Јововата награда — извор на надеж
„Ги благослови Бог последните денови на Јова повеќе од напрешните“ (ЈОВ 42:12).
1. Што прави Јехова за својот народ, дури и кога се многу ослабнати од искушенијата?
ЈЕХОВА „ги наградува оние, што Го бараат“ (Евреите 11:6). Тој исто така го мотивира својот предаден народ да сведочат храбро, дури и ако искушенијата толку ги ослабнале што се како мртви (Јов 26:5, НС; Откровение 11:3, 7, 11). Тоа се покажало вистинито во случајот со страдалникот Јов. Иако оцрнет од тројцата лажни утешители, тој не замолкнал од страв пред луѓето. Напротив, дал смело сведоштво.
2. Како излегле Јеховините сведоци од нивните искушенија, иако поднеле прогонства и тешкотии?
2 Мнозина денешни Сведоци на Јехова доживеале толку големи прогонства и тешкотии што биле блиску до смртта (2. Коринтјаните 11:23). Меѓутоа, како и Јов, тие покажале љубов кон Бог и практицирале праведност (Језекиил 14:14, 20). И тие ги издржале своите искушенија, одлучни да му угодат на Јехова, зајакнати да дадат храбро сведоштво и исполнети со искрена надеж.
Јов дава храбро сведоштво
3. Какво сведоштво дал Јов во својот заклучен говор?
3 Во својот заклучен говор, Јов дал уште поголемо сведоштво од претходното. Потполно ги замолкнал своите лажни утешители. Со зајадлив сарказам, рекол: „Како ја поддржа мишката на слабиот!“ (Јов 26:2). Јов го возвеличил Јехова, чија сила ја закачува нашата Земјина топка на ништо во вселената и ги обесува водените облаци над Земјата (Јов 26:7-9). Сепак, Јов рекол дека таквите чуда „се делови од патиштата Негови“ (Јов 26:14).
4. Што рекол Јов за беспрекорноста, и зошто можел да се изрази така?
4 Уверен во својата невиност, Јов изјавил: „Додека не умрам, нема да отстапам од својата справедливост [беспрекорност, НС]“ (Јов 27:5). Спротивно на лажните оптужби кои биле изнесени против него, тој не сторил ништо за да го заслужи она што го снашло. Јов знаел дека Јехова не ги слуша молитвите на отпадниците, туку дека ќе ги награди оние кои ја чуваат својата беспрекорност. Тоа може да нѐ потсети на фактот дека наскоро бурата на Армагедон ќе ги исфрли злобните од нивната моќна положба и тие нема да ја избегнат Божјата беспоштедна рака. Дотогаш, Јеховиниот народ ќе оди во својата беспрекорност (Јов 27:11-23).
5. Како ја дефинирал Јов вистинската мудрост?
5 Замисли си ја световно мудрата тројка како го слуша Јова додека тој покажува како човекот ги употребува своите вештини за да пронајде злато, сребро и други богатства на Земјата и во морето. „Здобивање [полна торба, НС] со мудрост чини повеќе од [полна торба, НС] рубини“, рекол тој (Јов 28:18). Јововите лажни утешители не можеле да купат вистинска мудрост. Нејзиниот извор е Творецот на ветрот, дождот, молњата и громот. Всушност, полниот со почит ‚страв Господов е вистинска мудрост, а одбегнувањето од зло е разумот‘ (Јов 28:28).
6. Зошто зборувал Јов за својот поранешен живот?
6 И покрај своите страдања, Јов не престанал да му служи на Јехова. Наместо да се одврати од Највишиот, овој беспрекорен човек копнеел по поранешната ‚милост Божја [присност со Бог, НС]‘ (Јов 29:4). Јов не се фалел кога раскажувал како ‚го спасувал страдалникот, се облекувал во правда и бил татко за сиромасите‘ (Јов 29:12-16). Напротив, тој ги наведувал фактите од својот живот како верен слуга на Јехова. Дали и ти имаш такво извонредно минато? Се разбира, Јов ја разоткрил и лажноста на оптужбите што ги изнеле тројцата побожни измамници.
7. Каква личност бил Јов?
7 На Јов му се потсмевале помладите ‚чии татковци не би се согласил да ги стави со кучињата на стадата свои‘. Се гнаселе од него и го плукале. Иако бил многу потиштен, не му била укажана обѕирност (Јов 30:1, 10, 30). Но, бидејќи бил потполно оддаден на Јехова, имал чиста совест и можел да рече: „Нека ме измерат со мерката на правдата, и Бог ќе ја дознае мојата непорочност“ (Јов 31:6). Јов не бил прељубник или сплеткар, и не пропуштал да му помогне на сиромавиот. Иако бил богат, никогаш не се потпирал на материјалното богатство. Освен тоа, Јов не се впуштал во идолопоклонство, да обожава безживотни работи како што е Месечината (Јов 31:26-28). Со доверба во Бог, тој дал извонреден пример како чувар на беспрекорноста. И покрај сите негови страдања и присутноста на лажните утешители, Јов мајсторски се одбранил и дал извонредно сведоштво. Завршувајќи ги своите зборови, се ослонил на Бог како на свој Судија и Наградувач (Јов 31:35-40).
