Да се негува плодот самосовладување
„Плодовите на духот се љубов, радост, мир, долготрпеливост, доброљубивост, доброта, вера, благост, самосовладување. Против такви работи нема закон“ (ГАЛАТЈАНИТЕ 5:22, 23, NW).
1. Кој ни дал најдобар пример на самосовладување, и од кои библиски стихови се гледа тоа?
ЈЕХОВА Бог и Исус Христос ни ги дале најдобрите примери на самосовладување. Уште од човековата непослушност во еденската градина, Јехова ја покажувал таа особина. (Спореди Исаија 42:14, NW.) Во хебрејските списи девет пати читаме дека тој е „бавен на гнев“ (2. Мојсијева 34:6, ДК). Тоа бара самосовладување. Секако дека и Божјиот Син покажал големо самосовладување, зашто „не пцуеше кога го пцуеја“ (1. Петрова 2:23, ДК). Иако, Исус можел да го замоли својот небесен Татко за поддршката на „повеќе од дванаесет легиони ангели“ (Матеј 26:53).
2. Какви добри библиски примери на покажување на самосовладување имаме од страна на несовршени луѓе?
2 Исто така имаме некои прекрасни библиски примери на самосовладување што ги покажале несовршени луѓе. На пример, оваа особина била покажана при еден значаен настан од животот на Јосиф, син на патријархот Јаков. Колкаво самосовладување покажал Јосиф кога Петефриевата жена се обидела да го заведе. (1. Мојсеева 39:7-9). Тука се исто така и добрите примери на четворицата хебрејски младичи кои покажале самосовладување кога одбиле да јадат од вкусните јадења на вавилонскиот цар поради забраните на Мозаитскиот Закон (Даниел 1:8-17).
3. Кој бил забележан по своето добро однесување, и од кое сведоштво се гледа тоа?
3 Што се однесува до современи примери на самосовладување, можеме да укажеме на Јеховините сведоци како целина. Тие ја заслужуваат пофалбата која им била дадена од New Catholic Encyclopedia — дека се „една од групите во светот која има најдобро однесување“. Еден филипински универзитетски предавач изјавил дека „Сведоците многу совесно го спроведуваат она што го учат од Библијата“. Во врска со конгресот на Сведоците во Варшава во 1989, еден полски новинар напишал: „55 000 луѓе не испушија ниту една цигара за три дена! (...) Тоа покажување на надчовечка дисциплина ме импресионира со одушевеност помешана со стравопочитување“.
Страв од Бог и мразење на она што е лошо
4. Кое е едно од најголемите помагала во покажувањето на самосовладување?
4 Едно од најголемите помошни средства во негувањето на самосовладување е Божјиот страв, здравиот страв да не предизвикаме незадоволство кај нашиот небесен Татко полн со љубов. Колку е важен за нас Божјиот страв полн со почитување, може да се види од фактот што Библијата го споменува повеќе пати. Непосредно пред Аврам да го принесе својот син Исак, Бог му рекол: „Не кревај рака своја на детето, и не прави му ништо! Еве, сега знам, оти се плашиш од Бога штом не го пожали ни саканиот свој син заради Мене“ (1. Мојсеева 22:12). Без сомнение тоа било ситуација на емоционална напнатост, затоа на Аврам сигурно му требало големо совладување за да ја изврши Божјата заповед и да го крене ножот да го заколе својот сакан син Исак. Да, стравот од Бог ќе ни помогне да покажуваме самосовладување.
5. Каква улога игра мразењето на злото во нашето покажување на самосовладување?
5 Тесно поврзано со стравот Јеховин е мразењето на злото. Во Приче Саламунове 8:13, (ДК) читаме: „Стравот Господов [Јеховин, NW] е мразење на злото“. Потоа, мразењето на она што е лошо исто така ни помага да покажуваме самосовладување. Секогаш одново, Библијата ни кажува да го мразиме — да, да се гадиме од — она што е зло (Псалми 96:10; Амос 5:14, 15; Римљанима 12:9, ДК). Тоа што е лошо честопати е толку пријатно, толку заводливо, толку примамливо што едноставно мораме да го мразиме за да се утврдиме против него. Сето такво мразење на она што е лошо влијае зајакнувачки на нашата одлучност да покажуваме самосовладување, и така служи како заштита за нас.
Самосовладување — мудар пат
6. Зошто е мудро да ги зауздаме своите себични склоности со покажување на самосовладување?
