5. поглавје
Дали Библијата навистина потекнува од Бог?
1. Зошто е разумно да веруваме дека Бог ни дал некои информации за себе?
ДАЛИ Јехова Бог ни дал известување за себеси? Дали ни соопштил што сторил и што уште планира да прави? Таткото кој ги сака своите деца им кажува многу нешта. И како што видовме, Јехова навистина е Татко полн со љубов.
2. (а) Која добра можност ја имал Јехова да ни даде информации? (б) Кои прашања со тоа се поставуваат?
2 Како би можел Јехова да им даде известувања на луѓето кои живеат во различни делови на светот и во различно време? Една добра можност е да напише книга и да се погрижи да ја добијат сите. Дали Библијата е таква книга од Бог? Како можеме да го сознаеме тоа?
НИЕДНА ДРУГА КНИГА НЕ Е КАКО БИБЛИЈАТА
3. Во кој поглед Библијата е истакната книга?
3 Ако Библијата навистина потекнува од Бог, треба да очекуваме таа да биде најистакната книга која некогаш е напишана. Дали таа е таква? Да, и тоа од многу причини. Прво, таа е многу стара; а разбирливо е дека Божјата реч за целото човештво не би била напишана пред кратко време. Пишувањето на Библијата започнало пред околу 3500 години и тоа на хебрејски јазик. А пред повеќе од 2200 години почнала да се преведува на други јазици. Денес може скоро секој жител на Земјата да ја чита Библијата на свој јазик.
4. Колкав е бројот на печатените Библии во споредба со другите книги?
4 Ниедна друга книга не доживеала ни приближно толку голем тираж како Библијата. Една книга се смета за ”бестселер“ ако е отпечатена во илјади примероци. Меѓутоа, секоја година се печатат милиони Библии. Низ вековите досега е отпечатена во милијарди примероци. Не постои скоро ниедно место на Земјата кадешто не може да се најде Библијата, сеедно колку и да е оддалечено. Зар тоа не би го очекувал од книга која навистина потекнува од Бог?
5. Што се правело за да се уништи Библијата?
5 Големата раширеност на Библијата е уште поистакната со фактот што непријателите се обидувале да ја уништат. Зарем не треба да очекуваме книгата од Бог да биде нападната од застапниците на Ѓаволот? Се случило токму тоа. Едно време спалувањето на Библијата било вообичаено, а оној кој ќе бил фатен да ја чита Библијата, често бил казнуван со смрт.
6. (а) На кои важни прашања одговара Библијата? (б) Од каде писателите на Библијата ги добиле известувањата, според нивните изјави?
6 Од книга која потекнува од Бог се очекува да обработува важни теми за кои треба да знаеме сите ние. ”Од каде потекнува животот?“, ”Зошто сме овде?“, ”Што ќе донесе иднината?“. Ова се само некои прашања на кои таа одговара. Исто така, јасно говори дека информациите кои ги содржи потекнуваат од Јехова Бог. Еден писател на Библијата рекол: ”Духот Јеховин говори преку мене и неговата реч беше на мојот јазик“ (2. Самоилова 23:2, NW). Друг напишал: ”Сето писмо е инспирирано од Бог“ (2. Тимотеј 3:16, NW). Зарем не би било мудро да ја испитаме Библијата кога таа толку јасно изјавува дека е Божја Реч?
КАКО БИЛА ПИШУВАНА БИБЛИЈАТА?
7. (а) Кој ја пишувал Библијата? (б) Зошто можеме сепак да кажеме дека е Божја реч?
7 ”Но, како може Библијата да потекнува од Бог, кога ја пишувале луѓе?“, би можел да се прашаш. Точно, околу 40 мажи учествувале во пишувањето на Библијата. Тие ја напишале целата Библија освен десетте заповеди, кои биле напишани на камени плочи лично од Бог, со директно дејствување на светиот дух (2. Мојсеева 31:18). Меѓутоа, тоа не ја менува работата; Библијата е Божја Реч. Во неа се изјавува: ”Луѓето говореа од Бог, како што ги тераше светиот дух“ (2. Петрово 1:21, NW). Да, како што Бог го употребил својот силен свет дух да ги создаде небесата, Земјата и сите животни облици, така го употребил и при пишувањето на Библијата.
