Оддавај му чест на Јехова — зошто и како?
”На оние кои ми оддаваат чест и јас ќе им оддадам, а оние кои ме презираат, малку ќе вредат“ (1. САМОИЛОВА 2:30, НС).
1. Кој добива Нобелова награда, и како многумина гледаат на таа награда?
СЕКОЈА година четири скандинавски институции им доделуваат Нобелови награди на оние кои ”најмногу придонеле за човештвото во последната година“. Наградите се доделуваат за достигнувања во шест различни области од трудот. Нобеловата награда се смета за најголемата чест што може да му се додели на еден човек.
2. Кого го испуштаат од вид оние кои доделуваат Нобелови награди, и зошто Тој посебно заслужува чест?
2 Иако нема ништо лошо во тоа да им се оддава чест на луѓето кои ја заслужуваат, дали оние кои ја доделуваат таа чест некогаш помислиле да му оддадат чест на најголемиот Добротвор на човештвото? Тој Добротвор е оној кој на човештвото му подарил безбројни користи уште од создавањето на првиот човек и првата жена пред околу 6 000 години. Честото пропуштање да му се оддаде чест може да нѐ потсети на зборовите на Елијув, пријателот на древниот Јов, кој забележал: ”Но никој не рекол: ’Каде е Бог, мојот Голем Творец, Оној кој создава мелодии во ноќта?‘“ (Јов 35:10). Нашиот голем Добротвор продолжува да прави ’добро, давајќи дожд од небото и родни години, исполнувајќи ги нашите срца до ситост со храна и добро расположение‘ (Дела на апостолите 14:16, 17; Матеј 5:45). Јехова навистина е Дарител на ”секој добар дар и секој совршен подарок“ (Јаков 1:17).
Што значи да се оддава чест
3. Кои се главните хебрејски и грчки зборови преведени со ”чест“, и кои се нивните значења?
3 Главниот хебрејски збор за чест, ка-вохд’, буквално значи ”тежина“. Значи, оној кој е почитуван се смета дека е значаен, впечатлив, или дека вреди нешто. Значајно е дека овој хебрејски збор, ка-вохд’, исто така честопати во Библијата се преведува со ”слава“, покажувајќи колку впечатлив или важен се смета оној на којшто му се оддава чест. Еден друг хебрејски збор, јекар’, во Библијата преведен со ”чест“, исто се преведува со ”скапоцен“ и ”скапоцени работи“. Значи во Хебрејските списи, зборот чест се поврзува со слава и скапоценост. Грчкиот збор во Библијата преведен со ”чест“, е ти-ме’, и исто така има значење на почит, вредност, скапоценост.
4, 5. (а) Што значи да му се подари чест некому? (б) Која ситуација прикажана во Естира 6:1-9 ни илустрира што е вклучено во укажувањето на чест?
4 Според тоа, некој може да му оддава чест на другиот ако покажува длабоко почитување и чест спрема него. За илустрација, да ја погледаме случката опишана во Библијата во врска со верниот Евреин Мардохеј. Во една прилика, Мардохеј открил една завера против кралот Ахасвер од античка Персија. Подоцна, една ноќ кога кралот не можел да спие, му кажале за делото на Мардохеј. Затоа ги прашал своите слуги: ”Каква чест или какво големо дело му е укажано на Мардохеј за ова?“ Одговориле: ”Ништо не е сторено за него.“ Колку жалосно! Мардохеј му го спасил животот на кралот, а овој не покажал благодарност (Естира 6:1-3).
5 Затоа, во една згодна прилика, Ахасвер го прашал својот советник Аман, како е најдобро да му оддаде чест на оној во кого кралот нашол милост. Аман веднаш почнал да размислува во своето срце: ”На кого кралот би му искажал чест со поголема радост ако не мене?“ И Аман рекол дека тој човек треба да биде облечен во ”царска облека“ и да јава ”на коњот на кој јава кралот“. Завршил со зборовите: ”И нека му се даде да јава на коњ по јавниот градски плоштад, и нека извикуваат пред него: ’Така му се прави на човекот во чија чест се радува самиот крал.‘“ (Естира 6:4-9). Сите луѓе високо би го ценеле оној кој би бил така почестен.