6 Друга голема помош во нашето покажување на самосовладување е да ја цениме мудроста во покажувањето на ова особина. Јехова бара од нас да покажуваме самосовладување заради наша корист. (Спореди Исаија 48:17, 18.) Неговата Реч содржи многу совети кои покажуваат колку е мудро да ги зауздуваме нашите себични склоности преку покажување на самосовладување. Едноставно не можеме да ги избегнеме Божјите непроменливи закони. Неговата Реч ни кажува: „Што ќе си посее човекот, тоа и ќе си жнее: кој сее во телото свое, од телото ќе пожнее погибел; а кој сее во духот, од духот ќе пожнее вечен живот“ (Галатјаните 6:7, 8). Видлив пример за тоа е со јадењето и пиењето. Многу зла настануваат поради тоа што луѓето или премногу јадат или премногу пијат. Секое такво подлегнување на себичност му го краде самопочитувањето на човекот. И повеќе од тоа, човек не може да ѝ подлегне на себичноста, а да не ги оштети своите односи со другите. Што е најсериозно, недостатокот на самосовладување го оштетува нашиот однос со нашиот небесен Татко.
7. Која е истакната тема на книгата Изреки, како што покажуваат некои библиски стихови?
7 Затоа, мораме постојано да се потсетуваме дека со себичноста си наштетуваме самите себеси. Истакната тема од книгата Соломонови изреки, која ја нагласува самодисциплината, е дека себичноста едноставно не се исплаќа и дека е мудро да се покажува самосовладување (Изреките 14:29; 16:32). И да задржиме на ум дека самодисциплината вклучува многу повеќе отколку само да се избегнува она што е лошо. Самодисциплината, или самосовладувањето, е исто така потребно за да се прави тоа што е исправно, а кое може да биде тешко бидејќи е во спротивност со нашите грешни склоности.
8. Кое искуство ја нагласува мудроста од покажувањето на самосвладување?
8 Добар пример за мудроста во покажувањето на самосовладување е случајот со еден Јеховин сведок кој стоел во ред во една банка, кога еден човек се истуркал пред него. Иако Сведокот малку се вознемирил, покажал самосовладување. Истиот тој ден требало да се сретне со некој инженер за да добие потпис за некои планови во врска со една Царска сала. А кој бил тој инженер? Истиот оној човек кој се истуркал пред него во банката! Не само што се покажало дека инженерот е многу љубезен, туку на Сведокот му наплатил помалку за една десеттина од вообичаената цена. Колку бил среќен Сведокот што претходно тој ден, покажал самосовладување не допуштајќи да биде предизвикуван!
9. Кој е мудар правец кога се среќаваме со навредливи реакции во службата?
9 Секогаш одново кога одиме од врата до врата проповедајќи ја добрата вест за Божјето Царство или кога стоиме на агол од некоја улица трудејќи се да заинтересираме некој минувач за нашата вест, наидуваме на навредлив говор. Кој пат е мудар? Оваа мудра изјава е дадена во Соломонови изреки 15:1: „Кроткиот одговор гневот го ублажува“. Со други зборови, треба да покажуваме самосовладување. И не само Јеховините сведоци, туку и другите откриле дека тоа е вистина. Лековитото дејство на самосовладувањето е сѐ повеќе и повеќе ценето од медицински аспект.
Несебичната љубов помага
10, 11. Зошто љубовта е вистинска помош во покажувањето на самосовладување?
10 Павловиот опис на љубовта во 1. Коринтјаните 13:4-8, (NW) покажува дека нејзината моќ може да ни помогне да покажуваме самосовладување. „Љубовта е долготрпелива“. За да се биде долготрпелив потребно е самосовладување. „Љубовта не е љубоморна, не се фали, не се дуе.“ Особината љубов ни помага да ги контролираме своите мисли и чувства, да зауздаме каква и да е склоност да бидеме љубоморни, да се фалиме или да се дуеме. Љубовта нѐ поттикнува да сме токму спротивното, нѐ прави скромни, понизни во мислите, како што бил Исус (Матеј 11:28-30).
