Јеховината подготовка, ‚дадените‘
„Ќе дојдат туѓинци, и ќе ги пасат стадата ваши“ (ИСАИЈА 61:5).
1. Зошто зборот „дарител“ би можел да нѐ потсетува на Јехова?
КОЛКУ великодушен дарител е Бог! Апостолот Павле рекол: „[Јехова, NW] на сите им дава живот, дишење и сѐ“ (Дела на св. апостоли 17:25). Секој од нас може да има корист ако размислува за многуте ‚добри дарови и совршени подароци‘ кои ги добиваме од Бог (Јаков 1:5, 17; Псалми 28:11; Матеј 7:7; 10:19; 13:12; 21:43).
2, 3. (а) Како би требало да реагираме на Божјите дарови? (б) Во која смисла Левитите биле „дадени“?
2 Со добра причина псалмистот се прашувал како би можел да му врати на Јехова (Псалми 116:12, ДК). На нашиот Творец навистина не му треба ништо што луѓето би го имале или би можеле да го дадат (Псалми 50:10, 12, ДК). Сепак, Јехова покажува дека му е по волја кога луѓето со ценење се даваат себеси во вистинското обожавање. (Спореди Евреите 10:5-7.) Сите луѓе би требало да се даваат себеси во предание на својот Творец, кој пак, може да даде дополнителни предности, како што било случај со старите Левити. Иако сите Израелци му биле предадени на Бог, тој го избрал Ароновото левитско семејство како свештеници за да принесуваат жртви во шаторот за обожавање и во храмот. А што било со останатите Левити?
3 Јехова му рекол на Мојсеј: „Доведи го Левиевото племе . . . И мораат да се грижат за сите садови од шаторот за состанување . . . И мораш Левитите да му ги дадеш на Арон и неговите синови. Тие се дадени [хебрејски: нетуни́м], нему дадени од синовите Израелови“ (4. Мојсеева 3:6, 8, 9, 41, NW). Левитите му биле „дадени“ на Арон да извршуваат должности во службата на шаторот за обожавање, така што Бог можел да каже: „Тие се дадени, мене дадени од редовите на синовите Израелови“ (4. Мојсеева 8:16, 19; 18:6, NW). Некои Левити извршувале едноставни задачи; други добиле многу големи предности, како што било поучување за Божјиот закон (4. Мојсеева 1:50, 51; 1. Летописи 6:48; 23:3, 4, 24-32; 2. Летописи 35:3-5). Да го задржиме сега нашето внимание на друг ‚даден‘ народ и една современа паралела.
Израелците се враќаат од Вавилон
4, 5. (а) Кои Израелци се вратиле од ропството во Вавилон? (б) Што, во денешно време, одговара на враќањето на Израелците од ропство?
4 Ездра и Неемија раскажуваат дека остаток Израелци, предводени од управителот Зоровавел, се вратиле од Вавилон во својата земја за повторно да го воспостават вистинското обожавање. Двата извештаја известуваат дека бројот на повратниците изнесувал 42.360. Илјадници од тој број биле ‚луѓе од народот Израилев‘. Извештаите понатаму ги набројуваат свештениците. Потоа доаѓаат околу 350 Левити, вклучувајќи ги левитските пејачи и чувари. Ездра и Неемија пишуваат и за други илјадници кои изгледа биле Израелци, можеби дури и свештеници, но кои не можеле да го докажат своето потекло (1. Ездра 1:1, 2; 2:2-42, 59-64; Неемија 7:7-45, 61-66).
5 Овој израелски остаток кој бил земен во ропство, а кој подоцна се вратил во Ерусалим и Јуда, покажал истакната оддаденост на Бог и длабока предаденост на вистинското обожавање. Како што е забележано, во денешно време гледаме соодветно совпаѓање со остатокот на духовниот Израел кој излегол од ропството на Големиот Вавилон во 1919.
6. Како Бог ги употребил духовните Израелци во наше време?
