Храбро оди по Јеховините патишта
„Блажени се оние, кои се бојат од Господа, кои одат по Неговите патишта!“ (ПСАЛМ 127:1).
1, 2. Од каква помош е библискиот запис за зборовите и делата на раните сведоци на Јехова?
ЈЕХОВИНАТА Света Реч е полна со извештаи за искушенијата и радостите на неговите лојални слуги. Тука особено се истакнуваат живописните искуства на Ное, Авраам, Сара, Исус Навин, Девора, Варак, Давид и други. Сите тие биле вистински луѓе на кои заедничко им било нешто посебно. Имале вера во Бог и храбро оделе по неговите патишта.
2 Зборовите и делата на раните сведоци на Јехова можат да бидат охрабрување за нас додека настојуваме да одиме по Божјите патишта. Освен тоа, ќе бидеме среќни ако покажуваме почитување кон Бог и здрав страв дека нема да му угодиме. Ова важи иако се соочуваме со искушенија во животот, зашто инспирираниот псалмист испеал: „Блажени се оние, кои се бојат од Господа, кои одат по Неговите патишта“ (Псалм 127:1).
Што е храброст
3. Што е храброст?
3 За да одиме по Јеховините патишта, мораме да имаме храброст. Всушност, Библијата му заповеда на Божјиот народ да ја покажува оваа особина. На пример, псалмистот Давид испеал: „Бидете храбри и со јако срце, сите вие кои се надевате на Јахве!“ (Псалм 31:25, Стварност). Храброст е „умствена или морална сила да се изложи, издржи и одолее на опасност, страв или тешкотија“ (Webster’s Ninth New Collegiate Dictionary). Храброто лице е јако, смело и јуначко. Дека Јехова им дава храброст на своите слуги е јасно од зборовите на апостолот Павле до неговиот соработник Тимотеј: „Бог не ни го даде духот на стравот, туку духот на силата, љубовта и трезвеноста“ (2. Тимотеј 1:7).
4. Кој е еден начин да се стекне храброст?
4 Еден начин да се стекне храброста што ја дава Бог е да се размислува во молитва за Јеховината Реч, Библијата. Многуте извештаи кои се појавуваат во Светото Писмо можат да ни помогнат да станеме похрабри. Затоа, најпрво да видиме што можеме да научиме од записот во Хебрејските списи за некои кои храбро оделе по Јеховините патишта.
Храброст за да се објавува Божјата порака
5. Како може да им користи Еноховата храброст на денешните Јеховини слуги?
5 Храброста на Енох може да им помогне на денешните Јеховини слуги храбро да ја пренесуваат Божјата порака. Пред да се роди Енох, ‚почнало да се призовува името на Господа [Јехова, НС] Бога‘. Некои научници велат дека ‚почнало обесчестувачки‘ да се повикува Јеховиното име (1. Мојсеева 4:25, 26; 5:3, 6). Можеби божественото име било применувано на луѓе или дури на идоли. Така, кога во 3404. пр. н. е. се родил Енох, лажната религија цветала. Всушност, изгледа дека тој бил единствен кој ‚живеел според волјата Божја‘ и кој се стремел по праведен пат кој бил во склад со Јеховината откриена вистина (1. Мојсеева 5:18, 24).
6. а) Каква силна порака објавувал Енох? б) Каква доверба можеме да имаме?
6 Енох храбро ја пренел Божјата порака, веројатно преку проповедање (Евреите 11:5; спореди 2. Петрово 2:5). „Ете“, изјавил овој осамен сведок, „иде Господ со илјадници Свои свети ангели, за да направи суд над сите и за да ги изобличи сите безбожници за сите нивни нечесни дела, што ги беа направиле со своето беззаконие, и за сите лоши зборови, што ги изрекле за Него безбожните грешници“ (Јуда 14, 15). Енох имал храброст да го користи името Јехова кога ја кажувал таа порака со која ги осудувал безбожниците. И како што Бог му дал на Енох храброст да ја објави таа силна порака, така Јехова ги ополномоштил Неговите денешни Сведоци смело да ја говорат Неговата реч во службата, во училиште и на други места. (Спореди Дела на св. апостоли 4:29-31.)
Храброст под искушение
7. Каков пример на храброст пружа Ное?
7 Примерот на Ное може да ни помогне да бидеме храбри во извршувањето на праведни дела кога сме под искушение. Со храброст и вера, тој дејствувал откако примил божествено предупредување за глобален потоп и ‚направил ковчег, за да го спаси својот дом‘. Со послушност и праведни дела, Ное го осудил неверниот свет за неговите зли дела и покажал дека заслужил да биде уништен (Евреите 11:7; 1. Мојсеева 6:13-22; 7:16). Ако се размислува за Ноевиот животен пат, тоа ќе им помогне на денешните Божји слуги храбро да се ангажираат во такви праведни дела како што е христијанската служба.
