Домашен или туѓинец, кај Бог си добредојден!
„Од еден човек ги направи сите човечки нации, да живеат по целата земјина површина“ (ДЕЛА НА АПОСТОЛИТЕ 17:26, NW).
1. Која неповолна ситуација денес постои во многу места во врска со прифаќањето на луѓе од странските култури?
НОВИНСКИТЕ извештаи покажуваат дека во многу земји расте загриженоста заради странците, имигрантите и бегалците. Милиони очајнички сакаат да се преселат од некои делови на Азија, Африка, Европа и од Средна и Јужна Америка. Можеби бараат избавување од огромната сиромаштија, граѓанска војна или прогонство. Но дали се добредојдени на друго место? Списанието Time наведува: „Како што почнува да се менува етничкиот состав, така некои земји откриваат дека веќе не се толерантни спрема странските култури како што некогаш мислеле дека се“. За 18.000.000 „несакани“ бегалци, Time изјави: „Предизвикот што тие го претставуваат за стабилните нации, нема да исчезне“.
2, 3. (а) Какво освежувачко уверување нуди Библијата во врска со прифаќањето? (б) Зошто можеме да имаме корист ако го испитаме она што покажува Писмото за Божјето постапување со народите?
2 Како и да се развијат работите во овој поглед, Библијата покажува дека кај Бог се добредојдени луѓе од сите нации — сеедно дали некој е домашен, имигрант или бегалец (Дела на св. апостоли 10:34, 35). ‚Сепак‘, ќе праша некој, ‚како може да се тврди такво нешто? Зарем Бог не го избрал само древниот Израел за свој народ, одвоен од другите?‘
3 Да видиме како Бог постапувал со древните народи. Можеме да испитаме и некои пророштва кои покажуваат какви предности денес им стојат на располагање на вистинските обожаватели. Испитувањето на тој пророчки материјал може уште подобро да го расветли разбирањето кое за тебе може да биде многу охрабрувачко. Тоа исто така покажува како Бог може да постапува со поединци „од сите племиња и колена, народи и јазици“ после големата неволја (Откровение 7:9, 14-17).
‚Сите народи ќе бидат благословени‘
4. Како се развил проблемот на националноста, но какви чекори презел Бог?
4 По Потопот, Ноевото најблиско семејство го сочинувало целото човештвото, и сите биле вистински обожаватели. Но тоа единство набрзо се променило. По кратко време, некои луѓе ја занемариле Божјата волја и почнале да градат кула. Тоа довело до разделување на човештвото во јазични групи кои се расеале во народи и нации (1. Мојсеева 11:1-9). Сепак, вистинското обожавање продолжило во лозата која водела до Авраам. Бог го благословил верниот Авраам и му ветил дека неговото потомство ќе стане голема нација (1. Мојсеева 12:1-3). Таа нација била древниот Израел.
5. Зошто можеме сите ние да се охрабриме од Божјето постапување со Авраам?
5 Меѓутоа, Јехова не ги исклучувал луѓето кои не биле Израелци, затоа што неговата намера се проширила за да го опфати целото човештво. Тоа јасно го гледаме од она што Бог му го ветил на Авраам: „Преку твоето семе сигурно ќе бидат благословени сите нации на земјата поради фактот што го послуша мојот глас“ (1. Мојсеева 22:18, NW). Сепак, со векови Бог постапувал на посебен начин со Израел, така што му дал национален зборник на Законот, свештениците ги организирал да принесуваат жртви во неговиот храм и им ја дал Ветената Земја во која требало да живеат.
6. Како Божјите подготовки со Израел ќе бидат од корист за сите?
6 Божјиот Закон кој му бил даден на Израел, бил добар за луѓето од сите нации затоа што ја правел очигледна човечката грешност, покажувајќи ја потребата од совршена жртва која ќе го покрие човечкиот грев еднаш засекогаш (Галатјаните 3:19; Евреите 7:26-28; 9:9; 10:1-12). Сепак, каква гаранција постоела дека Авраамовото Семе — преку кое ќе бидат благословени сите нации — ќе дојде и ќе ги исполни условите? И тука помогнал Израеловиот Закон. Тој забранувал стапување во брак со Канаанците, народ озлогласен по неморалните обичаи и ритуали, како што бил обичајот на спалување живи деца (3. Мојсеева 18:6-24; 20:2, 3; 5. Мојсеева 12:29-31; 18:9-12). Бог наредил тие и нивните обичаи да бидат отстранети. Тоа било за дологорочна корист за сите, вклучувајќи го и странскиот жител, бидејќи тоа служело како заштита да не биде расипана линијата на Семето (3. Мојсеева 18:24-28; 5. Мојсеева 7:1-5; 9:5; 20:15-18).
