ПОГЛАВЈЕ 26
Чувства — како да ги контролирам?
ШТО мислиш — дали огнот е добар или лош? Веројатно ќе одговориш дека тоа зависи од околностите. Во студена зимска ноќ, дрвата што горат во каминот ти ја даваат потребната топлина. Тоа е добро. Но, ако не се држат под контрола, пламењата можат брзо да се рашират и да ја запалат целата куќа. Тоа е лошо.
Слично е и со твоите чувства. Кога се под контрола, тие се корисни и ти помагаат да стекнеш блиски пријатели. Но, кога се вон контрола, чувствата можат да бидат разорни — не само за тебе, туку и за оние околу тебе.
Како тинејџер, можеби понекогаш те обзема гнев или тага. Како да ги контролираш тие чувства? Ајде да ги разгледаме едно по едно.
Да се смири гневот
Не е лесно да се контролира болката која доаѓа кога некој постапува лошо со тебе. Некои што се во таква положба ја губат самоконтролата. Всушност, Библијата зборува за луѓе кои се ‚склони кон лутина‘ и ‚избувливи‘ (Изреки 22:24; 29:22). Ова не е безначајна работа. Неконтролираниот гнев може да те натера да направиш работи за кои подоцна ќе се каеш. Тогаш, како да си ги контролираш чувствата кога лошо се постапува со тебе?
Прво, анализирај ја ситуацијата објективно и види дали можеш да го решиш проблемот во своето срцеa (Псалм 4:4). Не заборавај, ако вратиш „зло за зло“, само уште повеќе ќе ги влошиш работите (1. Солуњаните 5:15). Откако добро ќе размислиш и ќе се помолиш, можеби ќе ти биде полесно да ја отфрлиш огорченоста. Кога ќе го направиш тоа, огорченоста повеќе нема толку силно да влијае врз тебе (Псалм 37:8).
Но, што ако болката не попушта? Библијата вели дека има „време за молчење и време за зборување“ (Проповедник 3:7). Би можел ли да зборуваш со оној што те повредил? Ако тоа не е мудро, можеби ќе ти биде од помош да им кажеш на родителите или на некој зрел пријател како се чувствуваш. Кога некој намерно сака да те вознемирува, вложи посебни напори да бидеш љубезен со него. Табелата на 221. страница може да ти помогне да смислиш како да одговориш во ситуации во кои досега можеби си реагирал импулсивно.
Секако, моли го Јехова да ти помогне да не собираш во себе огорченост кон оној што те повредил. Запамти го ова: Иако не можеш да го смениш она што се случило, можеш да ја смениш својата реакција. Ако дозволиш да те обземе гнев, беспомошен си колку и риба на јадица. Дозволуваш некој друг да ти ги контролира мислите и чувствата. Зарем не би сакал ти да ја имаш контролата? (Римјаните 12:19).
Да се поднесе тагата
„Во последно време сум нерасположена и претерано самокритична“, вели Лора (16). „Немам никаква радост во животот. Заспивам со солзи во очите.“ Исто како Лора, голем број млади се гушат од притисоците што ги носи животот. Како е со тебе? Родителите, пријателите и наставниците имаат разни барања; пубертетот носи физички и емоционални промени; имаш чувство дека си чисто промашување поради некоја твоја мала слабост — сето ова може да придонесе да се чувствуваш ужасно.
За да си ја олеснат маката, некои млади дури почнуваат намерно да се повредуваат.b Ако и ти си станал жртва на таа навика, потруди се да откриеш зошто го правиш тоа. На пример, самоповредувањето честопати е начин да се поднесе некој стрес. Има ли во твојот живот нешто — можеби поврзано со семејството или со пријателите — што ти причинува душевна болка?
