ПОГЛАВЈЕ 17
,О длабочино на Божјата мудрост!‘
1, 2. Каква намера имал Јехова со седмиот ден, и како неговата мудрост била ставена на испит на почетокот од тој ден?
ЧОВЕКОТ, најубавото нешто што Јехова го создал во шестиот творечки ден, одеднаш го допрел дното! Бог рекол дека ‚сето она што го направил‘, вклучувајќи го и човекот, е „многу добро“ (1. Мојсеева 1:31). Но, на почетокот од седмиот ден, Адам и Ева избрале да му се придружат на Сатана во побуната против Јехова. А со тоа избрале и грев, несовршенство и смрт.
2 Можеби изгледало дека намерата на Јехова во врска со седмиот ден пропаднала. Тој ден, како и претходните шест, требало да трае илјадници години. Јехова го прогласил седмиот ден за свет и во текот на тој ден целата Земја требало да стане рај населен со совршени луѓе (1. Мојсеева 1:28; 2:3). Но, побуната во рајската градина оставила катастрофални последици. Што можел да направи Бог? Неговата мудрост била ставена на тежок, ако не и на најтешкиот испит.
3, 4. а) Како се гледа мудроста на Јехова од начинот на кој реагирал на побуната во рајската градина? б) Додека проучуваме за мудроста на Јехова, на што треба да нѐ поттикне понизноста?
3 Јехова веднаш реагирал. Им изрекол казна на бунтовниците од рајската градина, а во исто време дал краток увид во нешто прекрасно: неговата намера да им стави крај на неволјите кои штотуку почнале (1. Мојсеева 3:15). Исполнувањето на оваа намера трае еден подолг период кој започнал со настаните во рајската градина, ги опфаќа илјадниците години човечка историја и навлегува длабоко во иднината. Таа е неверојатно едноставна, а сепак толку длабока што можеме цел живот да откриваме детали за неа. Освен тоа, невозможно е намерата на Јехова да не се исполни. Кога таа ќе се оствари, ќе им дојде крај на злото, гревот и смртта, а верните луѓе ќе станат совршени. Сето ова ќе се случи пред да заврши седмиот ден. Така, и покрај сѐ, Јехова ќе ја оствари својата намера со Земјата и човештвото точно навреме!
4 Ваквата мудрост влева страхопочит, зарем не? Апостол Павле бил поттикнат да напише: ‚О длабочино на Божјата мудрост!‘ (Римјаните 11:33). Додека подетално ги разгледуваме разните аспекти на оваа особина на Бог, понизноста треба да нѐ поттикне да задржиме на ум една важна вистина — дека ние луѓето можеме да разбереме само делче од огромната мудрост на Јехова (Јов 26:14). Најпрво, да видиме што е мудроста.
Каква е Божјата мудрост?
5, 6. Каква е врската помеѓу знаењето и мудроста, и колку големо знаење има Јехова?
5 Мудроста не е исто што и знаењето. Компјутерите можат да складираат огромно знаење, но никој не би рекол дека тие машини се мудри. Сепак, знаењето и мудроста се поврзани (Изреки 10:14). На пример, ако ти требаат мудри совети во врска со некој здравствен проблем, дали ќе се посоветуваш со некој што има мали или никакви познавања од полето на медицината? Нормално дека не! Според тоа, за некој да биде вистински мудар, мора да има знаење.
6 Јехова има неограничено знаење. Како ‚Цар на вечноста‘, само тој постои отсекогаш (Откровение 15:3). И во текот на сите тие неброени векови, тој е свесен за сѐ што се случува. Библијата вели: „Нема создание кое е скриено пред неговиот поглед, туку сѐ е голо и откриено пред очите на оној кому ние мораме да му поднесеме сметка“ (Евреите 4:13; Изреки 15:3). Како Творец, Јехова многу добро знае како функционира сето она што го создал и е свесен за сѐ што се случува уште од почетокот на човечкото постоење. Тој го испитува нашето срце и знае сѐ што има во него (1. Летописи 28:9). Бидејќи нѐ создал со слободна волја, на Бог му е мило кога гледа дека донесуваме мудри одлуки во животот. Освен тоа, Јехова „ги слуша молитвите“, и тоа безброј молитви во исто време! (Псалм 65:2). А излишно е да се каже дека Јехова има совршено памтење.