6 По нивното ослободување во 1919, остатокот на Христовите помазани браќа ревносно тргнал напред во вистинското обожавање. Јехова ги благословил нивните напори да ги соберат последните од 144.000 кои го сочинуваат ‚Израелот Божји!‘ (Галатјаните 6:16; Откровение 7:3, 4). Како група, помазаниот остаток ја сочинува класата на „верниот и разумен роб“ која е употребена за да обезбедува изобилство на животодајна духовна храна, за која напорно работеле да ја расподелат ширум Земјата (Матеј 24:45-47, NW).
7. Кој е поврзан со помазаниците во вистинското обожавање?
7 Како што покажа претходната статија, Јеховиниот народ сега опфаќа милиони „други овци“ кои ја имаат од Бог дадената надеж дека ќе поминат преку големата неволја која наскоро доаѓа. Тие сакаат засекогаш да му служат на Јехова на Земјата, кадешто повеќе нема да бидат гладни и жедни и кадешто солзите заради тага повеќе нема да течат (Јован 10:16; Откровение 7:9-17; 21:3-5). Дали во извештајот за повратниците од Вавилон наоѓаме нешто што се однесува на таквите? Да!
Се враќаат и не-Израелци
8. Кој ги придружувал Израелците кога се враќале од Вавилон?
8 Кога се раширил повикот сите љубители на Јехова во Вавилон да се вратат во Ветената земја, се огласиле илјадници не-Израелци. Во извештаите од Ездра и Неемија читаме за „Нетинејци“ (што значи: „Дадени“) и за „синови на Соломоновите слуги“, чии вкупен број бил 392. Извештаите споменуваат и преку 7.500 други: ‚слуги и слугинки‘ (ДК), како и не–левитски „певци и певици“ (1. Ездра 2:43-58, 65; Неемија 7:46-60, 67). Што поттикнало толку многу не-Израелци да се вратат?
9. Како Божјиот дух бил вклучен во враќањето од ропство?
9 Езра 1:5, (Стварност) зборува за „сите на коишто Бог им го поттикнал духот, и тргнаа да го градат Домот Јахвин во Ерусалим“. Да, Јехова ги поттикнал сите оние кои се вратиле. Тој го поттикнал нивниот дух, односно нивната задвижувачка мисловна настроеност. Дури од небото, Бог можел да го прави тоа користејќи го својот свет дух, својата активна сила. Според тоа, сите кои станале ‚и тргнале да го градат Домот Јахвин‘, биле потпомогнати „со [Божји] Дух“ (Захарија 4:1, 6; Агеј 1:14).
Современа паралела
10, 11. Која паралела може да постои со не-Израелците кои се вратиле од Вавилон?
10 Кој е претставен со таквите повратници не-Израелци? Многу христијани би можеле да одговорат: ‚Нетинејците одговараат на денешните ‚други овци‘. Точно, но не само Нетинејците; затоа што сите не-Израелци кои се вратиле ги претставуваат денешните христијани кои не се од духовниот Израел.
11 Во книгата Ти можеш да преживееш од Армагедон во Божјиот нов свет (You May Survive Armageddon Into God’s New World)a се наведува: „Остатокот од 42.360 Израелци не биле единствените кои заминале од Вавилон со управителот Зоровавел . . . Имало и илјадници не-Израелци . . . Покрај Нетинејците имало и други не-Израелци, слуги, професионални машки и женски пејачи и потомците на слугите на цар Соломон“. Книгата објаснува: „Нетинејците, робовите, пејачите и синовите на слугите на Соломон, сите не-Израелци, ја напуштиле земјата на ропството и се вратиле со израелскиот остаток . . . Според тоа, дали е во ред да се смета дека денес луѓе од различните националности кои не се дел од духовниот Израел ќе се поврзат со остатокот од духовниот Израел и дека ќе го унапредуваат обожавањето на Јехова Бог со нив? Да.“ Таквите ‚станале современа противслика на Нетинејците, пејачите и синовите на Соломоновите слуги‘.
12. Како Бог на посебен начин го употребува својот дух за духовните Израелци, но зошто можеме да бидеме сигурни дека им стои на располагање на сите негови обожаватели?
