ПОГЛАВЈЕ 22
Првите четворица ученици
МАТЕЈ 4:13-22; МАРКО 1:16-20; ЛУКА 5:1-11
ИСУС ПОВИКАЛ ЧЕТВОРИЦА УЧЕНИЦИ ПОСТОЈАНО ДА БИДАТ СО НЕГО
НЕКОЛКУ РИБАРИ СТАНАЛЕ РИБАРИ НА ЛУЃЕ
Откако луѓето од Назарет се обиделе да го убијат, Исус заминал за Капернаум. Тој град се наоѓал близу Галилејското Море, кое било наречено и ‚Генисаретско Езеро‘ (Лука 5:1). Со тоа се исполнило едно пророштво од книгата Исаија, според кое луѓето од Галилеја кои живееле близу морето ќе виделе голема светлина (Исаија 9:1, 2).
Во Галилеја, Исус продолжил да објавува дека ‚се приближило небесното Царство‘ (Матеј 4:17). Таму нашол четворица од неговите ученици. Претходно тие патувале со него, но откако сите заедно се вратиле од Јудеја, учениците продолжиле со својот рибарски занает (Јован 1:35-42). Меѓутоа, сега дошло време постојано да бидат со Исус за да може да ги обучи да продолжат со делото на проповедање кога тој повеќе немало да биде со нив.
Додека одел по крајбрежјето, Исус го здогледал Симон Петар заедно со брат му Андреј и со уште неколкумина нивни другари, како ги плават мрежите. Тој отишол кај нив, се качил во чамецот на Петар и му рекол да се оддалечи од копното. Потоа седнал и почнал да го поучува за Божјето Царство народот што бил собран на брегот.
Потоа му рекол на Петар: „Отплови таму каде што е длабоко, фрлете ги своите мрежи и ловете!“ Но, Петар му одговорил: „Учителе, цела ноќ се мачевме и ништо не уловивме, но штом ти така велиш, ќе ги спуштам мрежите“ (Лука 5:4, 5).
Кога го сториле тоа, фатиле толку многу риби што мрежите почнале да се кинат! Затоа брзо им мавнале со раката на рибарите во другиот чамец да дојдат и да им помогнат. Наскоро и двата чамца биле толку полни со риби што скоро ќе потонеле. Кога го видел тоа, Петар паднал пред нозете на Исус и рекол: „Оди си од мене, Господару, бидејќи сум грешен човек“. Исус му одговорил: „Не плаши се! Отсега ќе ловиш луѓе“ (Лука 5:8, 10).
Потоа Исус им рекол на Петар и на Андреј: „Тргнете по мене, и ќе ве направам рибари на луѓе“ (Матеј 4:19). Тој повикал уште двајца рибари, Јаков и Јован, синовите на Зеведеј, кои исто така му се придружиле без двоумење. Овие четворица рибари ја оставиле својата работа и почнале постојано да го следат Исус.