријатели што користат чист говор и секојдневно читај ја Божјата реч и христијанските публикации за да ја зајакнеш својата решеност да останеш чист. На тој начин нема да оставиш простор да ти се вовлечат неморални фантазии во умот и да ги расипат твоите мисли. Што е најважно, моли му се на Бог за помош. Апостол Петар напишал: ‚Сета своја тегобна грижа фрлете ја на него, зашто тој се грижи за вас‘ (1. Петрово 5:6, 7).
„Врз младите се врши голем притисок да се впуштат во недозволен секс“, вели една млада христијанка од Бразил. Меѓутоа, Јехова ги знае предизвиците со кои се соочуваш. Биди уверен дека ќе ти ја даде сета помош што ти е потребна за да останеш чист во негови очи (Ефешаните 6:14—18).
[Фусноти]
a Еден сличен порок, понекогаш наречен сајбер-секс, вклучува еротски разговори на „чет“ линии на Интернет.
b Предлози за тоа како да се бориш со мастурбацијата види во книгата Младите прашуваат — делотворни одговори, страници 198—211, издадена од Јеховините сведоци.
[Слики на страници 20 и 21]
И сексот по телефон и сајбер-сексот стануваат сѐ попопуларни
[Слики на страници 20 и 21]
Двојките што се запознаваат мораат да внимаваат нивните разговори да останат чисти
[Слика на страница 22]
Ако ја читаш Божјата реч и христијанските публикации, ќе се зајакне твојата решеност да останеш чист