Оддавај му чест на Синот — Јеховиниот главен застапник
”Оној кој не му оддава чест на Синот, не му дава чест на Таткото кој го испратил“ (ЈОВАН 5:23).
1. Зошто верувањето во Тројство во христијанството претставува срамотење на Исус?
ДЕНЕС во христијанството многумина тврдат дека му оддаваат чест на Исус Христос, но го прават токму спротивното. Како? Па, многумина тврдат дека Исус е Семоќен Бог, и дека Бог, Творецот на сите работи, дошол на Земјата и живеел и умрел како човек. Ова тврдење е составен дел од доктрината за Тројството, кое е темелна наука на христијанството. Но ако Тројството е лажно, ако Исус всушност е помал и подложен на Бог, зарем ваквото погрешно толкување на неговиот однос со Бог не би го ожалостило Исус? Навистина, тој би сметал дека ваквото погрешно толкување е срамота за него и за сѐ она што тој учел.
2. Како Библијата јасно покажува дека Исус е понизок од Бог и дека му е подложен?
2 Вистина е дека Исус никогаш не тврдел дека е Бог, туку постојано зборувал за себеси како за ”Божји Син“. Дури и неговите непријатели го признавале тоа (Јован 10:36; 19:7). Исус дури свесно го возвишувал Таткото и му се подложувал, како што признал: ”Синот не може да прави ништо Сам од Себе, ако не Го види Отецот да прави; оти, она што прави Он, тоа исто го прави и Синот. (. . .) Јас ништо не можам да правам Сам од Себе (. . .) оти не ја барам волјата моја, а волјата на Отецот, Кој што Ме пратил.“ И повторно рекол: ”Јас сум негов застапник, и тој ме испратил“. Исто така рекол: ”Јас сум излегол и доаѓам од Бога“. (Јован 5:19, 30, СПМ; 7:28, 29, НС; 8:42, СПМ). Исус никогаш не спомнувал дека е Бог или дека му е рамен. Затоа, да се учи вакво нешто го срамоти Исус.
Други начини на кои некои го срамотат Исус
3. (а) Со одрекнувањето од што во врска со Исус некои од христијанството го срамотат? (б) Какво сведоштво дал Исус за своето претчовечко постоење?
3 Доста необично е и тоа што некои во христијанството денес го срамотат Исус не признавајќи го неговото претчовечко постоење. Меѓутоа, само ако го цениме тоа што Исус буквално дошол од небото на Земјата можеме да почнеме исправно да му оддаваме чест. Самиот Исус повеќе пати рекол дека имал претчовечко постоење. ”Никој не се искачи на небото,“ рекол тој, ”освен Синот Човечки, Кој слезе од небото“. Подоцна изјавил: ”Јас сум живиот леб што слезе од небото; (. . .) Ами ако го видите Синот Човечки да се вознесува горе, каде што бил порано?“ И повторно: ”Вие сте од долните области; јас сум од горните области. . . . Навистина, навистина ви велам: Пред Аврахам да постане, јас сум бил.“ (Јован 3:13, СПМ; 6:51, 62, СПМ; 8:23, 58, НС). Исус исто така зборувал за своето претчовечко постоење во молитвата до својот небесен Татко ноќта кога бил издаден (Јован 17:5).
4. (а) На кој друг начин многумина го срамотат Исус? (б) Кој доказ би требало да биде доволен за да се утврди дека Исус навистина живеел, и зошто?
4 Некои во христијанството одат дури до таа крајност што не признаваат дека Исус бил историска личност, и дека воопшто не живеел како човек. Ако навистина не постоел, не би имало смисла да дискутираме зошто и како да му искажуваме чест. Сепак, изобилните сведоштва на очевидците зачувани во Светото писмо се доволен доказ без сомнение да утврдиме дека Исус навистина живеел на Земјата (Јован 21:25). Ова е особено вистинито затоа што првите христијани често учеле за Исус и по цена на својот живот и слобода (Дела на апостолите 12:1-4; Откровение 1:9). Меѓутоа, освен она што неговите следбеници го напишале за него, дали е можно да се докаже Исусовото постоење?
5, 6. Освен Библијата, што покажуваат историските докази за вистинското постоење на Исус Христос?
5 The New Encyclopædia Britannica (1987) изјавува: ”Независни извори докажуваат дека во старо време дури и противниците на христијанството никогаш не се сомневале во историската веродостојност на Исус.“ Кои се некои од овие независни извори? Според еврејскиот научник Џосеф Клаузнер, постои писмено сведоштво во раните Талмудски записи (Jesus of Nazareth, стр. 20). Исто така постои и сведоштво од еврејскиот историчар од првиот век, Јосиф. На пример, тој го опишува каменувањето на Јаков, идентификувајќи го како ”братот на Исус, наречен Христос“ — Еврејски старини, том XX (Jewish Antiquities).