7, 8. Како Јехова покажува разбирање, проникливост и мудрост?
7 Освен што има големо знаење, Јехова има и јасна слика за сѐ затоа што гледа како се поврзани фактите и е свесен за сите детали. Тој ги проценува и ги просудува работите, при што прави разлика помеѓу доброто и лошото, помеѓу важното и неважното. Освен тоа, тој не го гледа само она што е видливо туку продира и во срцето (1. Самоилова 16:7). Значи, Јехова има разбирање и проникливост, особини што го надминуваат знаењето. Но, мудроста ги надминува сите нив.
8 Мудроста е примена на знаењето, проникливоста и разбирањето. Всушност, некои од изворните библиски зборови преведени со „мудрост“ дословно значат „делотворна, практична, применлива мудрост“. Значи, мудроста на Јехова не е само теоретско знаење. Таа е практична и дава резултати. На темел на своето огромно знаење и длабоко разбирање, Јехова секогаш донесува најдобри одлуки и ги остварува на најдобар можен начин. Е, тоа е вистинска мудрост! Исус рекол: „Мудроста ја оправдуваат нејзините дела“ (Матеј 11:19). Ова јасно се гледа кај Јехова. Безбројните дела што ги создал се јасен доказ за неговата мудрост.
Докази за мудроста на Бог
9, 10. а) Каква мудрост има Јехова и како ја покажува? б) Како клетката дава доказ за мудроста на Јехова?
9 Си се восхитувал ли некогаш на генијалноста на некој мајстор кој изработува убави работи што беспрекорно функционираат? Таквата мудрост нѐ плени (2. Мојсеева 31:1-3). Јехова, најмудрата личност што постои, е изворот на таквата мудрост. Во врска со Јехова, цар Давид рекол: „Те фалам, полн со страхопочит, зашто сум чудесно создаден. Твоите дела се чудесни, и мојата душа тоа добро го знае“ (Псалм 139:14). Колку повеќе дознаваме за човечкото тело, толку повеќе мудроста на Јехова нѐ одушевува.
10 Еве еден пример: твојот живот започнал како една единствена клетка — јајце-клетка од мајка ти оплодена со сперматозоид од татко ти. По кратко време, таа клетка почнала да се дели. Крајниот производ си ти, човек што се состои од околу 100 билиони клетки. Овие клетки се толку ситни што на глава од шпенадла би можеле да се соберат околу 10.000 клетки со просечна големина! Сепак, секоја од нив е неверојатно сложена. Клетката е далеку посложена од која и да било машина или фабрика направена од човек. Научниците велат дека клетката е како добро утврден град — град во кој се врши темелна контрола над тоа што влегува и што излегува, кој има транспортен систем, комуникациска мрежа, електрични централи, фабрики, објекти за преработка и рециклирање на отпадните материи, па дури и еден вид централна власт во своето јадро. Освен тоа, за само неколку часа клетката може да направи верна копија на самата себе!
11, 12. а) Зошто клетките во ембрионот почнуваат да вршат различни функции, и како тоа е во склад со Псалм 139:16? б) Како човечкиот мозок е доказ дека сме ‚чудесно создадени‘?
11 Се разбира, сите клетки не се исти. Како што клетките на ембрионот се делат, тие почнуваат да вршат разни функции. Некои стануваат нервни клетки, други коскени, мускулни, крвни клетки итн. Сите овие разлики се програмирани во „библиотеката“ на клетката во која се чува генетскиот план, или ДНК. Интересно е она што го кажал Давид во врска со Јехова: „Твоите очи ме видоа додека бев зародок, во твојата книга сите негови делови беа запишани“ (Псалм 139:16).
12 Некои делови од телото се исклучително сложени. Да го земеме за пример човечкиот мозок. За него се вели дека е најсложеното нешто во вселената. Мозокот содржи околу 100 милијарди нервни клетки — отприлика колку што има ѕвезди во нашата галаксија. Секоја од тие клетки се разгранува и воспоставува илјадници врски со другите клетки. Научниците велат дека човечкиот мозок може да ги собере сите информации содржани во сите библиотеки во светот и дека тој, всушност, има неограничен капацитет за складирање податоци. Иако научниците веќе со децении го изучуваат овој орган кој е „чудесно создаден“, тие признаваат дека можеби никогаш нема потполно да сфатат како функционира.
