Дали Бог навистина те познава?
„О Јехова, . . . ти си се запознал дури со сите мои патишта“ (ПСАЛМИ 139:1, 3, NW).
1. Колку е раширено мислењето дека ‚другите не ги разбираат‘ грижите, проблемите и притисоците со кои се соочуваме?
ДАЛИ некој навистина ги разбира грижите, притисоците и проблемите со коишто се соочуваш? Ширум светот има милиони луѓе, млади и стари, кои немаат семејства или роднини кои би се грижеле за тоа што се случува со нив. Дури и во семејствата, многу жени — да, и мажи исто така — мислат дека нивните брачни другари не ги сфаќаат вистински притисоците што ги оптоваруваат. Повремено, фрустрирани, тие протестираат: „Па ти не разбираш!“ И многумина млади заклучиле дека ниту нив не ги разбира никој. Сепак, меѓу оние кои копнееле по поголемо разбирање од страна на другите, има такви чиишто животи подоцна примиле големо значење. Како е можно тоа?
2. Што може да им овозможи на обожавателите на Јехова да имаат прилично задоволувачки животи?
2 Тоа е затоа што тие, без разлика дали блиските потполно ги разбираат нивните чувства или не, се уверени дека Бог го разбира она што тие го доживуваат и дека, како негови слуги, не мораат да се соочуваат сами со своите проблеми (Псалми 45:1). Понатаму, Божјата Реч, заедно со помошта од разборитите христијански старешини им овозможува да гледаат зад нивните лични проблеми. Писмото им помага да сфатат дека нивната верна служба е скапоцена во Божји очи и дека постои сигурна иднина за оние кои ја полагаат својата надеж на него и на подготовките што тој ги направил преку Исус Христос (Соломонови изреки 27:11; 2. Коринтјаните 4:17, 18).
3, 4. а) Како може ценењето на фактот дека „Јехова е Бог“ и дека тој „нѐ создал“ да ни помогне да најдеме радост во неговата служба? б) Зошто имаме потполна доверба во Јеховината љубезна грижа?
3 Можеби си запознаен со Псалм 99:2, кој вели: „Служете Му на Господа [Јехова, NW] со радост; излегувајте пред Него со восклик!“ Колкумина навистина го обожаваат Јехова на таков начин? Цврсти причини да се прави тоа се дадени во стих 3, кој нѐ потсетува: „Знајте дека [Јехова] е Господ, дека е Он Бог наш, дека Он нѐ создаде нас, а не ние самите; Негови сме — Негов народ и овци од Неговото пасиште“. Хебрејскиот текст се осврнува на него како на Elohím и со тоа ја покажува неговата величина во величество, достоинство и извонредност. Тој е единствениот вистински Бог (5. Мојсеева 4:39; 7:9, NW; Јован 17:3). Неговите слуги го запознаваат неговото Божество, не само како факт за кој биле поучени туку како нешто што го доживуваат и за кое даваат доказ преку послушност, доверба и оддаденост (1. Летописи 28:9; Римјаните 1:20).
4 Бидејќи Јехова е живиот Бог, способен да го види дури и нашето срце, од неговите очи ништо не е скриено. Тој е потполно свесен за она што се случува во нашиот живот. Тој разбира што ги предизвикува проблемите со кои се соочуваме, како и душевниот и емоционалниот немир што може да произлезе од нив. Како Творец, нѐ познава подобро отколку ние самите. Исто така знае како да ни помогне да излеземе на крај со нашата ситуација и како да пружи трајно ослободување. Тој ќе ни помогне љубезно — како овчар кој го носи јагнето во прегратка — кога имаме доверба во него со сето срце (Соломонови изреки 3:5, 6; Исаија 40:10, 11). Една студија на Псалм 138 [139, NW] може многу да помогне да ја зајакнеме таа доверба.
Оној кој ги гледа сите наши патишта
5. Што значи тоа што Јехова нѐ ‚испитува‘, и зошто е тоа пожелно?
5 Со длабоко ценење, псалмистот Давид напишал: „О Господи, Ти си ме испитал и ме знаеш“ (Псалми 138:1). Давид бил уверен дека Јеховиното спознание за него не било површно. Бог не го гледал Давид како што би го гледале луѓето и да гледа само на неговиот физички раст, говорничка способност или талентираност во свирењето на харфа (1. Царства 16:7, 18). Јехова ја ‚испитал‘ самата Давидова внатрешност и тоа го сторил со доброљубива грижа за неговата духовна благосостојба. Ако си еден од Јеховините оддадени слуги, тој те познава исто како што го познавал и Давид. Зарем тоа не буди во тебе чувства и на благодарност и на стравопочит?
6. Како Псалми 139:2, 3 (NW) покажува дека Јехова знае сѐ што правиме, дури и сите наши мисли?