12 Како во примерот од старо време, Бог го дава својот дух и на оние кои се надеваат да живеат засекогаш на Земјата. Вистина, тие не се повторно родени. Секој од 144.000 еднаш доживува да биде повторно роден како духовен Божји син и помазан со свет дух (Јован 3:3, 5, ДК; Римјаните 8:16; Ефесјаните 1:13, 14). Секако, тоа помазување е единствена манифестација на Божјиот дух во корист на малото стадо. Но Божјиот дух е и потребен за да се врши неговата волја. Затоа, Исус рекол: ‚Небесниот Отец им дава Дух Свети на оние, што Му бараат‘ (Лука 11:13). Сеедно дали оној кој бара има небесна надеж или е од другите овци, Јеховиниот дух изобилно стои на располагање за да ја изврши Неговата волја.
13. Како може духот да делува на сите Божји слуги?
13 Божјиот дух ги поттикнал и Израелците и не-Израелците да се вратат во Ерусалим, и го зајакнува и му помага на сиот негов лојален народ денес. Без разлика дали од Бог дадената надеж на некој христијанин е живот на небото или на Земјата, тој мора да ја проповеда добрата вест, а светиот дух му овозможува да биде верен во тоа. Секој од нас — без разлика на надежта — би морал да ги развива плодовите на духот кои ни се потребни на сите нас во потполна мера (Галатјаните 5:22-26).
Дадени за посебна служба
14, 15. (а) Кои две групи биле избрани од не-Израелците коишто се вратиле? (б) Кои биле Нетинејците и што правеле тие?
14 Меѓу илјадниците не-Израелци коишто духот ги поттикнал да се вратат, биле две мали групи коишто Божјата Реч ги издвоила — Нетинејците и синовите на Соломоновите слуги. Кои биле тие? Што правеле? И што би можело да значи тоа денес?
15 Нетинејците биле група која имала не-израелско потекло и која имала предност да служи со Левитите. Присети се на Канаанците од Гаваон кои станале ‚дрвари и водари за целото општество и за жртвеникот Божји [Јеховин, NW]‘ (Исус Навин 9:27). Веројатно некои од нивните потомци биле помеѓу Нетинејците кои се враќале од Вавилон, како и други кои биле додадени како Нетинејци за време на Давидовото владеење и во други времиња (1. Ездра 8:20). Што правеле Нетинејците? Левитите биле дадени да им помагаат на свештениците, а потоа Нетинејците биле дадени да им помагаат на Левитите. Тоа претставувало предност дури и за обрежани странци.
16. Како се изменила улогата на Нетинејците со текот на времето?
16 Кога групата се вратила од Вавилон, во неа имало малку Левити, во споредба со свештениците или Нетинејците и ‚синовите на Соломоновите слуги‘ (1. Ездра 8:15-20). Речникот на Библијата (Dictionary of the Bible) од д-р. Џејмс Хејстингс, наведува: „По извесно време, наоѓаме како [Нетинејците] се толку целосно утврдени како света службена класа, што им се допуштаат предности“. Научното списание Vetus Testamentum наведува: „Се случила промена. После Враќањето од Ропство, овие [странци] повеќе не биле сметани за робови на Храмот, туку за слуги во него, и уживале статус сличен на оној на другите групи кои службувале во Храмот“. (Види ја рамката „Изменет статус“.)
17. Зошто Нетинејците добиле повеќе работа, и кој библиски доказ постои за тоа?
