Поглавје 11
Јован го подготвува патот
ПОМИНАЛЕ седумнаесет години откако Исус, како 12-годишно дете, ги прашувал учителите во храмот. Сега е пролет, 29 н.е., и се чини дека сите зборуваат за Исусовиот братучед Јован кој проповеда во целото подрачје околу реката Јордан.
Јован навистина е импресивен човек, како по изгледот така и по говорот. Тој носи облека од камилски влакна и кожен појас околу бедрата. Се храни со скакулци и див мед. А која е неговата порака? „Покајте се, зашто се приближи царството небесно.“
Оваа порака ги подбудува неговите слушатели. Многумина ја сфаќаат потребата да се покаат, односно, да го променат својот став и да го отфрлат својот поранешен начин на живот како непожелен. Затоа кај Јован доаѓаат многу луѓе од целото подрачје околу Јордан па дури и од Ерусалим, и тој ги крштава, потопувајќи ги во водата на Јордан. Зошто?
Јован ги крштава луѓето во знак, или признание, на нивното каење од срце поради гревови кои ги направиле против Божјиот сојуз на Законот. Но, кога некои фарисеи и садукеи доаѓаат на Јордан, Јован ги осудува. „Потомство на отровници“, вели тој. „Донесувајте плод кој прилега на покајание; и не осмелувајте се да велите во себе: ‚За татко го имаме Авраам‘. Зашто ви велам дека Бог може на Авраам да му подигне деца од овие камења. Секирата веќе лежи кај коренот на дрвјата; значи, секое дрво кое не донесува добар плод, треба да се исече и фрли в оган.“
Поради сето тоа внимание што Јован го привлекува на себе, Евреите испраќаат кај него свештеници и Левити. Тие го прашуваат: „Кој си ти?“
„Јас не сум Христос“, признава Јован.
„Тогаш што?“ прашуваат тие. „Дали си Илија?“
„Не сум“, одговара тој.
„Дали си Пророкот?“
„Не!“
Затоа тие упорно го прашуваат: „Кој си ти, за да им дадеме одговор на оние што нѐ испратија? Што велиш ти за себеси?“
Јован им објаснува: „Јас сум глас на некој кој вика во пустелијата: ‚Израмнете го патот Јеховин‘, како што рече пророкот Исаија“.
„Зошто тогаш крштаваш“, сакаат да знаат, „ако самиот не си Христос, ниту Илија, ниту Пророкот?“
„Јас ве крштавам во вода“, одговара тој. „Меѓу вас стои еден кого вие не го знаете, оној кој доаѓа по мене.“
Јован го подготвува патот, доведувајќи ги срцата на луѓето во исправна состојба за да можат да го прифатат Месијата, кој ќе стане Цар. Јован за него вели: „Оној кој доаѓа после мене посилен е од мене, кому јас не сум достоен да му ги собујам сандалите“. Всушност, Јован дури вели: „Оној кој доаѓа по мене, оди пред мене, бидејќи постоеше пред мене“.
Со пораката „се приближи царството небесно“, Јован дал јавна најава дека наименуваниот Цар од Јехова, Исус Христос, наскоро ќе ја започне својата служба. Јован 1:6—8, 15—28; Матеј 3:1—12; Лука 3:1—18; Дела 19:4.
▪ Каков човек е Јован?
▪ Зошто Јован ги крштава луѓето?
▪ Зошто Јован може да каже дека се приближило Царството?