6 Сите Давидови активности биле откриени пред очите на Јехова, а Давид бил сосема свесен за тоа. „Ти самиот си го спознал моето седнување и моето станување“ — напишал псалмистот. „Оддалеку си ги забележал моите мисли. Моето патување и моето легнување си ги измерил, и ти си се запознал дури со сите мои патишта“ (Псалми 139:2, 3, NW). Фактот дека Јехова е на небесата, далеку од Земјата, не го спречиле да го знае она што Давид го правел или мислел. Тој ‚ги измерил‘, односно грижливо ги испитал Давидовите активности, и дење и ноќе, за да ја запознае нивната природа.
7. а) Употреби ги настаните од Давидовиот живот како темел и коментирај за некои работи во нашиот живот за коишто Бог е свесен. б) Како би требало да влијае врз нас свесноста за овој факт?
7 Кога љубовта кон Бог и довербата во Неговата моќ да спасува го поттикнале Давид како младич доброволно да се бори против филистејскиот џин Голијат, Јехова го знаел тоа (1. Царства 17:32-37, 45-47). Подоцна, кога непријателствата од луѓето биле толку големи што му нанеле на Давидовото срце тешка болка, кога притисокот бил толку голем што ноќе пуштал солзи, тој бил утешен од сознанието дека Јехова го слушал неговото преколнување (Псалми 6:6, 9; 54:2-5, 22). Слично на тоа, кога срцето исполнето со благодарност го натерало Давид да медитира за Јехова во текот на бессона ноќ, Јехова бил сосема свесен за тоа (Псалми 62:6; спореди Филипјаните 4:8, 9). Една вечер кога Давид ја набљудувал жената на еден сосед како се капе, Јехова го знаел и тоа, и видел што се случило кога Давид, макар за кратко, ѝ допуштил на грешната желба да го истера Бог од неговите мисли (2. Царства 11:2-4). Подоцна, кога пророкот Натан бил испратен да го соочи Давид со тежината на неговиот грев, Јехова не само што ги чул зборовите што дошле од Давидовата уста туку и го препознал покајничкото срце од кое тие дошле (2. Царства 12:1-14; Псалми 50:1, 17). Зарем тоа не би требало да нѐ наведе сериозно да размислуваме за тоа каде одиме, што правиме и што е во нашето срце?
8. а) На кој начин влијаат на нашата положба пред Бог ‚зборовите на нашиот јазик‘? б) Како може да се совлада слабоста во употребата на јазикот? (Матеј 15:18; Лука 6:45).
8 Бидејќи Бог знае сѐ што правиме, не би требало да нѐ изненади дека тој е свесен за тоа како употребуваме некој орган од телото, дури и толку мал како што е јазикот. Цар Давид го сфатил тоа и напишал: „Уште зборовите не ми дошле до јазикот мој, Ти, Господи, веќе ги знаеш“ (Псалми 138:4). Давид знаел дека оние кои ќе бидат добредојдени како гости во Јеховиниот шатор ќе бидат луѓе кои не ги клеветеле другите и кои одбивале да го употребуваат јазикот за да шират сочни озборувања кои би му нанеле срам на некое присно познанство. Оние спрема кои Јехова би имал наклоност требало да бидат луѓе кои ја говореле вистината дури и во своите срца (Псалми 14:1-3; Соломонови изреки 6:16-19). Никој од нас не е во состојба да го држи својот јазик под совршена контрола, но Давид не заклучил малодушно дека не можел ништо да направи за да ја поправи својата ситуација. Тој поминал многу време во компонирање и пеење на псалми на фалба на Јехова. Исто така отворено ја признал својата потреба од помош и го молел Бог за тоа (Псалми 18:12-14). Дали на нашата употреба на јазикот треба исто така да ѝ се посвети внимание во молитва?
9. а) Што покажува описот во Псалми 139:5 (NW) во поглед на тоа колку темелно Бог ја познава нашата ситуација? б) Во што нѐ уверува тоа?
9 Јехова не гледа на нас или на нашата ситуација само од една ограничена перспектива. Тој ја има комплетната слика, од секоја страна. Користејќи еден опколен град како пример, Давид напишал: „Отпозади и отспреди, ти си ме опколил“. Во Давидовиот случај Јехова не бил непријателот којшто опколил; напротив, тој бил буден стражар. „Ти ја ставаш својата рака врз мене“ — додал Давид, и со тоа ја покажал Божјата контрола и заштита што се вршат за трајната корист на оние коишто го љубат него. „Таквото спознание е премногу чудесно за мене. Толку е високо, што не можам да го достигнам“ — признал Давид (Псалми 139:5, 6, NW). Божјето спознание за неговите слуги е толку потполно, толку темелно, што ние не можеме целосно да го сфатиме. Но знаеме доволно за да бидеме уверени дека Јехова навистина нѐ разбира и дека помошта што тој ја пружа ќе биде најдобрата (Исаија 48:17, 18).