Елијуј зборува
8. Кој бил Елијуј, и како тој покажал почитување и храброст?
8 Во близината бил младичот Елијуј, потомок на Нахоровиот син Вуз и, според тоа, далечен роднина на Јеховиниот пријател Авраам (Исаија 41:8). Елијуј покажал почит кон постарите мажи така што ги сослушал обете страни во расправата. Сепак, зборувал храбро за работите каде што тие не биле во право. На пример, неговиот гнев пламнал кога Јов ‚се правел поправеден од Бога‘. Елијујовиот гнев особено бил насочен против лажните утешители. Се чинело дека нивните изјави го величаат Бог, а всушност го срамотеле, застанувајќи на Сатановата страна во спорот. „Полн со зборови“ и поттикнат од светиот дух, Елијуј бил непристрасен сведок на Јехова (Јов 32:2, 18, 21).
9. Како навестил Елијуј обнова за Јов?
9 Јов бил позагрижен за своето сопствено оправдување отколку за Божјето. Фактички, му се противел на Бог. Меѓутоа, кога Јововата душа се приближила до смрт, се појавил знак за обновување. Како тоа? Па, Елијуј бил поттикнат да каже дека Јехова имал наклоност спрема Јов, изнесувајќи ја следнава порака: „,Ослободи го од гробот; јас најдов откуп.‘ Тогаш телото негово ќе се подмлади повеќе, отколку во млади години“ (Јов 33:24, 25).
10. До која мера требало да биде испитан Јов, но во што можеме да бидеме уверени според 1. Коринтјаните 10:13?
10 Елијуј го исправил Јов кој рекол дека нема фајде да му се радува на Бог преку чувањето на беспрекорноста. Елијуј рекол: „Не може да има кај Бога зло или кај Вседржителот неправда. Он постапува со човекот според делата негови“. Јов избрзал да ја нагласи својата сопствена праведност, но тоа го сторил без точно спознание и увид. Елијуј додал: „Би сакал јас Јов наполно да биде испитан, според одговорите негови, зашто одговара како лоши луѓе [поради неговите одговори помеѓу луѓе кои нанесуваат штета, НС]“ (Јов 34:10, 11, 35, 36). На сличен начин, и нашата вера и беспрекорност можат да бидат потполно испитани само ако на некој начин бидеме ‚наполно испитани‘. Сепак, нашиот полн со љубов небесен Татко нема да дозволи да бидеме искушани повеќе отколку што можеме да поднесеме (1. Коринтјаните 10:13).
11. Што треба да запомниме кога сме болно искушувани?
11 Продолжувајќи, Елијуј повторно покажал дека Јов премногу ја нагласувал својата сопствена праведност. Вниманието треба да се сврти кон нашиот Голем Создател (Јов 35:2, 6, 10). Бог „не ги поддржува безбожниците, а угнетените ги оправдува“, рекол Елијуј (Јов 36:6). Никој не може да го доведе во прашање Божјиот начин на постапување и да рече дека бил неправеден. Тој е повозвишен отколку што ние можеме да разбереме, а неговите години се неистражливо бескрајни (Јов 36:22-26). Кога си болно искушуван, сети се дека нашиот вечен Бог е праведен и дека ќе нѐ награди за нашите верни активности кои му донесуваат фалба.
12. Што покажуваат Елијујовите заклучни зборови во врска со Божјето извршување на суд над злите?
12 Додека Елијуј говорел, се готвела бура. Кога наближила, срцето на Елијуј почнало да скока и да трепери. Тој зборувал за грандиозните работи што ги направил Јехова и рекол: „Вслушај се во ова, Јове; стој и гледај ги чудесните дела Божји“. Како Јов, и ние треба да размислиме за Божјите прекрасни дела и достоинство кое влева страв. „Вседржителе! Ние не Го достигнуваме“, рекол Елијуј. „Голем е по сила, по судот [правдата, НС] и по полнотата на правосудието [праведноста, НС], но Он никого не го угнетува. Поради тоа нека се плашат пред Него луѓето“ (Јов 37:1, 14, 23, 24). Заклучните зборови на Елијуј нѐ потсетуваат дека, кога Бог наскоро ќе изврши суд врз злите, тој нема да ја потцени правдата и праведноста и ќе ги сочува оние кои се плашат од него како негови обожаватели полни со почитување. Колкава предност е да се биде меѓу таквите чувари на беспрекорност кои го признаваат Јехова како Сеопшт Суверен! Истрај како што истрајал Јов и никогаш не дозволи му на Ѓаволот да те одвлече од твоето благословено место меѓу овие среќни мноштва.