Зошто Јехова заслужува чест
6. (а) Кој над сите други ја заслужува нашата чест? (б) Зошто зборот ”величествен“ прикладно го опишува Јехова?
6 Низ историјата на многу луѓе им била оддадена чест, често пати и без да го заслужуваат тоа (Дела на апостолите 12:21-23). Но, кој заслужува чест пред сите други? Па, се разбира, Јехова Бог! Тој ја заслужува нашата чест зашто навистина е величествен. Изразот ”величествен“ често се употребува за него. Тој е Величествениот, Величествениот Творец, Величествениот Создавач, Величествениот Цар, Величествениот Учител, Величествениот Господар (Псалми 48:2; Проповедник 12:1; Исаија 30:20; 42:5; 54:5; Осија 12:14). Оној кој е величествен е достоинствен, возвишен, благороден, славен, и ни влева стравопочитување. Јехова е неспоредлив, му нема рамен, тој е ненадминлив. Самиот сведочи за овој факт со зборовите: ”Со кого ќе Ме изедначите, и ќе Ме споредите? Кого ќе го земете за пример да прилега на Мене?“ (Исаија 46:5, Свето Писмо, мак.).
7. На најмалку колку различни начини може да се рече дека Јехова Бог е единствен, и зошто може да се каже дека е неспоредлив во поглед на авторитетот?
7 Јехова Бог е неспоредлив на барем седум различни начини, кои даваат посебни причини зошто да му оддаваме чест. Како прво, Јехова Бог заслужува најголема чест бидејќи е неспоредлив во авторитетот. Господ Јехова е Универзалниот Суверен — тој е севишен. Тој е наш Судија, Законодавец и Цар. Сите на небото и на Земјата се одговорни пред Него; а тој не е одговорен пред никого. Убаво е опишан како ”величествен, моќен, и кој влева стравопочитување“ (5. Мојсеева 10:17; Исаија 33:22; Даниел 4:35).
8. Зошто може да се каже дека Јехова е неспоредлив (а) во поглед на неговата положба? (б) во поглед на неговото вечно постоење?
8 Второ, Јехова Бог заслужува најголема чест бидејќи е неспоредлив во поглед на својата положба. Тој е ”Високиот и Возвишениот“, Највишиот. Непојмливо се издига над сите негови земски суштества! (Исаија 40:15; 57:15; Псалми 83:18). Трето, на Јехова Бог треба да му се оддава чест над сите други, бидејќи е неспоредлив во поглед на неговото вечно постоење. Само тој никогаш немал почеток, и постои од вечност до вечност (Псалми 90:2; 1. Тимотеј 1:17).
9. На кој начин Јехова е неспоредлив (а) во однос на својата слава? (б) во поглед на своите главни основни особини?
9 Четврто, Јехова Бог заслужува најголема чест поради величественоста на неговата лична слава. Тој е ”Таткото на небесните светла“. Неговата личност има толкав сјај што ниеден човек не може да го види и да остане жив. Навистина влева стравопочитување (Јаков 1:17; 2. Мојсеева 33:22; Псалми 24:10). Петто, на Јехова Бог му должиме најголема чест поради неговите прекрасни особини. Тој е семоќен, бесконечен во моќта; тој знае сѐ и е бесконечен во мудроста; апсолутно совршен во правдата; и тој е самото олицетворение на љубовта (Јов 37:23; Пословици 3:19; Даниел 4:37; 1. Јованово 4:8).
10. На кој начин е Јехова неспоредлив (а) во поглед на делата на создавање и поседувањето? (б) во поглед на неговото име и слава?
