Да се цени скапоцениот дар на животот
ЖИВОТ — колку скапоцено богатство! Без него не можеме ништо да направиме. Ако еднаш го изгубиме, не може да се обнови со никакви човечки средства. Ако животот ни е во опасност, правиме сѐ што е разумно можно за да го заштитиме. А некои дури довикуваат натчовечка помош кога се во неволја!
Библискиот извештај нѐ потсетува на еден брод што бил зафатен од силна бура на море. Кога за малку ќе претрпел бродолом, „морнарите почнаа да се плашат и да викаат на помош, секој кон својот бог“. Подоцна сите заедно викале кон вистинскиот Бог: „Ах, сега, о Јехова, те молиме да не изгинеме“. Библискиот извештај исто така вели: „И почнаа да ги исфрлаат в море работите што се наоѓаа во бродот за да го олеснат од нив“ (Јона 1:4-6, 14, NW; спореди Дела на св. апостоли 27:18, 19).
Тие морнари биле спремни дури да ги жртвуваат материјалните поседи обидувајќи се да ги сочуваат своите животи. Материјалните поседи можеме да ги надоместиме — но не и животот. А бидејќи инстинктивно го чуваме својот живот, ние се плашиме од опасност. Ги храниме, облекуваме и одржуваме нашите тела. Бараме медицинска нега кога сме болни.
Меѓутоа, Дарителот на животот од нас бара повеќе отколку само да ги следиме нашите самоодбранбени инстинкти. Најпосле, животот е бесценет дар и потекнува од најважната Личност во целата вселена. Од искрено ценење, како спрема Дарителот така и спрема дарот, зарем не треба да го чуваме животот? И зарем во тоа не е вклучено да имаме обѕирност спрема животите на другите?
Затоа, не би требало да нѐ изненади што Законот, којшто Јехова Бог го дал на нацијата Израел, вклучувал заповеди кои биле со намера да го заштитат животот и здравјето на другите (2. Мојсеева 21:29; 5. Мојсеева 22:8). Христијаните денес треба слично да бидат загрижени за физичката безбедност. На пример, ако во твојот дом имаш деца, дали безгрижно оставаш на дофат такви работи како што се шпенадли, игли, шноли, или остри предмети кои можат опасно да го повредат детето кое невино си игра со нив или ги голта? Дали опасните хемикалии и лекарства ги чуваш вон дофат од децата? Ако на подот е истурена вода, дали брзо ја бришеш за да спречиш некоја несреќа? Дали веднаш ги поправаш расипаните електрични апарати? Го одржуваш ли редовно твоето возило? Дали си сигурен возач? Ако навистина ја цениш скапоценоста на животот, ќе бидеш поттикнат да преземаш разумни мерки на претпазливост на овие и слични подрачја.
Сепак, за жал, некои дури и својот сопствен живот го сметаат за нешто најобично. На пример, кој денес не знае дека пушењето цигари не е здраво? Сепак, милиони се заробени од таа навика додека нивното здравје се влошува секојпат кога го вдишуваат отровниот чад. Други злоупотребуваат дрога, некои пак алкохол, а сѐ на нивна штета. СИДА-та е убиствена болест за која нема познат лек. А многумина би можеле да избегнат да си ја навлечат оваа болест кога би избегнувале сексуален неморал, некои видови злоупотреба на дрога и трансфузија на крв. Колку трагичен недостиг на ценење за животот! (Римјаните 1:26, 27; 2. Коринтјаните 7:1).
Можна е промена!
Оние кои го ценат својот Голем Творец, Јехова, имаат силна причина животот да го сметаат за скапоцен. Животот е негов свет дар. Затоа се спремни да ги направат сите неопходни промени за кон него да се однесуваат како кон божествен дар. Разгледај го искуството на Кваку, еден учител од Гана. Како немарен алкохоличар си го упропастувал својот живот.