11 Павле понатаму вели дека љубовта „не се однесува непристојно“. Исто така е потребно самосовладување за да се однесуваме пристојно во секое време. Особината љубов нѐ чува од лакомост, од тоа само ‚да гледаме за своите сопствени интереси‘. Љубовта „не се раздразнува“. Колку е лесно да се раздразниме поради она што некој ќе ни го рече или направи! Но љубовта ќе ни помогне да покажуваме самосовладување и да не кажеме или направиме нешто за кое потоа би ни било жал. Љубовта „не ја става во сметка навредата“. Човечката природа е склона да задржува нешто против некого или да развива незадоволство. Но љубовта ќе ни помогне да ги отстраниме таквите мисли од својот ум. Љубовта „не се радува на неправда“. Потребно е самосовладување за да не се радуваме на неправдата, како што се порнографија или деградирачки ТВ сапунски опери. Љубовта исто така „сѐ поднесува“ и „сѐ претрпува“. Потребно е самосовладување да поднесеме сѐ, да претрпиме во она што нѐ искушува или оптоварува и да не дозволиме да нѐ обесхрабри, да предизвика да враќаме мило за драго, или да нѐ наведе да престанеме да му служиме на Јехова.
12. Кој е еден начин на кој можеме да го покажеме нашето ценење за сето она што Јехова Бог и Исус Христос го направиле за нас?
12 Ако вистински го љубиме нашиот небески Татко и ги цениме неговите прекрасни особини и сето она што го направил за нас, ќе сакаме да му угодиме со покажување на самосовладување во секое време. Исто така, ако вистински го љубиме нашиот Господ и Учител, Исус Христос, и го цениме сето она што го сторил за нас, ќе обрнеме внимание на неговата заповед ‚да си го земеме својот маченички столб и да го следиме постојано‘ (Марко 8:34, NW). Тоа секако бара да покажуваме самосовладување. Љубовта спрема нашите браќа и сестри исто така ќе нѐ чува да не ги повредиме со некоја себична постапка.
Верата и понизноста како помошници
13. Зошто верата може да ни помогне да покажуваме самосовладување?
13 Друга голема помош во покажувањето на самосовладување е верата во Бог и неговите ветувања. Верата ќе ни овозможи да имаме доверба во Јехова и да го чекаме неговото поволно време да ги исправи работите. Апостол Павле ја посочува истата мисла кога во Римјаните 12:19 вели: „Не одмаздувајте се, возљубени, (...) Оти е напишано: ‚Одмаздата е Моја. Јас ќе отплатувам — вели Господ‘“. Во овој поглед може да ни помогне понизноста. Ако сме понизни, нема брзо да се навредиме поради замислени или вистински навреди. Нема веднаш, така да се каже, да го земеме законот во свои раце, туку ќе покажуваме самосовладување и ќе бидеме спремни да чекаме на Јехова. (Спореди Псалми 36:1, 8.)
14. Кое искуство покажува дека самосовладувањето можат да го постигнат дури и оние кои го немаат?
14 Дека можеме да научиме да покажуваме самосовладување било силно прикажано во едно искуство на еден човек со насилен темперамент. Имал таков темперамент што кога полицијата била повикана поради вревата што ја предизвикувале тој и татко му, нокаутирал тројца полицајци пред другите да го совладаат! Меѓутоа, со текот на времето, дошол во контакт со Јеховини сведоци и научил да покажува самосовладување, еден од плодовите на Божјиот дух (Галатјаните 5:22, 23). Денес, после 30 години, тој човек сѐ уште верно му служи на Јехова.
Самосовладување во семејниот круг
15, 16. (а) Што ќе му помогне на сопругот да покажува самосовладување? (б) Кое искуство покажува во која ситуација е особено потребно самосовладување? (в) Зошто се бара самосовладување од сопругата?
15 Самосовладувањето е секако потребно во семејниот круг. За да мажот ја сака својата жена како самиот себеси, треба да покажува голема контрола над своите мисли, зборови и постапки (Ефесјаните 5:28, 29). Да, на мажите им е потребно самосовладување за да внимаваат на зборовите на апостол Петар во 1. Петрова 3:7, Ст: „Вие мажи, живејте заедно со своите жени, (...) според спознанието!“ Особено кога жената не е верник, мажот кој е во верата треба да покажува самосовладување.
16 За илустрација: Еден старешина имал многу лоша жена неверник. Сепак, покажувал самосовладување, а тоа толку многу му користело што лекарот му рекол: „Џон, или си по природа многу, многу стрплив човек или имаш многу силна религија“. Ние навистина имаме силна религија, зашто „Бог не ни дал дух на плашливост, туку на сила и љубов и на здрав разум“, овозможувајќи ни да покажуваме самосовладување (2. Тимотеј 1:7, NW). Понатаму, потребно е самосовладување од страна на сопругата за да биде подложна, особено ако сопругот не е верник (1. Петрово 3:1-4).
