Носители на светлина — за каква цел?
„Те поставив за светлина на незнабошците“ (ДЕЛА НА СВ. АПОСТОЛИ 13:47).
1. Како влијаела на апостол Павле заповедта запишана во Дела на св. апостоли 13:47?
„ГОСПОД така ни заповеда: ‚Те поставив за светлина на незнабошците, да бидеш спасение до крајот на земјата‘“, рекол апостол Павле (Дела на св. апостоли 13:47). Не само што рекол, туку и сфатил колку, е тоа сериозно. Откако станал христијанин, Павле го посветил сиот свој живот на исполнување на таа заповед (Дела на св. апостоли 26:14-20). Дали таа заповед се однесува и на нас? Ако да, зошто е важна во наше време?
Кога ‚се изгаснале светилките‘ за човештвото
2. а) Што било тоа што длабоко ја погодило духовната и морална клима на светот додека тој влегувал во неговото време на крајот? б) Како реагирал еден британски државник на она што видел дека се случува во август 1914?
2 Пред да се родат повеќето луѓе кои денес живеат, светов влегол во неговото време на крајот. Важни настани се случувале по брз редослед. Сатана Ѓаволот, главниот двигател на духовната и моралната темнина, бил исфрлен на Земјата (Ефесјаните 6:12; Откровение 12:7-12). Човештвото веќе било втурнато во неговата прва светска војна. Во почетокот на август 1914, кога изгледало сигурно дека ќе има војна, сер Едвард Греј, британски државен секретар за надворешни работи, стоејќи до прозорецот од својата канцеларија во Лондон, рекол: „Светилките се гасат по цела Европа; никогаш повторно во нашиот животен век нема да ги видиме запалени“.
3. Каков успех имале светските водачи при обидот да го разведрат изгледот за човештвото?
3 Во настојувањето тие светла повторно да засветлат, во 1920 повторно почнала да функционира Лигата на Народите. Но светлата едвај трепереле. Кон крајот на Втората светска војна, светските водачи направиле нов обид, овојпат со Организацијата на обединетите нации. Повторно, светлата не засветлиле сјајно. Сепак, со оглед на поновите настани, светските водачи зборуваат за „нов светски поредок“. Но едвај може да се каже дека некој „нов свет“ создаден од луѓе пружил вистински мир и безбедност. Напротив, оружени судири, етнички раздор, криминал, невработеност, сиромаштво, загадување на околината и болести и понатаму ја расипуваат животната радост на луѓето.
4, 5. а) Кога и како се спуштила темнина над човечкото семејство? б) Што е неопходно за да се укаже помош?
4 Во стварноста, светлата на човештвото се изгаснале долго пред 1914. Тоа се случило пред околу 6.000 години, во Еден, кога нашите први човечки родители одлучиле сами да донесуваат одлуки без да ја земаат предвид изразената Божја волја. Жалосните искуства, што човечкиот род ги доживеал оттогаш, се само епизоди на она што Библијата го нарекува „власт на темнината“ (Колосјаните 1:13). Под влијание на Сатана Ѓаволот, првиот човек, Адам, го втурнал светот во грев; а од Адам гревот и смртта се прошириле на целото човештво (1. Мојсеева 3:1-6; Римјаните 5:12). На тој начин човештвото го изгубило одобрувањето на Јехова, Изворот на светлината и животот (Псалми 35:9).
5 Единствениот начин на кој светлината можела повторно да засветли за некого од човештвото, бил да се добие одобрувањето на Јехова Бог, Творецот на човештвото. Тогаш можела да се тргне ‚покривката, која лежи врз сите племиња‘, односно осудата поради гревот. Како било можно тоа? (Исаија 25:7).
Оној кој е даден како „светлина за незнабошците“
6. Кои величествени изгледи ни ги овозможил Јехова преку Исус Христос?
