Четиринаесетто поглавје
Што значи новиот сојуз за тебе?
1. Која двократна цел ја исполнил Еремија со својата служба?
ЗАДАЧАТА што Јехова му ја дал на Еремија имала двократна цел. Прво, тој требало ‚да искоренува и да руши, да уништува и да урива‘, и второ, требало ‚да гради и да сади‘. Пророкот го постигнал првото така што ја разоткрил злобата на горделивите Евреи објавувајќи ја Божјата осуда над нив, но и над Вавилон. Меѓутоа, неговите пророштва дале и надеж за иднината. Овој втор дел од својата задача го исполнил кога прорекол дека Бог ќе го изгради она што наумил да го гради и дека ќе го насади она што наумил да го сади. Меѓу другото, им кажал на Евреите дека ќе се вратат во својата татковина (Ерем. 1:10; 30:17, 18).
2. Зошто Јехова го казнил својот народ, и до која мера?
2 Иако Еремија им објавил на Израелците дека еден ден ќе се вратат од изгнанство, тоа не значело дека Бог ќе им прогледа низ прсти ниту дека ќе отстапи од своите праведни мерила. Не, тој имал намера да ги казни непослушните Евреи. (Прочитај Еремија 16:17, 18.) Во времето на Еремија, во Ерусалим немало многу луѓе што ‚го вршеле она што е праведно‘ или ‚биле верни‘, и Јехова веќе не можел да го трпи тоа. Тој рекол: „Се уморив од сожалување“ (Ерем. 5:1; 15:6, 7). Тие Евреи се ‚вратиле на престапите на своите прататковци, кои не сакале да ги слушаат‘ Јеховините зборови. Освен тоа, го предизвикувале Божјиот гнев затоа што вршеле духовна прељуба со лажните богови (Ерем. 11:10; 34:18). Јехова имал намера да го исправи својот народ, па дури и да го казни ‚колку што било потребно‘. Тоа можеби ќе им помогнело на некои поединци да се освестат и да му се вратат (Ерем. 30:11; 46:28).
3. Зошто треба да обрнеш внимание на пророштвото за новиот сојуз?
3 Преку Еремија, Бог прорекол еден нов сојуз кој требало да им донесе трајни благослови на сите народи. Додека ги разгледуваме пророчките списи на Еремија, имаме добра причина да го насочиме вниманието на овој сојуз, кој е една од најубавите работи што ги претскажал тој. Јехова имал намера да го замени сојузот што, со посредство на Мојсеј, го склучил со Израелците откако излегле од Египет. (Прочитај Еремија 31:31, 32.) Кога ја воспоставил Господаровата вечера, Исус Христос зборувал за новиот сојуз, што јасно покажува дека е важен и за нас (Лука 22:20). И апостол Павле го спомнал во своето писмо до Евреите. Тој го цитирал пророштвото на Еремија и ја нагласил важноста на новиот сојуз (Евр. 8:7-9). Но, што точно е новиот сојуз? Зошто бил неопходен? Кој е вклучен во него, и што може да значи за тебе лично? Да видиме.
ЗОШТО НОВ СОЈУЗ?
4. Која била целта на сојузот на Законот?
4 За да го разбереме новиот сојуз, најпрво мора да знаеме која била целта на претходниот, имено на сојузот на Законот. Со него требало да се постигнат неколку важни работи во интерес на народот што го чекал ветеното Потомство, преку кое ќе бидат благословени мнозина (1. Мој. 22:17, 18). Кога Израелците стапиле во сојуз со Бог, му станале ‚најмила сопственост‘. Сојузот на Законот налагал свештениците кои му служеле на народот да бидат од племето на Леви. Кога го воспоставил овој сојуз кај планината Синај, Јехова исто така објавил дека има намера Израелците да му бидат „царство на свештеници и свет народ“, но не открил кога и на кој начин ќе го оствари ова (2. Мој. 19:5-8). Додека да дојде тоа време, сојузот требало отворено да им покаже на Израелците дека не можат во потполност да го држат Законот. Преку него станувале очигледни нивните гревови. Затоа Законот пропишувал Израелците редовно да принесуваат жртви. Така станало јасно дека е неопходна поголема, совршена жртва која нема да мора да се повторува. Навистина, имало очајна потреба од трајно простување на гревот (Гал. 3:19-22).