8. а) Со што се соочувал Ное како храбар „проповедник на праведност“? б) Што ќе стори Јехова за нас ако сме храбри проповедници на праведноста?
8 Ако се стремиме кон праведен пат, а не знаеме како да постапиме во извесно искушение, да се молиме за мудрост за да излеземе на крај со него (Јаков 1:5-8). Ноевата лојалност кон Бог кога бил под испит покажува дека е можно човек да се соочи со искушенија храбро и со вера. Тој му одолеал на притисокот од злобниот свет, од материјализираните ангели и нивните хибридни потомци. Да, Ное бил храбар „проповедник на праведност“ за еден „стар свет“ што одел во уништување (2. Петрово 2:4, 5, НС; 1. Мојсеева 6:1-9). Иако зборувал храбро како гласник кој го објавува Божјето предупредување за претпотопните луѓе, тие ‚не узнале, додека не дошол потопот и истребил сѐ‘ (Матеј 24:36-39). Но да запомниме дека и покрај прогонство и тоа што повеќето луѓе денес ја отфрлаат нашата библиска порака, Јехова ќе нѐ одржи како што го одржал Ное ако покажуваме слична вера и храброст како проповедници на праведноста.
Храброст да се послуша Бог
9, 10. Во кои погледи Авраам, Сара и Исак покажале храбра послушност?
9 ‚Јеховиниот пријател‘ Авраам е извонреден пример на храбра послушност кон Бог (Јаков 2:23, НС). На Авраам му била потребна вера и храброст за да го послуша Бог и да го напушти Ур Халдејски, град полн со материјални предности. Тој верувал во Божјето ветување дека преку него ќе се благословат „сите родови [семејства, НС] на земјата“ и дека на неговото семе ќе му биде дадена земја (1. Мојсеева 12:1-9; 15:18-21). Со вера Авраам ‚престојувал како странец во земјата на ветувањето‘ и го очекувал „градот кој има вистински темели“ — Божјето небесно Царство, под кое тој би бил воскреснат за живот на Земјата (Евреите 11:8-16, НС).
10 Авраамовата жена, Сара, ја имала потребната вера и храброст да го напушти Ур, да го придружува својот маж во туѓа земја и да поднесе секакви тешкотии на кои би наишле таму. И колку била наградена за својата храбра послушност кон Бог! Иако до својата 90. година била неротка, и „покрај возраста нејзина“, Сара била оспособена ‚да зачне, оти го сметала за верен Оној, Кој ветил‘. Со текот на времето, таа го родила Исак (Евреите 11:11, 12; 1. Мојсеева 17:15-17; 18:11; 21:1-7). Со години подоцна, Авраам храбро го послушал Бог и ‚го принел Исак како жртва‘. Запрен од еден ангел, патријархот го добил својот храбар и послушен син од смртта „како праобраз [на илустративен начин, НС]“. Со тоа тој и Исак пророчки опишале дека Јехова Бог ќе го даде својот Син, Исус Христос, како откупнина, така што оние кои покажуваат вера во него да можат да имаат вечен живот (Евреите 11:17-19; 1. Мојсеева 22:1-19; Јован 3:16). Секако, храбрата послушност на Авраам, Сара и Исак би требало да нѐ подбуди да бидеме послушни кон Јехова и секогаш да ја вршиме неговата волја.
Храброст да се остане со Божјиот народ
11, 12. а) Како Мојсеј покажал храброст во врска со Јеховиниот народ? б) Кое прашање може да се постави за Мојсеевата храброст?
11 Мојсеј храбро застанал на страната на Божјиот угнетуван народ. Во 16. век пр. н. е., самите родители на Мојсеј покажале храброст. Не плашејќи се од царевата заповед да се убијат новородените машки Еврејчиња, го сокриле Мојсеј и го ставиле во една кошница меѓу трските крај брегот на реката Нил. Откако го нашла фараоновата ќерка, бил одгледан како нејзин сопствен син, иако најпрво добил духовно воспитание во својот родителски дом. Како дел од фараоновото домаќинство, Мојсеј ‚ја научил целата мудрост египетска‘ и станал „силен во зборови и во дела“, силен и во умствените и во физичките способности (Дела на св. апостоли 7:20-22; 2. Мојсеева 2:1-10; 6:20).