6 Исто така постои и сведоштвото од раните римски историчари, особено она од високопочитуваниот Тацит. Во почетокот на вториот век пишувал за ”една класа која била омразена поради своите одвратности, која народот ја нарекувал христијани. Кристус [Христос], од кој потекнува името [христијанин], ја поднел најтешката казна за време на владеењето на Тибериј од рацете на еден од нашите прокуратори.“ — Летописи, том XV, XLIV (The Annals). Увидувајќи ги силните докази дека Исус е историска личност, францускиот филозофски моралист од XVIII. век, Жан Жак Русо, изјавил: ”Историјата на Сократ, во која никој не се осмелува да се посомнева, не е толку добро потврдена како онаа на Исус Христос.“
Причини за оддавање чест на Синот
7. (а) Кое библиско сведоштво нѐ обврзува да му оддаваме чест на Исус Христос? (б) Како Јехова понатаму му оддал чест на својот Син?
7 Да ги разгледаме причините зошто треба да му оддаваме чест на Исус Христос. Од неговите зборови во Јован 5:22, 23 се гледа дека неговите следбеници се должни да му искажуваат чест: ”Таткото не суди никого, туку целиот суд му го предал на Синот, за да сите го почитуваат Синот, како што го почитуваат Таткото. Оној кој не го почитува Синот, не го почитува Таткото кој го испратил.“ По Христовото воскресение, Јехова му искажал чест на својот Син на уште повисок степен, ’крунисувајќи го со слава и чест затоа што претрпе смрт‘ (Евреите 2:9, 1. Петрово 3:22). Во основа, имаме причини да му оддаваме чест на Исус како за она што е, така и за она што го сторил.
8. Поради кои единствени факти Исус Христос заслужува чест?
8 Исус Христос заслужува чест бидејќи како Логос или Реч, тој е Јеховин посредник од прв ред. Од Библијата се гледа дека поимот ”Реч“ се однесува на Исус пред да дојде на Земјата и откако се вратил на небото (Јован 1:1; Откровение 19:13). Во Откровение 3:14 тој зборува за себеси како за ”почеток на Божјето творештво“. Не само што е ”првороден од сето творештво“, туку како ”првосоздаден Син“ е единствениот кој бил директно создаден од Јехова Бог (Колосјаните 1:15; Јован 3:16). Исто така, ”сѐ стана преку Него и без Него ништо не стана, што стана.“ (Јован 1:3, СПМ). Затоа, кога во 1. Мојсеева 1:26 читаме дека Бог рекол: ”Да создадеме човек по наш лик, по нашата слика“, зборот ”нас“ го вклучува Логосот или Речта. Секако, фактот што Исус во своето претчовечко постоење ја имал прекрасната предност да учествува со Јехова Бог во создавањето, го прави достоен за голема чест.
9. Зошто заклучуваме дека Исус е архангелот Михаел, и како Михаел му оддал чест на Јехова во врска со Мојсеевото тело?
9 Исус Христос понатаму заслужува чест бидејќи е Јеховин главен ангел, или архангел. Врз основа на што доаѓаме до овој заклучок? Префиксот ”арх“, кој значи ”главен“ или ”прв“, покажува дека има само еден архангел. Божјата Реч зборува за него во врска со воскреснатиот Господ Исус Христос. Читаме: ”Самиот Господ ќе слезе од небото со заповеднички повик, со глас на архангел и со Божјата труба, и оние кои се мртви во заедница со Христос ќе воскреснат први.“ (1. Солунјаните 4:16). Овој архангел има свое име, како што читаме во Јуда 9: ”Кога архангелот Михаел се препираше со Ѓаволот околу Мојсеевото тело, не се осмели да изрече навредлива пресуда над него, туку му рече: ”Јехова нека те прекори.‘“ Со тоа што Исус не истрчал пред Јехова и не се осмелил да изрече осуда над Ѓаволот, му оддал чест на својот небесен Татко.
10. (а) Како Михаел предводи во битката за Божјето Царство? (б) Каква улога одиграл Михаел во врска со Израелската нација?