Каде и да сме, Бог може да ни помогне
10. Каква охрабрувачка вистина е соопштена преку живиот опис во Псалми 138:7-12?
10 Посматрајќи ја Божјата доброљубива грижа од друга гледна точка, псалмистот продолжува: „Каде да отидам од Твојот дух, и од лицето Твое каде да побегнам?“ Тој немал желба да се обидува да бега од Јехова; наместо тоа, знаел дека каде и да биде, Јехова би знаел и, со светиот дух, би можел да му помогне. „Ако излезам на небото“, — продолжил тој, „Ти си таму; ќе слезам ли во пеколот [шеолот, NW], Ти си и тука. Ако ги земам крилјата рано в зори и се преселам на крајот од морето, — и таму ќе ме води Твојата рака, Твојата десница ќе ме држи. Па си реков: можеби темнина ќе ме покрие, но и ноќта е како светлина околу мене; но и темнината нема да биде темнина за Тебе; и ноќта за Тебе е светла како ден и темнината како светлина“ (Псалми 138:7-12). Не постои место каде што би можеле да одиме, ниту околности со коишто би можеле да се соочиме кои би нѐ тргнале од погледот на Јехова или вон дофатот на неговиот дух за да ни помогне.
11, 12. а) Како во случајот на Јона била покажана Јеховината способност да види и помогне, иако Јона го изгубил од вид тоа за некое време? б) Како би требало да ни користи Јониното искуство?
11 Во еден момент пророкот Јона го заборавил тоа. Јехова го поставил да им проповеда на луѓето од Ниневија. Од некоја причина тој сметал дека не би можел да ја изврши таа задача. Можеби поради жестокиот глас на Асирците, помислата да служи во Ниневија го уплашила Јона. Затоа се обидел да се скрие. Во пристаништето Јопа добил место на еден брод што требало да исплови за Тарсис (обично се поврзува со Шпанија, преку 3.500 километри западно од Ниневија). Меѓутоа, Јехова го видел како се качува на бродот и оди да спие долу во складиштето. Бог исто така знаел каде бил Јона кога тој подоцна бил исфрлен преку палубата и Јехова го чул Јона кога ветил од стомакот на големата риба дека ќе го исполни својот завет. Откако бил ослободен на суво копно, на Јона повторно му била пружена прилика да ја исполни својата задача (Јона 1:3; 2:1; 2:2–3:4).
12 Колку подобро би било за Јона уште од почетокот да се потпрел на Јеховиниот дух за да му помогне да ја исполни неговата задача! Сепак, подоцна Јона понизно го запишал своето искуство, а тој запис им помогнал на многумина оттогаш па наваму да ја покажуваат довербата во Јехова, која на Јона му било толку тешко да ја постигне (Римјаните 15:4).
13. а) Какви задачи верно исполнил Илија пред да побегне од царицата Језавела? б) Како Јехова му помогнал на Илија иако овој настојувал да се скрие надвор од територијата на Израел?
13 Искуството на Илија било нешто поинакво. Тој верно ја пренел Јеховината пресуда дека Израел ќе страда од суша како казна за нивните гревови (3. Царства 16:30-33; 17:1). Храбро го поддржал вистинското обожавање во натпреварот помеѓу Јехова и Ваал на планината Кармил. А довршил со погубувањето на 450 Баалови пророци во долината на потокот Кисон. Но кога царицата Језавела во гнев се заветувала дека ќе го убие, Илија побегнал од земјата (3. Царства 18:18-40; 19:1-4). Дали Јехова бил таму за да му помогне во тоа тешко време? Да, навистина. Ако Илија би се искачил на висока планина како на небото; ако би се сокрил во некоја длабока пештера во Земјата како во шеолот; ако би побегнал на некој далечен остров со брзината на светлоста на зората која се шири над Земјата — Јеховината рака би била таму за да го зајакне и води. (Спореди Римјаните 8:38, 39.) А Јеховината рака го зајакнала Илија не само со храна за неговото патување туку и со тоа што на чудесни начини ја покажал Својата активна сила. Така зајакнат, Илија го презел својот следен пророчки налог (3. Царства 19:5-18).
14. а) Зошто би било погрешно да заклучиме дека Бог е секаде присутен? б) Под какви околности Јехова доброљубиво ги поддржувал своите слуги во поново време? в) Што значи тоа дека дури ако би биле и во шеолот, Бог би бил таму?