8, 9. Кои современи примери ни помагаат да разбереме како Бог дал да се напише Библијата?
8 Тоа значи дека Библијата има само еден автор, Јехова Бог. Користел луѓе за да ги запишат информациите како што еден директор на својата секретарка ѝ диктира писмо. Писмото го пишува секретарката, но тоа ги содржи мислите и идеите на директорот. Значи, тоа е негово писмо, а не писмо на секретарката. Токму така и Библијата е Божја книга, а не книга од луѓето кои ја пишувале.
9 Бидејќи Бог го создал светот, сигурно не му било тешко да стапи во врска со мислите на своите слуги за да им ги даде потребните известувања да ги запишат. Денес човек може да седи во својот дом и со помош на радио или ТВ приемникот да прима вести од далечни земји. На основа на природните закони кои ги поставил Бог, тонот и сликата минуваат огромни далечини. Затоа е лесно да се разбере како можел Јехова од својата положба далеку на небото да ги упати луѓето да запишат известувања, кои сакал да ѝ ги јави на човечката фамилија.
10. (а) Од колку книги се состои Библијата и во кој временски период била пишувана? (б) Која главна тема се провлекува низ целата Библија?
10 Резултатот од тоа е прекрасна книга. Всушност, Библијата се состои од 66 мали книги. Грчкиот збор библиа, од кој потекнува зборот ”Библија“ значи ”мали книги“. Овие книги, или писма, се напишани во период од 1600 години, од 1513. пр.н.е. до 98. н.е. Меѓутоа, сите тие библиски книги се во потполн склад, зашто имаат само еден Автор. Низ целата Библија се провлекува иста тема, имено, дека Јехова Бог со своето Царство повторно ќе воспостави праведни услови. Првата книга од Библијата, 1. Мојсеева, известува како поради бунт против Бог бил изгубен рајскиот дом, а последната книга, Откровение, опишува како Земјата под Божјето владетелство повторно ќе стане рај (1. Мојсеева 3:19, 23; Откровение 12:10; 21:3, 4).
11. (а) На кои јазици е пишувана Библијата? (б) На кои два главни дела е поделена Библијата, и во што се покажува нивната единственост?
11 Првите 39 книги од Библијата напишани се воглавно на хебрејски, а само мал дел на арамејски јазик. Последните 27 книги напишани се на грчки кој бил народен јазик во времето на Исус и неговите следбеници. Тие два главни дела на Библијата правилно се нарекуваат ”Хебрејски списи“ и ”Грчки списи“. Еден доказ за нивната согласност е фактот дека Грчките списи содржат преку 365 цитати од Хебрејските списи и околу 375 пати се осврнуваат на нив.
КАКО БИБЛИЈАТА СТАНАЛА ДОСТАПНА ЗА СИТЕ?
12. Зошто Јехова се погрижил да се направат преписи од Библијата?
12 Кога би постоеле само првобитните списи, не би можел секој да ја чита Божјата реч. И затоа Јехова се погрижил да се направат преписи на изворните Хебрејски списи (5. Мојсеева 17:18). На пример, Ездра е означен како ”вешт препишувач на Мојсеевиот закон, кој го дал Јехова, Богот Израелов“ (Ездра 7:6, NW). Исто така биле направени илјадници преписи на Грчките списи.
13. (а) Што било потребно за да можат повеќето луѓе да ја читаат Библијата? (б) Кога бил направен првиот превод на Библијата?