Јехова му одговара на Јов
13, 14. а) Во врска со што Јехова почнал да го испрашува Јов? б) Каква поука можеме да извлечеме од другите прашања што му ги поставил Бог на Јов?
13 Колку мора да бил зачуден Јов кога Јехова му говорел од бурата! Таа бура била Божје дело, за разлика од големиот ветар којшто Сатана го употребил за да ја сруши куќата и да ги убие Јововите деца. Јов останал без зборови кога Бог прашал: „Каде беше ти кога ги поставував основите на земјата? . . . Кој ѝ го положи аголниот камен, кога ликуваа утринските ѕвезди, и кога сите Божји синови извикуваа од радост?“ (Јов 38:4, 6, 7). Јехова му поставувал на Јов едно прашање по друго, во врска со морето, Земјината облека од облаци, зората, вратите на смртта, светлината и темнината и соѕвездијата. Јов не можел ништо да каже кога бил запрашан: „Ги знаеш ли законите на небото?“ (Јов 38:33).
14 Другите прашања покажале дека уште пред да биде создаден човекот и пред да му биде дадена власт над рибите, живината, ѕверовите и ползавците, Бог веќе се погрижил за нив — и тоа без никаква човечка помош или совет. Јеховините натамошни прашања навеле такви суштества како што е дивиот бик [еднорог, ББД], нојот и коњот. Јов бил запрашан: „По твојот збор ли се издига орелот и си вие гнездо на високо?“ (Јов 39:27). Сигурно не! Замисли си ја Јововата реакција кога Бог го прашал: „Кој се бори со Вседржителот?“ Не е ни чудно што Јов рекол: „Еве, јас сум ништожен, што да Ти одговорам? Раката своја ја ставам на устата моја“ (Јов 39:32, 34). Бидејќи Јехова е секогаш во право, ако некогаш бидеме искушани да се жалиме против него, треба да ‚си ја ставиме раката на уста‘. Божјите прашања исто така ја величаат неговата надмоќност, достоинство и сила, кои се забележуваат во творештвото.
Веемот и Левијатан
15. За кое животно обично се смета дека е Веемот, и кои се некои од неговите карактеристики?
15 Јехова потоа го споменува Веемотот, за кој обично се смета дека е нилскиот коњ (Јов 40:15-24, НС [Јов 40:10-19, ББД]). Карактеристично по својата огромна величина, голема тежина и тврда кожа, ова тревопасно животно „јаде трева“. Извори на неговата сила и енергија му се бедрата и стомачните мускули. Коските на нозете му се јаки како „бакарни цевки“. Веемотот не крева паника во надојдените води, туку лесно плива спроти водната струја.
16. а) На кое суштество одговара описот на Левијатанот, и кои се некои факти во врска со него? б) На што може да укажува силата на Веемотот и Левијатанот во поглед на извршувањето на задачите во Јеховината служба?
16 Бог исто така го прашал Јова: „Можеш ли да го извлечеш Левијатанот со јадица, или со јаже да му го притиснеш јазикот?“ Описот на Левијатанот одговара на крокодилот (Јов 41:1-34, НС [Јов 40:20-41:26, ББД]). Тој нема да склучи сојуз за мир со никого, и ниеден мудар човек не е толку храбар да го обеспокои овој влекач. Него стрелите не го подгонуваат и „над пиштењето од стрелата тој се смее“. Разбеснетиот Левијатан прави длабочините да вријат како котел за маст. Фактот дека Веемотот и Левијатанот се посилни од Јов, помогнал тој да се понизи. И ние мораме понизно да признаеме дека самите не сме силни. Потребни ни се Божја мудрост и сила за да ги избегнеме отровните заби на Сатана, Змијата, и да ги извршиме нашите задачи во Јеховината служба (Филипјаните 4:13, НС; Откровение 12:9).
17. а) Како Јов го ‚видел Бог‘? б) Што било докажано со прашањата на коишто Јов не умеел да одговори, и како може тоа нам да ни помогне?