6 Уште пред Адам и Ева да бидат истерани од Рајот, Јехова претскажал едно ‚семе‘ (ДК) кое ќе биде ослободител на љубителите на праведноста (1. Мојсеева 3:15). Откако тоа ветено Семе се родило како човек, во храмот во Ерусалим Јехова направил остарениот Симеон да го назначи него како „светлина за отстранување на превезот од нациите“ (Лука 2:29-32, NW). Преку верата во жртвувањето на Исусовиот совршен човечки живот, луѓето би можеле да бидат ослободени од осудата која доаѓа со вродениот грев (Јован 3:36). Во склад со Јеховината волја, тие би можеле сега да очекуваат вечен живот во совршенство како членови на небесното Царство или како негови поданици на рајска Земја. Колку е тоа прекрасна подготовка!
7. Зошто и ветувањата во Исаија 42:1-4 и нивното исполнување во I век ни влеваат надеж?
7 Самиот Исус Христос е гаранција за остварувањето на овие величествени изгледи. Во врска со Исусовото лечење на измачените луѓе, апостол Матеј го применил на него она што е запишано во Исаија 42:1-4. Тој библиски стих делумно гласи: „Еве го Мојот Слуга, Кого Го држам за рака, Мојот Избраник, кон Кого благоволи душата Моја. Ќе го положам Духот Свој врз Него, и Он ќе им биде суд на народите“. А зарем тоа не е токму она што им е потребно на луѓето од сите народи? Пророштвото продолжува: „Нема да викне, ниту да го подигне гласот Свој, нема да дозволи да го чујат на улиците; скршената трска нема да ја здроби, и ленот што тлее нема да го угасне“. Во согласност со тоа, Исус не постапувал грубо со луѓето кои веќе биле ожалостени. Спрема нив покажувал сожалување, ги поучувал за Јеховините намери и ги оздравувал (Матеј 12:15-21).
8. Во која смисла Јехова го дал Исус како „завет [сојуз, NW] на народот“ и „светлина на незнабошците“?
8 Оној којшто го дал ова пророштво сам му се обраќа на својот Слуга, Исус, и му вели: „Јас, Господ, Те повикав во правда, цврсто ќе Те држам за рака и ќе Те пазам, ќе те поставам за завет [сојуз, NW] на народот, светлина за незнабошците, за да им ги отвориш очите на слепите, да ги изведеш врзаните од затвор и оние што седат во темнина од темнина“ (Исаија 42:6, 7). Да, Јехова го дал Исус Христос како сојуз, како свечена ветувачка гаранција. Колку е тоа охрабрувачки! Исус покажал вистинска грижа за човечкиот род кога бил на Земјата; го дал дури и својот живот за човештвото. Тој е оној кому Јехова му доверил владетелство над сите народи. Не е ни чудно што Јехова се осврнал на него како на светлина на народите. Самиот Исус рекол: „Јас сум Светлина на светот“ (Јован 8:12).
9. Зошто Исус не се посветил на подобрување на тогашниот постоечки систем на ствари?
9 За каква цел служел Исус како светлина на светот? Сигурно не за некоја световна или материјалистичка. Тој одбил да се обиде да го поправи тогашниот постоечки политички систем и не сакал да прифати царска положба било од Сатана, владетелот на светот, било од луѓето (Лука 4:5-8; Јован 6:15; 14:30). Исус покажал големо сочувство кон ожалостените и им донел олеснување на начини на кои другите не можеле. Но знаел дека трајното олеснување не било можно во рамките на едно човечко општество кое било под божествена осуда поради вродениот грев и со кое манипулирале зли невидливи сили. Со божествен увид, Исус целиот свој живот го сосредочотил на вршењето на Божјата волја (Евреите 10:7).
10. На кои начини и за која цел Исус служел како светлина на светот?