13 Дали знаеш да читаш хебрејски или грчки? Ако не знаеш, тогаш не можеш да ги читаш старите, со рака пишувани преписи на Библијата, од кои некои сѐ уште постојат. Затоа, за да можеш да ја читаш Библијата, некој морал да ги преведе тие зборови на јазикот кој го говориш. Тоа преведување на други јазици овозможило повеќе луѓе да ја читаат Божјата реч. На пример, 300 години пред Исусовиот живот на Земјата, луѓето воглавно говореле грчки. Затоа во 280. пр.н.е. започнато е со преведување на Хебрејските списи на грчки јазик. Тој ран превод бил наречен ”Септуагинта“.
14. (а) Зошто некои религиозни водачи се бореле да го спречат преведувањето на Библијата? (б) Што покажува дека тие ја изгубиле битката?
14 Подоцна латинскиот станал заеднички јазик на многу народи, и тогаш Библијата била преведена на латински. Меѓутоа, со текот на вековите сѐ помалку луѓе говореле латински. Повеќето говореле други јазици, како што се: арапски, француски, шпански, португалски, италијански, германски и англиски. Некое време католичкото свештенство се борело да го спречи преведувањето на Библијата на јазикот на обичниот народ. Црквата дури ги спалувала на клада луѓето кои ја имале Библијата. Тоа го правеле бидејќи Библијата ги разоткривала лажните науки и лошите постапки. Но, конечно, религиозните водачи ја изгубиле битката, а Библијата е преведена на многу јазици и растурена во многубројни примероци. Денес целата Библија или некои нејзини делови можат да се читаат на преку 1800 јазици.
15. Зошто е добро да се имаат понови преводи на Библијата?
15 Во текот на годините направени се многу различни преводи на Библијата на ист јазик. На пример, само на англиски постојат неколку десетици преводи на Библијата. Зошто? Зарем не е доволен еден? Со време јазикот многу се менува. Ако ги споредиш постарите преводи на Библијата со поновите ќе забележиш промени во јазикот. Преводите скоро секогаш посредуваат исти мисли, но поновите обично се поразбирливи. Затоа можеме да бидеме благодарни за новите преводи на Библијата, зашто тие ни ја преведуваат Божјата Реч на јазик кој денес лесно се разбира.
ДАЛИ БИБЛИЈАТА Е ПРЕПРАВАНА
16. Зошто некои мислат дека Библијата била преправана?
16 Но, ти би можел да прашаш: ”Како можеме да бидеме сигурни дека нашите Библии ги содржат истите информации кои писателите на Библијата ги добиле од Бог?“ Зарем не се поткраднале грешки при постојаното препишување на Библијата во текот на стотици и дури илјадници години? Да, но тие грешки се откриени и поправени во модерните преводи на Библијата. Тоа што денес стои во Библијата, точно одговара на она што првобитно под Божје водство го запишале писателите на Библијата. Како можеме да го докажеме тоа?
17. Што докажува дека Библијата останала непроменета?
17 Меѓу 1947. и 1955. биле пронајдени свитоци кај Мртвото Море. Тие стари ракописи вклучувале и преписи на книгите од Хебрејските списи, завршени 100 или 200 години пред Христовото раѓање. Еден од ракописите е препис на книгата од пророкот Исаија. До тоа откритие, најстариот примерок од книгата Исаија на хебрејски јазик кој стоел на располагање, бил настанат околу 1000 години после Исусовото раѓање. Кога биле споредени тие два примероци биле најдени само безначајни разлики, воглавно тоа биле мали отстапувања во начинот на пишувањето. Тоа значи дека за повеќе од 1000 години во препишувањето немало никакви вистински промени!
18. (а) Како се исправени грешките при препишувањето? (б) Што може да се рече за точноста на Грчките списи?
18 Денес постојат преку 1700 преписи на различни делови од Хебрејските списи. Со внимателно споредување на тие многу стари преписи можеле да бидат пронајдени и поправени тие незначителни грешки, кои ги направиле препишувачите. Исто така постојат илјадници многу стари преписи од Грчките списи, од кои некои датираат скоро од времето на Исус и неговите апостоли. Затоа Сер Фредерик Кењон рекол: ”Со тоа е отстранета и последната причина за сомневање дали Писмата дошле до нас онака како што стварно биле составени“ (The Bible and Archaeology, стр. 288, 289).
