Живот по смртта — не е невозможен!
ВО ЕДЕН филм што излезе пред неколку години имаше сцена со младич кој стои покрај гробот на некој свој близок. „Мама отсекогаш велеше дека смртта е дел од животот“, вели тој. Потоа, камерата за момент се фокусира на надгробниот натпис, а тој додава: „Колку посакувам да не е така“.
Иста желба имаат милијарди лица на кои смртта им одзела некој близок. Колку страшен непријател! Сепак, Бог ветува: „Како последен непријател ќе биде уништена смртта“ (1. Коринќаните 15:26). Но, зошто умираме кога очигледно имаме потенцијал да живееме вечно? Како ќе биде уништена смртта?
Зошто старееме и умираме
Во врска со Јехова, нашиот Творец, Библијата вели: „Делото му е совршено“ (5. Мојсеева 32:4; Осија 12:5). Првиот човек, Адам, бил создаден совршен и имал потенцијал вечно да живее во Еден, рајската градина на Земјата во која го сместил Бог (1. Мојсеева 2:7-9). Зошто Адам морал да го напушти Рајот, а потоа да остари и, на крајот, да умре?
Причината е едноставна — Адам не ја почитувал заповедта да не јаде од плодот на едно дрво. Бог јасно го предупредил Адам дека го чека казна ако јаде од плодот, со зборовите: „Сигурно ќе умреш“ (1. Мојсеева 2:16, 17). Бидејќи Адам го следел примерот на Ева и ја прекршил оваа заповед, Бог ги истерал од Еден. Библијата уште ни објаснува зошто Бог реагирал толку брзо. Таа вели: „За да не посегне [Адам] со раката и да земе плод и од дрвото на животот [во градината], па да јаде и да живее вечно“ (1. Мојсеева 3:1-6, 22).
Поради непослушноста, Адам и Ева умреле. Но, зошто стареат и умираат и сите нивни потомци? Затоа што сите тие од Адам наследиле грев, чија последица се несовршеноста и смртта. Библијата објаснува: „Преку еден човек [Адам] гревот влезе во светот и преку гревот смртта, и така смртта се прошири на сите луѓе, зашто сите згрешија“ (Римјаните 5:12).
Живот по смртта — зошто е можен
Како што беше спомнато, смртта „ќе биде уништена“ — отстранета засекогаш! (1. Коринќаните 15:26). Но, како? Библијата ни го дава одговорот на ова прашање. Таа вели: „Преку еден чин на оправдување најразлични луѓе се прогласени за праведни и добиваат живот“ (Римјаните 5:18). Значи, Бог овозможил луѓето да станат праведни во негови очи и да живеат вечно. Како го сторил тоа?
Јехова презел чекор да го поништи гревот што сите луѓе го наследиле од првиот човек, Адам. Библијата објаснува: „Дарот што го дава Бог е вечен живот преку Христос Исус, нашиот Господар“ (Римјаните 6:23). Во врска со оваа постапка преку која луѓето се прогласени за праведни и добиваат живот, Исус го рекол следново: „Бог толку многу го сакаше светот [т.е. човештвото] што го даде својот единороден Син, за секој што верува во него да не биде уништен, туку да има вечен живот“ (Јован 3:16).
Помисли само колку многу нѐ сака Бог, но и неговиот Син, Исус Христос, кој поминал низ тешки маки само заради нас. Апостол Павле напишал: „Синот Божји... ме сакаше и се предаде себеси за мене“ (Галатите 2:20). Но, зошто може да се каже дека Исус бил единствениот човек што можел „да го даде својот живот како откупнина“ за нас, и на тој начин да нѐ спаси од смртоносните последици на гревот? (Матеј 20:28).
Исус бил единствениот што можел да го даде својот живот како откупнина бидејќи само тој не наследил грев од првиот човек, Адам. Зошто? Затоа што Исусовиот живот преку чудо бил пренесен од небото во утробата на Марија, која била девица. На тој начин, во склад со зборовите што ангелот ѝ ги упатил на Марија, нејзиното дете било „свето, Син Божји“ (Лука 1:34, 35). Од таа причина, Исус е наречен „последниот Адам“, кој не наследил грев од „првиот човек, Адам“ (1. Коринќаните 15:45). Како безгрешен човек, Исус можел да се даде себеси како „соодветна откупнина“, бидејќи неговиот живот бил еднаков со животот на првиот човек, кој на почетокот бил совршен и безгрешен (1. Тимотеј 2:6).
Преку откупнината, Бог овозможил да го добиеме она што првиот човек, Адам, го загубил — вечен живот во Рај на Земјата. Меѓутоа, милиони луѓе се мртви, па затоа ќе мора повторно да оживеат за да го добијат овој благослов. Колку прекрасна надеж! Но, дали такво нешто е возможно?
Зошто да веруваме
Дали е толку тешко да се верува дека Јехова Бог, кој го создал животот, има моќ повторно да создаде некого што живеел и порано? Размисли за способноста за зачнување, т.е. забременување, која Бог ѝ ја дал на првата жена. ‚Адам легнал со својата жена Ева‘ и, по околу девет месеци, на свет дошла една минијатурна репродукција од нив двајцата (1. Мојсеева 4:1). Процесот што го овозможил развојот на бебето во утробата на Ева сѐ уште се опишува како чудо кое човекот не може да го разбере потполно! (Псалм 139:13-16).
Но, за многумина раѓањето дете станало нешто обично, бидејќи секој ден се раѓаат стотици илјади бебиња. Сепак, повеќето мислат дека не е можно повторно да оживее некој што живеел порано. Слично реагирале луѓето што ја оплакувале смртта на едно девојче. Кога Исус им кажал дека девојчето само спие, со што сакал да каже дека може повторно да се разбуди, тие ‚му се потсмевале‘. Но, на мртвото девојче Исус му рекол: ‚„Стани!“ И девојчето веднаш станало и почнало да оди‘. Кога го виделе тоа, присутните биле „избезумени од радост“ (Марко 5:39-43; Лука 8:51-56).
Кога Исус побарал да се отркала каменот од гробот на неговиот пријател Лазар, Марта, Лазаровата сестра, приговорила: „Сега веќе сигурно мириса, бидејќи има четири дена откако умре“. Но, Исус го оживеал Лазар, и тогаш радоста била неизмерна! (Јован 11:38-44). За чудата на Исус слушнале многумина. За нив чул и Јован Крстител додека бил во затвор. Кога му кажувале за она што го правел Исус, неговите ученици спомнале и дека „мртвите стануваат“ (Лука 7:22).
Живот по смртта — преку воскресение
Зошто Исус правел вакви чуда кога оние што ги воскреснал подоцна повторно се разболеле и умреле? Ги направил за да докаже дека она што го загубил првиот Адам — вечниот живот во Рај на Земјата — може да се надомести и ќе биде надоместено. Воскресенијата што ги вршел Исус покажале како, на крајот, милиони луѓе „ќе ја поседуваат земјата и ќе живеат на неа засекогаш“ (Псалм 37:29).
И ние би можеле да ја имаме таа чест да живееме засекогаш доколку сме му ‚оддадени на Бог‘. Според Библијата, ваквата оддаденост „ветува живот — сегашен и иден“. Овој иден живот е наречен и „вистинскиот живот“ (1. Тимотеј 4:8; 6:19).
Прочитај каков ќе биде овој иден вистински живот во еден праведен, нов свет.
[Слика на страница 6]
„Беа избезумени од радост“