Што вели Библијата
Потребна ли е организирана религија?
ДАЛИ СИ разочаран од организираната религија или, пак, сметаш дека не е важна? Ако да, не си единствениот. Всушност, сѐ повеќе луѓе избираат да не припаѓаат на ниту една организирана религија.
Некои ги напуштиле организираните религии бидејќи сметаат дека таквите институции се извор на лицемерство и нетолеранција. За други е премногу комплицирано да следат строг правилник во обожавањето. Трети мислат дека организираната религија не е ништо друго освен непотребен „посредник“ помеѓу Бог и верниците. Но, што навистина учи Библијата за организираната религија?
Божјите верни слуги во древни времиња
Библијата јасно кажува на кој начин древните слуги, како Авраам, Исак и Јаков, го обожавале Бог. На пример, во една прилика Бог рекол: „Го запознав [Авраам] за да им заповеда на своите синови и на своето домаќинство по себе да се држат за Јеховиниот пат и да постапуваат според праведноста и правдата“ (1. Мојсеева 18:19). Авраам бил наречен Божји пријател и имал близок однос со Творецот (Јаков 2:23). Но тој му служел на Бог заедно со целото домаќинство. И други семејни поглавари кои биле блиски со Бог го обожавале како група, обично заедно со членовите на потесното и на поширокото семејство, како и со слугите.
Со текот на времето, Бог барал од древните Израелци, а подоцна и од христијаните во првиот век, да се собираат заедно за да му оддаваат почит (3. Мојсеева 23:2, 4; Евреите 10:24, 25). Во тие прилики се пееле песни, се читало Светото писмо и се упатувале јавни молитви (Неемија 8:1-8; Колошаните 3:16). Во Светото писмо е дадено упатство дека собранието треба да го предводи една група од оспособени мажи (1. Тимотеј 3:1-10).
Предноста да се обожава Бог како група
Врз основа на овие библиски примери, разумно е да заклучиме дека и денес Бог очекува од сите што сакаат да бидат блиски со него да му служат на организиран начин. Освен тоа, обожавањето како група има свои предности.
На пример, Светото писмо ги споредува искрените верници со човек што оди по тесен пат, а на друго место и со тркач во трка (Матеј 7:14; 1. Коринќаните 9:24-27). Кога трча долга, тешка трка по нерамен терен, тркачот лесно може да се умори и на крај да се откаже. Меѓутоа, ако другите го бодрат, тогаш дава сѐ од себе, се напрега до крајни граници. На сличен начин, една духовна личност може да го зачува својот однос со Бог и покрај тешкотиите ако добива охрабрување од соверниците.
Ова ни помага да ги разбереме зборовите од Евреите 10:24, 25, каде што стои: „Да размислуваме еден за друг за да се поттикнуваме кон љубов и кон добри дела, и да не ги пропуштаме нашите состаноци“. Всушност, Светото писмо ни кажува дека вистинските верници ќе му служат на Бог како браќа и сестри, сложно како едно тело.
Библијата кажува дека сите што го сочинуваат тоа тело, или собрание, се поврзани со љубов и мир. На пример, во Ефешаните 4:2, 3 слугите на вистинскиот Бог се поттикнати да се однесуваат меѓу себе ‚со сета понизност и благост, со долготрпеливост, поднесувајќи се еден со друг со љубов, вистински трудејќи се да го одржат единството на духот, во мирот кој ги поврзува‘. Како би го применил овој совет ако му служиш на Бог сам, одвоено од другите верници?
Божја волја е вистинските верници да му служат обединето и организирано, а не само како духовни поединци што понекогаш се собираат во група. Библијата ги поттикнува оние што му служат на Бог да бидат едномислени во она што го кажуваат, да нема поделби меѓу нив и да бидат „потполно обединети со ист ум и со ист начин на размислување“ (1. Коринќаните 1:10). Овие зборови би немале никаква смисла доколку Бог сакал луѓето да му служат секој сам одвоено од другите.
Очигледно, доказите од Библијата потврдуваат дека Бог сака луѓето да му служат на организиран начин. Организираната религија за која зборува Светото писмо, онаа што Бог ја прифаќа, може да ти помогне да ги задоволиш своите духовни потреби (Матеј 5:3).
Точно е дека голем број од организираните религии денес се виновни за лицемерство и за безброј ужасни злосторства. Сепак, тоа не значи дека треба да ги отфрлиш сите организирани религии. Сигурно на Земјата постои организирана религија која ги сака сите луѓе — религија чија цел е да ги поучи другите за Божјите морални начела. Таквата организирана религија може да ти помогне да стекнеш вистинска вера. Проучувајќи ја Библијата можеш да дознаеш која организирана религија ја прифаќа Бог.