7. Која рана индикација постоела дека странците се добредојдени кај Бог?
7 Дури и кога Законот бил во сила и кога Бог го сметал Израел за нешто посебно, тој покажувал милост спрема не-Израелците. Неговата спремност да го прави тоа, била покажана кога Израел излегол од египетско ропство и тргнал кон својата земја. „Многу други придојдени отидоа со нив“ (2. Мојсеева 12:38). Професор К. Ф. Кајл нив ги опишува како „рој странци . . . смеса или толпа луѓе од различни нации“ (3. Мојсеева 24:10; 4. Мојсеева 11:4). Веројатно имало голем број Египќани кои го прифатиле вистинскиот Бог.
Добредојде за странците
8. Како Гаваонците нашле место меѓу Божјиот народ?
8 Додека Израел ја извршувал Божјата заповед да ја ослободи Ветената Земја од расипаните народи, тој заштитил една група странци, Гаваонците кои живееле северно од Ерусалим. Тие испратиле преправени пратеници кај Исус Навин за да бараат и да добијат мир. Кога била откриена нивната итрина, Исус Навин наредил Гаваонците да служат така што ‚ќе сечат дрва и ќе носат вода за целото општество и за жртвеникот на Господа [Јехова, NW]‘ (Исус Навин 9:3-27). Денес многу имигранти исто така прифаќаат понизни службени места за да станат дел од некој нов народ.
9. Зошто охрабрува примерот на Рахава и нејзиното семејство со оглед на странците во Израел?
9 Можеби ќе те охрабри да дознаеш дека кај Бог тогаш не биле добредојдени само групи странци; биле добредојдени и одделни поединци. Денес некои нации примаат само имигранти кои имаат висока општествена положба, богатство кое би го вложиле или високо образование. Но не е така кај Јехова, како што гледаме од еден настан непосредно пред епизодата со Гаваонците. Се работело за една Канаанка која воопшто немала висока општествена положба. Библијата ја нарекува „блудницата Раав“. Поради нејзината вера во вистинскиот Бог, таа и нејзиното семејство биле спасени кога Ерихон паднал. Иако Рахава била туѓинка, Израелците ја прифатиле. Била пример на вера кој е вреден да го имитираме (Евреите 11:30, 31, 39, 40; Исус Навин 2:1-21; 6:1-25). Таа станала дури и предок на Месијата (Матеј 1:5, 16).
10. Од што зависело примањето на странците во Израел?
10 Не-Израелците биле примени во Ветената земја, согласнос на нивните напори да му угодат на вистинскиот Бог. На Израелците им било речено да не се дружат, особено религиозно, со оние кои не му служеле на Јехова (Исус Навин 23:6, 7, 12, 13; 3. Царства 11:1-8; Соломонови изреки 6:23-28). Сепак, многу не-израелски доселеници ги слушале основните закони. Други станале дури и обрежани проселити, и Јехова потполно ги примил како членови на неговото собрание (3. Мојсеева 20:2; 24:22; 4. Мојсеева 15:14-16; Дела на св. апостоли 8:27).a
11, 12. (а) Како требало Израелците да постапуваат со странските обожаватели? (б) Зошто би требало да се поправиме во следењето на Јеховиниот пример?
11 Бог ги поучувал Израелците да го имитираат неговиот став спрема странските обожаватели: „Придојдениот меѓу вас нека ви биде исто како тукашен; сакајте го како себеси, затоа што и вие бевте придојдени во Египетската земја“ (3. Мојсеева 19:33, 34; 5. Мојсеева 1:16; 10:12-19). Тоа ни пружа поука и нам, иако не сме под Законот. Лесно е да се стане жртва на предрасудите и непријателствата спрема оние од друга раса, нација или култура. Затоа е добро да се прашаме: ‚Дали јас се обидувам да се ослободам од такви предрасуди, следејќи го Јеховиниот пример?‘
12 Израелците имале видлив доказ за Божјето добредојде. Цар Соломон се молел: „Некој другородец, кој не е од Твојот народ Израилот, дојде од далечна земја заради Твоето име, . . . дојде и се помоли во овој храм, чуј од небото . . . та сите земни народи да го знаат Твоето име, за да се бојат од Тебе“ (3. Царства 8:41-43; 2. Летописи 6:32, 33).
13. Зошто Бог направил подготовка за да го промени своето постапување со Израел?