10 Шесто, Јехова Бог ја заслужува нашата најголема можна чест поради неговите големи дела на создавање. Како Творец на сите работи на небото и на Земјата, истовремено е Голем Сопственик на сѐ. Во Псалми 89:11 читаме: ”Твое е небото, твоја е и Земјата.“ Седмо, Јехова нашиот Бог заслужува чест над сите други бидејќи е неспоредлив во однос на своето име и слава. Само тој го носи името Јехова, кое значи ”Тој предизвикува да постанува“. (Види 1. Мојсеева 2:4, фуснота).
Како да му оддадеме чест на Јехова
11. (а) Кои се некои од начините на кои можеме да му искажеме чест на Јехова? (б) Како може да покажеме дека навистина му оддаваме чест на Јехова со тоа што имаме доверба во него?
11 Со оглед на сите Јеховини особини, како можеме да му оддадеме чест? Како што ќе видиме, можеме да му оддадеме чест ако покажуваме страв и длабоко почитување, ако го слушаме, ако го признаваме на сите наши патишта, ако му принесуваме дарови, ако го имитираме и му упатуваме молби. Исто така можеме да му оддаваме чест ако имаме вера во него, и ако веруваме во него без разлика што и да се случи. ”Имај доверба во Јехова со сето свое срце“, поттикнати сме. Така, му оддаваме чест на Јехова Бог со тоа што им веруваме на неговите зборови. На пример, тој вели: ”Не плаши се, зашто Јас сум со тебе; не се вознемирувај, зашто Јас сум Бог твој. Јас ќе те закрепнам и ќе ти помогнам“ (Пословици 3:5, НС; Книга на пророкот Исаија 41:10, СПМ). Да не се има целосна доверба во него би било исто како да го срамотиме.
12. Каква улога играат послушноста и стравот во оддавањето на чест на Јехова?
12 Друг начин на кој можеме да му искажеме чест на Јехова Бог е ако го слушаме. А за послушноста е важен божјиот страв, да, стравот да не му се допаднеме на Бог. Јехова ја покажува врската помеѓу стравот и послушноста во своите зборови до Аврахам откако тој послушно се обидел да го жртвува својот син Исак. ”(. . .) Сега знам, оти се плашиш од Бога“, рекол Јехова (Прва книга Мојсеева 22:12, СПМ). Кога дискутирале за тоа што децата им должат на своите родители, апостол Павле покажал дека послушноста и честа одат рака под рака (Ефесјаните 6:1-3). Слушајќи ги Божјите заповеди, кои не се тешки, му оддаваме чест на Јехова. Неоспорно е дека непослушноста спрема Јехова Бог би било исто како да му се нанесува срам (1. Јованово 5:3).
13. Како оддавањето чест на Јехова ќе се одрази на нашиот мисловен став спрема нашите активности и планови?
13 Понатаму, можеме да покажеме чест која му припаѓа на Јехова ако внимаваме на советот од Пословици 3:6: ”На сите твои патишта имај го на ум, и тој самиот ќе ги исправи твоите патеки.“ Ученикот Јаков ни дава совет во врска со ова. Наместо од ден на ден да постапуваме самоуверено и да се потпираме на сопствените способности, би требало да речеме: ”Ако Јехова сака, ќе живееме и ќе направиме тоа и тоа.“ (Јаков 4:15). Порано, Меѓународните истражувачи на Библијата имале обичај на крајот од секоја реченица во идно време да ја стават скратеницата Д.В., која значи Део воленте, ”ако Бог сака“.
14. (а) Каков став треба да имаме спрема нашите напори ако сакаме да му искажеме чест на Бог? (б) Кој став се покажува во врска со издавањето на литературата од Друштото Стражарска кула?
