Дали треба христијаните да го држат денот на одмор?
ЈУНИ беше особено врнежлив месец. Поради тоа, во текот на Вимблдонскиот тениски шампионат 1991 беше прекршена една вековна светска традиција. За прв пат во историјата, за да се надомести изгубеното време, се играа мечеви во недела. Освен повремени занемарувања на правилата, како што беше ова, во Англија, како и во многу други земји, недела останува свет ден на одмор.
Некои луѓе држат друг ден на одмор. Евреите ширум светот стриктно го држат Сабатот од зајдисонце во петок до зајдисонце во сабота. Во текот на Сабатот не летаат авионите на Израелскиот национален аеродром, а во некои градови не сообраќа јавниот превоз. Во Ерусалим, традиционалистите затвораат извесни улици за да го спречат секој сообраќај кој се смета за незаконски на Сабат.
Фактот дека многу религии сѐ уште држат седмичен ден на одмор или сабат, наметнува повеќе прашања. Дали држењето на Сабатот е само за Евреите? Зошто повеќето религии на т. н. христијанство прифатиле друг ден на одмор? Дали држењето на седмичен ден на одмор и денес останува библиско барање?
Дали Сабатот постоел отсекогаш?
Сабатот за првпат се споменува во книгата Исход. Додека биле во пустината, Израелците добивале од Јехова чудесна храна — мана. Секој шести ден во седмицата требало да соберат двојно поголемо количество, бидејќи седмиот ден требало да биде „сабат на Јехова“ (NW) во кој била забранета секоја работа (2. Мојсеева 16:4, 5, 22-25).
Освен тоа, на Израелците им бил даден Сабатот за да ги потсети дека биле робови во Египет. Овој потсетник би имал мало значење доколку и порано почитувале таков закон. Затоа, прописите што го управувале Сабатот им биле дадени само на Израелците (5. Мојсеева 5:2, 3, 12-15).
Прецизни и оптоварувачки обичаи
Со оглед дека Мозаитскиот Закон не бил многу детален во врска со Сабатот, низ вековите рабините составиле бројни интердикти, забрани со кои ги забранувале сите облици на работа на Сабатот. Според Мишната, забранетата работа била групирана во 39 главни категории, како што е шиење, пишување и земјоделство. Многу од овие прописи не се темелени на Библијата. Цитирајќи ја Мишната, Encyclopædia Judaica признава дека тие се како „планини што висат на влакно, зашто малку се поврзани со Библијата, а сепак правилата се многубројни“.
За да се примени заповедта „во седмиот ден никој да не го напушта местото свое“, била одредена максимална оддалеченост која била наречена „Сабатна граница“. Според извесни извори, тоа одговара на две илјади лакти или околу 900 метри (2. Мојсеева 16:29). Меѓутоа, овој пропис вешто можел да се пречекори: Претходната вечер, Сабатните оброци можело да се остават на место оддалечено од куќата две илјади лакти. Ова место тогаш можело да се смета за проширување на семејниот дом, а од тоа место натаму можело да се бројат други две илјади лакти.
Голем број од овие ограничувања што ги поставил човек биле на сила и во времето на Исус. Затоа религиозните водачи ги кореле неговите ученици поради тоа што кинеле класје за да јадат додека минувале низ житните полиња. Ги обвиниле дека го кршат Сабатот — кинењето класје се сметало за жнеење, а триењето меѓу дланките како дробење или мелење. Исус во повеќе прилики ги осудил нивните екстремни гледишта затоа што погрешно го прикажувале духот на Јеховиниот закон (Матеј 12:1-8; Лука 13:10-17; 14:1-6; Јован 5:1-16; 9:1-16).
Од саботен на неделен Сабат
„Неделите ќе бидат за побожно служење на Бог.“ Така Католичката црква ја прикажала четвртата заповед за Сабатот. Неодамна објавениот француски Catéchisme pour adultes објаснува: „Христијанската Недела се славела во денот после Сабатот: во осмиот ден, така да се рече, во првиот ден од новото создавање. Таа ги прифатила клучните елементи на Сабатот, но сосредоточена е на Христовата Пасха“. Како се случило ова преминување од саботен на неделен Сабат?
И покрај тоа што неделата била ден во кој Исус воскреснал, за раните христијани тоа било работен ден како и секој друг. Но одлуката на Концилот на Лаодикејската црква (околу втората половина на четвртиот век н. е.) открива дека, со текот на времето, еврејскиот Сабат во сабота бил заменет со „христијански“ сабат во недела. Овој канон „им забранува на христијаните да се поеврејуваат и да денгубат во денот на [еврејскиот] Сабат, а на Господовиот ден [денот во седмицата во кој тој воскреснал] треба да му се оддава чест на христијански начин“. Оттогаш, следбениците на т. н. христијанство морале да работат во саботите, а да се воздржуваат од работа во неделите. Подоцна, од нив се барало во недела да посетуваат миса.