10 Тогаш, на какви начини и за каква цел служел Исус како светлина на светот? Тој се посветил на проповедање на добрата вест за Божјето Царство (Лука 4:43; Јован 18:37). Сведочејќи за вистината во врска со Јеховината намера, Исус, исто така, го прославил името на својот небесен Татко (Јован 17:4, 6). Освен тоа, како светлина на светот, Исус ги открил религиозните невистини и така им доделил духовна слобода на оние кои се наоѓале во религиозно ропство. Го разоткрил Сатана како невидлив манипулант со оние кои му дозволуваат да ги употребува. Исус, исто така, јасно ги идентификувал делата кои ѝ припаѓаат на темнината (Матеј 15:3-9; Јован 3:19-21; 8:44). На извонреден начин докажал дека е светлина на светот со тоа што го положил својот совршен човечки живот како откупнина, отворајќи го на тој начин патот за оние кои покажуваат вера во таа подготовка за да имаат простување на гревовите, признат однос со Бог и изглед за вечен живот како дел од Јеховиното универзално семејство (Матеј 20:28; Јован 3:16). И на крајот, со тоа што задржал совршена божествена оддаденост за време на својот живот, Исус го поддржал Јеховиниот суверенитет и докажал дека Ѓаволот е лажливец, и така им овозможил вечна корист за љубителите на праведноста. Но дали Исус требало да биде единствениот носител на светлина?
„Вие сте светлината на светот“
11. Што морале да прават Исусовите ученици за да бидат светлоносци?
11 Во Матеј 5:14, Исус на своите ученици им рекол: „Вие сте светлината на светот“. Тие требало да ги следат неговите стапки. Како со својот начин на живот, така и со своето проповедање, требало да ги упатат другите кон Јехова како кон Извор на вистинското просветлување. Имитирајќи го Исус, тие требало да го објават Јеховиното име и да го поддржат Неговиот суверенитет. Требало да го објавуваат Божјето Царство како единствена надеж за човештвото, исто онака како што правел Исус. Исто така, требало да ги откријат и религиозните невистини и делата кои ѝ припаѓаат на темнината, како и злобниот кој стои зад сите тие работи. Следбениците на Христос требало насекаде да им зборуваат на луѓето за Јеховината љубезна подготовка за спасение преку Исус Христос. И со каква ревност првите христијани ја извршувале таа задача, почнувајќи прво во Ерусалим и Јудеја, а потоа преселувајќи се во Самарија, како што заповедал Исус! (Дела на св. апостоли 1:8).
12. а) Колку далеку требало да се прошири духовната светлина? б) Што му овозможил Јеховиниот дух на Павле да увиди во врска со Исаија 42:6, и како треба тоа пророштво да влијае на нашите животи?
12 Меѓутоа, проповедањето на добрата вест не било ограничено на тоа подрачје. Исус ги поучил своите следбеници да ‚ги научат сите народи‘ (Матеј 28:19). Во времето на преобраќањето на Савле од Тарс, Господ посебно укажал дека Савле (кој подоцна станал апостол Павле) требало да им проповеда не само на Евреите, туку и на паганите (Дела на св. апостоли 9:15). Со помошта на светиот дух, Павле сфаќал што вклучувало проповедањето. На тој начин, тој увидел дека пророштвото во Исаија 42:6, кое директно се исполнило на Исус Христос, исто така претставува посредна заповед до сите кои покажуваат вера во Христос. Така, во Дела на св. апостоли 13:47, кога цитирал од Исаија, Павле рекол: „Господ така ни заповеда: ‚Те поставив за светлина на незнабошците, да бидеш спасение до крајот на земјата‘“. А како е со тебе? Дали си ја зел при срце таа обврска да бидеш носител на светлина? Како Исус и Павле, дали својот живот го сосредоточуваш на вршењето на Божјата волја?
Светлина и вистина од Бог кои нѐ водат
13. Која е нашата искрена молитва во склад со Псалми 42:3, и од што нѐ варди тоа?