12 И покрај материјалните предности на царската куќа, Мојсеј храбро избрал да застане на страната на Јеховините обожаватели кои тогаш биле поробени од Египќаните. Бранејќи некој Израелец, убил еден Египќанин и потоа избегал во Мадијам (2. Мојсеева 2:11-15). Околу 40 години подоцна, Бог го употребил да ги изведе Израелците од ропство. Мојсеј тогаш ‚го напуштил Египет, не плашејќи се од гневот на царот‘, кој му се заканил со смрт затоа што го застапувал Јехова во корист на Израел. Мојсеј одел како да го гледал ‚Оној, Кој не се гледа‘, Јехова Бог (Евреите 11:23-29; 2. Мојсеева 10:28). Дали ти имаш таква вера и храброст да останеш приврзан кон Јехова и неговиот народ и покрај тешкотија и прогонство?
Храброст ‚потполно да го следиш Јехова‘
13. Како дале примери на храброст Исус Навин и Халев?
13 Храбрите Исус Навин и Халев докажале дека можеме да одиме по Божјите патишта. Тие ‚потполно го следеле Јехова‘ (4. Мојсеева 32:12, НС). Исус Навин и Халев биле меѓу 12-темина мажи коишто биле испратени да ја извидат Ветената земја. Од страв пред нејзините жители, десетмина шпиони се обиделе да го одвратат Израел да не влезе во Ханан. Но, Исус Навин и Халев храбро рекле: „Ако Господ нѐ сака, ќе нѐ воведе во неа и ќе ни ја даде — таа земја, каде што тече мед и млеко; но не отстапувајте од Господа и не плашете се од народот на таа земја; зашто Он ќе ни биде потпора наша; тие немаат заштита, а со нас е Господ; не плашете се од нив“ (4. Мојсеева 14:8, 9). Поради недостиг на вера и храброст, таа генерација на Израелци никогаш не стигнала до земјата на ветувањето. Но Исус Навин и Халев, заедно со една нова генерација, влегле во неа.
14, 15. а) Што доживеале Исус Навин и Израелците додека тој ги применувал зборовите од Исус Навин 1:7, 8? б) Каква поука за храброст извлечуваме од Исус Навин и од Халев?
14 Бог му рекол на Исус Навин: „Биди многу цврст и храбар, и грижливо пази го и извршувај го сѐ она што ти го заповеда слугата Мој Мојсеј; не се отстранувај од сето тоа ни надесно ни налево, туку постапувај разумно во сѐ што ќе преземаш. Да не се одделува од устата твоја оваа книга на законот; туку поучувај се од неа дење и ноќе, за да разбереш како ќе го извршуваш сѐ она, што е напишано во неа; зашто тогаш ти ќе имаш успех во патиштата твои и умно ќе постапуваш“ (Исус Навин 1:7, 8).
15 Додека Исус Навин ги применувал овие зборови, Јерихон и другите градови паднале во рацете на Израелците. Бог дури направил сонцето да застане така што продолжило да свети сѐ додека Израелците не победиле во Гаваон (Исус Навин 10:6-14). Кога биле загрозени од обединети непријателски сили кои биле „толку многу колку песокта во приморјето“, Исус Навин дејствувал храбро, и Бог повторно на Израелците им дал победа (Исус Навин 11:1-9). Иако сме несовршени луѓе, како Исус Навин и Халев, можеме во потполност да го следиме Јехова, а Бог може да нѐ оспособи да одиме храбро по неговите патишта.
Храброст да се потпреш на Бог
16. На какви начини покажале храброст Девора, Варак и Јаил?
16 Храбрата доверба во Бог бидува наградена, што се видело од настаните од времето кога во Израел судиите делеле правда (Рут 1:1). На пример, судијата Варак и пророчицата Девора храбро се потпирале на Јехова. Хананскиот цар Јавин 20 години ги угнетувал Израелците кога Јехова ја испратил Девора да го поттикне Варак да собере 10.000 мажи на гората Тавор. Јавиновиот војсководец, Сисар, брзо дошол во долината на потокот Кисон, уверен дека на таа рамница Израелците нема да ѝ бидат рамни на неговата војска и неговите 900 бојни коли со железни коси на тркалата. Кога Израелците стигнале до рамницата, Бог дејствувал во нивна корист, а една ненадејна поплава го претворила бојното поле во мочуриште кое ги онеспособило Сисаровите бојни коли. Вараковите луѓе надвиле, така што ‚целиот народ Сисаров паднал од остар меч‘. Сисар побегнал во шаторот на Јаил, но кога заспал, таа ја имала храброста да го убие така што му забила шаторски колец низ слепоочниците. Верно на изјавата на пророчицата Девора, „славата“ на оваа победа така ѝ припаднала на жена. Бидејќи Девора, Варак и Јаил храбро се потпирале на Бог, Израел ‚бил мирен четириесет години‘ (Судии Израилеви 4:1-22; 5:31).
17. Каков пример на храбра доверба во Јехова пружил судијата Гедеон?