Еден од најдобрите начини да се надминат негативните чувства е да разговараш со некој од родителите или со некој зрел член на христијанското собрание кој ќе ти биде вистински пријател „во неволја“ (Изреки 17:17). Лили (16) им се доверила на некои постари сестри од собранието. Таа вели: „Бидејќи се постари од мене, нивниот совет многу ми помага. Ми станаа пријателки“.c Даниела (15) вели дека нејзе ѝ помогнало тоа што одела почесто да проповеда. „Тоа беше најдоброто нешто што можев да го направам“, вели таа. „Всушност, тоа ми беше најубавиот период во животот!“
Но, најважно од сѐ, ако си тажен и потиштен, не престанувај да се молиш. Псалмистот Давид, кој претрпел доста неволји, напишал: „Фрли го своето бреме на Јехова, и тој ќе те поткрепи“ (Псалм 55:22). Јехова ги знае твоите маки. И повеќе од тоа — ‚тој се грижи за тебе‘ (1. Петрово 5:7). Ако срцето те осудува, запамти дека ‚Бог е поголем од твоето срце и знае сѐ‘ (1. Јованово 3:20). Тој знае подобро и од тебе зошто си потиштен, и може да ти го олесни тој емоционален товар.
Ако тагата те држи подолго време, можеби имаш некој здравствен проблем, како што е депресијата.d Ако е така, најдобро е да одиш на лекар. Да ја игнорираш ситуацијата би било исто како да го пуштиш радиото во колата на цел глас само за да не го слушаш тропањето во моторот. Многу е подобро да преземеш нешто за да се реши проблемот. Нема потреба да се срамиш ако имаш здравствен проблем. На голем број млади што страдаат од депресија и слични нарушувања им помага соодветна терапија.
Не заборавај, твоите чувства се како оган. Кога се под контрола, тие се корисни; кога се вон контрола, тие се разорни. Труди се со сите сили да си ги контролираш чувствата. Точно е дека понекогаш ќе кажеш или ќе направиш нешто за што подоцна ќе се каеш. Но, биди стрплив. Со текот на времето ќе научиш да си ги контролираш чувствата за тие да не те контролираат тебе.
Дали си перфекционист? Ако си, како да научиш да живееш со своите грешки?
[Фусноти]
a Ако станува збор за малтретирање, во 14. поглавје од оваа книга ќе најдеш предлози како да се справиш со таа ситуација. А, ако те налутил пријател, од помош може да ти бидат информациите во 10. поглавје.
b Оние што намерно се повредуваат си нанесуваат најразлични повреди — се сечат, се горат, се удираат или си ја гребат кожата.
c Ако ти е тешко да зборуваш со некого лице в лице, пробај да напишеш писмо или да зборуваш по телефон. Тоа што ќе му се довериш на некого честопати е првиот чекор за да се излекуваш.
d Повеќе информации за депресијата има во Том 1, поглавје 13.
КЛУЧЕН СТИХ
„Не дозволувај да те надвладее злото, туку надвладеј го злото со добро!“ (Римјаните 12:21)
ПРЕДЛОГ
Секој ден кажи им на родителите нешто убаво што ти се случило — макар и да е некоја ситница. Така, кога ќе дојде до некој сериозен проблем, ќе ти биде полесно да зборуваш со нив. И тие ќе бидат поспремни да те сослушаат.
СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА...?
Кога телото не добива доволно одмор и храна, потешко можеш да ги контролираш чувствата.
ПЛАН!
Едно негативно чувство со кое најмногу се борам е ․․․․․
Ќе се справам со ова чувство така што ․․․․․
Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․
ШТО МИСЛИШ?
● Зошто Бог не го сака неконтролираниот гнев?
● Како може да си наштетиш ако не го контролираш гневот?
● Кои работи ќе ти помогнат да ја поднесеш тагата?
[Истакната мисла на страница 223]
››Најважно ми беше тоа што знаев дека некој се грижи за мене, дека има некој со кого можам да разговарам кога сѐ изгледаше безнадежно‹‹ (Тина)
[Табела/слики на страница 221]
Прашалник
Контролирај го гневот
Пополни ја табелата
Случка
Соученик ме исмејува
Импулсивна реакција
Ќе вратам со навреда
Помудра реакција
Ќе го игнорирам и ќе му покажам дека не може да ме испровоцира
Случка
Сестра ми „ги позајми“ моите омилени чевли без да ме праша
Импулсивна реакција
Ќе ѝ вратам така што „ќе позајмам“ нешто нејзино
Помудра реакција
․․․․․
Случка
Родителите ме казнија
Импулсивна реакција
․․․․․
Помудра реакција
․․․․․
[Слика на страница 220]
Оној што собира гнев во себе е како риба на јадица — друг има контрола над него