5. Зошто Јехова го претскажал новиот сојуз?
5 Сега ни станува појасно зошто, додека сојузот на Законот сѐ уште бил во сила, Бог го водел Еремија да претскаже еден друг сојуз, односно новиот сојуз. Поради својата љубов и доброта, Јехова сакал да добијат трајни благослови сите народи, а не само Израелците. Преку Еремија, тој го рекол следново во врска со учесниците во овој иден сојуз: „Ќе им го простам нивниот престап и повеќе нема да се сеќавам на нивниот грев“ (Ерем. 31:34). Иако било дадено во времето на Еремија, ова пророштво е извор на надеж за целото човештво. Како?
6, 7. а) Како се чувствуваат некои кога ќе згрешат? б) Зошто може да се охрабриш ако подобро го разбереш новиот сојуз?
6 Ние сме сѐ уште несовршени, и животот често нѐ потсетува на оваа сурова реалност. Еден брат кој морал да се бори со сериозен личен проблем вели: „Кога ќе ја повторев грешката, се чувствував ужасно. Мислев дека ништо не може да ме искупи за тоа што го правев. Ми беше тешко да се молам. Ќе почнев велејќи: ‚Јехова, не знам дали ќе ја чуеш оваа молитва, но...‘“ Кога ќе ѝ попуштат на некоја лоша навика или ќе направат грев, на мнозина им изгледа како „облаци“ да ги спречуваат нивните молитви да стигнат до Бог (Плач 3:44). Некои со години се измачуваат поради грешките што ги направиле во минатото. Всушност, дури и на примерни христијани им се случува да кажат нешто поради кое подоцна им е жал (Јак. 3:5-10).
7 Никој од нас не треба да мисли дека никогаш нема да постапи неисправно (1. Кор. 10:12). Дури и апостол Павле признавал дека греши. (Прочитај Римјаните 7:21-25.) Затоа, кога ќе згрешиме, треба да се сетиме на новиот сојуз. Едно од неговите главни обележја е Божјето ветување дека нема да се сеќава на гревовите. Ова е навистина неспоредлив благослов! На Еремија сигурно му било многу мило што можел да го претскаже тоа, а и ние ќе се радуваме ако подобро го разбереме тој сојуз и ако дознаеме кои благослови можеме да ги добиеме преку него.
Зошто Бог го воспоставил новиот сојуз?
ШТО Е НОВИОТ СОЈУЗ?
8, 9. По која цена Јехова овозможил простување на гревовите?
8 Како што подобро го запознаваш Јехова, сѐ повеќе сфаќаш колку е љубезен и милосрден кон несовршените луѓе (Пс. 103:13, 14). Кога го прорекол новиот сојуз, Еремија истакнал дека Јехова ќе ‚им го прости нивниот престап‘ и дека повеќе нема да се сеќава на гревот (Ерем. 31:34). Како што можеш да си претпоставиш, Еремија веројатно се прашувал што ќе стори Бог за да им прости на луѓето. Едно можел сигурно да разбере — новиот сојуз што го спомнал Бог претставувал спогодба или договор меѓу Него и луѓето. Пророкот сфатил дека, со овој иден сојуз, Јехова на некој начин ќе го исполни сето она што го навестил, вклучувајќи го и простувањето. Како што постепено ја разоткривал својата намера, Бог давал и повеќе детали. Меѓу другото, открил поединости за она што требало да го направи Месијата.