14 Исто така, можеме да му искажеме чест на Јехова Бог ако покажуваме понизен став, припишувајќи му го на Бог секој успех што го уживаме. Апостол Павле правилно се изразил за својата служба: ”Јас посадив, Аполос зали, но Бог направи да израсте. Затоа, ниту оној, кој сади, е нешто, ниту, пак, оној, што полива, а сѐ е Бог, Кој прави да израсте.“ (Прво послание до Коринтјаните 3:6, 7, СПМ). Вистина, Павле бил заинтересиран да му искажува заслужена чест на Бог, а не на себеси или на некој друг човек. Затоа публикациите на Друштвото на Стражарска кула денес не ги откриваат оние кои ги пишуваат, а пишувачите избегнуваат да им дадат на знаење на другите што напишале. На тој начин, вниманието се концентрира на информацијата, која е наменета да му оддаде чест на Јехова, а не на некој човек.
15. Кое искуство покажува дека на некои луѓе им е тешко да ја разберат скромноста на Јеховините сведоци?
15 Некои се изненадуваат со ваквиот став каде вниманието се свртува на Јехова за да му се оддаде чест. Пред неколку години, додека поставувале систем за озвучување за јавно предавање во Њујоршкиот Централ Парк, Сведоците пуштиле една од касетите со Царски мелодии за да го испробаат озвучувањето. Еден убаво облечен пар прашал еден од Сведоците каква е таа музика. Мислејќи дека брачниот пар се Сведоци, братот одговорил: ”Тоа се Царски мелодии бр. 4.“ ”Да, но кој ја компонирал музиката?“, прашале тие. Сведокот одговорил: ”О, па композиторот е анонимен.“ Брачниот пар возвратил: ”Луѓето кои создаваат таква музика не го прават тоа анонимно.“ Сведокот рекол: ”Но Јеховините Сведоци го прават.“ Да, ова го прават за да сета чест му припадне на Јехова Бог!
16. На кои различни начини можеме да го употребиме својот глас за да му оддадеме чест на Јехова Бог?
16 Друг начин да му оддадеме чест на Јехова е да ги употребиме усните да сведочиме за него. Ако сме вистински заинтересирани да му искажеме чест, тогаш ќе бидеме совесни во ширењето на добрата вест за Царството. Тоа можеме да го правиме ако одиме од куќа до куќа и преку другите методи кои ни стојат на располагање, не испуштајќи ги приликите да сведочиме неформално (Јован 4:6-26; Дела на апостолите 5:42; 20:20). Покрај тоа, имаме прилики да му оддадеме чест на нашиот Бог со нашите гласови на собраниските состаноци, со давањето коментари и со пеењето на Царските песни од срце (Евреите 2:12; 10:24, 25). И во нашиот секојдневен говор можеме да му оддадеме чест на Јехова со усните. Со малку труд, можеме разговорот да го усмериме на духовно изградувачки теми, и тоа ќе му донесе чест на Јехова Бог (Псалми 145:2).
17. (а) Каков плод донесува исправното однесување во нашето искажување на чест на Јехова? (б) Како се одразува неисправното однесување?
17 Како што е убаво да му се оддава чест на Јехова Бог со усните, исто така е неопходно да му оддаваме чест и со нашето однесување. Исус ги осудил оние кои, додека му оддавале чест на Бог со усните, имале срца кои биле далеку од Него (Марко 7:6). Неисправното однесување сигурно нанесува срам на Јехова Бог. На пример, во Римјаните 2:23, 24 (СПМ), читаме: ”Ти, кој се фалиш со Законот, а престапувајќи го Законот, Го срамотиш ли Бога? ’Зашто поради вас името Божјо се хули меѓу незнабошците.‘“ Во последните години повеќе илјади биле исклучени од собранијата на Јеховиниот народ. Исто така, уште поголем број кои се впуштиле во срамно однесување, не биле исклучени бидејќи покажале вистински покајнички став. Сите овие луѓе му оддавале чест на Јехова со усните, но не успеале тоа да го сторат со однесувањето.
18. (а) За што треба да бидат заинтересирани оние кои имаат големи предности ако сакаат да му искажат должна чест на Јехова? (б) Како ситуацијата со некои свештеници од Малахииното време ја прикажува потребата за таквата заинтересираност?