13 Кога би се обиделе со наши сопствени замисли ‚повторно да ги вратиме светлата‘ за да ја осветлат иднината за човештвото, сериозно би промашиле во сфаќањето на смислата на Божјата инспирирана Реч. Меѓутоа, без разлика што прави светот во целина, вистинските христијани гледаат на Јехова како на вистинскиот Извор на светлина. Нивната молитва е како онаа што е запишана во Псалми 42:3, каде што стои: „Испрати ја Твојата светлина и Твојата вистина да ме водат и да ме доведат во Твојата света гора и во Твоето живеалиште“.
14, 15. а) На кои начини денес Јехова ја испраќа својата светлина и вистина? б) Како можеме да покажеме дека Божјата светлина и вистина вистински нѐ водат?
14 Јехова и понатаму одговара на таа молитва од неговите лојални слуги. Тој испраќа светлина на тој начин што ја објавува својата намера, што на своите слуги им овозможува да ја разберат и што после тоа го исполнува она што го објавил. Кога му се молиме на Бог, тоа не е само обична формалност која се прави само за да се оставе впечаток на светост. Нашата искрена желба е да нѐ води светлината која доаѓа од Јехова, како што вели псалмот. Ние ја прифаќаме одговорноста која доаѓа со тоа што ја примаме светлината што ја дава Бог. Увидуваме дека исполнувањето на Јеховината Реч со себе носи индиректна заповед за сите кои покажуваат вера во неа. Слично на Павле, се чувствуваме како должници спрема другите луѓе додека не им ја дадеме добрата вест која Бог ни ја доверил за таа цел (Римјаните 1:14, 15).
15 Светлината и вистината коишто ги праќа Јехова во наше време покажуваат дека Исус Христос активно владее од својот небесен престол (Псалми 2:6-8; Откровение 11:15). Исус прорекол дека во текот на неговата царска присутност, таа добра вест за Царството ќе биде проповедана за сведоштво по сета населена Земја (Матеј 24:3, 14). Тоа дело се извршува сега, и тоа интензивно по целата Земјина топка. Ако тоа дело го направиме најважна работа во нашиот живот, тогаш ќе дозволиме да нѐ води Божјата светлина и вистина, како што рекол псалмистот.
Засветлила самата Јеховина слава
16, 17. Како Јехова во 1914 ја пуштил својата слава да светли над неговата организација слична на жена, и каква заповед ѝ дал?
16 Светото Писмо со трогателни зборови го опишува начинот на кој божествената светлина насекаде се распространува. Во Исаија 60:1-3, упатена до Јеховината „жена“, односно неговата небесна организација од лојални слуги, стои: „Дигни се, светлеј се Ерусалиме, зашто дојде твојата светлина, и славата Господова изгреа над тебе. Зашто, ете, темнина ќе ја покрие земјата, и мрак — народите; и над тебе ќе засветли Господ, и славата Негова ќе се јави над тебе. И народите ќе дојдат кон твоето видело, царевите — кон светлината што изгрева над тебе“.
17 Во 1914 година Јеховината слава засветлила над неговата небесна организација слична на жена, и тогаш, после долг период на чекање, таа го родила Месијанското Царство со Исус Христос како Цар (Откровение 12:1-5). Јеховината славна светлина светли со одобрување над таа влада, како над законска влада за целата Земја.
18. а) Зошто темнина ја покрива Земјата, како што е проречено во Исаија 60:2? б) Како можат поединци да бидат ослободени од темнината на Земјата?
18 Спротивно на тоа, темнина ја покрива Земјата и густ мрак националните групи. Зошто? Затоа што народите ја отфрлаат владата на Божјиот сакан Син во корист на човечката. Мислат дека ако се ослободат од еден облик на човечка влада и ако присвојат друг, ќе ги решат своите проблеми. Но тоа не го донесува ослободувањето на кое се надеваат. Не гледаат кој стои зад сцената и од духовното подрачје маневрира со нациите (2. Коринтјаните 4:4). Тие го одбиваат Изворот на вистинска светлина и затоа се наоѓаат во темнина (Ефесјаните 6:12). Меѓутоа, без разлика што прават народите, поединци можат да се ослободат од таа темнина. На кој начин? Ако положат вера во Божјето Царство и му се потчинат.
