ПОГЛАВЈЕ 11
Јован Крстител го подготвил патот
МАТЕЈ 3:1-12; МАРКО 1:1-8; ЛУКА 3:1-18; ЈОВАН 1:6-8, 15-28
ЈОВАН ПОЧНАЛ ДА ПРОПОВЕДА И ДА КРШТАВА
СЕ КРСТИЛЕ МНОЗИНА, НО НЕ СИТЕ
Пролетта 29 год. од н.е., седумнаесет години откако Исус разговарал со верските учители во храмот, се раширил глас за неговиот роднина Јован, кој проповедал на целото подрачје западно од реката Јордан.
Јован бил прилично необичен човек — и по својот изглед и по начинот на кој зборувал. Тој носел облека од камилски влакна и кожен појас околу половината, а се хранел со скакулци и див мед. Каква порака им пренесувал на луѓето? „Покајте се, зашто се приближи царството небесно“, им велел (Матеј 3:2).
Неговата порака предизвикала голем интерес кај оние што дошле да го слушаат. Мнозина сфатиле дека требало да се покаат, односно да ги променат своите ставови и својот начин на живот. Кај него дошле „луѓе од Ерусалим, од цела Јудеја и од целиот јордански крај“ (Матеј 3:5). Голем број од нив навистина се покајале. Јован ги крштавал така што ги потопувал во водите на реката Јордан. Зошто ги крштавал?
Крштавањето било симбол, или доказ, дека лицето искрено се кае за гревовите против сојузот на Законот што го склучиле со Бог (Дела 19:4). Но, не можело секој да се крсти. Кога кај Јован дошле некои од религиозните водачи — фарисеите и садукеите — Јован ги нарекол „змиско легло“. Тој им рекол: „Донесете плод кој одговара на вашето покајание! И не осмелувајте се да си велите во себе: ‚Авраам ни е татко‘. Зашто, ви велам, Бог може и од овие камења да му подигне деца на Авраам. Секирата е веќе ставена на коренот на дрвјата. Па така, секое дрво кое не донесува добар плод, се сече и се фрла во оган“ (Матеј 3:7-10).
Бидејќи Јован привлекувал многу внимание, ширел една силна порака и крштавал голем број луѓе, Евреите ги пратиле свештениците и левитите за да го прашаат: „Кој си ти?“
„Јас не сум Христос“, искрено одговорил Јован.
„Што си тогаш? Да не си Илија?“, сакале да знаат.
„Не сум“, рекол Јован.
„Дали си Пророк?“, го прашале, мислејќи на големиот Пророк за кого Мојсеј рекол дека ќе дојде (5. Мојсеева 18:15, 18).
„Не сум“, одговорил Јован.
„Тогаш, кој си?“, упорно продолжиле да го прашуваат. „Кажи, за да можеме да им одговориме на оние што нѐ испратија! Што велиш ти за себе?“ Јован им објаснил: „Јас сум гласот на оној што вика во пустината: ‚Израмнете му го патот на Јехова!‘ — како што рече пророкот Исаија“ (Јован 1:19-23).
„Зошто тогаш крштаваш ако не си ниту Христос, ниту Илија, ниту Пророк?“, ги интересирало. „Јас крштавам со вода“, им одговорил Јован, и потоа им кажал нешто многу важно: „Меѓу вас стои еден, кого вие не го познавате, оној што доаѓа по мене“ (Јован 1:25-27).
Како што кажал самиот Јован, тој го подготвувал патот така што на луѓето кои имале спремно срце им помагал да го прифатат проречениот Месија, оној што требало да стане Цар. За него, Јован рекол: „Оној што доаѓа по мене е посилен од мене. Нему јас не сум достоен да му ги собујам ни сандалите“ (Матеј 3:11). Јован дури рекол: „Тој што доаѓа по мене, пред мене е, бидејќи постоеше пред мене“ (Јован 1:15).
Пораката на Јован „покајте се, зашто се приближи царството небесно“ била сосема на место (Матеј 3:2). На тој начин Јован јавно објавувал дека службата на оној кого Јехова го избрал за Цар, Исус Христос, наскоро требало да започне.