14 Пророчките зборови од Псалми 138:7-12 не значат дека Бог е секаде присутен, дека е лично присутен на секое место во исто време. Писмото јасно покажува поинаку (5. Мојсеева 26:15; Евреите 9:24). Сепак, неговите слуги никогаш не се вон неговиот дофат. Тоа е случај со оние чиишто теократски задачи ги одвеле на далечни места. Тоа било случај со лојалните Сведоци во нацистичките концентрациони логори за време на II Светска војна, а било случај и со мисионерите кои биле држани во затворски самици во Кина кон крајот на 1950-тите и почетокот на 1960-тите. Тоа било случај со нашите драги браќа и сестри во една централноафриканска земја кои морале често да бегаат од своите села, па дури и од земјата. Ако треба, Јехова може да досегне до шеолот, општиот гроб на човештвото, и да ги врати верните преку воскресение (Јов 14:13-15; Лука 20:37, 38).
Оној кој навистина нѐ разбира
15. а) Од кое рано време Јехова бил во можност да го набљудува нашиот развој? б) Како е покажан обемот на Божјето спознание за нас со тоа што псалмистот се осврнал на бубрезите?
15 Под инспирација псалмистот свртува внимание на фактот дека Божјето спознание за нас постоело уште пред да се родиме, велејќи: „Зашто Ти си ја создал мојата внатрешност [моите бубрези, NW] и ме прифати од мајчината ми утроба. Те прославувам затоа што сум чудесно создаден. Прекрасни се Твоите дела; душата моја тоа добро го сознава“ (Псалми 138:13, 14). Спојувањето на гените од нашиот татко и нашата мајка во времето на зачетокот го создава моделот кој длабоко влијае врз нашиот физички и душевен потенцијал. Бог го разбира тој потенцијал. Во овој псалм посебно се спомнати бубрезите, кои во Писмото честопати се употребени за да ги претстават најдлабоките аспекти на личностаa (Псалми 7:10; Јеремија 17:10, обата Ст). Јехова ги знаел овие детали во врска со нас уште пред да се родиме. Тој е исто така оној кој со љубезна грижа го обликувал човечкото тело, така што оплодената клетка во мајчината матка создава заштитно куќиште за да го ‚сокрие‘ и заштити ембрионот додека тој се развива.
16. а) На кој начин Псалми 138:15, 16 ја нагласуваат продорната моќ на Божјата визија? б) Зошто ова треба да нѐ охрабрува?
16 Потоа, нагласувајќи ја продорната моќ на Божјата визија, псалмистот додава: „Ниедна моја коска не се сокри од Тебе, што си ја создал тајно, и природата моја во длабините на земјата [очигледно поетско осврнување на матката на мајка му, но со алузија на создавањето на Адам од прав]“. „Твоите очи го видоа зародишот мој и во Книгата Твоја сѐ е запишано за мене, дури и деновите мои се забележани кога уште не постоеше ниеден [посебен дел од телото]“ (Псалми 138:15, 16). Нема никакво сомнение во тоа — сеедно дали блиските нѐ разбираат или не, Јехова нѐ разбира. Како би требало тоа да влијае врз нас?
17. На што сме подбудени кога ги набљудуваме Божјите прекрасни дела?
17 Писателот на 138. Псалм признал дека Божјите дела за коишто тој пишувал, биле прекрасни. Дали и ти така се чувствуваш? Кога нешто е прекрасно, тоа го тера лицето длабоко да размислува или да посвети напрегнато внимание. Веројатно реагираш така на Јеховините дела на физичкото творештво. (Спореди Псалми 8:3, 4, 9.) Дали му посветуваш исти такви мисли на она што тој го сторил за воспоставување на Месијанското Царство, на она што тој го прави за добрата вест да се проповеда по целата Земја и на начинот на кој неговата Реч ги преобразува човечките личности? (Спореди 1. Петрово 1:10-12.)
18. Како ќе влијае врз нас ако заклучиме дека Божјите дела влеваат страв?
18 Дали и ти доживуваш дека размислувањето за Божјето дело влева страв, дека во тебе создава здрав страв, страв кој силно мотивира, кој има длабоко влијание врз твојата личност и врз начинот на кој го користиш твојот живот? (Спореди Псалми 66:5, NW.) Ако е така, твоето срце ќе те мотивира да го славиш Јехова, да го фалиш, да создаваш прилики да им кажуваш на другите за неговата намера и за прекрасните работи коишто тој ги чува за оние кои го сакаат (Псалми 144:1-3).
[Фуснота]
a Види Insight on the Scriptures, издаден од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc., том 2, стр. 150.
Што би рекол?
◻ Како нашето сознание дека „Јехова е Бог“ ни помага да му служиме со радост?
◻ Како треба да влијае на нашите животи тоа што Бог знае сѐ што правиме?
◻ Зошто е охрабрувачки фактот дека никогаш не сме надвор од Божјиот вид?
◻ Зошто Бог е способен да нѐ разбере на начини како што не може ниту еден човек?
◻ Зошто една ваква студија нѐ тера да сакаме да го славиме Јехова?