Кои се Јеховините сведоци?
Што знаеш за Јеховините сведоци? Некои луѓе ги нарекуваат христијански пропагатори, нов христијански култ, христијанска секта врз која влијаел јудаизмот или, пак, фанатици кои одбиваат да се лекуваат. Всушност, Сведоците немаат ништо заедничко со сето тоа. Зошто некои луѓе помислуваат такви работи за нив? Најчесто затоа што тие луѓе добиле погрешни информации.
Како што покажува нивното име, Јеховините сведоци се Сведоци за Јехова. Кој е Јехова? Јехова е името на Семоќниот Бог, кое тој си го дава себеси на страниците на Библијата.a Тоа е лично име, а не титула како Бог или Господ. Општо земено, секој оној кој во текот на историјата сведочел за Божјата слава, може да се нарече сведок на Јехова (2. Мојсеева 3:13, 15, НС; Исаија 43:10).
Според тоа, кога Библијата наведува една долга низа сведоци од минатото, започнувајќи со Авел, таа ги нарекува „толку голем облак од сведоци“ (Евреите 11:4; 12:1, НС). Истакнати поединци, како што се Ное, Авраам, Исак, Јаков, Јосиф, Мојсеј и Давид, наброени се како Божји сведоци — сведоци на Јехова. Исус Христос е наречен „Верниот и Вистинскиот сведок“ (Откровение 3:14).
Зошто се потребни сведоци
Библијата вели дека човекот бил создаден како совршена творба и бил сместен во еден рај. Творецот го создал со можност да живее засекогаш, да има деца и насекаде да ги прошири границите на својот рајски дом. Во тоа време човекот го познавал својот Бог и немало потреба од сведоци (1. Мојсеева 1:27, 28).
Бог го обдарил човекот со слободна волја, но нашите прародители донеле погрешна одлука. Тие се определиле за независност од него. Затоа, додека Бог останува совршен, праведен и чист, човештвото на Земјата станало грешно и неправедно. Меѓутоа, нашиот свет Бог ќе дозволи гревот и злобата да постојат само во текот на ограничен временски период. Библијата укажува дека ние сме близу до крајот на тој временски период што го допуштил Бог. За да може човештвото да ги знае овие работи, Тој ја сочувал сѐ до нашево време Својата Реч — Тората, Псалмите и Евангелието.
Затоа што повеќето луѓе не го познаваат Бог, тој им заповедал на верните луѓе да сведочат за него. На таквите верни тој им вели: „Мои сведоци . . . сте вие“ (Исаија 43:10). Во врска со делото што го извршуваат тие, тој вели: „Ќе биде проповедано ова Евангелие за царството по целиот свет, за сведоштво на сите народи“ (Матеј 24:14).
Денес, повеќе луѓе од кога и да е порано, од сите раси, јазици и народи, искрено ја истражуваат Божјата Реч. Тие откриле дека многу верски обичаи се со паганско потекло и дека не му се допадливи на Бог.
Како што можеби веќе знаеш, некои ја користеле религијата за комерцијални цели. Други, пак, ја користеле за да ги унапредат своите политички цели или за да се збогатат на сметка на сиромашните. Што мислиш, како реагираат таквите религиозни профитери кога се дава вистинито сведоштво за Бог? Очигледно, тие се чувствуваат загрозени. Тоа е една причина зошто можеби слушаш како некои зборуваат лошо за Јеховините сведоци.
По која и да е цена, Јеховините сведоци тесно се придржуваат кон Библијата. Тие не измислиле нова религија. Едноставно го следат она што е напишано во Тората, Псалмите и Евангелието, кои се темелот на вистинската религија. Значи, во што веруваат тие? Подолу се наведени некои од нивните науки. Прочитај ги и види дали тие звучат вистинито.
Нема тројство
Библијата не ја научува доктрината за тројството. Напротив, таа вели дека има само еден вистински и вечен Бог. „Господ, нашиот Бог, е единствен Господ“ (5. Мојсеева 6:4). Тој е Творецот — вечен, семоќен, кому му нема рамен. Исус не е Семоќен Бог. Исус живеел на Земјата како совршен човек и умрел за несовршеното човештво. Бог љубезно го прифатил Исусовиот живот како откуп и со тоа преку него се постигнува спасение на верните. Ова е Божјата волја (Лука 22:42; Римјаните 5:12).
Нема бесмртна душа
Што се случува со луѓето кога ќе умрат? Божјата Реч вели: „Живите знаат, дека ќе умрат, а мртвите ништо не знаат“ (Проповедник 9:5). Човекот нема бесмртна душа. Луѓето кои мислат дека разговараат со мртвите, всушност комуницираат со демоните. На сличен начин, молитвите за мртвите не му користат никому освен на свештенството кое е платено за да ги кажува.