17 Се разбира, Нетинејците не станале еднакви со свештениците и Левитите. Овие последниве групи биле Израелци кои ги избрал самиот Јехова и не смеело да бидат истиснати од не-Израелците. Сепак, Библијата покажува дека поради тоа што имало намален број Левити, на Нетинејците им се давало да вршат повеќе во Божјата служба. Им биле доделени простории за живеење близу до храмот. Во времето на Неемија, работеле со свештениците на поправањето на ѕидовите близу до храмот (Неемија 3:22-26). А персискиот цар одредил Нетинејците да бидат ослободени од даноци, како што биле ослободени Левитите поради службата во храмот (1. Ездра 7:24). Тоа покажува колку тие „дадени“ (Левити и Нетинејци) биле блиску поврзани во духовните работи и како задачите на Нетинејците се зголемиле во согласност со потребата, иако никогаш не биле сметани за Левити. Кога Ездра подоцна ги собирал заробениците да се вратат, во почетокот немало Левити меѓу нив. Затоа ги зголемил напорите за да собере неколку. На крајот собрал 38 Левити и 220 Нетинејци кои се вратиле да служат како „слуги за домот на нашиот Бог“ (Јездра 8:15-20, ДК).
18. Каква функција можеби вршеле синовите на Соломоновите слуги?
18 Втора група не-Израелци кои биле избрани, биле синовите на Соломоновите слуги. Библијата дава малку поединости за нив. Некои биле „синови на Соферет“. Ездра додава одреден член на тоа име, со што станува Хасофе́рет, кое веројатно значи „писарот“ (Ездра 2:55, NW; Нехемија 7:57, NW). Сигурно постоел персонал од писари или препишувачи, можеби храмски/административни писари. Иако со странско потекло, синовите на Соломоновите слуги ја докажале својата оддаденост на Јехова така што го напуштиле Вавилон и се вратиле да учествуваат во обновувањето на Неговото обожавање.
Давањето себеси денес
19. Каков е денес односот помеѓу помазаниците и другите овци?
19 Во наше време, Бог во голема мера го употребил помазаниот остаток во предводењето на чистото обожавање и во објавувањето на добрата вест (Марко 13:10). Колку тие се израдувале кога виделе десетици илјади, стотици илјади, а потоа милиони други овци како им се придружуваат во обожавањето! И каква прекрасна соработка постои помеѓу остатокот и другите овци! (Јован 10:16).
20. Кое ново сфаќање е разумно во однос на паралелата со Нетинејците и синовите на Соломоновите слуги? (Соломонови изреки 4:18).
20 Сите не-Израелци кои се вратиле од ропство во стариот Вавилон, се поистоветуваат со другите овци кои сега служат со остатокот од духовниот Израел. Но, што е со фактот дека Библијата ги издвојува Нетинејците и синовите на Соломоновите слуги? Во овој пример, на Нетинејците и на синовите на Соломоновите слуги им биле давани предности кои биле поголеми од предностите на другите не-израелски повратници. Тоа би можело добро да предочува дека Бог денес има проширени предности и дополнителни обврски за некои зрели и спремни други овци.
21. Како некои браќа со земска надеж добиле дополнителни должности и предности?
21 Дополнителните предности на Нетинејците биле директно поврзани со духовни активности. Изгледа дека синовите на Соломоновите слуги примиле административни одговорности. Слично и денес, Јехова го благословил својот народ со „дарови во облик на луѓе“ за да се грижат за нивните потреби (Ефесјаните 4:8, 11, 12, NW). Во оваа подготовка се вклучени повеќе стотици зрели, искусни браќа кои учествуваат во ‚пасењето на стадата‘, служејќи како покраински и обласни надгледници и во одборите на 97-те подружници на Друштвото Стражарска кула (Исаија 61:5). Во светската централа на Друштвото, под управата на ‚верниот управител‘ и неговото Водечко тело, способни мажи добиваат обука за да помагаат во подготвувањето на залихите на духовна храна (Лука 12:42, NW). Други долгогодишни предадени доброволци биле обучувани да раководат со бетелски домови и фабрики и ширум светот да надгледуваат програми за градење на нови простории на подружници и сали за христијанско обожавање. Тие се истакнале во служењето како блиски помагачи на помазаниот остаток кој сочинува дел од царското свештенство. (Спореди 1. Коринтјаните 4:17; 14:40; 1. Петрово 2:9.)
22. Зошто е прикладно што на некои од другите овци сега им се даваат тешки одговорности, и како треба на тоа да реагираме?