17 Потполно понизен, Јов го увидел своето погрешно гледиште и признал дека говорел без спознание. Сепак, изразил вера дека ќе го ‚види Бога‘ (Јов 19:25-27). Како е можно тоа кога ниеден човек не може да го види Јехова и да остане жив? (2. Мојсеева 33:20). Всушност, Јов ја видел манифестацијата на божествената сила, ја чул Божјата реч и му се отвориле очите на разумот за да ја види вистината за Јехова. Затоа, Јов ‚се откажал и се покајал во прав и пепел‘ (Јов 42:1-6). Многуте прашања на коишто не умеел да одговори ја докажале Божјата надмоќност и ја покажале човековата безначајност, дури и кога тој е предаден на Јехова, како што бил Јов. Тоа ни помага да видиме дека нашите интереси не треба да ги ставаме пред посветувањето на Јеховиното име и оправдувањето на неговата сувереност (Матеј 6:9, 10). Нашиот првенствен интерес треба да биде да зачуваме беспрекорност кон Јехова и да го почитуваме неговото име.
18. Што требало да направат Јововите лажни утешители?
18 Но, што е со самооправданите лажни утешители? Јехова можел со право да ги погуби Елифаз, Вилдад и Софар затоа што не ја зборувале вистината за него, како Јов. „Земете си со себе седум телиња и седум овни, па одете кај Мојот слуга Јов“, рекол Бог, „и принесете си за себеси жртва; и Мојот слуга Јов ќе се помоли за вас“. Тројката морала да се понизи за да се покори на таа заповед. Чуварот на беспрекорност, Јов, требало да се помоли за нив, Јехова ја прифатил неговата молитва (Јов 42:7-9). Но, што е со неговата сопруга, која го тераше да го проколне Бога и да умре? Се чини дека преку Божја милост таа се помирила со него.
Ветените награди ни даваат надеж
19. Како ја покажал Јехова својата надмоќност над Ѓаволот во случајот со Јов?
19 Веднаш штом Јов престанал да се грижи за своите страдања и повторно почнал со Божјата служба, Јехова ги изменил работите кај него. Откако Јов се помолил за тројцата, Бог ‚му ја вратил на Јова загубата [ја променил неговата заробеничка состојба, НС]‘ и му дал ‚двојно повеќе од она што имал пред тоа‘. Јехова ја покажал Неговата надмоќност над Ѓаволот така што ја запрел Сатановата заразна рака и на чудесен начин го оздравеал Јов. Исто така, Бог ги истерал демонските орди и ги држел на оддалеченост така што ставил ограда околу Јов со својот ангелски логор (Јов 42:10; Псалм 33:7).
20. На кои начини Јехова го наградил и го благословил Јов?
20 Јововите браќа, сестри и поранешни познаници продолжиле да доаѓаат да јадат со него, сочувствувале со него и го утешувале поради неволјата што Јехова дозволил да го снајде. Секој од нив му дал пари и по еден златен прстен. Јехова го благословил крајот на Јов повеќе од неговиот почеток, така што имал 14.000 овци, 6.000 камили, 1.000 јарми волови и 1.000 магарици. Добил и седум синови и три ќерки, исто како што имал порано. Неговите ќерки — Емина, Касија и Керенкапух — биле најубавите жени во земјата, а Јов им дал наследство меѓу нивните браќа (Јов 42:11-15). Освен тоа, Јов живеел уште 140 години и видел четири генерации од своето потомство. Извештајот заклучува: „Умре Јов стар и сит од животот“ (Јов 42:16, 17). Продолжувањето на неговиот живот било чудесно дело на Јехова Бог.
21. Како ни помага библискиот извештај за Јов, и што треба одлучно да правиме?
21 Библискиот извештај за Јов нѐ прави посвесни за Сатановите методи и ни помага да видиме како сеопштата сувереност е поврзана со човековата беспрекорност. Како Јов, така и сите други кои го сакаат Бог ќе бидат испитани. Но, можеме да истраеме како што истрајал Јов. Тој испливал од своите искушенија со вера и надеж, а наградите биле многубројни. Како денешни Јеховини слуги, ние имаме вистинска вера и надеж. А каква само величествена надеж поставил Големиот Наградувач пред секој од нас! Ако ја имаат на ум небесната награда, тоа ќе им помогне на помазаниците лојално да му служат на Бог во нивниот преостанат живот на Земјата. Мнозина со земски изгледи нема никогаш да умрат, а оние кои умреле, ќе бидат наградени со воскресение во Рајот на Земјата, заедно со Јов. Со таква искрена надеж во срцето и умот, сите оние кои го сакаат Бог нека докажат дека Сатана е лажливец, така што ќе останат цврсто на Јеховината страна како чувари на беспрекорноста и непоколебливи поддржувачи на неговата сеопшта сувереност.
Како би одговорил?
◻ Кои биле некои од точките што ги навел Јов во својот заклучен говор до лажните утешители?
◻ Како докажал Елијуј дека бил непристрасен сведок на Јехова?
◻ Кои биле некои од Божјите прашања до Јов, и каков ефект имале тие?
◻ Како ти помогнал библискиот извештај за Јов?
[Слики на страница 18]
Јеховините изјави за Веемотот и Левијатанот помогнале Јов да се понизи