Животот во обновениот Рај
ИСУС бил апсолутно сигурен дека ќе има живот и по смртта, а тоа им го потврдил и на своите ученици. Тој рекол дека секој од нив „при повторното создавање... ќе наследи вечен живот“. На што мислел кога рекол „при повторното создавање“? (Матеј 19:25-29).
Според друг извештај за истиот настан, кој го запишал Лука, Исус рекол дека, „во поредокот што доаѓа“, неговите ученици ќе добијат „вечен живот“ (Лука 18:28-30). Зошто Библијата го изедначува „поредокот што доаѓа“ со „повторното создавање“?
Очигледно на тој начин се нагласува дека Јехова Бог сигурно ќе ја оствари својата првобитна намера луѓето да живеат вечно во Рај на Земјата. Тие ќе станат совршени, како што биле Адам и Ева пред да згрешат. Според тоа, „во поредокот што доаѓа“ ќе има ‚повторно создавање‘ на рајските услови што владееле во градината Еден.
Како ќе биде обновен Рајот
Со што ќе се послужи Бог за да ја претвори целата Земја во Рај? Додека бил на Земјата, Исус ги учел своите следбеници да се молат: „Да дојде царството твое. Да биде волјата твоја, како на небото така и на земјата“ (Матеј 6:10). Бог ќе се послужи со тоа Царство, на чие чело го поставил својот Син, за да ја оствари својата намера низ целата Земја да завладеат рајски услови.
Еве како Библијата го опишува Оној кого Бог го поставил за Цар: „Ни се роди дете, добивме син, кој на рамото ќе има кнежевска власт. Името ќе му биде... Кнез на Мирот. Неговата кнежевска власт ќе се простира надалеку, и на мирот... ќе му нема крај“ (Исаија 9:6, 7). Но, на кој начин таа влада под водство на цар со таква власт ќе ја оствари Божјата волја?
Библијата вели: „Во деновите на тие цареви, небесниот Бог ќе подигне царство [кое во стихот погоре е претставено со таа „кнежевска власт“], кое нема никогаш да пропадне. И тоа царство нема да премине на некој друг народ. Тоа ќе ги сотре и ќе ги уништи сите други царства, а самото ќе стои довека“ (Даниел 2:44).
Да видиме какви услови ќе има на Земјата кога ќе биде обновен Рајот, односно „при повторното создавање“, кога Божјиот Син ќе ја спроведе својата власт како „Кнез“ во Царството на својот Татко.
Колку прекрасно ќе биде да се живее во времето кога такви услови ќе владеат низ целиот свет; кога секој ќе го сака Бог и ќе покажува љубов кон ближните! (Матеј 22:37-39). Можеш да бидеш сигурен дека тогаш ќе бидат исполнети сите Божји ветувања. „Ја кажав својата намера“, вели Бог, „и ќе ја исполнам“ (Исаија 46:11).
Можеби има уште многу важни работи за Јехова Бог и за ветениот нов свет кои порано не си ги знаел. На пример, што покажува дека сме на прагот на овој нов свет? На кој начин Божјето Царство ќе ги замени сите влади на Земјата? Кои настани ќе водат до тоа? Јеховините сведоци со задоволство ќе ти одговорат на овие прашања. Дополнителни информации ќе најдеш на 32. страница од ова списание.
Во многу блиска иднина, вековниот копнеж по еден праведен нов свет ќе биде минато. За повеќето луѓе што умреле, смртта не е крај на сѐ. Животот по смртта не само што е можен туку е и Божја волја. Можеме да бидеме сигурни дека ќе се оствари! Тоа е вистинскиот, иден живот што можеме да го доживееме (1. Тимотеј 4:8; 6:19).
Каков ќе биде животот во Рајот
Воскресение на мртвите
„Доаѓа часот во кој сите оние што се во гробовите ќе го чујат неговиот глас и ќе излезат“ (Јован 5:28, 29).
„Бог ќе ги воскресне и праведните и неправедните“ (Дела 24:15).
Болестите, староста и смртта ќе бидат минато
„Тогаш ќе им се отворат очите на слепите и ќе им се отнат ушите на глувите. Тогаш сакатиот ќе скока како елен, а јазикот на немиот радосно ќе извикува“ (Исаија 35:5, 6).
„Самиот Бог ќе биде со нив. И тој ќе ја избрише секоја солза од нивните очи и смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка. Сѐ што беше порано, помина“ (Откровение 21:3, 4).
Храна во изобилство
„Земјата ќе го даде својот род, ќе нѐ благослови Бог, нашиот Бог“ (Псалм 67:6).
„На земјата житото богато ќе роди, по планинските врвови ќе го има во изобилство“ (Псалм 72:16).
Добри станбени услови и убава работа за сите
„Тие ќе градат куќи и ќе живеат во нив, ќе садат лозја и ќе го јадат нивниот род. Нема тие да градат, а некој друг да живее во нив, нема тие да садат, а некој друг да го јаде нивниот род“ (Исаија 65:21, 22).
Повеќе нема да има криминал, насилство и војни
„А злите ќе бидат истребени од земјата“ (Изреки 2:22).
„Тие ќе ги прековаат своите мечеви во плугови и своите копја во српови. Народ против народ повеќе нема да крева меч и повеќе нема да учат да војуваат“ (Исаија 2:4).
Живот без страв и во мирни услови
„Ќе живеат без страв и никој нема да ги плаши“ (Езекиел 34:28).
„Повеќе нема да се прави зло и нема да се пустоши на целата моја света гора, зашто земјата ќе биде полна со знаење за Јехова, како што морето е полно со вода“ (Исаија 11:9).
[Слика на страница 7]
Рајот, кој бил изгубен поради непослушноста на првиот брачен пар, ќе биде обновен