9 Можеби си видел како некои родители им прават лошо на своите деца со тоа што се премногу попустливи кон нив. Дали би очекувал такво нешто од Јехова? Во никој случај! Ова јасно се гледа од начинот на кој новиот сојуз стапил на сила. Наместо едноставно да премине преку гревот, Бог ги следел сопствените мерила за правда до најситен детаљ. Тој обезбедил законска основа за простување на гревовите, иако тоа многу скапо го чинело. Ова можеме подобро да го разбереме ако го разгледаме она што го напишал Павле во врска со новиот сојуз. (Прочитај Евреите 9:15, 22, 28.) Тој спомнал ‚ослободување преку откупнина‘ и рекол дека „без пролевање крв нема простување“. Крвта пролеана во новиот сојуз не била од јунци и јарци, како крвта што се принесувала за жртва според барањата на Законот. Не, новиот сојуз станал полноважен со крвта на Исус. На темел на таа совршена жртва, Јехова можел трајно да ги ‚прости престапите и гревовите‘ (Дела 2:38; 3:19). Но, кој требало да учествува во овој нов сојуз и да добие простување? Тоа немало да биде еврејскиот народ. Исус рекол дека Бог ќе ги отфрли Евреите, кои принесувале животински жртви под Законот, и дека ќе си избере друг народ (Мат. 21:43; Дела 3:13-15). Тој народ е „Израелот Божји“, кој се состои од христијани помазани со свет дух. Едноставно кажано, сојузот на Законот бил склучен меѓу Бог и родените Израелци, додека новиот сојуз е меѓу Јехова Бог и духовниот Израел, а негов Посредник е Исус (Гал. 6:16; Рим. 9:6).
10. а) Кој е Давидовата „фиданка“ или „подник“? б) Како можат луѓето да бидат благословени благодарение на тој „подник“?
10 Еремија соодветно го опишал Месијата кој требало да дојде како Давидова „фиданка“ или „подник“. Уште додека Еремија служел како пророк, Давидовата царска династија на симболичен начин била пресечена како дрво. Но, пенушката останала. Со векови подоцна, се родил Исус, кој бил потомок на цар Давид. Еремија прорекол дека тој ќе биде наречен „Јехова Е Нашата Праведност“, што јасно покажува колку оваа особина му е важна на Бог. (Прочитај Еремија 23:5, 6.) Јехова дозволил неговиот единороден Син да страда на Земјата и да умре. А потоа, во склад со својата правда, Тој можел да ја користи вредноста на откупната жртва што ја дал Давидовиот „подник“ како основа за простување (Ерем. 33:15). Со тоа било овозможено некои луѓе да бидат „прогласени за праведни“ и да бидат помазани со свет дух, и така да станат учесници во новиот сојуз. Но, ќе видиме дека, бидејќи ја сака правдата, Бог им дал можност и на други, кои не се директно вклучени во новиот сојуз, да бидат благословени од него (Рим. 5:18).
11. а) На што е запишан законот на новиот сојуз? б) Зошто законот на новиот сојуз е од интерес и за ‚другите овци‘?
11 Би сакал ли да дознаеш и некои други специфични обележја на новиот сојуз? Една клучна разлика меѓу него и сојузот на Мојсеевиот закон е наведена во Еремија 31:33. (Прочитај.) Десетте заповеди дадени со сојузот на Законот биле запишани на камени плочи, кои на крајот се изгубиле. Спротивно на ова, Еремија претскажал дека законот на новиот сојуз ќе биде запишан во човечките срца и дека ќе постои засекогаш. Помазаните христијани, кои се учесници во новиот сојуз, навистина го ценат овој закон. А што е со оние кои не се директно вклучени во него, односно ‚другите овци‘, кои имаат надеж дека ќе живеат засекогаш на Земјата? (Јован 10:16). И тие уживаат во Божјиот закон. Во некоја смисла, ‚другите овци‘ се како дојденците во Израел, кои го прифатиле Мојсеевиот закон и извлекле корист од него (3. Мој. 24:22; 4. Мој. 15:15).
12, 13. а) Што е законот на новиот сојуз? б) Зошто би рекол дека под „законот Христов“ не се чувствуваш присилен да му служиш на Бог?
12 Како би одговорил на прашањето: ‚Што е законот кој е запишан во срцето на помазаните христијани?‘ Овој закон, кој е наречен и „законот Христов“, најпрво им бил даден на духовните Израелци, односно на учесниците во новиот сојуз (Гал. 6:2; Рим. 2:28, 29). „Законот Христов“ се сведува на еден збор — љубов (Мат. 22:36-39). Како овој закон се запишува во срцето на помазаниците? Пред сѐ, така што ја проучуваат Божјата Реч и му се молат на Јехова. Сите вистински христијани — дури и оние што не се учесници во новиот сојуз, но сакаат да добијат благослови од него — треба секојдневно да ги прават овие две работи, кои се дел од обожавањето на вистинскиот Бог.
