Самосовладување — зошто е толку важно?
„Со вашето придонесување на сето ваше искрено напрегање како одговор, на вашата вера додадете доблест, на доблеста спознание, на спознанието самосовладување“ (2. ПЕТРОВО 1:5, 6, NW).
1. Каква извонредна јавна демонстрација на телесно самосовладување била прикажана во 19. век?
БЕЗ сомнение, еден од најзачудувачките јавни прикажувања на физичко совладување покажал Чарлс Блондин во втората половина на 19. век. Според еден извештај, тој неколку пати ги преминал Нијагарините водопади, првпат во 1859, на затегнато јаже 340 метри долго и 50 метри над водата. После тоа, го правел истото прикажувајќи ја на различни начини својата способност: со врзани очи, во вреќа, тркалајќи рачна количка, на патерици и носејќи човек на грбот. Во друга прилика, правел салто на патерици на затегнато јаже, 52 метри над земјата. Задржувањето на таква рамнотежа барало огромно физичко самосовладување. За своите напори Блондин бил награден со слава и богатство.
2. Кои други облици на активност бараат телесно самосовладување?
2 Иако малкумина можеле само приближно да ги повторат тие паради, важноста на физичкото самосовладување во изведувањето на професионалните вештини или во спортовите е видлива за сите нас. На пример, опишувајќи го мајсторството на починатиот прославен пијанист Владимир Хоровиц, еден музичар рекол: „За мене најфасцинантно беше чувството на потполна контрола (...), чувството на зауздување на една неверојатна енергија“. Еден друг извештај за Хоровиц зборува за „осум декади на летечки прсти во совршена контрола“.
3. (а) Кој е најбараниот облик на самосовладување, и како е дефиниран? (б) Кое е значењето на грчкиот збор кој во Библијата е преведен со „самосовладување“?
3 Потребни се големи напори да се развијат такви вештини. Меѓутоа, многу поважно и попредизвикливо е самосовладувањето. Дефинирано е како „ограничување извршено над сопствените пориви, чувства или желби“. Во Христијанските грчки списи, зборот преведен со „самосовладување“ во 2. Петрово 1:6, (NW) и на други места, е дефиниран како „доблест на некој кој господари со своите желби и страсти, особено со своите чувствени апетити“. Самосовладувањето на поединецот дури е наречено „врв на човечкото достигнување“.
Зошто самосовладувањето е толку важно
4. Какви лоши плодови пожнеал недостигот на самосовладување?
4 Каква жетва пожнеал недостигот на самосовладување! Многу неволји во светот денес се должат на недостигот на самосовладување. Вистина е дека се наоѓаме во „последните денови“, кога ‚настапуваат критични времиња со кои тешко се излегува на крај‘. Луѓето се „без самосовладување“ често поради алчност, од која еден облик е што се „љубители на задоволства наместо љубители на Бог“ (2. Тимотеј 3:1-5, NW). Таа отрезнувачка вистина силно ни е предочена со тоа што на над 40 000 поединци кои скршнале од правиот пат во текот на минатата службена година им била одземена заедницата со христијанското собрание, главно поради непристојно лошо однесување. Кон нив треба да се додадат многуте кои биле укорени, повеќето поради сексуален неморал, а сѐ поради тоа што пропуштиле да покажат самосовладување. Отрезнувачки е и фактот што некои долгогодишни старешини ги изгубиле сите свои предности како нагледници од истата причина.
5. Како би можела да се опише важноста на самосовладувањето?
5 Важноста на самосовладувањето може да се илустрира со еден автомобил. Тој има четири тркала кои му овозможуваат да се движи, силен мотор кој може да ги движи тркалата многу брзо и кочници кои можата да ги запрат. Меѓутоа, може да се случи несреќа ако нема никого на шоферското место да одлучи каде тие тркала да одат, колку брзо ќе се вртат и кога да запрат, со контролирано употребување на воланот, менувачот за брзини и кочниците.
6. (а) Кој критериум кој се однесува на љубовта може одлично да се примени и на самосовладувањето? (б) Кој натамошен совет мораме да го имаме на ум?