Со поддршката на световните власти, работењето во неделите наскоро било забрането во целото т. н. христијанство. Од шестиот век па наваму, престапниците биле казнувани парично или со камшикување, а било можно воловите да им бидат конфискувани. Понекогаш, непокајничките грешници можело да бидат присилени да слугуваат.
Во извесна смисла, законите што се однесувале на прифатливата работа во неделите биле исто толку сложени како и традициите за еврејскиот Сабат. Dictionnaire de théologie catholique дава поопширно објаснување во врска со развојот на црковното решавање на прашањата за исправно и погрешно преку примена на правила и меѓу забранетите работи споменува слугување, земјоделие, правни постапки, купопродажба и ловење.
Зачудувачки е што за оправдување на овие забрани се земал еврејскиот Сабат. New Catholic Encyclopedia ги споменува законите на царот Карло Велики во врска со Неделите: „Саботарската идеја, изричито отфрлена од страна на Св. Јероним и проколната од страна на Орлеанскиот концил во 538 г. како еврејска и нехристијанска, била јасно наведена во декретот на Карло Велики од 789 г. кој забранува секаков вид на работа во Недела како прекршување [на Десетте заповеди]“. На тој начин, иако на цркавата ѝ годело кога гледала како граѓанските власти наметнуваат Неделен ден на одмор, таа дозволила овие световни власти да ги оправдаат ваквите ограничувања врз правна основа кој и самата го отфрлала, имено, на Мојсеевиот закон во врска со Сабатот.
Небиблиско становиште
Со векови порано, неколку црковни Оци, а особено Августин, со право тврделе дека Сабатот бил привремено уредување наменето за Евреите. Со таквата постапка, црковните Оци едноставно го прифатиле она што го објаснуваат Христијанските Грчки списи, имено, дека Сабатот е составен дел од сојузот на Законот кој бил укинат со Исусовата жртва (Римјаните 6:14; 7:6; 10:4; Галатјаните 3:10-14, 24, 25).
Во современиот Vocabulaire biblique цитиран е протестантскиот теолог Оскар Кулман кој признава дека „поради тоа што Исус дошол, умрел и бил воскреснат, празниците на С[тариот] З[авет] биле исполнети, а ако се држат, тоа би ‚значело враќање на стариот сојуз, како Исус никогаш да не дошол‘“. Имајќи ја предвид оваа вредна мисла, можно ли е да се оправда принудното држење на Сабат?
Денес, католичките автори воглавно бараат поддршка во Дела на св. апостоли 20:7 каде се зборува за „првиот ден на седмицата“ (недела), кога Павле се состанал со своите другари да го подели оброкот со нив. Меѓутоа, ова било само детаљ. Ништо во овој текст, ниту во други библиски стихови, не укажува дека овој извештај бил наменет за пример кој христијаните требало да го следат, што секако значи дека не било обврска. Да, на држењето на сабат во недела му недостига библиска позадина.
Каков одмор постои за христијаните?
Иако христијаните не се должни да држат седмичен ден на одмор, бездруго се подбудени да држат одмор од друг вид. Павле им го објаснил ова на своите еврејски сохристијани, велејќи: „Но, за народот Божји сѐ уште останува почивката саботна . . . И така, да се погрижиме да влеземе во оној спокој“ (Евреите 4:4-11). Овие Евреи, пред да станат христијани, го следеле Мозаитскиот закон колку што можеле поточно. Сега Павле повеќе не ги охрабрувал да бараат спасение преку дела, туку да „одмараат“ од нивните мртви дела. Отсега па натаму требало да имаат вера во Исусовата жртва која била единственото средство преку кое човештвото можело да биде праведно во Божји очи.
Како можеме ние денес да го покажуваме истото почитување кон Божјето становиште? Како и нивните ближни, Јеховините сведоци, како разумни луѓе, го ценат седмичниот ден за одмор од световната работа кој важи во многу земји. Тоа им овозможува време за семејно дружење и освежување. Но, што е поизразито, тоа се покажало како време за други христијански цели (Ефесјаните 5:15, 16). Ова ги вклучува состаноците и учествувањето во јавната служба, посетување на ближните за да се споделат библиските информации за претстојното време кога човештвото што верува ќе ужива во мир ширум светот. Ако би сакал да дознаеш за ова, Јеховините сведоци ќе бидат среќни да ти помогнат, било да е тоа во сабота, недела или во друг ден од седмицата.
[Слика на страница 28]
Исус совршено го држел Сабатниот закон наместо еврејските традиции
[Слика на страница 29]
Во деновите на одмор од световната работа целите што ги имаат христијаните пружаат освежување