13 „Законот Христов“ е наречен и „совршениот закон на слободата“ (Јак. 1:25; 2:12). Иако мнозина биле родени под Мојсеевиот закон, никој не се раѓа во новиот сојуз или под законот на Христос. Никој од оние што му стануваат послушни на Христовиот закон не се присилени да му служат на Бог. Напротив, тие се радуваат што Божјиот закон може да се запише во срцето и што луѓето денес можат да добијат трајни благослови од новиот сојуз претскажан од Еремија.
Што сторил Бог за да им прости на луѓето преку новиот сојуз? Како можеш да дознаеш нешто повеќе за законот што е запишан во срцето?
КОМУ МУ НОСИ БЛАГОСЛОВИ НОВИОТ СОЈУЗ?
14. Според Библијата, кој е благословен од новиот сојуз?
14 Откако дознале дека новиот сојуз е склучен само со 144.000 Божји слуги, некои добиле впечаток дека тие се и единствените што ќе бидат благословени од него. Можеби дошле до овој заклучок бидејќи само помазаниците земаат од симболите на годишното одбележување на Христовата смрт, каде што виното ја претставува ‚крвта на сојузот‘ (Мар. 14:24). Но, учесниците во новиот сојуз требало да бидат заедно со Исус и како дел од ‚потомството‘ на Авраам — потомство преку кое ќе бидат благословени сите народи (Гал. 3:8, 9, 29; 1. Мој. 12:3). Значи, со помош на новиот сојуз, Јехова ќе го исполни своето ветување дека ќе го благослови целото човештво.
15. Каква улога е проречена за помазаниците?
15 Исус Христос, првостепениот дел од потомството на Авраам, служи како првосвештеник и ја дал совршената жртва преку која е овозможено простување на престапот и гревот. (Прочитај Евреите 2:17, 18.) Сепак, Бог уште одамна претскажал дека ќе има „царство на свештеници и свет народ“ (2. Мој. 19:6). Во дословниот Израел, свештениците биле од едно племе, а царевите од друго. Тогаш, како требало да се исполни ветувањето дека ќе постои еден народ во кој сите се истовремено и цареви и свештеници? Апостол Петар им го упатил своето прво писмо на оние што биле посветени со духот, и нив ги нарекол „царско свештенство, свет народ, народ кој е Божја сопственост“ (1. Пет. 1:1, 2; 2:9). Значи, според новиот сојуз, помазаните христијани ќе служат како свештеници под Христос. Замисли што значи тоа! Ние секој ден се бориме со гревот, кој сѐ уште ‚царува‘. И оние што ќе служат на оваа положба воделе иста борба (Рим. 5:21). Тие добро знаат како е да грешиш и да те измачуваат чувства на вина. Затоа, заедно со Христос, ќе можат да сочувствуваат со нас додека ги отстрануваме грешните склоности.
16. Какво охрабрување содржи Откровение 7:9, 14 за ‚големото мноштво‘?
16 Според Откровение 7:9, 14, Јован видел „големо мноштво луѓе... облечени во бели долги облеки“. Белата облека покажува дека Бог ги смета за чисти. Бидејќи ова мноштво луѓе, кои имаат надеж дека ќе ја преживеат „големата неволја“, се собираат денес, тоа значи дека Јехова уште сега во некоја смисла ги прогласува за праведни и ги смета за свои пријатели (Рим. 4:2, 3; Јак. 2:23). Каков благослов! Ако си и ти дел од големото мноштво, биди уверен дека Бог е спремен да ти помага додека се трудиш да останеш чист во Негови очи.
17. Во која смисла Јехова повеќе не се ‚сеќава‘ на гревовите?
17 Што ќе се случи со гревовите на оние кои ќе ја стекнат Божјата милост? Како што веќе беше спомнато, Јехова рекол преку Еремија: „Ќе им го простам нивниот престап и повеќе нема да се сеќавам на нивниот грев“ (Ерем. 31:34). Бог им простува на помазаниците на темел на Исусовата жртва. На сличен начин, на темел на истата „крв на сојузот“, Тој може да им ги прости гревовите и на членовите на големото мноштво. Тоа што Еремија вели дека Бог повеќе нема да се ‚сеќава‘ на гревот не значи дека ќе го изгуби сеќавањето и дека повеќе нема да знае дали сме згрешиле или не. Напротив, тие зборови покажуваат дека, штом еднаш ги презел потребните мерки против грешникот и му простил затоа што се покајал, Бог го фрлил неговиот грев зад грб. Земи ги, на пример, гревовите што ги направил цар Давид во случајот со Витсавеа и Урија. Тој добил укор и ги сносел последиците од своето грешно постапување (2. Сам. 11:4, 15, 27; 12:9-14; Иса. 38:17). Но, потоа Бог повеќе не го повикувал на одговорност за тие гревови. (Прочитај 2. Летописи 7:17, 18.) Новиот сојуз јасно покажува дека, штом Јехова ги простува гревовите на темел на Исусовата жртва, Тој веќе не се сеќава на нив (Езек. 18:21, 22).