6 Би било тешко доволно да се нагласи важноста на самосовладувањето. Она што апостол Павле го рекол во 1. Коринтјаните 13:1-3 за важноста на љубовта може исто така да се каже за самосовладувањето. Сеедно колку сме речити како јавни говорници, сеедно колку вера и спознание сме постигнале преку добрата навика за проучување и сеедно какви дела можеби правиме во корист на другите, ако не покажуваме самосовладување, сето тоа е попусто. Треба да ги имаме на ум Павловите зборови: „Зарем не знаете дека сите тркачи во трката трчаат, но само еден ја добива наградата. Трчајте така за да ја постигнете. Освен тоа, секој кој учествува во натпревар, покажува самосовладување во сите работи“ (1. Коринтјаните 9:24, 25, NW). Павловото предупредување во 1. Коринтјаните 10:12 ни помага да покажуваме самосовладување во сите работи: „Затоа, кој мисли дека стои, нека гледа да не падне“.
Предупредувачки примери
7. (а) Како недостигот на самосовладување го довел човечкиот род на неговиот удолен пат? (б) Кои други првобитни примери на недостиг на самосовладување ни ги дава Библијата?
7 Со тоа што дозволил наместо разумот со неговите постапки да владеат емоциите, Адам не успеал да покаже самосовладување. Како резултат на тоа, „гревот влезе во светот (...), а преку гревот — смртта“ (Римјаните 5:12). Првото убиство исто така се должело на недостиг на самосовладување, бидејќи Јехова Бог го предупредил Каин: ‚Зошто се огорчи? Зошто се помрачи лицето твое? Гревот е пред вратата: но ти надвладај го!‘ Бидејќи Каин не го надвладеал гревот, го убил својот брат Авел (1. Мојсеева 4:6-12). И жената на Лот не успеала да покаже самосовладување. Едноставно не можела да му одолее на искушението да погледне назад. Колку ја чинел недостигот на самосовладување? Па, самиот живот! (1. Мојсеева 19:17, 26).
8. Искуствата на кои тројца мажи од минатото нѐ предупредуваат на потребата од самосовладување?
8 Јаковлевиот првороден син, Рувим, го изгубил правото на првородство поради неговиот недостиг на самосовладување. Ја оскрвнал татковата постела со тоа што имал полни односи со една од Јаковлевите конкубини (1. Мојсеева 35:22; 49:3, 4; 1. Летописи 5:1). Поради тоа што Мојсеј се разлутил на начинот на кој Израелците го искушувале со своето мрморење, жалење и бунење, му била скратена толку посакуваната предност да влезе во Ветената Земја (4. Мојсеева 20:1-13; 5. Мојсеева 32:50-52). Дури и верниот крал Давид, ‚човек по срцето на Господ‘ се нашол во голема неволја во една прилика поради недостиг на самосовладување (1. Самуилова 13:14, ДК; 2. Самоилова 12:7-14). Сите овие примери ни даваат добри предупредувања дека треба да покажуваме самосовладување.
Што треба да контролираме
9. Кои се некои библиски стихови кои ја истакуваат важноста на самосовладувањето?
9 Како прво, самосовладувањето ги вклучува нашите мисли и емоции. Библијата често зборува за нив симболички употребувајќи ги зборовите како „срце“ и „бубрези“. Она на што дозволуваме да се задржат нашите мисли, или ни помага или нѐ спречува во нашите напори да му угодиме на Јехова. Потребно е самосовладување ако сакаме да водиме сметка за советот во Филипјаните 4:8, да размислуваме за она што е вистинито, честито и доблесно. Псалмистот Давид изразил слични чувства во молитва, велејќи: ‚Нека (...) размислувањето на моето срце биде угодно пред тебе, О Јехова, моја Карпо и мој Откупителу‘ (Псалми 19:14, NW). Десеттата заповед — да не се посакува ништо што му припаѓа на ближниот — барала контролирање на мислите (2. Мојсеева 20:17). Исус ја истакнал сериозноста на контролирањето на мислите и емоциите кога рекол: „Секој што ќе погледне на жена со желба, тој веќе извршил прељуба со неа во срцето свое“ (Матеј 5:28).
10. Кои библиски текстови ја нагласуваат важноста на контролирањето на нашиот говор?