10 Архангелот Михаел се бори во името на Божјето Царство, преземајќи водство во чистење на небесата од Сатана и неговите демонски орди (Откровение 12:7-10). И пророкот Даниел вели дека ’тој стои во полза на Божјиот народ‘ (Даниел 12:1). Според тоа, Михаел е ”ангелот на вистинскиот Бог кој одел пред логорот на Израел“ и тој е оној кого Бог го употребил да го доведе својот народ во Ветената земја. ”Внимавај на него, и слушај го неговиот глас“, заповедал Бог. ”Не бунтувај се против него (. . .) бидејќи името мое е во него.“ (2. Мојсеева 14:19; 23:20, 21). Без сомнение Јеховиниот архангел бил многу заинтересиран за народот кој го носи Божјето име. Најверојатно тој дошол да му помогне на еден друг ангел што бил испратен да го утеши пророкот Даниел, кој бил нападнат од моќен демон (Даниел 10:13). Затоа може да биде разумно да заклучиме дека ангелот кој уништил 185 000 војници на Сенахирим не бил никој друг туку архангелот Михаел (Исаија 37:36).
11. Заради следењето на кој животен пат на Земјата Исус ја заслужува нашата чест?
11 Исус Христос заслужува да му се оддаде чест не само поради фактот кој е тој, туку ја заслужува нашата чест и со она што го сторил за нас. На пример, тој е единствениот човек кој имал совршен живот. Адам и Ева биле совршено создадени, но нивната совршеност била краткотрајна. Меѓутоа, Исус Христос останал ’лојален, простодушен, одвоен од грешниците‘ и покрај сѐ што Ѓаволот можел да му нанесе во вид на искушенија и прогонства. И покрај сето тоа ”не стори грев, ниту се најде измама во неговата уста.“ Тој со право можел да ги предизвика своите религиозни противници: ”Кој од вас може да ме осуди за грев?“ Никој од нив не можел! (Евреите 7:26; 1. Петрово 2:22; Јован 8:46). И бидејќи го зачувал својот безгрешен интегритет, Исус го оправдал својот небесен Татко како законски универзален Суверен и докажал дека Ѓаволот е расипан и зол лажливец (Пословици 27:11).
12. (а) Каков човек бил Исус, и што сторил и поднел за другите? (б) Зошто може да се рече дека Исус ја заслужува нашата чест поради она што го сторил и што пострадал?
12 Исус Христос ја заслужува нашата чест, не само по тоа што имал совршен, безгрешен живот, туку и заради тоа што бил добар човек, несебичен и самопожртвуван. (Спореди со Римјаните 5:7.) Неуморно им служел на духовните и материјалните потреби на народот. Колкава ревност само покажал за куќата на својот Татко, и колкава стрпливост покажал спрема своите ученици! И колкаво страдање бил спремен да поднесе при извршувањето на волјата на својот Татко! За неговото големо искушение во градината Гетсеман, Библијата вели: ”Кога западна во смртни маки, продолжи да се моли уште посрдечно; а неговата пот стана како капки крв кои паѓаат на земјата.“ Да, тој ’упатил преколнувања и молби (. . .) со силни извици и солзи‘ (Лука 22:44; Евреите 5:7). Колку точно Исаија го претскажал неговото тешко искушение во Исаија 53:3-7!
13. Каков прекрасен пример ни поставил Исус во оддавање чест на својот небесен Татко?
13 Исус исто така ја заслужува нашата чест и поради убавиот пример што го поставил за нас во оддавањето чест на неговиот небесен Татко. Можел умесно да рече: ”Јас го почитувам мојот Татко“ (Јован 8:49). Во секое време му покажувал чест на Јехова Бог преку своите зборови и дела. Така, кога излечил еден човек, библискиот извештај не кажува дека луѓето го славеле Исус, туку дека ”го величале Бог“ (Марко 2:12). Затоа, на крајот од својата служба на Земјата, Исус со право можел да каже во молитвата до својот небесен Татко: ”Јас Те прославив на Земјата; го извршив делото, што си Ми го дал да го извршам.“ (Јован 17:4, СПМ).
Што сторил за нас
14. Што постигнала Исусовата смрт за нас, кое прави да ја заслужува нашата чест?
14 И колку многу Исус Христос ја заслужува нашата чест поради сето она што го постигнал за нас! Умрел за нашите гревови за да би можеле да бидеме помирени со Јехова Бог. Исус за себеси рекол: ”Синот човечки не дојде да Му служат, туку дојде да послужи и да ја даде душата Своја за откуп на мнозина.“ (Матеј 20:28, СПМ). На тој начин неговата смрт го овозможила сето она што Царството ќе го постигне за нас луѓето: бесмртен живот на небото за 144 000 кои ја сочинуваат неговата невеста и бескраен живот на рајската Земја за милиони други кои ја докажуваат својата вера и послушност под искушенија (Псалми 37:29; Откровение 14:1-3; 21:3, 4).