18, 19. Која поука во врска со простувањето ја содржи новиот сојуз?
18 Според тоа, во новиот сојуз е истакнато нешто прекрасно во врска со начинот на кој Јехова постапува со грешните луѓе — и со помазаниците, кои се учесници во тој сојуз, но и со оние што имаат надеж дека ќе живеат вечно на Земјата. Можеш да бидеш уверен дека, штом еднаш ти ги простил гревовите, Јехова нема повторно да ги спомнува. Божјето ветување за новиот сојуз содржи добра поука за секој од нас. Прашај се: ‚Дали се трудам да бидам како Јехова со тоа што не ги спомнувам навредите, односно грешките на другите за кои веќе сум рекол дека сум ги простил?‘ (Мат. 6:14, 15). Ова важи за малите работи, но и за сериозните престапи како, на пример, прељуба од страна на брачниот другар. Ако оној што е невин одлучи да му прости на прељубникот кој се кае, зарем не е исправно повеќе да не си спомнува за гревот? Иако можеби не е лесно да ги фрлиме зад себе грешките на другите, да имаме на ум дека со тоа го следиме примерот на Јехова.a
19 Оваа поука од новиот сојуз можеме да ја примениме и на некој што бил исклучен, но се покајал и повторно е примен. Што ако поради него си претрпел загуба или ти било извалкано доброто име? Што ќе правиш сега, кога тој пак е дел од собранието? Како ќе влијаат зборовите од Еремија 31:34 врз твоето лично размислување и став кон него? Ќе му простиш ли на престапникот без да му ја спомнуваш неправдата што ја направил? (2. Кор. 2:6-8). Навистина, сите што го ценат новиот сојуз треба да се трудат да постапуваат во склад со ова начело во секојдневниот живот.
Како можеш да ја примениш поуката за простувањето од новиот сојуз?
БЛАГОСЛОВЕНИ ОД НОВИОТ СОЈУЗ — СЕГА И ВО ИДНИНА
20. Во кој поглед имаш поинаков став од мнозина во времето на Еремија?
20 Во времето на Еремија, многу Евреи, всушност, си велеле: „Јехова нема да направи ни добро ни лошо“ (Соф. 1:12). Иако донекаде знаеле кој е и каков е Јехова, сметале дека тој нема да преземе ништо и дека не очекува ни од нив да се држат за некои посебни мерила. Но, ти знаеш дека Бог гледа сѐ. Чувствуваш страхопочит кон него и сигурно не сакаш да правиш ништо лошо (Ерем. 16:17). Во исто време, знаеш дека Јехова е добар Татко. Тој ги гледа нашите добри дела, сеедно дали другите ги забележуваат или не (2. Лет. 16:9).
21, 22. Зошто веќе не треба да ти се кажува: ‚Запознај го Јехова‘?
21 Новиот сојуз има уште едно значајно обележје. Јехова рекол: „Ќе го ставам својот закон во нив и ќе го запишам во нивните срца. Јас ќе им бидам Бог... И никој повеќе нема да го учи својот другар, ниту својот брат, и нема да му вели: ‚Запознајте го Јехова!‘ Зашто, ќе ме познаваат сите“ (Ерем. 31:33, 34). Денес, помазаниците на Земјата покажуваат дека Божјиот закон е во нив. Тие ги сакаат вистините што се наоѓаат во него и не се потпираат на учењата на кој и да е човек. Освен тоа, со радост го споделуваат знаењето од Библијата со големото мноштво. На тој начин, и оние што имаат надеж дека ќе живеат на Земјата го запознале и го сакаат Јехова. Тие спремно се подложуваат на неговото водство и имаат доверба во неговите ветувања. Веројатно истото може да се каже и за тебе бидејќи досега добро си го запознал Бог и си изградил личен однос со него. Колку голем благослов е тоа!
