Врби — семејство од разновидни дрвја
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ЧЕШКА
ЕДНАТА е тенка и висока со исправена става, а другата е свиткана, со сведната глава. Но, иако имаат сосема спротивно држење, овие две дрвја се роднини. Кои се тие? Тополата и жалната врба. И двете му припаѓаат на семејството врби.
Врбите најчесто растат на брегот на реките и плитките поточиња. Ги има во голем број и во мочуриштата, каде што младите фиданки брзо растат. Тие можат да бидат високи и над 30 метри. Некои од нив имаат долги и тесни лисја кои нежно висат од долгите, тенки гранки. Но, постојат и врби што имаат прилично широки, јајцевидни листови, како што е лагушката, односно барската врба.
Иако има повеќе од 350 видови врби и тополи, обично една од нив особено го привлекува вниманието — жалната врба. Еден друг вид, наречен дива врба или ива, е познат по своите „маци“, односно цветните реси што личат на памук, а излегуваат пред да се оформат листовите. Се вели дека, штом овие ресички ќе излезат, пролетта е на прагот.
Пошироко семејство
Тополите се вообичаена глетка во Бохемија, областа каде што е сместена Прага, главниот град на Чешка. Има најмалку 35 видови тополи, и сите тие му припаѓаат на семејството врби. Можеби најзастапена е црната топола, која најчесто расте покрај потоците и во влажните шуми на Бохемија. Еден вид црна топола, познат како јаблан, има тенко и високо стебло со гранки кои растат нагоре, многу близу до стеблото. Ова прекрасно дрво може да порасне и до 35 метри — колку што е висока една 11-катница! Јабланите растат и покрај многу патишта и го оживуваат пејзажот, особено наесен, кога нивните лисја добиваат златеста боја.
Трепетликата или јасиката е исто така еден вид топола. Овие тополи не се толку високи и имаат поретки крошни. Но, имаат уште една особеност — нивните ливчиња почнуваат да треперат штом ќе дувне и најнежен ветрец.
Дали се спомнати во Библијата?
Можеби не би помислил дека тополите растат долу на југ, дури до Блискиот Исток. Меѓутоа, Библијата вели дека, кога Израелците биле изгнаници во Вавилон, ги закачиле своите харфи на тополи (Псалм 137:2). Зошто? Иако харфите им служеле да го фалат Бог со песна, тажните Израелци немале желба да свират на нив во тоа време на неволја (Исаија 24:8, 9). Божјата реч вели и дека гранките на тополите можеле да се користат за правење сеници за време на Празникот на бербата (3. Мојсеева 23:40). Во библиската книга Јов, за бестрашниот нилски коњ се вели дека живее во реки и дека ‚го опкружуваат крајизворски тополи‘ (Јов 40:22).
Денес од тополите и врбите се прават најразлични работи. Тополите најчесто се користат во производството на фурнир, шперплочи, дрвени гајби, картонски кутии и разни други производи од хартија. И врбата е ценета како корисно дрво. Занаетчиите плетат кошари и прават мебел од нејзините свитливи млади гранчиња. Врбите се навистина едно семејство од разновидни дрвја!
[Слика на страница 10]
Жална врба
[Слика на страница 10]
Листови од трепетлика
[Слика на страница 10]
Јаблан
[Слика на страница 10]
Дива врба (ива)
[Слика на страница 10]
Црна топола