10 Самосовладувањето исто така ги вклучува нашите зборови, нашиот говор. Навистина има многу библиски стихови кои нѐ советуваат да го контролираме својот јазик. На пример: „Бог е на небото, а ти на земјата; затоа зборовите твои да не бидат многу“ (Проповедник 5:1 [5:2, ДК]). „При многу зборување не се избегнува гревот, а разумен ќе бидеш ако ја воздржуваш устата своја“ (Соломонови изреки 10:19). „Никаков лош збор нека не излегува од вашите усти, туку само корисен за изградување каде што е потребно (...) Нека се отстрани од вас (...) викотници и пцости, со секаков вид на зло!“ И Павле понатаму дава совет да го отстраниме од нас глупавото зборување и непристојното шегување (Ефежанима 4:29, 31; 5:3, 4, Ст).
11. Како зборува Јаков за проблемот на контролирање на јазикот?
11 Јаков, Исусовиот полубрат, го осудува незаузданиот говор и покажува колку е тешко да се контролира јазикот. Тој вели: „Така и јазикот е мал орган, а за многу се фали. Гледај, и мал оган колку големи шуми може да запали! И јазикот е оган; свет на злобата. Поставен меѓу нашите органи, го погани целото тело, палејќи го тркалото на нашиот живот, бидејќи самиот е запален од гехена. Бидејќи целиот род на ѕверови и птици и влечуги и риби се припитомуваат и се припитомиле на родот човечки, но јазикот никој од луѓето не може да го скроти, бидејќи е немирно зло, полно со смртоносен отров. Со него го благословуваме Бог и Таткото, и со него ги колнеме луѓето, кои се создадени по Божјето обличје. Од една уста излегува благослов и клетва. Не чини, љубени браќа мои, да биде тоа така“ (Јаков 3:5-10, Бакотиќ).
12, 13. Наведи некои библиски стихови кои ја покажуваат важноста на совладувањето на нашите постапки и однесување?
12 Се разбира, самосовладувањето ги вклучува нашите постапки. Едно подрачје на кое е потребно големо самосовладување се нашите односи со спротивниот пол. На христијаните им се заповеда: „Бегај од сексуален неморал“ (1. Коринтјаните 6:18, New International Version). Сопрузите се опоменуваат да го ограничат своето сексуално интересирање на сопствените жени, за кое делумно им се кажува: „Пиј од водата на твојот извор и од онаа, што извира од твојот кладенец“ (Соломонови изреки 5:15-20). Едноставно ни е кажано дека „блудниците и прељубниците ќе ги суди Бог“ (Евреите 13:4). Самосовладувањето е особено потребно за оние кои сакаат да го развиваат дарот на самештво (Матеј 19:11, 12; 1. Коринтјаните 7:37, NW).
13 Исус во кратко го изнел прашањето во врска со нашите постапки спрема ближните кога го дал она кое е општо познато како ”Златно правило“, и рекол: „Сѐ она што сакате да ви прават луѓето, правете им го и вие; оти тоа се Законот и Пророците“ (Матеј 7:12). Вистина е дека е потребно самосовладување за да не дозволиме нашите себични склоности или надворешните притисоци, или искушенијата да нѐ наведат да постапуваме со другите поинаку од начинот на кој сакаме тие да постапуваат со нас.
14. Кој совет го дава Божјата Реч во врска со храната и пијалоците?
14 Понатаму самоконтролата е поврзана со храната и пијалоците. Божјата Реч мудро нѐ советува: „Не биди меѓу оние, што се опиваат со вино, меѓу оние, што се презаситуваат со месо“ (Соломонови изреки 23:20). Особено што се однесува на нашето време, Исус предупредил: „Само пазете се: вашите срца да не бидат оптоварени со прејадување и пијанство, и грижа за овој свет, за да не ве затече оној ден ненадејно“ (Лука 21:34, 35). Да, самосовладувањето ги вклучува нашите мисли и чувства, како и нашите зборови и постапки.
Зошто самосовладувањето претставува толкав предизвик
15. Како Библијата ја прикажува реалноста на тоа дека Сатана им се спротивставува на христијаните во покажувањето на самосовладување?
15 Самосовладувањето не доаѓа лесно бидејќи, како што сите христијани знаат, постојат три моќни сили кои се вперени против нашето покажување на самосовладување. Како прво, тука е Сатана и неговите демони. Библијата не остава место за сомневање за нивното постоење. Така, читаме дека ‚сатана влегол во‘ Јуда токму пред да отиде да го издаде Исус (Јован 13:27). Апостолот Петар го прашал Ананија: „Зошто го исполни сатаната срцето твое да Го излажеш Светиот Дух?“ (Дела на апостолите 5:3). Соодветно на тоа, Петар исто така предупредил: „Бидете трезвени, бидете будни, зашто вашиот противник, ѓаволот, обиколува како лав што рика и бара некого да го проголта“ (1. Петрово 5:8).
