Поглавје 67
Не успеваат да го уапсат
ДОДЕКА празникот Сеници сѐ уште трае, верските водачи испраќаат полициски службеници да го уапсат Исус. Тој не се обидува да се скрие. Напротив, продолжува јавно да поучува, велејќи: „Уште малку време сум со вас пред да одам кај оној кој ме испрати. Ќе ме барате, но нема да ме најдете, и таму каде што сум јас, вие не можете да дојдете“.
Евреите не го разбираат тоа, па се прашуваат меѓу себе: „Каде има намера да оди овој човек, та да не можеме да го најдеме? Зарем има намера да оди кај Евреите расеани меѓу Грците и да ги поучува Грците? Што значат овие зборови што ги кажа: ‚Ќе ме барате, но нема да ме најдете, и таму каде сум јас, вие не можете да дојдете‘?“ Се разбира, Исус зборува за својата претстојна смрт и воскресение за живот на небото, каде неговите непријатели не можат да го следат.
Стигнува седмиот и последен ден од празникот. Секое утро за време на празникот, свештеникот излева вода, која ја зема од езерцето Силоам, така што таа потекува во подножјето на олтарот. Веројатно потсетувајќи ги луѓето на таа секојдневна церемонија, Исус извикува: „Ако некој е жеден, нека дојде кај мене и нека пие. Кој ќе поверува во мене, како што кажа Писмото: ‚Од неговата внатрешност ќе потечат потоци на вода жива‘“.
Всушност, овде Исус зборува за величествените резултати од излевањето на светиот дух. Тоа излевање на светиот дух се случува на Пентекост следната година. Таму потекле потоци жива вода кога 120-те ученици почнале да им проповедаат на луѓето. Но, дотогаш немало дух во таа смисла што никој од Христовите ученици не бил помазан со свет дух и не бил повикан за небесен живот.
Во одговор на Исусовото поучување некои велат: „Овој сигурно е Пророкот“, очигледно укажувајќи на пророкот поголем од Мојсеј за кого било ветено дека ќе дојде. Други велат: „Овој е Христос“. А трети, пак, протестираат: „Зарем Христос доаѓа, всушност, од Галилеја? Зарем Писмото не вели дека Христос доаѓа од потомството на Давид, и од Витлеем, селото од каде што беше Давид?“
Така, меѓу мноштвото настанува поделба. Некои сакаат Исус да биде уапсен, но никој не става раце врз него. Кога полициските службеници се враќаат без Исус, главните свештеници и фарисеите прашуваат: „Зошто не го доведовте?“
„Никогаш друг човек не зборувал така“, одговараат службениците.
Исполнети со гнев, верските водачи се спуштаат толку ниско што почнуваат да ги исмејуваат, погрешно да ги претставуваат и да ги нарекуваат со погрдни имиња. Тие се подбиваат: „Зарем и вие сте заведени? Поверувал ли во него некој од владетелите или од фарисеите? Но ова мноштво кое не го познава Законот е проклет народ“.
На тоа Никодим, фарисеј и еврејски владетел (т.е. член на Синедрионот), се осмелува да прозборува во полза на Исус. Можеби се сеќаваш дека две и пол години пред тоа Никодим дојде ноќе кај Исус и изрази вера во него. Сега Никодим вели: „Зарем нашиот закон му суди на човек ако најнапред не го сослуша и не дознае што прави?“
Фарисеите уште повеќе се разлутуваат затоа што некој од нив го брани Исус. „Зарем и ти си од Галилеја?“, зајадливо забележуваат. „Побарај и види дека ниеден пророк нема да биде подигнат од Галилеја.“
Иако Писмото не кажува директно дека некој пророк ќе дојде од Галилеја, тоа укажува дека Христос ќе дојде оттаму, бидејќи вели дека во тој регион ќе се види „голема светлина“. Освен тоа, Исус се родил во Витлеем, и бил потомок на Давид. Иако фарисеите несомнено го знаат тоа, најверојатно тие се одговорни за ширењето на погрешните претстави што луѓето ги имаат за Исус. Јован 7:32—52; Исаија 9:1, 2; Матеј 4:13—17.
▪ Што се случува секое утро на празникот, и со што Исус го насочува вниманието кон тоа?
▪ Зошто службениците не успеваат да го уапсат Исус, и како реагираат верските водачи?
▪ Кој е Никодим, каков е неговиот став кон Исус, и како се однесуваат кон него останатите фарисеи?
▪ Каков доказ постои дека Христос треба да дојде од Галилеја?