22 Во старо време, свештениците и Левитите и понатаму служеле меѓу Евреите (Јован 1:19). Но, денес, остатокот од духовниот Израел на Земјата мора да се намалува. (Спореди Јован 3:30.) Конечно, после уништувањето на Големиот Вавилон, сите 144.000 ‚запечатени‘ ќе бидат на небото за свадбата на Јагнето (Откровение 7:1-3; 19:1-8). Но другите овци мора сега да растат. Фактот што на некои од нив, кои можат да се споредат со Нетинејците и синовите на Соломоновите слуги, сега им се дадени тешки одговорности под надзор на помазаниот остаток, не ги прави да бидат вообразени или да се чувствуваат премногу важни (Римјаните 12:3). Тоа ни пружа доверба дека кога Божјиот народ ‚ќе дојде од големата неволја‘, ќе има искусни мажи — ‚кнезови‘ — спремни да го преземат водството меѓу другите овци (Откровение 7:14, NW; Исаија 32:1; спореди Дела на св. апостоли 6:2-7).
23. Зошто мораме сите ние да развиваме дух на давање во поглед на Божјата служба?
23 Сите кои се вратиле од Вавилон, биле спремни напорно да работат и да докажат дека Јеховиното обожавање им е на прво место во мислите и срцето. Така е и денес. Заедно со помазаниот остаток, „туѓинци . . . ги пасат стадата“ (Исаија 61:5). Затоа, без разлика каква од Бог дадена надеж имаме, и без разлика какви предности им се дадени на духовно наименуваните старешини пред денот на Јеховиното оправдување во Армагедон, нека сите ние развиваме несебичен, здрав дух на давање. Иако не можеме никогаш да му возвратиме на Јехова за сите негови величествени добра, што и да работиме во неговата организација, нека работиме со цела душа (Псалми 116:12-14, ДК; Колосјаните 3:23). На тој начин сите ние можеме да даваме од себеси за вистинското обожавање, додека другите овци служат тесно со помазаните кои се одредени да ‚царуваат на земјата‘ (Откровение 5:9, 10).
[Фуснота]
a Стр. 142-148; издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
Да се потсетиме
◻ На кој начин Левитите во стариот Израел биле „дадени“?
◻ Кои не-Израелци се вратиле од ропство, и кого предочувале?
◻ Кои промени изгледа се случиле со Нетинејците?
◻ Која паралела сега правилно се сфаќа во врска со Нетинејците и синовите на Соломоновите слуги?
◻ Каква доверба се создава преку соработката меѓу помазаниците и другите овци?
[Рамка на страница 14]
ИЗМЕНЕТ СТАТУС
Многу библиски речници и енциклопедии коментираат за промените што ги претрпеле некои од не-Израелците кои се вратиле од ропството. На пример, под „Промена во нивната положба“, Encyclopædia Biblica кажува: „Во исто време, како што беше покажано, нивната социјална положба била неминовно подигната. [Нетинејците] повеќе не се појавуваат како робови во најтесна смисла на зборот“. (Издадено од Шејн и Блек, том III, стр. 3399.) Во The Cyclopædia of Biblical Literature, Џон Кито пишува: „Не се очекувало дека многу од нив [Нетинејците] ќе се вратат во таа понизна положба во Палестина . . . Доброволната предаденост што ја покажувале овие поединци, прилично ја подигнала положбата на Нетинејците“ (том II, стр. 417). The International Standard Bible Encyclopedia истакнува: „Во светлото на оваа поврзаност и нивната позадина во периодот на Соломон, може да се претпостави дека Соломоновите слуги имале значајни одговорности во вториот храм“. (Издадено од Г. В. Бромили, том 4, стр. 570.)
[Слика на страница 15]
Кога Израелците се вратиле за повторно да го изградат Ерусалим, им се придружиле илјадници не-Израелци
[Извор на слика]
Pictorial Archive (Near Eastern History) Est.
[Слика на страница 17]
Одбор на подружницата во Кореја. Како старите Нетинејци, мажи од другите овци денес имаат важни одговорности во вистинското обожавање