Поглавје 98
Учениците се расправаат додека наближува Исусовата смрт
ИСУС и неговите ученици се во близина на реката Јордан, каде што преминуваат од областа Переја во Јудеја. Многу други патуваат со нив на Пасхата 33 н.е., до која останува само уште околу една седмица.
Исус чекори пред учениците, и тие се вчудовидени од неговата смела одлучност. Сети се дека неколку седмици пред тоа, кога умрел Лазар и кога Исус сакал да оди од Переја во Јудеја, Тома ги охрабрувал другите: „Ајде и ние да одиме за да умреме со него“. Сети се исто така дека откако Исус го воскреснал Лазар, Синедрионот сковал планови за Исус да биде убиен. Не е ни чудо што учениците ги фаќа страв додека сега повторно влегуваат во Јудеја.
За да ги подготви за она што ги очекува, Исус ги тргнува насамо дванаесеттемина и им вели: „Еве, се искачуваме во Ерусалим, и Синот човечки ќе биде предаден на главните свештеници и на книжниците, и тие ќе го осудат на смрт и ќе го предадат на луѓето од нациите, и ќе му се исмеваат и ќе го плукаат и ќе го камшикуваат и ќе го убијат, но по три дена ќе стане“.
Ова е третпат во последните месеци како Исус им зборува на учениците за својата смрт и воскресение. Иако го слушаат, тие не го сфаќаат. Можеби е така поради тоа што веруваат во обновувањето на Царството Израел на Земјата, и со нетрпение чекаат да уживаат во слава и чест со Христос во едно земно царство.
Меѓу оние кои одат на Пасхата е и Салома, мајката на апостолите Јаков и Јован. Исус ги нарекол овие мажи „Синови на громот“, несомнено поради нивната избувлива природа. Веќе извесно време тие двајца негуваат амбиција да бидат на истакнати положби во Христовото Царство, и желбите ѝ ги кажале на својата мајка. Сега таа му приоѓа на Исус во нивно име, паѓа пред него и бара услуга.
„Што сакаш?“ прашува Исус.
Таа одговара: „Кажи овие двајца мои синови да седнат, еден откај твојата десница, а другиот откај твојата левица во твоето царство!“
Увидувајќи го изворот на молбата, Исус им вели на Јаков и на Јован: „Вие не знаете што барате. Можете ли да ја пиете чашата што треба да ја пијам јас?“
„Можеме“, одговараат тие. И покрај тоа што Исус штотуку им кажал дека се соочува со ужасно прогонство и на крај со погубување, тие изгледа не сфаќаат дека со „чашата“ која треба да ја испие тој всушност мисли токму на тоа.
Сепак, Исус им вели: „Навистина ќе ја пиете мојата чаша, но да седите откај мојата десница и левица не е мое да го дадам, туку им припаѓа на оние за коишто мојот Татко го приготвил“.
Со текот на времето, останатите десетмина апостоли дознаваат што барале Јаков и Јован, и се лутат. Можеби Јаков и Јован се истакнувале во претходните расправии меѓу апостолите за тоа кој е најголем. Нивната сегашна молба открива дека не го примениле советот што им го дал Исус во врска со тоа. За жал, нивната желба за истакнување е сѐ уште силна.
За да се справи со последнава полемика исо непријателството кое произлегло од неа, Исус ги повикува дванаесеттемина заедно. Советувајќи ги со љубов, тој вели: „Знаете дека владетелите на нациите господарат над нив и големците спроведуваат власт над нив. Меѓу вас не е така; туку кој сака да биде голем меѓу вас, мора да ви биде слуга; и кој сака да биде прв меѓу вас, мора да ви биде роб“.
Исус дал пример кој тие требало да го имитираат, како што објаснува: „Како што ни Синот човечки не дојде да му служат, туку да служи и да ја даде својата душа како откупнина во замена за мнозина“. Исус не само што служел во корист на други туку ќе го прави тоа до таа мера што ќе умре за човештвото! Учениците требало да имаат иста таква настроеност како Христос — да сакаат да служат, а не да им се служи; и да бидат помали, а не да бараат истакната положба. Матеј 20:17—28; Марко 3:17; 9:33—37; 10:32—45; Лука 18:31—34; Јован 11:16.
▪ Зошто сега учениците ги фаќа страв?
▪ Како Исус ги подготвува учениците за она што ги очекува?
▪ Што е побарано од Исус, и како тоа влијае врз останатите апостоли?
▪ Како Исус се справува со проблемот на своите апостоли?