15. Кој е еден од примерите каде Исус ни ја открива личноста на својот Татко?
15 Исус Христос исто ја заслужува нашата чест бидејќи, како Голем Учител, совршено ни ја открил волјата и личноста на својот Татко. На пример, во својата Проповед на гората, ја истакнал великодушноста на својот Татко што им дава Сонце и дожд како на добрите така и на лошите, а потоа забележал: ”Но бидете совршени, како што е совршен вашиот Отец небесен.“ (Матеј 5:44-48, СПМ).
16. Како апостол Павле накратко го опишал Исусовиот животен пат кој заслужува чест?
16 Апостол Павле добро го сумирал Исусовиот пат кој заслужува чест, кога напишал: ”Иако постоеше во Божји облик, [тој] не размислуваше за тоа да присвои нешто сосила, имено да биде еднаков со Бог. Не, туку се одрече од себеси и зеде облик на роб и стана сличен на луѓето. И повеќе од тоа, кога се најде во човечки облик, се понизи себеси и стана послушен до смрт, да, до смртта на маченички столб.“ (Филипјаните 2:5-8).
Како можеме да му оддадеме чест на Синот
17, 18. На кои различни начини можеме да му оддадеме чест на Исус Христос?
17 Бидејќи Исус Христос без сомнение ја заслужува нашата чест, се наметнува прашањето: Како можеме да му оддадеме чест на Синот? Така што ќе покажуваме вера во неговата откупна жртва, а таа вера ја докажуваме ако ги преземеме потребните чекори за покајание, обраќање, предание и крштение. Со тоа што доаѓаме пред Јехова во молитва во Исусово име, му оддаваме чест на Исус. Понатаму, му искажуваме чест кога ги земаме при срце неговите зборови: ”Ако некој сака да ме следи, нека се одрече од самиот себеси и нека го земе својот маченички столб и постојано нека ме следи.“ (Матеј 16:24). Му оддаваме чест на Исус Христос кога внимаваме на неговите упатства најпрво да го бараме Божјето Царство и неговата праведност, и му оддаваме чест кога внимаваме на неговата заповед да учествуваме во делото на правење ученици. И му оддаваме чест на Исус кога ја покажуваме братската љубов за која тој рекол дека ќе ги карактеризира сите вистински следбеници (Матеј 6:33; 28:19, 20; Јован 13:34, 35).
18 Понатаму, му оддаваме чест на Синот со тоа што го прифаќаме неговото име, нарекувајќи се христијани, и што живееме достојно на тоа име со нашето добро однесување (Дела на апостолите 11:26; 1. Петрово 2:11, 12). Апостолот Петар рекол дека треба блиску да ги следиме Исусовите чекори (1. Петрово 2:21). Го славиме и со тоа што го имитираме во сето наше однесување. И секако, кога годишно ја славиме Спомен-свеченоста по повод Исусовата смрт, му оддаваме посебна чест (1. Коринтјаните 11:23-26).
19, 20. (а) Какви награди им дава Исус на своите следбеници кои нему му оддаваат чест, сега и во иднина? (б) Каква доверба можеме да имаме во врска со Синот?
19 Каква награда им дава Исус на своите учениците кои го следат патот кој му оддава чест? Тој рекол: ”Навистина, ви велам: никој не оставил куќа или браќа или сестри или мајка или татко или деца или ниви заради мене и заради добрата вест, кој нема да добие сега, во ова време, стопати повеќе: куќи и браќа и сестри и мајки и деца и ниви, под прогонства, а во идниот поредок вечен живот.“ (Марко 10:29, 30).
20 Да, ако правиме жртви поради Исус, тој ќе се погрижи да бидеме наградени. Исус ни гарантира: ”И така, секој што ќе Ме признае Мене пред луѓето, ќе го признаам и јас него пред Мојот Отец небесен.“ (Матеј 10:32, СПМ). И како што небесниот Татко им оддава чест на оние кои нему му оддаваат чест, можеме да бидеме уверени дека Јеховиниот првосоздаден Син ќе го имитира својот Татко во овој поглед, како што тоа го прави и во други работи.
Како би одговорил?
◻ Како многумина од христијанството го срамотат Синот?
◻ Какво сведоштво дал Исус за своето претчовечко постоење?
◻ Кои се некои од причините за да му оддаваме чест на Исус?
◻ Кои се некои од начините на кои можеме да му оддадеме чест на Исус?
◻ До кои придобивки доведува оддавањето на чест на Исус Христос?