Воскресение
Вистинската надеж за човекот е воскресението — мртвите повторно да дојдат на Земјата, која ќе биде обновена во рајски услови. Оние кои му служеле на Бог, ќе бидат благословени за тоа што биле верни. Оние кои умреле без да го пронајдат Бог, тогаш ќе ја имаат таа можност. Според тоа, „ќе има воскресение на мртвите, на праведните и на неправедните“ (Дела 24:15). Само оние за кои Бог ќе пресуди дека не се достојни, нема да добијат воскресение.
Нема пеколен оган
Еден Бог кој е полн со љубов не би создал место во кое мртвите би страдале вечно. Самиот Бог го опишал спалувањето и мачењето на човечки суштества како нешто што „не сум го заповедал и кое ни на ум не Ми доаѓало“ (Јеремија 7:31).
Нема судбина
Бог не запишува ништо на челата на луѓето. Не постои судбина која ја одредува нашата иднина уште пред да се родиме. Ние сме одговорни за она што ќе го сториме, за изборот што го правиме. „Секој од нас ќе одговара пред Бога за себе“ (Римјаните 14:12).
Нема свештеничка класа
Секој што му е предаден на Бог, во негови очи е еднаков. Сите вистински обожаватели се браќа и сестри. Бог не поставил некаква возвишена свештеничка класа. Исус рекол: „Секој што се воздига, ќе биде понизен, а кој се понизува ќе биде воздигнат“ (Лука 18:14). Бог ќе ги осуди неповолно оние кои преку религијата се издигнуваат себеси над другите (Матеј 23:4—12).
Нема идолопоклонство
„Бог е Дух, и оние кои го обожаваат, треба да го обожаваат со дух и вистина“ (Јован 4:24, НС). Вистинските обожаватели не употребуваат идоли.
Неутрални во политиката
Исус рекол дека неговите следбеници нема да бидат „дел од светот“ (Јован 17:16, НС). Затоа, Јеховините сведоци не се мешаат во државната или во локалната политика. Освен тоа, тие се луѓе кои се придржуваат кон законот (Римјаните 13:1, 5—7).
Високи морални мерила
Исус опишал како може да се препознаат вистинските обожаватели, кога рекол: „Ова е Моја заповед: да се љубите еден со друг, како што ве возљубив јас“ (Јован 15:12, 13). Едно друго поглавје од Библијата вели: „Плодот на Духот е: љубовта, радоста, мирот, долготрпеливоста, добротата, милосрдноста, верата, кротоста, воздржливоста“ (Галатјаните 5:22, 23). Оние кои ги покажуваат овие особини не лажат, не крадат, не се коцкаат, не злоупотребуваат дрога ниту, пак, вршат сексуален неморал (Ефесјаните 4:25—28). Тие го сакаат Бог, па затоа ги избегнуваат оние работи што Бог ги мрази. Овие начела ги управуваат животите на Јеховините сведоци.
Се приближува крајот на светот
Што е она што го прави нашево време поинакво од другите времиња? Исполнувањето на пророштвото покажува дека живееме во последните денови на овој систем на ствари, т.е. овој свет (Даниил 2:44). Денес спорното прашање гласи: Дали она што го правиме му е угодно на Бог? Бог е еден, и затоа може да постои само една вистинска религија. Оваа религија не може да биде во несклад со Тората, Псалмите и Евангелието. Затоа, мора да ја испитаме таа Реч.
Токму тоа го прават Јеховините сведоци. Без оглед на која религија ѝ припаѓаш, ти треба да го направиш истото. Во овој поглед, никој друг не може да донесе одлука наместо тебе. Запомни: „Секој од нас ќе одговара пред Бога за себе“ (Римјаните 14:12).
Ниеден поединец не е роден како Сведок на Јехова. Секој поединечен Сведок донесува лична одлука. После едно искрено истражување на Божјата Реч, оној што истражува ја препознава вистината и врз таа основа му се предава на вистинскиот Бог, чие име е Јехова. Ако сакаш да направиш едно слично испитување, те молиме пиши на една од долниве адреси.
Доколку не е наведено поинаку, библиските стихови се земени од Библијата на македонски јазик, издание од 1991. Кога после некој цитат стои НС, тоа покажува дека е направен превод од англискиот New World Translation of the Holy Scriptures (Нов Свет превод на Светото писмо), ново издание од 1984 (не постои на македонски јазик).
[Фуснота]
a Во исламскиот свет, Библијата се состои од книгите кои се познати како Тора, Псалми и Евангелие. Најмалку 64 стихови од Коранот зборуваат за овие книги како за Божја Реч и нагласуваат дека е потребно да се читаат и да се извршуваат нивните заповеди. Некои луѓе тврдат дека Тората, Псалмите и Евангелието се изменети. Меѓутоа, да се рече тоа значи да се отфрлат зборовите од Коранот и да се рече дека Бог не може да ја сочува својата Реч.