17 Судијата Гедеон храбро се потпрел на Јехова Бог кога Мадијамците и други го нападнале Израел. Иако бројно биле надминати од околу 135.000 напаѓачи, Израеловите 32.000 борци можеби сѐ уште биле склони победата што им ја дал Бог да ја припишат на нивната сопствена храброст. Затоа, на Јеховино упатство, Гедеон ги намалил своите сили на три чети од по 100 мажи (Судии Израилеви 7:1-7, 16; 8:10). Кога 300-те мажи ноќе го опколиле логорот на Мадијамците, секој имал по еден рог и ќуп за вода, а внатре по еден факел. На даден знак, задувале во роговите, ги скршиле ќуповите, ги подигнале запалените факели во воздух и повикале: „Меч Господов [Јеховин, НС] и Гедеонов!“ (Судии Израилеви 7:20). Преплашените Мадијамци почнале да бегаат и биле поразени. Таквите настани треба да нѐ уверат дека храбрата доверба во Бог денес исто така е наградена.
Храброст да му се оддаде чест на Јехова и да се унапредува чистото обожавање
18. Што сторил Давид храбро кога го соборил џинот Голијат?
18 Некои библиски примери влеваат храброст да му се оддаде чест на Јехова и да се унапредува чистото обожавање. Младиот Давид, кој смело ги спасувал овците на татка си, се покажал храбар пред филистејскиот џин Голијат. „Ти одиш против мене со меч, копје и штит“ — рекол Давид — „јас, пак, одам против тебе во името на Господа Саваота [Јехова над војските, НС], Бог на Израилевата војска, која ти ја навредуваш; сега ќе те предаде Господ во раката моја, и јас ќе те убијам, ќе ја симнам од тебе главата твоја . . . и целата земја ќе дознае, оти има Бог во Израилот; и сите овие луѓе ќе разберат дека не со меч и копје спасува Господ, зашто тоа е војна на Господа“ (1. Царства 17:32-37, 45-47). Со божествена помош, Давид храбро му оддал чест на Јехова, го соборил Голијат, и со тоа одиграл витална улога во отстранувањето на филистејската закана за чистото обожавање.
19. За кој проект му била потребна храброст на Соломон, и како може денес да се примени неговиот начин на постапување?
19 Кога Соломон, синот на цар Давид, требало да го гради Божјиот храм, неговиот остарен татко го поттикнал: „Биди храбар и мажествен и зафати се за работа; не плаши се и не бој се, зашто Господ Бог, мојот Бог, е со тебе: Он нема да отстапи од тебе и нема да те остави, додека не ја свршиш целата потребна работа за домот Господов“ (1. Летописи 28:20). Стапувајќи храбро во акција, Соломон успешно го завршил храмот. Кога некоја теократска градежна програма денес претставува предизвик, да се сетиме на Давидовите зборови: „Биди храбар и мажествен и зафати се за работа“. Каков извонреден начин да му се оддаде чест на Јехова и да се унапредува чистото обожавање!
20. Во кој поглед собрал храброст царот Аса?
20 Поради желбата да му оддава чест на Бог и да го унапредува чистото обожавање, царот Аса ја исчистил Јуда од идоли и машки храмски проститутки. Ја соборил и својата отпадничка баба од нејзината висока положба и го изгорел нејзиниот „одвратен идол“ (НС) (3. Царства 15:11-13). Да, Аса ‚се охрабрил и ги премавнал незнабожечките гнасотии од целата земја Јудејска и Венијаминова, и од градовите на Евремовата гора, што ги презел, го обновил и жртвеникот Господов, што бил пред Господовиот трем‘ (2. Летописи 15:8). Дали и ти храбро го одбиваш отпадништвото и го унапредуваш чистото обожавање? Дали ги употребуваш твоите материјални средства за да ги унапредуваш интересите на Царството? И дали се трудиш да му оддаваш чест на Јехова со тоа што имаш редовен удел во објавувањето на добрата вест како негов Сведок?
21. а) Како можат да ни помогнат извештаите за претхристијанските чувари на беспрекорноста? б) Што ќе биде разгледано во следната статија?
21 Колку сме благодарни што Бог сочувал библиски извештаи за храбри претхристијански чувари на беспрекорноста! Секако дека нивните извонредни примери можат да ни помогнат да му принесуваме света служба на Јехова со храброст, божествен страв и стравопочит (Евреите 12:28). Но и Христијанските Грчки списи содржат примери за божествена храброст на дело. Како можат некои од овие извештаи да ни помогнат да одиме храбро по Јеховините патишта?
Како би одговорил?
◻ Што е храброст?
◻ Како покажале храброст Енох и Ное?
◻ Во кој поглед дејствувале храбро Авраам, Сара и Исак?
◻ Какви храбри примери дале Мојсеј, Исус Навин и Халев?
◻ Како покажале други дека имале храброст да се потпрат на Јехова?
[Слика на страница 15]
Гидеон и неговата мала чета храбро се потпреле на Јехова