19. (а) Како на едно место бил направен обид да ѝ се додаде нешто на Библијата? (б) Како знаеме дека она што пишува во 1. Јованово 5:7 во преводот Даничиќ-Караџиќ не припаѓа на Библијата?
19 Но, тоа не значи дека немало обиди да се промени Божјата Реч. Интересен пример наоѓаме во 1. Јованово 5:7. Во преводот King James Version од 1611 читаме: ”Три се што сведочат на небото: Отецот, Речта и Светиот Дух и овие три се е д н о.“ Исто така е и во нашиот превод Даничиќ-Караџиќ. Меѓутоа, тие зборови не се наоѓаат во најраните ракописи на Библијата. Очигледно ги додал некој кој се обидел да ја поддржи науката за тројството. Бидејќи е очигледно дека овие зборови не се дел од Речта Божја, направени се поправки и повеќе не се јавуваат во поновите преводи на Библијата.
20. Зошто можеме да бидеме сигурни дека Библијата е зачувана во чист облик?
20 Оној кој тврди дека Библијата не ги содржи истите информации кои првобитно биле запишани, едноставно не ги познава фактите. Јехова Бог се погрижил да ја заштити својата Реч не само од грешките на препишувачите, туку и од обидите на другите нешто да ѝ додадат. Самата Библија го содржи Божјето ветување дека неговата Реч и за нас денес ќе биде сочувана во чист облик (Псалми 12:6, 7; Даниел 12:4; 1. Петрово 1:24, 25; Откровение 22:18, 19).
ДАЛИ БИБЛИЈАТА НАВИСТИНА Е ВИСТИНИТА?
21. Што мислел Исус за Божјата реч?
21 Исус Христос во молитва му рекол на Бог: ”Твојата Реч е вистина“ (Јован 17:17, NW). Дали тоа одговара на фактите? Дали со грижливото испитување на Библијата утврдуваме дека таа навистина е вистина? Историчарите кои ја проучувале Библијата, често биле изненадени од нејзината точност. Библијата содржи конкретни имиња и поединости кои можат да се потврдат. Да разгледаме некои примери.
22-25. Кои примери покажуваат дека Библијата содржи вистинити историски извештаи?
22 Погледај ги сликите и натписот на овој ѕид од храмот во Карнак, Египет. Тие известуваат за победата што ја извојувал фараонот Сисак пред 3000 години, над Јудејското кралство за време на владеењето на Соломоновиот син Ровоам. Библијата известува за истиот настан (1. Царевите 14:25, 26).
23 Забележи го Моавскиот камен. Оригиналот се наоѓа во музејот Лувр во Париз. Натписот известува за востанието на моавскиот крал Миса против Израел. Тој настан е споменат и во Библијата (2. Царевите 1:1; 3:4–27).
24 Сосем десно се наоѓа Силоамското езерце и влезот на водениот тунел во Ерусалим, долг 533 метри. Многу туристи кои го посетуваат Ерусалим поминале низ овој тунел. Тој е уште еден доказ за вистинитоста на Библијата. Зошто? Затоа што Библијата известува дека кралот Езекија дал да се изгради овој тунел пред повеќе од 2500 години, за да го осигура снабдувањето со вода, во случај на напад од војска (2. Царевите 20:20; 2. Дневници 32:2–4, 30).
25 Во Британскиот музеј се наоѓа Набонидовата хроника, насликана на десната страна. Во неа, исто како и во Библијата, е опишан падот на Вавилон (Даниел 5:30, 31). Но, Библијата говори дека во тоа време со Вавилон владеел царот Валтазар, додека во Набонидовата хроника воопшто не се споменува. И навистина, сите познати стари списи говореле дека Набонид бил последниот вавилонски цар. Затоа оние кои не ѝ веруваат на Библијата тврделе дека Валтазар никогаш не постоел и дека Библијата не е во право. Но, во поново време се пронајдени стари списи во кои се споменува Валтазар како Набонидов син и совладар со својот татко во Вавилон. Сите овие примери говорат дека Библијата е навистина вистинита.