13, 14. а) Како мравките и другите животинки покажуваат дека „природно се мудри“, и што ни кажува тоа за нивниот Творец? б) Зошто може да се каже дека созданијата, како што е пајажината, се ‚мудро направени‘?
13 Но, луѓето се само еден пример за мудроста на Творецот. Во Псалм 104:24 пишува: „Колку се многубројни твоите дела, Јехова! Сите мудро си ги направил, полна е земјата со твоите творби“. Мудроста на Јехова се гледа во сѐ што создал. На пример, мравката е ‚природно мудра‘ (Изреки 30:24). Факт е дека колониите мравки се високо организирани. Некои колонии добиваат храна од лисни вошки кои ги чуваат и ги одгледуваат како домашни животни. Други мравки се како земјоделци кои одгледуваат и обработуваат „посеви“ со габи. И многу други животинки се создадени инстинктивно да прават неверојатни работи. На пример, мувата прави акробатски летови што не можат да ги изведат ни најсовремените летала направени од човек. Птиците преселници се водат по ѕвездите, по Земјиното магнетно поле или по некој вид внатрешна карта. Биолозите со години ги изучуваат сложените својства што им се вродени на овие суштества. Тогаш, колку мора да е мудар нивниот Творец!
14 Научниците учат многу од мудроста на Јехова што е вткаена во неговите созданија. Постои дури и научна гранка наречена биомиметика, која се труди да ги копира механизмите во природата. На пример, можеби и ти некогаш си се восхитувал на убавината на некоја пајажина. Но, еден научник се восхитува на нејзиниот дизајн. Некои нишки изгледаат толку кревки, а сепак пропорционално се појаки од челик и поцврсти од влакната од кои е направен еден панцир. Но, колку, всушност, се јаки? Кога пајажината сразмерно би ја зголемиле колку голема рибарска мрежа, таа би можела да сопре патнички авион во лет! Да, Јехова ‚мудро ги направил‘ сите овие работи.
Мудрост надвор од границите на Земјата
15, 16. а) Како се гледа мудроста на Јехова во ѕвездите? б) Како тоа што Јехова е Врховен Заповедник над една огромна војска од ангели е доказ за неговата мудрост?
15 Мудроста на Јехова е очигледна и во вселената. Ѕвездите, за кои подетално се зборуваше во петтото поглавје, не се расфрлани низ вселената без никаков ред. Поради Јеховините мудри ‚закони што управуваат со небото‘, вселената е уредно организирана. Во неа има галаксии кои се групирани во јата, а повеќе јата, пак, образуваат суперјата (Јов 38:33). Не е ни чудо што Јехова за небесните тела вели дека се „војска“! (Исаија 40:26). Но, има една друга војска која ни дава уште пожива слика за мудроста на Јехова.
16 Како што видовме во четвртото поглавје, Бог ја носи титулата „Јехова над војските“ затоа што тој е Врховен Заповедник на една огромна војска од стотици милиони духовни суштества. Ова е доказ за моќта на Јехова. Но, каква врска има тоа со неговата мудрост? Размисли: Јехова и Исус никогаш не престануваат да работат (Јован 5:17). Логично е да заклучиме дека и ангелите кои му служат на Севишниот секогаш работат. И да не заборавиме дека тие се супериорни во однос на луѓето — ги надминуваат и во поглед на интелигенцијата и во поглед на моќта (Евреите 1:7; 2:7). Сепак, Јехова веќе милијарди години им дава на ангелите смисловна работа — ‚да ја извршуваат неговата реч и да ја вршат неговата волја‘ (Псалм 103:20, 21). Колку е голема мудроста на Јехова, кој ги организира сите овие суштества!
Јехова е „единствениот мудар“
17, 18. Зошто Библијата вели дека Јехова е „единствениот мудар“, и зошто неговата мудрост треба да ни влее страхопочит?
17 Со оглед на сите овие докази, не треба да нѐ чуди тоа што Библијата ја опишува мудроста на Јехова како ненадминлива. На пример, во неа пишува дека Јехова е „единствениот мудар“ (Римјаните 16:27). Единствено Јехова е мудар во апсолутна смисла. Тој е извор на сета вистинска мудрост (Изреки 2:6). Од таа причина, Исус, најмудрото создание на Јехова, не се потпирал на сопствената мудрост, туку зборувал онака како што го научил неговиот Татко (Јован 12:48-50).