19, 20. а) Зошто и како светела Јеховината слава над Исусовите помазани следбеници? б) Од кои причини Јехова ги направил своите помазаници да бидат светлоносци? в) Како што е проречено, како ‚цареви‘ и „народи“ биле привлечени кон светлината што ја дал Бог?
19 Христијанството не положило вера во Божјето Царство и не му се потчинило. Но духовно помазаните следбеници на Исус Христос го направиле тоа. Како резултат, Јеховината светлина на божествено одобрување засветлила над тие видливи застапници на неговата небесна жена и неговата слава се покажала над нив (Исаија 60:19-21). Тие уживаат духовна светлина која не може да ја одземе никаква промена на светската политичка и економска сцена. Го доживеале Јеховиното избавување од Големиот Вавилон (Откровение 18:4). Се радуваат на неговата насмевка на одобрување затоа што ја прифатиле неговата стега и лојално го поддржувале неговиот суверенитет. Имаат сјајни изгледи за иднината и се радуваат во надежта што тој ја поставил пред нив.
20 Но за која цел Јехова постапувал со нив на тој начин? Како што самиот рекол во Исаија 60:21, така постапувал за да може ‚да биде украсен‘ (NW), за да му се оддаде чест на неговото име и другите да бидат привлечени кон него како кон единствениот вистински Бог — и тоа со трајна корист за нив самите. Во согласност со тоа, во 1931 тие обожаватели на вистинскиот Бог го усвоиле името Јеховини сведоци. Како резултат на нивното сведочење, дали кон светлината што тие ја светлеле биле привлечени ‚цареви‘, како што прорекол Исаија? Да! Но не политичките владетели од Земјата, туку останатиот број од оние кои чекаат да владеат како цареви со Христос во неговото небесно Царство (Откровение 1:5, 6; 21:24). А што е со ‚народите‘? Дали тие се привлечени кон оваа светлина? Секако! Не е привлечена ниту една поединечна политичка нација, туку големо мноштво луѓе од сите нации зазеле став на страната на Божјето Царство и желно очекуваат ослободување во Божјиот нов свет. Тоа ќе биде вистински нов свет каде што ќе преовладува праведност (2. Петрово 3:13; Откровение 7:9, 10).
21. Како можеме да покажеме дека не сме ја промашиле целта на Јеховината незаслужена доброљубивост со тоа што ни дал разбирање за неговата волја?
21 Дали си ти еден од таа растечка толпа на светлоносци? Јехова ни подарил разбирање на неговата волја за ние, како Исус, да можеме да бидеме светлоносци. Да покажуваме ревност во делото кое Јехова им го доверил на своите слуги во наше време, и така сите да покажеме дека не сме ја промашиле целта на незаслужената доброљубивост што ни ја пружил Бог (2. Коринтјаните 6:1, 2). Денес не постои ниту едно поважно дело. А за нас не постои поголема предност од таа да го славиме Јехова така што ќе ја одразуваме пред другите славната светлина која доаѓа од него.
Како би одговорил?
◻ Кои се коренитите причини за жалосните проблеми на човештвото?
◻ На кои начини и Исус и неговите следбеници се „светлина на светот“?
◻ Како нѐ водат Јеховината светлина и вистина?
◻ Како Јехова предизвикал неговата слава да светли над неговата организација?
◻ За која цел Јехова го направил својот народ да биде носител на светлината?
[Слики на страница 9]
Настанот во Еден ни помага да ги сфатиме денешните жалосни проблеми на човештвото
[Извори на слики]
Tom Haley/Sipa
Paringaux/Sipa