13 Додека Јехова сѐ уште го употребувал Израел како свој народ, и со тоа ја заштитувал линијата на потеклото на Месијата, Бог претскажал значајни промени. Порано, кога Израел се согласил да биде во Законот на сојузот, Бог одобрил да бидат изворот на „царство на свештеници и народ свет“ (2. Мојсеева 19:5, 6). Но Израел со векови покажувал неверност. Затоа Јехова претскажал дека тој ќе склучи нов сојуз под кој на оние коишто го сочинуваат „домот Израилев“, ќе им се прости грешка и грев (Јеремија 31:33, 34). Тој нов сојуз го чекал Месијата, чијашто жртва вистински ќе очисти многумина од грев (Исаија 53:5-7, 10-12).
Израелци на небото
14. Кој нов „Израел“ Јехова го прифатил и како?
14 Христијанските грчки списи ни помогаат да разбереме како сето тоа било постигнато. Исус бил Месијата чија смрт го исполнила Законот и го поставила темелот за потполно простување на гревот. За да се постигне таа корист, не било потребно некој да е обрежан Евреин по тело. Не. Апостол Павле напишал дека во новиот сојуз, ‚Евреин е оној кој е одвнатре, и обрежувањето на срцето е со дух а не со букви‘ (Римљанима 2:28, 29, Даничиќ–Караџиќ; 7:6). Оние кои положиле вера во Исусовата жртва, добиле простување и Бог ги признал како ‚Евреи по духот‘, кои сочинуваат духовна нација наречена ‚Божји Израел‘ (Галатјаните 6:16).
15. Зошто телесната националност не е фактор за да се биде дел од духовниот Израел?
15 Да, прифаќањето во духовниот Израел не зависело од одредено национално или етничко потекло. Некои, како Исусовите апостоли, биле природни Евреи. Други, како римскиот воен заповедник Корнелиј, биле необрежани Пагани (Дела на св. апостоли 10:34, 35, 44-48). Павле исправно се изразил во врска со духовниот Израел: „Нема ниту Грк, ниту Евреин, ни обрежан или необрежан, странец, Скит, роб, слободен“ (Колосјаните 3:11, NW). Оние кои биле помазани со Божји дух станале „избран род, царско свештенство, свет народ, народ за посебна своина“ (1. Петрово 2:9, NW; спореди 2. Мојсеева 19:5, 6).
16, 17. (а) Каква улога имаат духовните Израелци во Божјата намера? (б) Зошто е прикладно да се земаат предвид оние кои не се дел од Божјиот Израел?
16 Каква иднина имаат духовните Израелци во Божјата намера? Исус одговорил: „Не бој се, мало стадо! Зашто волјата на вашиот Отец е вам да ви го даде царството“ (Лука 12:32). Помазаните, чиешто „граѓанство постои на небото“, ќе бидат сонаследници со Јагнето во неговата Царска влада (Филипјаните 3:20, NW; Јован 14:2, 3; Откровение 5:9, 10). Библијата покажува дека тие се ‚запечатени од синовите Израелови‘ и „купени од луѓето првенци на Бог и на јагнето“. Нивниот број изнесува 144.000. Меѓутоа, откако го дава извештајот на овој број што е запечатен, Јован претставува една друга група — „многу народ, којшто никој не можеше да го изброи, од сите јазици и колена и народи и племиња“ (Откривење 7:4, 9; 14:1-4, сите ДК).
17 Некои би можеле да прашаат: ‚А што е со милионите кои не се дел од духовниот Израел, како што се оние кои би можеле да преминат преку големата неволја како тоа големо мноштво? Каква улога имаат тие денес во однос на малкуте останати од духовниот Израел?‘b
Странци во пророштвата
18. Што довело до враќањето на Израел од вавилонско ропство?
18 Осврнувајќи се наназад во времето кога Израел бил под Законот на сојузот, а му бил неверен, откриваме дека Бог одредил да им дозволи на Вавилонците да го опустошат Израел. Од 607 пр.н.е. па наваму, Израел бил во ропство 70 години. Потоа Бог ја откупил нацијата. Под водство на управителот Зоровавел, остаток од природни Израелци се вратиле во својата земја. Владетелите на Медијанците и Персијанците, кои го зазеле Вавилон, дури и материјално им помогнале на прогонетите кои се враќале. Тие настани се претскажани во книгата Исаија (Исаија 1:1-9; 3:1-26; 14:1-5; 44:21-28; 47:1-4). Историски поединости за тоа враќање ни дава и Ездра (1. Ездра 1:1-11; 2:1, 2).
19. Во врска со враќањето на Израел, какво пророчко укажување постоело дека ќе бидат вклучени и странци?