Кваку се сеќава: „Се обидував да ја присилам мојата сопруга да ме почитува, што честопати доведуваше до жестоки препирки и тепачки, особено кога бев пијан. Поради преголемата попустливост кон алкохолот, често бев без пари и многу пати не успевав да обезбедам пари за издршка на семејството. Се разбира, тоа многу ја лутеше мојата сопруга. Кога и да останев без пари (а тоа се случуваше многу често), правев сѐ што можев за да ја поддржувам мојата навика. Еднаш отидов толку далеку што ги употребив за свои цели парите што ги бев собрал од моите ученици за да ги запишам на државен испит. Отидов на пијачка и ги честев моите „колеги“ кои пиеја со мене. Наскоро ме стигна денот кога требаше да поднесам сметка за тоа. Да не интервенираше навреме директорот, ќе ја изгубев работата.“
„Мојот живот беше бедотија. Бев збркан, но наскоро престанав да се чувствувам така. Потоа почнав да размислувам за самоубиство затоа што мислев дека сум промашен случај. Па сепак не можев да се ослободам од оддаденоста на алкохолот. Но кога еден ден во барот бев вмешан во една пијана тепачка и бев убоден со нож, болно се свестив дека мојата љубов кон алкохолот еден ден ќе ме чини живот.“
„За сето време Јеховините сведоци повремено го посетуваа нашиот дом, обидувајќи се да нѐ заинтересираат за Библијата. Мојата сопруга и јас секогаш ги избегнувавме затоа што мислевме дека се досадни. Сепак, во една прилика решив да ги сослушам чисто од симпатија. Наскоро библиската студија ми ги отвори очите за прекрасниот изглед за вечен живот во Божјиот нов поредок. Колку што повеќе ја проучував Библијата со помош на Јеховините сведоци, толку подлабоко стануваше моето ценење за Јехова како наш Животодавач и за неговиот дар на животот, и сѐ повеќе ме импресионираше практичноста на библиските совети. Тоа ме охрабри понатаму да го исчистам мојот живот. Не беше лесно затоа што постојано морав да ѝ се спротивставувам на чашката, а и на моето старо друштво. Јехова, Слушачот на молитвите, ја виде мојата решеност од срце и ме чу.“a
„Мојата жена, иако не е Јеховин сведок, сега високо ме цени мене и мојата религија поради огромната промена што ја забележува во мојот живот и во нашиот брачен однос. Соседите повеќе не треба да интервенираат во тепачки помеѓу мене и неа. Го чувам душевниот мир на кој сега му се радувам. Секако, ценењето кон Јехова Бог како наш Животодавач, прифаќањето на неговото гледиште за скапоценоста на животот и слушањето на неговите упатства за тоа како треба да се живее, е единствениот начин по кој вреди да се живее.“
Бог нуди вечен живот
На илјадници, како на Кваку, Јеховините сведоци им помогнале да ‚ја облечат новата личност која е создадена според Божја волја во вистинска праведност и лојалност‘ (Ефесјаните 4:24, NW). Тие почнале да го ценат не само својот сегашен живот туку и надежта за вечен живот во земски рај. Библијата ветува дека во тој рај којшто Бог ќе го создаде, ниеден жител на Земјата нема повторно да ги доживее постојаните болки заради глад затоа што „Јехова над војските сигурно ќе направи за сите луѓе . . . гозба од јадења богати со масло (Исаија 25:6, NW).
Засега, иако е прекрасен дар, животот е само привремен. Секој се соочува со смрт, а колку трауматичен удар е смртта! Да гледаш како некој што го сакаш исчезнува од живите во тишината на гробот, е многу потресно, нели! Под Божјето Царство, со кое ќе владее Христос, ќе се исполни Јеховиното ветување: „Смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина“ (Откровение 21:4).
Во тоа време, дарот на животот ќе биде проширен на величествен начин. Преживеаните од големата неволја ќе ја имаат приликата да влезат во полнотата на животот. А потоа, преку воскресението, враќајќи ги во живот, Јехова ќе го обнови својот бесценет дар за оние кои заспале во смрт (Јован 5:24, 28, 29). Тоа ќе значи дека ќе се вратат од мртвите нашите сакани, како и богобојазливите луѓе од старо време!
Дали сето ова е премногу добро за да биде вистинито? Не, зашто „кај Бог ниедна изјава нема да биде нешто невозможно“ (Лука 1:37; спореди Јов 42:2).
Понатаму, самиот Јехова Бог му дал на човештвото гаранција дека сето ова ќе се случи. Како? Така што го жртвувал оној кој му бил најдраг во срцето, неговиот драг Син, Исус Христос, за да нѐ откупи од грев и смрт. Во Римјаните 8:32 (NW) е ветено: „Тој, [Јехова Бог] кој не го поштедил дури ни својот сопствен син, туку го даде за сите нас, зошто љубезно да не ни даде и сѐ друго?“. Библијата ни кажува дека тоа ќе вклучи исчистување на човештвото од морален распад и отстранување на сите облици на неправда, криминал и насилство (Исаија 11:9). Никогаш повеќе животот нема да се смета за така евтин.
Дури и сега, под несовршени услови, животот може да биде многу угоден. Кој не се радува на примамливата арома на храната, на чувството од нежниот ветрец при топол ден, на глетката на величествената планина, на прекрасниот залез, потокот што тивко тече, цвеќињата кои ни го одземаат здивот, звукот на угодната музика, или на птичјиот пој? Запри за миг. Помисли, како би било да уживаш во тие работи во вечност?
Тогаш, дали има некаква смисла да се отфрли скапоцената предност да се живее вечно поради некакво привремено задоволство кое би можел да ни го понуди бесмислениот, попустлив начин на живот? (Спореди Евреите 11:25). Библијата мудро нѐ опоменува ‚остатокот од нашиот живот повеќе да не го живееме за човечките желби, туку според Божјата волја‘ (1. Петрово 4:2, NW). Срдечно те охрабруваме, да, те поттикнуваме да го правиш тоа преку проучување на Божјата Реч, Библијата, и да ги спроведуваш во пракса работите што ги учиш (Јован 13:17). Така ќе дојдеш до добар однос со Јехова, Богот кој изобилува со доброта и милост, кој може да те награди со вечен живот!
[Фуснота]
a Оздравувањето од алкохолизмот е голема задача која често бара професионална помош. За корисни информации за оваа тема, види го нашето придружно списание Разбудете се! од 22. мај 1992 (англ.).
[Слика на страница 5]
Дали твојот начин на живот одразува ценење за животот?
[Слика на страница 7]
Божјиот нов свет ќе ни овозможи вечно да се радуваме на животните радости!