ПОГЛАВЈЕ 10
Зошто пријателот ме повреди?
„Кери ми беше многу добра пријателка. Ја земав од работа секој ден, зашто таа немаше автомобил. Но, по кратко време имав чувство дека ме искористува.
Кога ќе влезеше во автомобилот, или зборуваше на мобилниот или пишуваше пораки. Ниту еднаш не рече: ‚Фала што ме возиш‘, а престана и да го дели трошокот за бензин. Освен тоа, почна да зборува негативно. Бев бесна на самата себе што толку долго ја трпев!
Еден ден, љубезно ѝ објаснив дека повеќе не ќе можам да ја земам од работа. Оттогаш ме нема побарано — што уште повеќе ми потврдува дека се дружела со мене само од корист. Тоа навистина боли!“ (Никол).
ОВА може да им се случи и на најдобрите пријатели. Еден ден се неразделни, а веќе следниот не зборуваат. Како може едно убаво пријателство да се расипе толку брзо?
● Кај Џереми сѐ се сменило кога еден негов добар пријател се преселил во место оддалечено над 1.500 километри. „Откако се пресели, ниту еднаш не се јави“, вели тој, „и тоа многу ме здоболе.“
● Карен почнала да забележува дека нејзината пријателка, со која 5 години биле најдобри другарки, се менува. „Многу ме загрижуваа нејзиниот став и нејзините зборови“, вели таа. „Почна да зборува негативно и цинично за работи што ми беа важни. Кога пробав да ѝ го објаснам тоа, ме обвини дека се правам многу паметна и дека не сум верна другарка, и уште ми рече дека нашето пријателство не влијае добро на неа!“
● Односите меѓу Глорија и една нејзина блиска пријателка се заладиле без никакви знаци на предупредување или објаснување. „Многу убаво почнавме“, вели таа, „а еднаш дури ми рече дека сум ѝ како сестра. Но одеднаш престана да се дружи со мене, а се извлекуваше со некои проѕирни изговори.“
● Проблемите меѓу Лора и Дарија почнале кога Дарија ѝ го украла дечкото на Лора. „Со часови киснеше на телефон со него, иако знаеше дека ми е дечко“, вели Лора. „Во ист ден најблиската другарка ми забоде нож во грбот и го изгубив човекот за кого имаше шанси да се омажам!“
Што тргнало наопаку?
Сите прават грешки. Затоа е и за очекување дека твојот пријател кога-тогаш ќе каже или ќе направи нешто што ќе те повреди. Да бидеме искрени, сигурно и ти се сеќаваш на некои ситуации кога си повредил некого (Проповедник 7:22). Една девојка по име Лиза вели: „Сите сме несовршени, и одвреме-навреме летаат искри меѓу нас“. Обично, затегнатите односи кои настанале поради некое мало недоразбирање можат да се средат со еден краток разговор.
Но, во други случаи, таквите односи не се резултат само на една случка, туку се последица на тоа што и двајцата, полека-полека, сте сфатиле дека не сте толку слични колку што си мислевте. Имај на ум дека, како што растеш, твоите интереси се менуваат — а и интересите на твојот пријател. Што можеш да направиш кога ќе осетиш дека ти и твојот пријател почнувате да се оддалечувате?
Како да се поправи пријателството
Ти се случило ли некогаш да си ја скинеш омилената кошула? Што направи? Ја фрли? Или ја закрпи? Сигурно многу зависело од тоа колку била оштетена и колку си ја сакал кошулата. Ако ти била многу драга, веројатно си барал начин како да ја поправиш штетата. Во многу случаи, истото може да се направи и кога ќе се расипе некое пријателство. Многу зависи од тоа што се случило и колку ти значи таа врска.a
На пример, ако некој твој пријател направил или кажал нешто што те повредило, можеби ќе можеш да го решиш проблемот со тоа што ќе го следиш советот од Псалм 4:4: „Задржете ги зборовите во своето срце, на својата постела, и молчете!“ Значи, пред да го прекинеш пријателството, размисли внимателно. Дали твојот пријател го направил тоа намерно? Ако не си сигурен, имај доверба дека не било намерно. Во многу случаи, можеш да оставиш ‚љубовта да покрие мноштво гревови‘ (1. Петрово 4:8).