18 Оние кои работат во различни гранки на полновремената служба — било да е тоа во Бетел, како патувачки надгледници или мисионери, или како пионери — се многу благодарни што имаат прилика да придонесат за Јеховината чест. Нивна обврска е да го дадат најдоброто во било која работа за која се поставени, да бидат ’верни како во мало, така и во многу‘ (Лука 16:10). На некој начин нивната почесна положба била предочена, но не и претставена преку свештениците и Левитите во стариот Израел. Меѓутоа, поради немарноста на некои свештеници во деновите на Малахија, Јехова им рекол: ”Ако сум јас татко, каде е честа за мене? И ако сум голем господар, каде е стравот од мене?“ (Малахија 1:6). Тие свештеници го презреле Божјето име давајќи слепи, куци и болни животни за жртви. Ако оние кои имаат посебни предности не се трудат да го дадат најдоброто од себе, тие особено можат да бидат укорени од Јехова Бог како што биле тие свештеници. Би пропуштиле да му оддадат чест на Јехова.
19. (а) Како што е запишано во Пословици 3:9, уште на кој друг начин може да му искажеме чест на Јехова? (б) На кој друг важен начин можеме да му оддаваме чест на Јехова?
19 Уште еден начин на кој можеме да му искажеме чест на Јехова Бог е со давање на парични прилози за светското дело на проповедање кое го овластил тој. Поттикнати сме: ”Оддај му чест на Јехова со твоите скапоцености и со првината од сиот твој приход“ (Пословици 3:9). Предноста да се даваат вакви прилози е прилика да му се искаже чест на Јехова Бог која никој не би требало да ја испушти. Можеме да му оддаваме чест на Јехова Бог и во нашите молитви, така што ќе го фалиме и ќе му се заблагодаруваме (1. Дневници 29:10-13). Всушност, бидејќи му пристапуваме со понизност и со длабоко почитување, самото наше доаѓање пред Бог во молитва му оддава чест.
20. (а) На кои луѓе обично им се оддава чест во светот, и како? (б) Со држењето на која заповед можеме исто така да му оддаваме чест на Јехова?
20 Многу луѓе денес, особено младите, им оддаваат чест на оние кои ги обожаваат, така што ги имитираат: зборуваат како нив и се однесуваат како нив. Честопати личностите кои ги имитираат се спортски јунаци или ѕвезди од светот на забавата. Спротивно на тоа, како христијани, би требало да му оддаваме чест на Јехова Бог со тоа што ќе настојуваме да го имитираме. Апостолот Павле нѐ поттикнува на тоа со зборовите: ”И така, угледајте се на Бога, како чеда возљубени, и живејте во љубов“ (Послание до Ефесјаните 5:1, 2, СПМ). Да, со тоа што ќе се стремиме да се угледуваме на Јехова, ќе му оддадеме чест.
21. (а) Што ќе нѐ опреми да му оддадеме на Јехова слава и чест? (б) Како Јехова ги наградува оние кои му оддаваат чест?
21 Навистина, постојат многу начини на кои можеме и би требало да му оддадеме слава и чест на Бог. Никогаш да не заборавиме дека ако често се храниме од неговата Реч и ако подобро се запознаеме со него, ќе можеме повеќе да му оддадеме чест. Кои се наградите? ”На оние кои ми оддаваат чест“, вели Јехова, ”и јас ќе им оддадам“ (1. Самоилова 2:30). Јехова на крај ќе им оддаде чест на своите обожаватели со тоа што ќе им подари бескраен живот во среќа, било на небото како совладари со неговиот Син, Исус Христос, или на Рајската Земја.
Дали се сеќаваш?
◻ На кого обично луѓето им оддаваат чест, а на кого обично занемаруваат да му искажат?
◻ Што значи да му се оддаде чест некому, и на кои начини може тоа да се направи?
◻ Кои се некои од значајните причини зошто Јехова заслужува чест?
◻ Кои се некои од начините на кои му оддаваме чест на Јехова?
◻ На кои начини Јехова ги наградува оние кои му оддаваат чест?