17. Зошто е важно самосовладувањето во односот родител — дете?
17 Самосовладувањето исто така е потребно во односот родител — дете. За да родителите имаат деца кои се самосовладуваат, прво мораат сами да дадат добар пример. И кога на децата им е потребен укор од еден или друг вид, секогаш треба да се даде со смиреност и со љубов, за што е потребно вистинско самосовладување (Ефесјаните 6:4; Колосјаните 3:21). Од друга страна, за да децата покажат дека вистински ги љубат своите родители, потребна е послушност, а за да се биде послушен секако е потребно самосовладување (Ефесјаните 6:1-3; спореди 1. Јованово 5:3).
Да се користи помошта што ја дава Бог
18-20. Кои три духовни средства мораме да ги искористиме за да ги развиваме особините кои ќе ни помогнат да покажуваме самосовладување?
18 За да растеме во Божји страв, во несебична љубов, вера, мразење на она што е зло и во самосовладување, потребно е да ја користиме сета помош која Јехова Бог ја дава. Да разгледаме три духовни средства кои можат да ни помогнат да покажуваме самосовладување. Пред сѐ, постои скапоцената предност на молитвата. Никогаш да не бидеме презафатени за да се молиме. Да, треба да сакаме да ‚се молиме непрестајно‘, да ‚истраеме во молитва‘ (1. Солунјаните 5:17; Римјаните 12:12, NW). Нека негувањето на самосовладување ни биде предмет на молење. Но кога нема да покажеме самосовладување, покајнички да го молиме нашиот небесен Татко да ни прости.
19 Второ подрачје за помош во покажувањето на самосовладување е помошта која доаѓа од хранењето со Божјата Реч и литературата која нѐ оспособува да ја разбереме и примениме Библијата. Многу е лесно да го запоставиме овој дел од нашата света служба! Мораме да покажуваме самосовладување и постојано да се потсетуваме дека нема поважен материјал за читање од Библијата и оној кој го дава ‚верниот и разумен роб‘, и затоа мораме да му дадеме предност (Матеј 24:45-47, NW). Добро е речено дека животот никогаш не е ова и она, туку ова или она. Не е можно да правиме сѐ во нашиот секојдневен живот, туку мораме да избираме за што ќе го употребиме времето. Дали сме навистина духовни мажи и жени? Ако сме свесни за своите духовни потреби, ќе покажеме самосовладување кое е потребно за да го исклучиме телевизорот и да се подготвиме за нашите состаноци или да читаме Стражарска кула која можеби штотуку пристигнала по пошта.
20 Трето, тука е вклучено оддавањето признание на нашите собраниски состаноци и нашите поголеми собири и конгреси. Дали сите такви состаноци се апсолутна обврска за нас? Дали доаѓаме подготвени за учество и дали го правиме тоа кога имаме прилика? Онолку колку што им оддаваме признание на нашите состаноци, толку ќе бидеме зајакнати во нашата одлучност да покажуваме самосовладување под секакви околности.
21. Кои се некои од наградите на кои можеме да им се радуваме ако го развиваме плодот на духот самосовладување?
21 Кои награди можеме да ги очекуваме за тоа што многу ќе се трудиме да покажуваме самосовладување во секое време? Како прво, никогаш нема да ги пожнееме горките плодови на себичноста. Ќе имаме самопочитување и чиста совест. Ќе бидеме заштитени од многу неволји и ќе останеме на патот на животот. Понатаму, ќе можеме да им го правиме најголемото можно добро на другите. Над сѐ, ќе внимаваме на Соломоновите изреки 27:11: „Биди мудар, синко, и радувај го срцето мое, — и јас ќе имам што да му кажам на оној, што ме клевети“. А тоа е најголемата награда која можеме да ја имаме — предноста да го радуваме срцето на нашиот небесен Татко полн со љубов, Јехова!
Дали се сеќаваш?
◻ Како Божјиот страв ни помага да покажуваме самосовладување?
◻ Зошто љубовта ни помага да покажуваме самосовладување?
◻ Како самосовладувањето помага во семејните односи?
◻ Кои средства мораме добро да ги искористиме ако сакаме да негуваме самосовладување?
[Слика на страница 15]
Јосиф покажал самосовладување кога бил искушан
[Слика на страница 17]
Карањето на детето со смиреност и со љубов бара вистинско самосовладување