Добро е да се преиспиташ и ти да не си придонел за проблемот. На пример, ако некој пријател пренел на други некоја твоја тајна, можно ли е дека не било мудро од твоја страна што си му ги кажал тие работи на својот пријател? Друго прашање за кое би можел да размислиш е дали самиот си го бараш исмејувањето — можеби со тоа што зборуваш премногу или непромислено (Изреки 15:2). Ако си таков, запрашај се: ‚Дали треба да сменам некои работи за пријателите да ме почитуваат повеќе?‘
„Ајде да зборуваме за она што се случи“
Но, што ако сметаш дека едноставно не можеш да го заборавиш она што се случило? Тогаш, можеби ќе биде најдобро да зборуваш со својот пријател. Но, не прави го тоа кога си лут. Библијата вели: „Гневниот човек предизвикува караница, а кој е бавен на гнев, ја смирува препирката“ (Изреки 15:18). Затоа, прво почекај малку да ти се излади главата, па потоа пробај да ја решиш работата.
Кога ќе одиш да зборуваш со својот пријател, не заборавај дека целта не е ‚да вратиш зло за зло‘ (Римјаните 12:17). Напротив, твојата цел е да се расчистат работите и да си ги поправиш односите со пријателот (Псалм 34:14). Затоа, зборувај отворено и искрено. Би можел да речеш: „Веќе долго време сме пријатели. Ајде да зборуваме за она што се случи“. Кога ќе знаете што го предизвикало проблемот, можеби ќе ви биде полесно да ги средите работите. Дури и ако твојот пријател не сака да разговара, може да те утеши мислата дека ти си дал сѐ од себе за да се смирите.
На крајот на краиштата, иако „има луѓе што се готови да го уништат својот другар“, сепак има и „пријатели поприврзани од брат“ (Изреки 18:24). Точно, дури и меѓу најверните пријатели може да дојде до затегнати односи. Кога ќе се случи такво нешто, направи сѐ што можеш за да ги поправиш работите. И навистина, тоа што сакаш да ги решиш недоразбирањата е доказ дека стануваш зрел човек.
ПОВЕЌЕ ИНФОРМАЦИИ ИМА ВО ТОМ 1, ПОГЛАВЈЕ 8
Некои твои врсници минуваат часови и часови зборувајќи на Интернет. Зошто тоа е толку интересно?
[Фуснота]
a Со некои луѓе можеби не вреди да останеш близок. Тоа е особено случај кога ќе почнат да се однесуваат на начин што не му доликува на еден христијанин (1. Коринќаните 5:11; 15:33).
КЛУЧЕН СТИХ
„Ако е можно, колку што зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе“ (Римјаните 12:18)
ПРЕДЛОГ
Не избрзувај со заклучоците — чуј што има да каже и твојот пријател (Изреки 18:13).
СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА...?
Вистинските пријатели си оставаат простор да дишат (Изреки 25:17). Од друга страна, ако некој е премногу посесивен и постојано бара внимание од пријателот, тоа може да го уништи пријателството.
ПЛАН!
Ако треба да зборувам со пријателот кој ме повредил со нешто, би можел да почнам со зборовите ․․․․․
Дури и ако пријателот ме изнервира, ќе се трудам да го зачувам пријателството меѓу нас така што ќе ․․․․․
Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․
ШТО МИСЛИШ?
● Зошто понекогаш пријателствата згаснуваат?
● Преку какви навреди би можел да преминеш, а за какви би морал да разговараш со пријателот што те навредил?
● Кога некој пријател ќе те повреди, што би можел да научиш од тоа искуство?
● Што би можел да направиш за да ги намалиш шансите некој пријател да те повреди?
[Истакната мисла на страница 95]
››Да можам да го вратам времето назад, не би очекувал совршенство од мојот пријател. Повеќе би го слушал, би го поддржувал и не би се концентрирал на неговите маани. Сега ми е јасно дека цврсто пријателство е она во кое пријателите се трудат да ги решат проблемите‹‹ (Кристијан)
[Слика на страница 94]
Затегнатите односи во едно пријателство се како скинат раб на некоја кошула — но и едното и другото може да се поправи