22 Како си успеал да го зацврстиш своето пријателство со Јехова? Без сомнение, се сеќаваш на многу ситуации кога си почувствувал како тој одговара на твоите молитви. Во тие моменти уште повеќе пораснало твоето ценење за неговите прекрасни особини. Можеби си сфатил дека ти помага кога си се сетил на некој стих што ти дал сила да се справиш со извесен проблем. Немој никогаш да ги заборавиш таквите искуства! Додека продолжуваш да ја проучуваш Божјата Реч, уште подобро ќе го запознаеш Јехова, а тоа е благослов што можеш да го имаш постојано.
23. Како тоа што го познаваш Јехова може да те ослободи од непотребни чувства на вина?
23 Со новиот сојуз е поврзан уште еден благослов кој можеме да го добиеме денес. Ако постојано нѐ притискаат чувства на вина, можеме да се ослободиме од нив затоа што го запознавме Јехова како Бог кој простува на темел на тој сојуз. На пример, некои што имале абортус пред да ги дознаат Божјите мерила можеби чувствуваат вина затоа што намерно му ставиле крај на животот на своето неродено чедо. Други се борат со слични чувства затоа што убивале луѓе во војна. Благодарение на откупната жртва на Исус, на која се темели новиот сојуз, може да им биде простено на сите што навистина се каат. Тогаш, зарем не треба да бидеме уверени дека, ако Јехова ни ги простил гревовите, за него случајот е затворен? Според тоа, не треба да се преоптоваруваме со гревовите што Јехова великодушно ни ги простил.
24. Какво охрабрување содржат за тебе зборовите од Еремија 31:20?
24 Во Еремија 31:20 наоѓаме еден многу сликовит опис на Божјето простување. (Прочитај.) Со децении пред времето на Еремија, Јехова го казнил десетплеменското северно царство Израел (претставено со влијателното племе на Ефрем) поради неговото идолопоклонство. Израелците биле одведени во изгнанство. И покрај сѐ, Бог многу ги сакал и покажал нежна наклоност кон нив. Сѐ уште му биле многу мили, како „сакано дете“. Кога размислувал за нив, неговата утроба ‚се вознемирувала‘. Овој стих, кој се наоѓа во истото поглавје каде што се зборува за новиот сојуз, покажува колку спремно им простува Јехова на оние што се каат за своето поранешно погрешно постапување.
25. Зошто можеш да му бидеш благодарен на Јехова за новиот сојуз?
25 Јеховиното ветување дека ќе им ги прости гревовите на луѓето преку новиот сојуз ќе се исполни во потполност на крајот од Христовото илјадагодишно владеење. Исус Христос, заедно со останатите 144.000 свештеници кои ќе владеат со него, ќе им помогне на верните луѓе да станат совршени. Откако ќе го поминат последниот испит, луѓето ќе бидат во вистинска смисла на зборот членови на Јеховиното семејство од верни слуги — и на небото и на Земјата. (Прочитај Римјаните 8:19-22.) Веќе со векови, сите луѓе воздивнуваат под товарот на гревот. Но, тогаш Јеховиното човечко создание ќе ја добие „славната слобода на Божјите деца“ — слобода од грев и смрт. Затоа, биди уверен дека можеш да добиеш многу благослови од новиот сојуз што Јехова од љубов го склучил со луѓето. Можеш да бидеш благословен сега и засекогаш преку Давидовиот „подник“ и да живееш вечно кога по целата Земја ќе се прави она што е праведно! (Ерем. 33:15).
Какви благослови може да ти донесе новиот сојуз сега и во иднина?
[Фуснота]
a Божјата спремност да прости може да се види од начинот на кој Осија постапил со Гомер. Види го објаснувањето за Осија 2:14-16 во книгата Живеј со Јеховиниот ден во мислите, страници 128-130.
[Слика на страница 174]
„Законот Христов“ нѐ тера спремно да му служиме на Јехова
[Слика на страница 179]
Оние што верно му служат на Бог ќе бидат благословени во иднина