18 Апостол Павле многу убаво ја опишал неспоредливата мудрост на Јехова: „О длабочино на Божјето богатство, мудрост и знаење! Колку се неистражливи неговите судови и несфатливи неговите патишта!“ (Римјаните 11:33). Почнувајќи со извикот „о“, Павле изразил силно чувство, односно длабока страхопочит. Грчкиот збор што го употребил за „длабочина“ е тесно поврзан со зборот „бездна“. Со тоа, неговите зборови ни доловуваат жива слика. Кога размислуваме за мудроста на Јехова, како да гледаме во една бескрајна провалија која е толку длабока, толку неизмерна што никогаш не би можеле потполно да ја сфатиме нејзината големина, а камоли да го согледаме секој нејзин детаљ (Псалм 92:5). Ова навистина треба да нѐ поттикне да бидеме понизни!
19, 20. а) Зошто орелот е соодветен симбол за мудроста на Бог? б) Како Јехова покажал дека може да ја предвиди иднината?
19 Јехова е „единствениот мудар“ и во друга смисла — само тој може да ја предвиди иднината. Како што веќе беше кажано, Јехова ја споредува својата мудрост со остриот вид на орелот. Златниот орел може да тежи само пет килограми, а сепак очите му се поголеми од очите на возрасен човек. Тој има неверојатно остар вид кој му овозможува да забележи дури и ситен плен на висина од стотици метри, а можеби и километри! Во врска со орелот, самиот Јехова рекол: „Неговите очи гледаат далеку“ (Јов 39:29). Слично, и Јехова може да гледа „далеку“ во времето — во иднината!
20 Библијата содржи многу докази за ова. Во неа се запишани стотици пророштва, кои претставуваат историја напишана однапред. Во Библијата се проречени исходи од војни, подеми и падови на светски сили, па дури и конкретни стратегии на воени заповедници. Во некои случаи, тие пророштва биле кажани стотици години однапред (Исаија 44:25—45:4; Даниел 8:2-8, 20-22).
21, 22. а) Зошто не е логично да заклучиме дека Јехова однапред знае какви одлуки ќе донесеш во животот? Објасни. б) Од каде знаеме дека Јехова не ја користи својата мудрост без чувства?
21 Но, дали ова значи дека Бог веќе знае какви одлуки ќе донесеш во животот? Некои што го застапуваат верувањето во предодреденост тврдат дека е така. Меѓутоа, тоа верување ја поткопува довербата во Јеховината мудрост затоа што наведува на заклучок дека тој не може да ја контролира својата способност да ја предвиди иднината. Да го објасниме тоа со еден пример: да речеме дека имаш прекрасен глас. Дали тоа значи дека немаш друг избор освен да пееш без престан? Тоа би било бесмислено! Слично на тоа, Јехова има способност да ја предвиди иднината, но не ја користи таа способност нонстоп. Доколку го прави тоа, би можел да ни навлезе во слободната волја, дар што никогаш не би ни го одзел (5. Мојсеева 30:19, 20).
22 Што е уште полошо, верувањето во предодреденост би значело дека Јехова ја користи својата мудрост без љубов, милост или сочувство. Но, тоа е далеку од вистината! Библијата вели дека Јехова има „мудро срце“ (Јов 9:4). Тоа не значи дека Јехова има дословно срце. Во Библијата овој збор често укажува на внатрешната личност, во што спаѓаат и мотивите и чувствата, на пример, љубовта. Значи, како што е случај и со останатите негови особини, врз мудроста на Јехова влијае љубовта (1. Јованово 4:8).
23. На што треба да нѐ поттикне ненадминливата мудрост на Јехова?
23 Се разбира, можеме да имаме апсолутна доверба во мудроста на Јехова. Тој е далеку помудар од нас и затоа во Божјата Реч со љубов сме поттикнати: „Имај доверба во Јехова со сето свое срце и не потпирај се на сопствениот разум. На сите свои патишта имај го на ум, и тој ќе ги исправи твоите патеки“ (Изреки 3:5, 6). Сега, да дознаеме нешто повеќе за мудроста на Јехова. Тоа ќе ни помогне уште повеќе да се зближиме со него.