16. Зошто христијаните мораат да покажуваат самосовладување со оглед на овој свет?
16 Во своите напори да покажуваат самосовладување, христијаните мораат исто така да се борат со овој свет којшто лежи „во власта на Злобниот“, Сатана Ѓаволот. Во врска со тоа, апостол Јован напишал: „Не сакајте го светот и сѐ што е во него. Ако некој го сака светот, во него нема љубов од Отецот. Зашто, сѐ што е во светот — похотта на телото, желбата на очите и гордоста на животот, не е од Отецот, туку од овој свет. А светот поминува и похотите негови, а оној, што ја извршува волјата Божја, останува довека“. Ако не покажуваме самосовладување и ако силно не се спротивставиме на секаква склоност да го љубиме светот, ќе подлегнеме на неговото влијание, како што подлегнал некогашниот Павлов соработник, Димас (1. Јованово 2:15-17; 5:19, Ст; 2. Тимотеј 4:10).
17. Со кој проблем сме родени сите ние, а е поврзан со самосовладувањето?
17 Како христијани, и нам ни е потребно самосовладување ако сакаме успешно да се бориме против сопствените наследени телесни слабости и недостатоци. Не можеме да го избегнеме фактот дека „склоноста на човечкото срце е зла од неговата младост“ (1. Мојсеева 8:21, NW). Како и крал Давид, ‚зачнати сме во беззаконие и во грев нѐ родила мајката наша‘ (Псалми 50:5). Новороденчето не знае ништо за самосовладувањето. Кога сака нешто, само плаче додека не го добие. Еден извештај за одгледувањето на децата изјавува: ‚Децата размислуваат на сосема поинаков начин отколку возрасните. Децата се сосредоточени само на себе и често не реагираат на најлогичното убедување бидејќи не се способни да се „стават на местото на другиот“‘. Навистина, „безумието е приврзано на детето за срце“. Меѓутоа, со применување на „прат со кој се кара“, постепено учи дека постојат правила кои мора да ги слуша и дека себичноста мора да се заузда (Приче Саламунове 22:15, ДК).
18. (а) Според Исус, кои склоности почиваат во симболичното срце? (б) Кои зборови на Павле ја покажуваат неговата свесност за проблемот да се покажува самосовладување?
18 Да, нашите вродени себични склоности ни создаваат предизвик кога треба да покажуваме самосовладување. Тие склоности почиваат во симболичното срце, за кое Исус рекол: „Од срцето излегуваат лоши помисли, убиства, прељубодејства, блудства, кражби, лажни сведоштва, хули“ (Матеј 15:19). Затоа Павле напишал: „Не доброто, кое го сакам, го правам, туку злото, што не го сакам, го вршам. А штом го вршам она, што не го сакам, не го вршам веќе јас, но гревот, кој живее во мене“ (Римјаните 7:19, 20). Меѓутоа, тоа не било залудна битка, бидејќи Павле исто така напишал: „Го претепувам своето тело и го водам како роб, за да на некој начин, откако сум проповедал на другите, самиот на некој начин да не би бил непризнат“. Тепањето на своето тело бара да се покажува самосовладување (1. Коринтјаните 9:27, NW).
19. Зошто можел Павле со право да каже дека го тепал своето тело?
19 Павле со право можел да каже дека го тепал своето тело, бидејќи покажувањето на самосовладување е отежнато од многу телесни фактори, како што се висок крвен притисок, лоши нерви, ненаспаност, главоболки, лошо варење на храната и слично. Во следната статија ќе разгледаме особини и помошни средства кои ќе ни помогнат да покажуваме самосовладување.
Дали се сеќаваш?
◻ Зошто самосовладувањето е толку важно?
◻ Наведи некои примери за таквите кои страдале поради недостиг на самосовладување?
◻ На кои подрачја мораме да покажуваме самосовладување?
◻ Кои три непријатела ни отежнуваат да покажуваме самосовладување?
[Слика на страница 10]
Христијаните треба да покажуваат самосовладување во поглед на јадењето и пиењето
[Слика на страница 11]
Самосовладувањето ќе ни помогне да се воздржуваме од штетно озборување
[Извор на слика на страница 8]
Historical Pictures Service