19 Сепак, кога го претскажува откупувањето и враќањето на Божјиот народ, Исаија го дал следново пророштво: „Народите ќе дојдат кон твоето видело, царевите — кон светлината што изгрева над тебе“ (Исаија 59:20; 60:3). Тоа значи повеќе од тоа дека поедини странци биле добредојдени, во согласност со Соломоновата молитва. Исаија укажувал на една необична промена во положбата. Со синовите Израелови требало да служат ‚народи‘: „Туѓинци ќе ги соѕидаат твоите ѕидови, и нивните цареви ќе ти служат; зашто во својот гнев те удрив, а по милоста своја ќе те помилувам“ (Исаија 60:10, ДК).
20, 21. (а) Каква современа паралела наоѓаме за враќањето на Израел од ропство? (б) Како потоа биле додадени ‚синови и ќерки‘ на духовниот Израел?
20 Во многу погледи, Израеловото одење и враќање од ропство, во совремието наоѓа паралела со духовниот Израел. Пред I Светска војна, остатокот помазани христијани не бил во потполна согласност со Божјата волја; држеле некои гледишта и обичаи пренесени од црквите на т.н. христијанство. Тогаш, за време на воената хистерија и делумно заради подбуцнувањето на свештенството, оние кои предводеле меѓу остатокот од духовниот Израел биле неправедно затворени. По војната, во 1919 н.е., помазаните кои биле во дословен затвор, биле пуштени и ослободени од одговорност. Тоа било доказ дека Божјиот народ бил ослободен од ропството на Големиот Вавилон, светското царство на лажната религија. Неговиот народ тргнал да изгради и да насели духовен рај (Исаија 35:1-7; 65:13, 14).
21 Тоа било покажано во Исаииниот опис: „Сите тие се собираат, идат при тебе; твоите синови ќе дојдат од далеку, и твоите ќерки на раце ќе се носат. Тогаш ќе видиш и ќе се зарадуваш, и срцето твое ќе затрепери и ќе се рашири, зашто богатството на морето ќе се сврти кон тебе, имотот на народите ќе дојде при тебе“ (Исаија 60:4, 5). Во следните децении продолжиле да доаѓаат ‚синови и ќерки‘ помазани со дух за да ги пополнат последните места во духовниот Израел.
22. Како „туѓинци“ дошле да работат заедно со духовните Израелци?
22 Што е со ‚туѓинците кои ќе ги соѕидаат нивните ѕидови‘? И тоа се случило во наше време. Додека повикот на 144.000 се приближувал кон крај, големо мноштво од сите нации почнало да се собира во обожавањето со духовниот Израел. Овие последниве го имаат библиски втемелениот изглед за вечен живот на рајска Земја. Иако конечното одредиште на нивната верна служба ќе биде поинаква, тие воодушевено му помагале на помазаниот остаток во проповедањето на добрата вест на Царството (Матеј 24:14).
23. До која мера ‚туѓинците‘ им помогнале на помазаните?
23 Денес, преку 4.000.000 кои се „туѓинци“, заедно со остатокот од оние чие ‚граѓанство е на небото‘, ја докажуваат својата оддаденост на Јехова. Многу од нив, мажи и жени, млади и стари, служат во полновремена служба како пионери. Во најголемиот дел од преку 66.000 собранија, таквите туѓинци носат одговорности како старешини и слуги помошници. Остатокот се радува на тоа, гледајќи исполнение на Исаиините зборови: „Ќе дојдат туѓинци, и ќе ги пасат стадата ваши; синовите на туѓинците ќе бидат ваши земјоделци и ваши лозари“ (Исаија 61:5).
24. Зошто можеме да бидеме охрабрени од Божјето постапување со Израел и со другите во минатото?
24 Затоа, сеедно во која нација на Земјава си домашен, имигрант или бегалец, ја имаш величествената прилика да станеш духовен туѓинец на кого Семоќниот срдечно му изразува добредојде. Неговото добредојде вклучува да им се радуваш на предностите во неговата служба како сега така и во вечната иднина.
[Фусноти]
a Во врска со разликите помеѓу „странски жител“, „доселеник“, „странец“ и „туѓинец“, види во Insight on the Scriptures, том I, стр. 72-75, 849-851 издаден од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
b Преку 10.600.000 присуствуваа на годишната Господова Спомен-свеченост што ја одржаа Јеховините сведоци во 1991, но само 8.850 се изјаснија дека припаѓаат на остатокот од духовниот Израел.
Дали си забележал?
◻ Како Бог дал надеж дека Тој ќе прифати луѓе од сите нации?
◻ Што покажува дека освен Божјиот посебен народ, Израел, можеле да Му пристапат и други луѓе?
◻ Како покажал Бог во пророштво дека на Израел ќе му се придружат странци?
◻ Каква паралела постои со враќањето на Израел од ропство во Вавилон, и како биле вклучени „странци“?
[Слика на страница 9]
Цар Соломон се молел за странците кои доаѓале да го обожаваат Јехова