26. Кои факти покажуваат дека Библијата е научно точна?
26 Но, Библијата не ја содржи само вистинската историја. Сѐ што кажува таа е вистина. Восхитува со својата точност дури и кога допира научни теми, што е видливо од следните два примера: во старо време обично се верувало дека Земјата некој ја потпира, на пример некој џин. Меѓутоа, во потполна согласност со научните факти, Библијата известува за Бог: ”Тој ја обесил Земјата на ништо“ (Јов 26:7, NW). Наместо да тврди дека Земјата е рамна плоча, како што порано многумина верувале, Библијата вели дека Бог ’седи над земскиот круг‘ (Исаија 40:22, ДК).
27. (а) Што е најсилен доказ дека Библијата е од Бог? (б) Што Хебрејските списи, соодветно на вистината, прорекле за Божјиот син?
27 Но, најголем доказ дека Библијата навистина потекнува од Бог се нејзините пророштва за иднината. Ниедна книга од човечко потекло не известува исправно за историските настани пред да настапат. Но, Библијата е полна со точни пророштва, да, однапред напишана историја. Некои од извонредните пророштва се однесуваат на доаѓањето на Божјиот син на Земјата. Во Хебрејските списи со векови однапред биле точно запишани безброј поединости, на пример, дека Ветениот ќе се роди во Витлеем, дека ќе го роди девица, ќе биде издаден за 30 сребреници, вброен меѓу грешниците, нема да му биде скршена ниедна коска и дека за неговата облека ќе фрлаат ждрепка, и многу, многу други поединости (Михеј 5:2; Матеј 2:3–9; Исаија 7:14; Матеј 1:22, 23; Захарија 11:12, 13; Матеј 27:3–5; Исаија 53:12; Лука 22:37, 52; 23:32, 33; Псалми 34:20; Јован 19:36; Псалми 22:18; Матеј 27:35).
28. (а) Зошто можеме да бидеме сигурни дека ќе се исполнат и пророштвата кои се однесуваат на иднината? (б) До кое уверение ќе дојдеш ако продолжиш да ја проучуваш Библијата?
28 Како што беше споменато во првото поглавје од оваа книга, Библијата прорекува дека наскоро ќе заврши сегашниот поредок и дека ќе биде заменет со праведен нов поредок (Матеј 24:3–14; 2. Петрово 3:7, 13). Дали можеме да се потпреме на тие сѐ уште неисполнети пророштва? Дали одеднаш би се посомневал во некој кој сто пати ти ја рекол вистинита, ако сега ти каже нешто ново? Дали сега би почнал да се сомневаш во него иако никогаш не те излагал? Колку би било неразумно тоа! Така и ние немаме никаква причина да се сомневаме во било кое друго Божје ветување од Библијата. Неговата Реч е достојна за доверба! (Тит 1:2). Ако и понатаму ја проучуваш Библијата, ќе наидуваш на сѐ повеќе факти, кои ќе те уверат дека Библијата навистина потекнува од Бог.
[Слика на страница 49]
Бог употребил луѓе да ја напишат Библијата како што директорот ѝ дава на секретарката да напише писмо
[Слика на страница 50]
Некои религиозни водачи со сите сили се обидувале да спречат обичниот народ да дојде до Библијата; оние кои ја поседувале биле спалувани на клада
[Слика на страници 52 и 53]
Свиток на Исаија од Мртвото Море
[Слика на страници 54 и 55]
Ѕидот на храмот во Карнак (Египет)
[Слика на страница 55]
Моавскиот камен
[Слика на страница 55]
Набонидовата хроника
[Слика на страница 55]
Влезот во тунелот на Езекија и во Силоамското езерце