Поглавје 65
Тајно патување во Ерусалим
ЕСЕН е 32 н.е. и се приближува празникот Сеници. Од Пасхата во 31 н.е., кога Евреите се обиделе да го убијат, Исус ја ограничил својата активност претежно на Галилеја. Веројатно оттогаш Исус го посетува Ерусалим само на трите годишни еврејски празници.
Исусовите браќа сега го поттикнуваат: „Замини одовде и појди во Јудеја“. Ерусалим е главен град на Јудеја и религиозен центар на целата земја. Неговите браќа резонираат: „Никој не прави ништо во тајност додека настојува да биде јавно познат“.
Иако Јаков, Симон, Јосиф и Јуда не веруваат дека нивниот постар брат Исус навистина е Месијата, сепак сакаат тој да ја покаже својата чудотворна моќ пред сите оние кои се собрани на празникот. Меѓутоа, Исус е свесен за опасноста. „Светот нема причина да ве мрази вас“, вели тој, „но мене ме мрази, бидејќи јас сведочам за него дека неговите дела се зли.“ Затоа Исус им вели на своите браќа: „Вие појдете горе на празникот; јас уште не одам горе на овој празник“.
Празникот Сеници е прослава што трае седум дена. Завршува на осмиот ден со свечени активности. Со празникот се одбележува завршетокот на земјоделската година и тој е време на голема веселба и благодарност. После неколку дена откако браќата на Исус отишле на празникот заедно со повеќето патници, тој и неговите ученици одат тајно, избегнувајќи ги очите на јавноста. Одат преку Самарија, наместо по патот покрај реката Јордан по кој одат повеќето други луѓе.
Бидејќи нему и на неговите ученици ќе им треба сместување во некое самарјанско село, Исус испраќа гласници да направат подготовки. Меѓутоа, кога луѓето дознаваат дека Исус оди за Ерусалим, одбиваат да сторат што и да било за него. Огорчени, Јаков и Јован прашуваат: „Господи, сакаш ли да кажеме да слезе оган од небото и да ги уништи?“ Исус ги укорува заради тоа што предлагаат вакво нешто, па продолжуваат понатаму во друго село.
Додека одат по патот, еден книжник му вели на Исус: „Учителе, ќе те следам каде и да појдеш“.
„Лисиците имаат дувла и птиците небесни имаат гнезда“, одговара Исус, „а Синот човечки нема каде глава да положи.“ Исус објаснува дека ако стане Негов следбеник, книжникот ќе доживее тешкотии. А се чини дека книжникот е премногу горд за да прифати таков начин на живот.
На еден друг човек Исус му вели: „Биди мој следбеник“.
„Дозволи ми прво да одам и да го погребам татко ми“, одговара човекот.
„Мртвите нека ги погребуваат своите мртви“, одговара Исус, „а ти оди и објавувај го надалеку Божјето царство.“ Таткото на тој човек очигледно сѐ уште не умрел, бидејќи ако е умрен, неговиот син веројатно не би бил тука да го слуша Исус. Синот изгледа бара да причека некое време додека да умре татко му. Тој не е спремен Божјето Царство да го стави на прво место во својот живот.
Додека одат по патот за Ерусалим, еден друг човек му вели на Исус: „Јас ќе те следам, Господи; но дозволи ми прво да се збогувам со своите домашни“.
Исус му одговара: „Никој кој ја ставил раката на плугот па погледнува на она што е одзади, не е погоден за Божјето царство“. Оние кои ќе бидат Исусови ученици мора да ги сосредоточат очите на службата за Царството. Исто како што браздата ќе биде крива ако орачот не гледа право напред така и секој оној кој гледа назад кон овој стар систем на работи, веројатно ќе се спрепне на патот кој води до вечен живот. Јован 7:2—10; Лука 9:51—62; Матеј 8:19—22.
▪ Кои се Исусови браќа, и што мислат тие за него?
▪ Зошто Самарјаните се толку груби, и што сакаат да сторат Јаков и Јован?
▪ Кои три разговори ги има Исус по патот, и како тој ја нагласува потребата од самопожртвувана служба?